Прејди на содржината

Драгош

Координати: 40°52′59″N 21°21′0″E / 40.88306° СГШ; 21.35000° ИГД / 40.88306; 21.35000
Од Википедија — слободната енциклопедија
Драгош

Воздушен поглед на селото Драгош

Драгош во рамките на Македонија
Драгош
Местоположба на Драгош во Македонија
Драгош на карта

Карта

Координати 40°52′59″N 21°21′0″E / 40.88306° СГШ; 21.35000° ИГД / 40.88306; 21.35000
Регион  Пелагониски
Општина  Битола
Област Пелагонија
Население 10 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7223
Повик. бр. 047
Шифра на КО 02045
Надм. вис. 653 м
Драгош на општинската карта

Атарот на Драгош во рамките на општината
Драгош на Ризницата

Драгош — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола и во непосредна близина на државната граница со Грција.

Потекло и значење на името

Името на селото доаѓа личното име на некој Драго или Драгош, кој прв се населил на оваа месност.[2]

Географија и местоположба

Улица во селото

Селото се наоѓа во Пелагонија, во крајниот јужен дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, под источната страна на планината Баба, со што може да се смета како потпелистерско село. Воедно, атарот на селото се допира со државната ганична линија со Грција.[3] Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 650 до 700 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 21 километар во јужна насока, додека од регионалниот пат 2333 е оддалечено 1,1 километар.[3]

До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2333.

Драгош е потпланинско село, вовлечено во долината на Драгошка Река, а 800 метри јужно од него се протега државната граница со Грција. Најблиско село е Опсирино (денес во Леринско), кое се наоѓа јужно од Драгош. Други блиски околни села се: Граешница на север, Кишава на северозапад, Лажец на североисток, Света Петка (во Грција) на југоисток и Раково (во Леринско) на југозапад. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари.[4]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Невестина, Бела Вода, Преслап, Горни Ниво, Коловоз, Крив Камен, Гнојиште, Кишавско Патче, Дренче, Стамат, Закланик, Чука, Под Корија, Палего, Завој, Емирица, Тумба, Сува Река и Ластојца.[4]

Селото има низински тип и во него јасно се изделуваат маалата. Селото е поделено на четири маала: Бандевско, Колевско, Средно и Горно.[4]

Историја

Жени и дете во носии од селото (ноември 1916 г.)

Драгош се смета за многу старо село, во него има голем број на староседелски и стари доселени родови со непознато потекло. Селото растело по природен пат, како и со доселениците што доаѓале. За време на турското ропство жителите на селото имале нешто своја земја. Таа воглавно била на неплодните делови на атарот.[4]

Селото се споменува во 1638 година (помеѓу 16 и 25 април) во една изјава дадена пред судот од Петко, син на Јорго, од село Драгош - Битолско, дека примил од Хусеин-бег црвена чоја и пари за бричење на неговиот син кој бил земен како данок во крв (девширме).[5]

Вкупно 3 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]

Стопанство

Сретселото

Атарот на селото зафаќа простор од 12 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 512,5 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 363,5 хектари, а на пасиштата 236,3 хектари.[3]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]

Дел од населението во минатото морало да оди на печалба, работејќи во Романија, Бугарија, Србија и Северна Америка. Заминувањето на печалба престанало по Првата светска војна.[4]

Со заработените пари од печалба, на почетокот на XX век, селаните купиле доста земјиште во полето источно од Драго, со што неговиот атар се проширил. Купената земја припаѓала на Арбанасите населени во селото Лажец. Во 1912 година, со промена на границата околу 60 хектари обработлива земја припаднала на Грција и нејзе ја обработуваат селаните од Опсирино и Света Петка.[4]

Население

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948627—    
1953605−3.5%
1961449−25.8%
1971599+33.4%
1981429−28.4%
ГодинаНас.±%
1991101−76.5%
199444−56.4%
200233−25.0%
202110−69.7%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Драгош живееле 800 жители, сите Македонци.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Драгош се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 65 куќи.[8]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Драгош имало 760 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[10]

Во 1961 година селото броело 449 жители, а во 1994 година 44 жители, македонско население.[3]

Според пописот од 2002 селото броело 33 жители, сите Македонци.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 10 жители, од кои 9 Македонци и 1 лице без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 800 760 627 605 449 599 429 101 44 33 10
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови

Драгош е македонско правослано село, во селото има староседелци и доселеници.

  • Староседелски и доселенички со непозната старина родови се: Шунтовци (4 куќи), Јосифовци (3 куќи), Јоновци (2 куќи), Мамалевци (2 куќи), Мусалевци (2 куќи), Шановци (2 куќи), Анѓелевци (2 куќи), Поповци (2 куќи), Радевци (1 куќа), Кастревци (1 куќа), Атанасовци (1 куќа), Миновци (1 куќа), Ќифтевци (1 куќа), Чифкаровци (1 куќа), Јолевци (1 куќа), Богојевци (3 куќи), Пачовци (3 куќи), Грдановци (2 куќи) и Јанкуловци (1 куќа).
  • Доселени родови со позната старина: Бандевци (18 куќи) се делат на Рендевци, Пурлевци, Шапкаровци, итн. Доселени се од некое село во сливот на Бабуна; Ржановци (8 куќи) и Васковци (4 куќи) потекнуваат од ист предок доселени се од некое село во преспанско; Бакаловци (2 куќи) и тие доселени се од преспанско; Дујовци (4 куќи) и Нешовци (2 куќи) доселени од исто место како и Бандевци; Трајановци (5 куќи) доселени се од селото Груништа во Мариово, овде се доселил Трајан; Гасковци (3 куќи) и Раковчевци (2 куќи) доселени се од некое село во околината на Лерин; Перало (1 куќа) доселени се од некое село во Мариово; Ќосевци (1 куќа) доселени се во турско време од селото Гугово во воденско.

Иселеништво

Се знае за следните иселеници од селото: Шамовци (2 к.) се иселени во Породин, Ѓеферовци (2 к.) и Драговци (2 к.) се иселени во Лажец, Илијевци (1 к.) се иселени во Жабјани, А постари иселеници има и во Битола и САД (10 семејства).[4]

Општествени установи

Во XIX век селото било дел од Битолската каза на Отоманското Царство.

Самоуправа и политика

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 144 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на објект на општината.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 24 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости

Цркви[19]
Археолошки наоѓалишта[20]

Редовни настани

Личности

Култура и спорт

Во селото порано постоел фудбалски клуб „Илинден“.

Поврзано

Наводи

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2024-08-21. Посетено на 2024-08-21.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 112. Посетено на 21 август 2024.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Трифуноски, Јован (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 201-202. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  5. Турски документи за историјата на македонскиот народ, серија прва (1980). Скопје: Архив на Македонија. Стр.35
  6. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  7. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 13.
  9. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 166-167.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 23 август 2024.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  21. „Сайт с информация за партизанското движение в Македония“. Архивирано од изворникот на 2014-05-08. Посетено на 2014-03-01.

Надворешни врски