Крсте Гермов
Крсте Гермов | ||
Роден | 1868 Прилеп, Македонија, Отоманска Империја | |
---|---|---|
Починал | 1962 Скопје, Македонија | |
Познат | војвода на ТМОРО |
Крсте Гермов познат и како Шаќир војвода е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација. После втората светска војна учествува во раководењето на Народна република Македонија.
Биографија
Работeл како кројач. Во 1901 год. влегува во ТМОРО, во четата на Петар Ацев, а потоа станува секретар во четата на Толе паша, како и реонски војвода во Мариово.
За време на Илинденското востание учествувал во повеќе борби против турскиот аскер, а по востанието против турскиот аскер и башибозук, исто така и српски и грчки чети.
Пролетта на 1904 година е во придружба на Ѓорче Петров, а потоа е заедно со војводата Никола Каранџулов. 1906 година е уапсен од страна на турската власт и осуден на доживотен затвор, амнестиран е од младотурците во 1908 година. Васил Балевски за Шакир вели:
„ | Крсте Гермов (Шаќир) беше многу способен војвода. Тој беше со образование, голем шегобиец и раскажувач на приказни и мајтапи. Тој сите кладенчиња во областа ги направил чешми и го беше крстил секое Шаќирова чешма. Тој имаше неколку псевдоними, како Шаќир, Аргир и други[1] | “ |
„ | Прекарот Шаќир го добил по некој турски разбојник, бидејќи на турските порти во Варошко Маало во Прилеп им цртал крстови да објави дека градот е рисјански. Затоа Турците го нарекле Шаќир, по разбојникот. Имал шест прекари. Бил прв соработник на Ѓорче Петров, а на војводата Толе од Мариово му бил секретар. Непомирливиот дух за правда го терал да организира акции против насилниците врз христијанското население, а имал своја чета во Мариовско. Бил соработник на војводата Петре Ацев. По атентатот на пријателот од Прилеп, Ѓорче Петров во Софија, отишол во бугарската престолнина, посветувајќи се на поддршка на студенти со национални идеи[2] | “ |
По востанието
Во 1910 година во разоружителната акција од страна на турската власт е подложен на мачење, потоа заминува за Софија, каде отвора свое кафе, па работи и како кондуктер во Дирекцијата на трамваите.
Учествува во балканските војни, во македонскиот доброволен одред (Македонско-одринско ополчение). Има добиен орден За храброст IV ред [3]. По војната живее во Софија.
Соработува со списанието Македонски вести (Софија 1935-36) уредувано од Ангел Динев. Доаѓа во Асномска Македонија, бил избран за народен пратеник од Прилепско во Народното собрание на Македонија.
На 01.09.1946 година во Скопје ја отворил Првата седница на Македонското народно собрание токму Шаќир Војвода како највозрасен народен пратеник. Починал во Скопје на 17 декември 1962, а погребан е со високи почести во родниот град - Прилеп. Пред својата смрт војводата во разговор со Лазар Колишевски во 1961 година истакнал:
„ | ..Дојдов да ти кажам уште една работа: сите пишувате, и порано пишуваа, внатрешни, надворешни, врховисти, централисти и слично - е, па додов да ти кажам дека на Дворот (Дворецот во Софија) влегувавме сите: едни низ главната врата, други низ малата врата, некои низ капиџик, некои низ прозорец, некои преку таван, а некои богами и преку баџа! Туку да знаеш, сите влегуваа... [Трите точки се ставени од Д. Кљакиќ] освен еден човек... Таму не влезе само Гоце Делчев... [4] | “ |
Извори
- ↑ „Спомени на двама четници на ВМОРО 1904-1908“, „Акшеана 2007“, София, 2008 г., стр.65
- ↑ Сеќавања на неговата ќерка Нада Гермова-Бабиќ
- ↑ „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 176.
- ↑ Кљакиќ, Драган. Времето на Колишевски. Скопје, 1994, стр. 182.