Жилче
Жилче | |
Влезот во Жилче | |
Координати 42°1′53″N 21°3′42″E / 42.03139° СГШ; 21.06167° ИГД | |
Регион | Долни Полог |
Општина | Јегуновце |
Пошт. бр. | 1200 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 28028 |
Надм. вис. | 416 м |
Жилче на општинската карта Атарот на Жилче во рамките на општината | |
Жилче на Ризницата |
Жилче — село во Општина Јегуновце, кое се наоѓа 12 километри североисточно од градот Тетово.
Географиja и местоположба
Селото Жилче се наоѓа во Долни Полог, во општина Јегуновце, 12 километри североисточно од градот Тетово. Се работи за рамничарско село кое се наоѓа на надморска височина од 416 метри. Селото има мал атар - 4,9 квадратни километри. Најголем дел од површината е обработливо земјиште.
Легенда
Според легендата селото го добило името по дрвото даб што постоел сред село и кој секоја година бил полн со жирје, па по жирјето селото го добило името Жилче.
Историja
[1] Сликата е извадок од “Полог”, антропогеографска студија на Јован Трифуноски (1976 год).
За време на краткиот етнички конфликт во Република Македонија во 2001 година, Жилче, село со доминатно етничко македонско население, беше вовлечено во вооружените дејствија. Во јули 2001, двајца жители на Жилче, во обид да спасат три деца кои се наоѓале во заложништво во џамијата во Непроштено, биле физички малтретирани од албанските терористи.[2] На 16 август 2001, албанските екстремисти од соседните села Шемшево, Палатица, Ормиште, Требош, Слатина, со минофрлачи и автоматско оружје го нападнале полицискиот пункт стациониран во Жилче и Ратае [3], поради што веќе на 19 август 2001 во овие села се испратени сили на АРМ. [4] Со овие напади, селото било тотално отсечено од сообраќајната мрежа. По завршувањето на кризата, резервоарот за вода на ова село, кој се наоѓа во Слатина, неколкупати бил загадуван од албанските терористи.
Стопанство
Во селото најзастапено е полјоделството. Обработливото земјиште зафаќа 460.4 хектари. Во јануари 2006 година Жилче е зафатено од поплавите кои ќе ја погодат целата Полошка Котлина - конкретната причина за поплавите во Жилче била излевање на подземни води заради неодржување на системите за наводнување, предизвикани од поројните дождови. [5]
Демографија
Според статистиката на Васил К'нчов („Македониja, Етнографиja и статистика“) од 1900 година, во Жилче живееле 260 жители, сите Македонци.[1]
Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Жилче имало 240 Македонци, егзархисти.[2]
според Афанасиј Селишчев во 1929 година Жилче — село во Шемшевската општина и има 40 куќи со 672 жители, сите Македонци.[3]
Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 650 жители. Следува табела на националната структура на населението[4]
Националност | Вкупно |
Македонци | 642 |
Турци | 0 |
Роми | 0 |
Албанци | 0 |
Власи | 0 |
Срби | 5 |
Бошњаци | 0 |
останати | 3 |
На табелата е прикажан бројот на населението во сите пописни години:[5]
Година | 1900 | 1905 | 1929 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 260[1] | 240[2] | 672[3] | 710 | 759 | 740 | 770 | 786 | 696 | 648 | 650 |
Родови
Жилче е македонско православно село, во селото има еден староседелски род, а другите се доселени.
Според истражувањата од 1946 година, родови во Жилче се:
- Староседелци: Вељаноски (4 к.) биле познати и како Брдилоски. Едно вељаноско семејство до 1912 година било чивлиско.
- Доселеници: Стојчевци (34 к.) потекнуваат од прилепско. од местото на старина се иселил некој Стеван Караџа. Он во околината на Прилеп бил богат човек, и имал 9 синови. Затоа бил цел на атак од „јаничари“. Од прилепско најпрво се населиле во Липјан, поранешно село помеѓу Челопек и Стримница, па потоа се населиле во Жилче, во Жилче еднаш од чума изумреле повеќето членови на родот, а останале само некоја девојка со едно дете (Стојче). Кога детето пораснало отишло со ѕидарите по околните села, таму го посинил некој свештеник, кој после смртта му оставил богатство, и така Стојче обогатен се вратил во Жилче се оженил со некоја девојка од Прељубиште, и така го обновил родот. Ја знаат следната генеологија Станче (жив на 60 год. во 1946 година) Тодор-Антон-Милош-Трпче-Стојче, предокот кој се доселил во Жилче. Имаат иселеници во Тетово (две семејства) и во Пловдив (едно семејство); Дамјаноски (7 к.) стари доселеници. Во соседното село Џепчиште за нив се кажувало дека се по потекло од селото Порој. Ја знаат следната генеологија Тодор (жив на 40 год. во 1946 година) Мато-Нове-Трпче-Дамјан. Имаат иселеници во Тетово (три семејства), Скопје (едно семејство) и во Русе (едно семејство); Белевци (13 куќи) доселени се од прилепско, доселени се после родот Стојчевци. Имаат иселеници во Тетово (две семејства); Субашоски или Ѓуроски (6 куќи) доселени се однекаде. Од овој род потекнува познатото спортско семејство (Милко, Бошко и Марио Ѓуровски). Имаат иселеници во Тетово (едно семејство); Дојчиновци или Марчевци (6 куќи) доселени се од Шемшево. Во Шемшево биле староседелци. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство); Павлевчиња (8 куќи) доселени се од некое село во Сириниќ, ја знаат следната генеологија Цветко (жив на 60 год. во 1946 година) Мишко-Маринко-Павле, кој се доселил. Имаат иселеници во Вратница, Романија (едно семејство) и во Русе (едно семејство); Пинтоски или Јанески (3 куќи) доселени се од Штрпце, во Сириниќ. Родот го основале браќата Трпче и Смилко, ја знаат следната генеологија Стојче (жив на 60 год. во 1946 година) Симо-Велко-Димо-Смилко, кој се доселил во селото; Ристовчиња (6 куќи) доселени се од соседното село Ратае, каде биле староседелци. Божин жив на 70 години, роден во Ратае, во Жилче се доселил со неговиот татко Ристо; Данајлови (3 куќи) доселени се од селото Старо Село, таму припаѓале на староседелскиот род Јањовци. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство).[6]
Општествени установи
- Цркви
- Црква „Свети Никола Мирлекиски“ - изградена во 1913 година[7]
Самоуправа и политика
За време на избори се гласа во основното училиште.
Изборно место
Во селото постои изборното место бр. 2115 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[8]
На претседателските избори во 2019 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 524 гласачи.[9]
Културни и природни знаменитости
Во селото има просечник населба од римското време. Од десната страна на патот што воид за селото Лешок, по површината на нивите се наоѓа множество фрагменти од керамички садови, питоси и градежен матријал.
Редовни настани
Личности
- Ангел Гавровски (роден 25 јуни 1942) - македонски уметник;
- Бошко Ѓуровски (роден 28 декември 1961) - македонски тренер, фудбалер;
- Милко Ѓуровски (р. 26 јануари 1963) - македонски тренер, фудбалер;
- Стефан Велкоски (р. 9 септември 1976) - германски хокеар, напаѓач;[10]
- Дејан Велкоски (р. 28 јули 1980) - германски хокеар, голман[11].
Култура и спорт
Во Жилче постојат: основно училиште до VIII одделение, дом на култура, продавници и угостителски објекти. По етничкиот проблем со училиштето во Шемшово кое било своеволно преименувано во име на албански балист од Втората светска војна, било одлучено лицата од македонска националност, кои не се сложувале со ова преименување да учат во Жилче. Сепак тоа го прифатиле само родителите од селата Жилче и Ратае, бидејќи родителите од другите села сметале дека селото е премногу оддалечено. Селото поседува мало школско бетонско игралиште, и големо тревно игралиште.
Селото припаѓа на Теаречката парохија на Тетовското архијерејско наместништво на МПЦ.
Иселеништво
Наводи
- ↑ 1,0 1,1 Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 211.
- ↑ 2,0 2,1 Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp.122-123.
- ↑ 3,0 3,1 Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр.24.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат. Државен завод за статистика.
- ↑ . Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link) - ↑ „Години наназад православните верници од Жилче но и околните населени места секој 22-ри мај се собираат во црквата посветена на Свети Никола Мирлекиски“. КИСС ТВ. 25 мај 2007. Посетено на 28 април 2010.
- ↑ „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Velkoski Stefan“ (германски). Eisbären - SVG Burgkirchen. Посетено на 2013-01-20.
- ↑ „Dejan Velkoski“ (германски). Dir Kelten. Посетено на 2013-01-20.
- Панов, Митко: Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Патрија, Скопје, 1998, 125 стр.
Надворешни врски
- "Жестоки напади врз Ратае и Жилче", Вест, 18 септември 2001
- "Во Жилче пристигна армиската замена за полицијата", Вест, 19 септември 2001
- Резервоар за вода полн со отпад
- "Потонаа амбарите и плевните во Жилче и во Шемшево", Време, 6 јануари 2006
|