Прејди на содржината

Минг (династија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Верзијата за печатење повеќе не е поддржана и може да дава грешки. Подновете си ги бележнците во прелстувачит и користете ја можноста за печатење од самиот прелистувач.
Кина за време на династијата Минг околу 1580 г.

Династијата Минг, исто така наречена Царството на Големиот Минг, била владејачката династија во Кина цели 276 години (1368-1644) после колапсот на монголската династија Јуен. Минг, опишана од некои како една од најголемите ери на уредно владеење и социјална стабилност во човековата историја, била последната династија во Кина предводена од етнички Хан кинези. Иако главниот град Пекинг паднал во 1644 година при бунт предводен од Ли Цеченг (кој ја основал Шуен, која подоцна била заменета со манџурската династија Ќинг), режимите лојални на Минг — збирно наречени Јужен Минг - преживеале сè до 1662.

Царот Хунгву (владеел 1368-98) се обидел да создаде општество на самоодржливи рурални заедници подредени во ригиден, немобилен систем кој би гарантирал и издржувал трајна класа војници за неговата династија. Постоечката војска на империјата броела над 1 милион војници а морнаричките пристаништа во Нанѓинг биле најголемите во светот. Исто така се погрижил за кршењето на моќта на дворските евнуси и неповрзаните магнати, давајќи им земја низ цела Кина на многуте негови синови и се обидел да ги води овие принцови преку публикувани династички инструкции. Ова пропаднало спектакуларно кога неговиот наследник-тинејџер се обидел да ја сопре моќта на својот вујко, предизвикувајќи го востанието кое го поставило Принцот од Јан на престолот како царот Јонгл во 1402. Царот Јонгл го поставил Јан како секундарен главен град и го преименил во Пекинг, го изградил Забранетиот град, и повторно го пуштил во употреба Големиот Канал. Го вратил и приматот на империјалните испитувања во официјални состаноци. Ги наградил своите следбеници-евнуси и ги вработил како противтежа на конфуцијанските учени-управници. Еден, Зенг Хе, водел седум огромни истражувачки патувања во Индискиот Океан сè до Арабија и брегот на Африка.

Појавата на нови цареви и нови фракции ги намалило ваквите екстравагантности; а целосно завршиле со заробувањето на Царот Џенгтунг за време на Кризата Туму од 1449 година. Со принудна работа се изградила палисадата Љаодунг а се поврзал и утврдил Кинескиот ѕид во својата тогашна форма. Широки пописи на населението низ целата империја се спроведувале на секои 10 години, но желбата да се избегне работа и даноци и тешкотиите при складирање и прегледување на огромните архиви во Нанѓинг оневозможувале точни бројки. Проценки за подоцнежната популција на Минг варираат од 160-200 милиони. Но потребните приходи биле црпени од се помал број на фармери бидејќи сè повеќе исчезнувале од официјалните досиеја или ја “донирале” својата земја на евнуси или храмови изземени од плаќање данок. Законите Хајџин кои биле со намера да ги заштитат бреговите од Јапонските пирати наместо тоа успеале да претворат дел од своите граѓани во шверцери и пирати.

Сепак до 16 век, експанзијата на европската трговија – иако ограничена на острови близу Гуангџоу, како Макао – ја раширила размената на земјоделски култури, растенија и животни во Кина, донесувајќи чили пиперки во сичуанската кујна и високо продуктивните жито и компири, кои го намалиле гладот и го поттикнале растот на населението. Растот на Португалската, Шпанската и Холандската трговија создала нова побарувачка за кинеските производи и произвела масивен увоз на јапонско американско сребро. Оваа поволност и дозволило на Минг конечно да ги избегне книжните банкноти, кои започнале хиперинфлација во 1450-тите. Иако традиционалните конфуцијанци се противеле на оваа улога на трговијата, власта под Ванг Јангминг овозможила уште поголема комотност. Почетните успешни реформи на Џанг Јуженг се покажале катастрофални кога намаленото земјоделство предизвикано од Малото Ледено Доба било пресретнато со јапонски и шпански политики кои брзо го прекинале дотурот на сребро кое сега им било потребно на луѓето за да плаќаат даноци. Заедно со пропаднатите жетви, поплавите и епидемија, се сметало дека династијата го загубила Небесен мандат и паднала пред бунтовникот Ли Цеченг и манџурската инвазија.

Историја

Главна статија: Историја на Династијата Минг За посеопфатна листа, видете Список на цареви на Династијата Минг

Основање

Револт и бунтовничко соперништво

Династијта Јуен која била водена од монголци (1271-1368) владеела пред поставувањето на Династијата Минг. Заедно со етничката дискриминација против Хан кинезите која разгорувала омраза и бунт, други објаснувања за падот на Јуен можат да бидат и преголемото собирање даноци во области тешко погодени од инфлација, и масовни поплавувања од Жолтата Река како резултат на непостоење на никакви иригациони проекти. Како резултат на сево ова, земјоделството и економијата биле разнишани а започнал и бунт меѓу стотиците илјади селани кои морале да ги поправаат штетите од Жолтата Река.

Голем број групи на Хан кинези се бунтувале, вклучувајќи ги и Црвените Турбани во 1351. Црвените Турбани биле поврзани со Белиот Лотус, будистичко тајно друштво. Жу Јуенџанг бил сиромав селанец и будистички монах кој им се придружил на Црвените Турбани во 1352, но наскоро добил голема репутација откако се оженил со посвоената ќерка на еден командант на бунтовниците. Во 1356, бунтовничките сили на Жу го освоиле градот Нанѓинг, кој тој подоцна ќе го постави како главен град на Династијата Минг. Со паѓањето на Династијата Јуен, конкурентските бунтовнички групи започнале да се борат за контрола врз земјата и со тоа да добијат право да постават нова династија. Во 1363, Жу Јуенџанг го елиминирал својот најголем соперник и водач на бунтовничката фракција Хан, Чен Јулианг, во Битката на езерото Појанг, можеби најголемата поморска битка во историјата. Познати по својата амбициозна употреба на огнени бродови, силите на Жу од 200.000 Минг морнари ја совладале бунтовничката Хан воена сила која била повеќе од трипати поголема, околу 650.000 војници. Со битката се уништила и последната опозициска бунтовничка фракција, оставајќи го Жу со неоспорена контрола врз богатата долина на Јангцекјанг, и цементирајќи ја својата моќ на југот. Откако династичкиот водач на Црвените Турбани сомнително починал во 1367 додека бил гостин кај Жу, не останал никој кој бил приближно способен да го оспори неговиот пат кон престолот, и ги прикажал своите империјални амбиции со праќање војска кон главниот град на Јуен, Даду (сегашен Пекинг) во 1368. Последниот цар на Јуен побегнал на север во Шангду и Жу го прогласил основањето на Династијата Минг откако ги срамнил палатите на Јуен во Даду, и го преименил градот во Пекинг истата година. Жу Јуенџанг го зел името Хунгву или “Многу борбен” како име на неговата ера.

Владеење на Царот Хунгву

Џиновска камена желка во Нанѓингскиот павилјон Сифангченг која што држи плоча со словото написано од царот Јунгле да го возвеличува татко си царот Хунгву

Хунгву веднаш се обидел да ја изгради државната инфраструктура. Изградил ѕид околу Нанѓинг долг 48 километри како и нови палати и владини простории. Во Историјата на Минг е наведено дека уште во 1364 Жу Јуенџанг започнал да изготвува нов конфуцијански законик, наречен Да Минг Лу, кој бил завршен во 1397 и повторувал одредени клаузули од Законикот Танг од 653г. Хунгву организирал воен систем познат како веисуо кој бил сличен со фубинг системот од Династијата Танг (618-907). Во 1380 Хунгву го егзекутирал канцеларот Ху Веијонг под сомнение за заговор против него; после ова Хунгву ја укинал позицијата Канцелар и сам ја презел оваа улога и улогата на цар заедно, преседан кој е најчесто проследен низ целиот период на Минг. Поради зголемено сомневање кон неговите министри и поданици, Хунгву ја основал Џинуи Веи, тајна полициска мрежа собрана од неговата гарда. Тие биле делумно одговорни за загинувањето на 100.000 луѓе при неколку чистки во период од три децении.

Југозападна граница

Главна статија: Освојувањето на Јинан од страна на Минг

Во Ќингхај, муслиманите Саларц доброволно паднале под власта на Минг, нивните водачи капитулирале околу 1370г. Трупи на Ујгур под команда на војсководец Хала Баши го потиснале востанијата Миао од 1370-тите и се сместиле во Чангде, Хунан. Муслиманските трупи Хуи исто така се сместиле во Чангде, Хунан откако им служеле на Минг во кампањи против други домородни племиња. Во 1381, династијата Минг ги анектирала териториите на југозападот кои порано биле дел од Кралството Дали, после успешните обиди на војските на муслиманите Хуи под водство на Минг. Тие ги поразиле војските на муслиманите Хуи и монголци кои биле верни на династијата Јуен во провинцијата Јинан. Трупите на Хуи под водство на војсководецот Му Јинг, кој бил назначен гувернер на Јинан, биле населувани во регионот како дел од обидите за колонизација. До крајот на 14 век, околу 200.000 воени колонисти населиле околу 2.000.000 (350.000 хектари) земјиште во она што сега е Јинан и Гуејџоу. Околу половина милион кинески доселеници пристигнале во подоцнежните периоди; овие миграции предизвикале голема промена во етничкиот состав на регионот, бидејќи порано повеќе од половина од населението не беа Хан народи. Незадоволството од такви големи промени во населението и како резултат на владиното присуство и политики предизвикале повеќе Миао и Јао револти во 1464-1466, кои биле задушени од страна на 30.000 Минг војници (вклучувајќи 1.000 Монголи) кои се приклучиле на 160.000 локални Гуангси. Откако научникот и филозоф Ванг Јангминг (1472-1529) потиснал друг бунт во регионот, тој се залагал за единствена, унитарна администрација на кинески и натурализирани етнички групи, со цел да се асимилираат локалните народи.

Односи со Тибет

Главна статија: Тибет за време на династијата Минг

Во Мингши - официјалната историја на династијата Минг составена подоцна од страна на Кинг династијата во 1739-се вели дека Минг основала патувачки команди за надгледување на тибетската администрација, а исто така и обновувала титули на екс-Јуен претставници од Тибет и доделувала нови титули на водачите на будистичките секти во Тибет. Сепак, Турел В. Вили вели дека цензурата во Мингши во корист на зацврстување на престижот и угледот на Минг ја прикрива суптилната историја на Сино-тибетските односи за време на ерата Минг. Денешните научници сè уште дебатираат дали Минг воопшто имала суверенитет врз Тибет, бидејќи некои веруваат дека тоа било слободно сузеренство кое било главно пресечено кога царот Џиаџинг (1521-67) го гонел будизмот во корист на даоизмот на суд, а некои научници веруваат дека големата религиозна природа на односите меѓу дворот на Минг и тибетските лами не е доволно презентирана во денешното образование. Други го подвлекуваат комерцијалниот аспект на односите, забележувајќи го недостатокот од коњи во династијата Минг и потребата да се задржи трговијата чај-коњи со Тибет.

Минг иницирала спорадични воени интервенции во Тибет во текот на 14 век, а понекогаш Тибеќаните имале успешен вооружен отпор против нападите на Минг. Патриша Ебреј, Томас Лерд, Ванг Џиавеј и Нима Гианкаин сите укажуваат дека династијата Минг немала постојан гарнизон војници во Тибет, за разлика од поранешната монголска Јуен династија. Царот Ванли (владеел во 1572-1620) направил обиди повторно да се воспостават Сино-тибетски односи во пресрет на монголско-тибетскиот сојуз инициран во 1578 година, кој влијаел на надворешната политика на следната манџурска династија Ќинг (1644-1912) на Кина, во нивната поддршка за далај-лама од сектата Жолтокапите. До крајот на 16 век, Монголците се покажале како успешни вооружени заштитници на далај-ама од Жолтокапите по нивното зголемено присуство во регионот Амдо, кулминирајќи со освојувањето на Тибет во 1642 година од страна на Гуши Кан (1582-1655).

Владеењето на Царот Јунгле

Главна статија: Јунгле

Издигнување до моќта

Царот Хунгву го одредил неговиот внук Жу Јунвен како негов наследник, и тој го презел престолот како цар Џианвен (1398-1402) по смртта Хунгву во 1398. Најмоќниот од синовите на Хунгву, Жу Ди, тогашниот воен моќник не се согласувал со ова, и наскоро политичка пресметка еруптирала меѓу него и неговиот внук Џианвен. Откако Џианвен затворил многу соработници на Жу Ди, Жу Ди направил бунт, а бунтот предизвикал три-годишната граѓанска војна. Под изговор за спасување на младиот Џанвен од корумпирани функционери, Жу Ди лично ги предводел силите во револтот; палатата во Нанѓинг била изгорена до темел, заедно со самиот Џанвен, неговата сопруга, мајка, и дворјаните. Жу Ди го презел престолот како Јунгле (1402-1424); неговото владеење се смета од страна на научниците како "второ основање" на династијата Минг, бидејќи тој променил многу од политиките на неговиот татко.

Нов главен град и надворешен ангажман

Јунгле го деградирал Нанѓинг во секундарен главен град и во 1403 најавил дека новиот главен град на Кина ќе биде неговата главна база во Пекинг. Градењето на нов град таму траел од 1407 до 1420, вработувајќи стотици илјади работници секој ден. Во центарот бил политичкиот дел Империјалниот Град, а во центарот на ова бил Забранетиот Град, резиденцијата на царот и неговото семејство. До 1553, Надворешниот град бил додаден на југ, со што вкупната големина на Пекинг достигнала 4 по 4 и пол милји. Јонгл ја искористил флотата на Џенг Хе за да го прошири трговскиот систем на Кина подалеку од кога и да е, користел пишување во дрвени плочки за да ја рашири кинеската култура а ја употребил војската (особено коњицата) за да ги прошири границите на Кина на север во Манџурија и на југ во Виетнам.

Флотата на богатството
Новоизградена макета на един од бродовите од Џенг Хе, во Нанѓингскиот Парк на Бродоградилиштето

Почнувајќи од 1405, царот Јонгл го доверил својот омилен евнух, командант Џенг Хе (1371-1433), како адмирал на огромната нова флота бродови наменети за меѓународни сателитски мисии. Кинезите праќале дипломатски мисии кон запад уште од династијата Хан (202 п.н.е. - 220 г.н.е.) и биле вклучени во приватна прекуморска трговија сè до Источна Африка со векови назад – кулминирајќи со династиите Сунг и Јуен – но никогаш порано не била собрана флота за мисии со ваква големина спонзорирана од владата. За да сервисира седум различни сателитски мисии во странство, бродоградилишта во Нанѓинг изградиле две илјади бродови од 1403-1419, вклучувајќи ги големите бродови за богатство кои изнесувале 112 метри (370 стапки) до 134 метри (440 стапки) во должина и 45 метри (150 стапки) до 54 метри (180 стапки) во ширина.

Кризата Туму и Минг монголците

Главна статија: Кризата Туму и Бунтот на Чао Кин

Водачот на монголкото племе Оират, Есен Таиси започнал инвазија кон Кина во 1449г. Главниот евнух Ванг Жен го советувал Царот Џенгтунг (владеел 1435-1449) да поведе војска и лично да се соочи со монголите, после неодамнешниот пораз; марширајќи со 50.000 војска царот го напуштил главниот град и го поставил својот полубрат Жу Чији одговорен за работите како привремен регент. На 8 септември Есен ја поразил војската на Џенгтунг а царот бил заробен- случај познат како Кризата Туму. Монголците барале откуп за царот Џенгтунг. Сепак овој план бил осуетен откако помладиот брат на царот го презел престолот под името Џингтаи (1449-57); монголците исто така биле воено одбиени откако довереникот на царот Џингтаи и министер за одбрана Ји Чен (1398-1457) стекнал контрола над вооружените сили. Држењето на царот Џенгтунг во заробеништво било бескорисно за монголците сè додека друг седел на неговиот престол, па затоа го пуштиле назад во Кина. Поранешниот цар бил во домашен притвор во палатата сè до државниот удар против Џингтаи во 1457 познат како Инцидентот за ослободување на Портата. Поранешниот цар го повратил престолот но сега под името Тјеншуен (владеел 1457-64).

Владеењето на Тјеншуен се покажало како проблематичен период а монголските сили во рамките на воената структура на Минг продолжиле да бидат проблематични. На 7 август 1461 кинескиот војсководец Чао Чин и неговите Минг трупи од монголско потекло извеле државен удар против Тјеншуен од страв дека ќе бидат следни на списокот на истребување од оние кои му помогнале при Инцидентот. Бунтовниците на Чао успеале да ги запалат западната и источната порта на Империјалниот Град (згаснати од дождот за време на битката) и убиле неколку водечки министри пред да бидат опколени а тој бил приморан да изврши самоубиство. Иако царот Јонгл извршил пет поголеми офанзиви северно од Кинескиот Ѕид против монголците, константната закана од монголски напади ги натерала властите на Минг да го утврдуваат Ѕидот од доцниот 15 сè до 16 век; но Џон Фербанк забележува дека тоа бил залуден воен гест но јасно го покажал менталитетот на кинезите за опсади. Сепак Кинескиот Ѕид не бил наменет единствено како дефанзивно утврдување, неговите кули функционирале како серија светилници и станици за сигнализација за брзо да ги предупредат пријателските единици за непријателски сили.

Ослабување и пад на Династијата Минг

Главна статија: Падот на Династијата Минг

Владеење на Ипмераторот Ванли

Финансиското ослабување од војната Имџин во Кореја против јапонците бил еден од многуте проблеми- фискален или каков било друг- со кој се соочувала Кина за време на владеењето на Царот Ванли (владеел 1572-1620). Во почетокот на владеењето, Ванли се опкружил со способни советници и направил свесен обид да се справи со државните работи. Неговиот главен Секретар Џанг Јуженг (1572-82) изградил делотворна мрежа на сојузи со големите државници. Сепак немало никој после него доволно способен да ја одржи стабилноста на овие сојузи, државниците наскоро се собрале заедно во опозициски политички фракции. Со текот на времето Ванли се уморил од дворските работи и честите политички кавги на неговите министри, и претпочитал повеќе да седи позади ѕидините на Забранетиот град и подалеку од очите на неговите државници. Образованите државници ја загубиле важноста во администрацијата и евнусите станале посредници помеѓу повлечениот цар и неговите државници, секој државник кој сакал да дискутира за државнички работи морал да убедува моќни евнуси со поткуп само за да неговата порака или барање биде пренесена до царот.

Улогата на евнусите

Царот Хунгву им забранил на евнусите да научат да читаат или пак да се занимаваат со политика. Дали овие рестрикции се исполнувале со апсолутен успех или не за време на неговото владеење, евнусите за време на владеењето на Јонгл и потоа управувале со огромни царски работилници, командувале војски и учествувале во назначувањето и унапредувањето на државници. Евнусите развиле своја бирократија која била организирана паралелно на, но не била предмет на цивилната бирократија. Иако постоеле неколку диктаторски евнуси низ ерата на Минг, како што се Ванг Жен, Ванг Жи и Лиу Џин, претерана тиранска моќ од евнух не е забележана сè до 1590-тите кога царот Ванли ги зголемил нивните права врз цивилната бирократија и им доделил моќ да собираат данок од провинциите. Евнухот Веј Џунгсјен (1568-1627) доминирал со дворот на Царот Тјенчи (владеел 1620-1627) и ги измачувал до смрт своите политички соперници. Градел храмови во своја чест низ целата империја, а изградил и лични палати со средства алоцирани за градење на гробници за претходниот цар. Неговото семејство и пријатели добивале важни позиции без никакви квалификации. Век исто така издал и историско дело во кое ги напаѓа и омаловажува своите политички соперници. Нестабилноста на дворот дошла во време кога природните катастрофи, чумата, бунтовите и странските инвазии биле во својот врв. И иако Царот Чонгжен (1627-44) го избркал Веј од дворот – по што Веј набрзо се самоубил- проблемот со дворските евнуси траел сè до падот на династијата речиси две децении подоцна.

Економска криза и катастрофа

Во текот на последните години од ерата на Ванли, и на неговите двајца наследници, се развила економска криза така што широко бил распростанет недостатокот на главниот медиум за размена: среброто. Филип IV од Шпанија (владеел. 1621-1665) започнал да го уништува нелегалното шверцување на сребро од Нова Шпанија и Перу кон Кина, во корист на превозот на Американско сребро преку шпанските пристаништа. Во 1639 новиот Токугава режим на Јапонија го затворил поголемиот дел од својата надворешно-трговска размена со европските сили, предизвикувајќи прекин на уште еден извор на сребро во Кина. Овие настани кои се случувале во приближно исто време предизвикале драматичен скок на вредноста на среброто и плаќањето даноци станало речиси невозможно за повеќето провинции. Луѓето почнале да го чуваат скапоценото сребро така што прогресивно се намалила неговата количина, предизвикувајќи стрмен пад на односот на вредноста на бакар и сребро. Во 1630-те, низа од илјада бакарни монети вределе една унца сребро; во 1640-те таа сума можела да достигне половина унца; и од 1643 само една третина од унца. За селаните ова била економска катастрофа бидејќи тие плаќале даноци во сребро додека спроведувањето на локалната трговија и продажбата на жетвата биле во бакар. Гладот исто така бил честа појава во северна Кина во почетокот на 17 век поради невообичаеното суво и ладно време што ја скратил сезоната на растење. Тоа биле ефекти од големиот еколошки настан сега познат како Мало Ледено Доба. Гладот, заедно со зголемувањето на даноците, зголемените воени дезертерства, опаѓачки помошен систем, како и природни катастрофи, како што се поплави и неспособноста на владата да управуваа со системите за наводнување и проекти за контрола на поплавите предизвикале голема загуба на животи и нормална цивилизација. Централната власт немала многу ресурси и можела да стори многу малку за да се ублажат ефектите од овие несреќи. За да бидат работите уште полоши, широко распространета епидемија се ширела низ Кина од Жеџанг до Хенан, при што загинале непознат, но сепак огромен број луѓе. Најсмртоносниот земјотрес на сите времиња, земјотресот во Шанси од 1556, се случи за време на владеењето на царот Џаџинг, при што загинале околу 830.000 луѓе.

Подемот на Манџурците

Јурченскиот племенски водач наречен Нурхачи (владеел. 1616-1626), почнувајќи со само мало племе, брзо добил контрола над сите манџурски племиња. За време на јапонската инвазија на Кореја во 1590, тој понудил да ги води своите племиња во поддршка на Минг и Џозеон. Оваа понуда била одбиена, но тој добил почесна Минг титула за неговиот гест. Препознавајќи ја слабоста на Минг северно од нивната граница, тој ги обединил сите соседни северни племиња и ја консолидирал моќта во регионот околу својата татковина како што Јурченската династија Јин направила порано. Во 1610, тој ги расипал односите со дворот на Минг. Во 1618, тој побарал Минг да му отплати отштета за да ги надоместат "Седумте жалби" кои тој документирано ги испратил до дворот на Минг. Ова било делотворна објава на војна, бидејќи Минг не сакала да плати пари на поранешен сателит. Од 1636, синот на Нурхачи Хуанг Таиџи ја преименувал својата династија од "Доцнежниот Јин" во "Големиот Кинг" во Шенјанг, кој паднал пред Кинговите сили во 1621 и бил прогласен нивен главен град во 1625. Хуанг Таиџи, исто така, го усвоил кинескиот царски наслов Хуангди, ја објавил ерата Чонгде, и го сменил етничкото име на својот народ од „Јурчен“ во „Манџу“. Во 1638 Манџу го поразил и освоил традиционалниот сојузник на Минг, Џозон со војска од 100.000 војници. Набргу потоа, Корејците се одрекнале од долгогодишната лојалност кон династијата Минг.

Бунт, инвазија, колапс

Селанец војник по име Ли Цеченг се побунил со неговите колеги војници во западен Шанси во почетокот на 1630-те откако владата на Минг не успеала да ги пренесе мошне потребните материјали таму. Во 1634 тој бил фатен од страна на миншкиот војсководец и ослободен само под услов да се врати на служба. Договорот наскоро бил прекинат кога локалниот магистрат егзекутирал триесет и шест од неговите колеги бунтовници ; војниците на Ли одговориле со убиство на функционери и продолжиле да водат бунт со седиште во Ронгјанг, централната провинција Хенан од 1635. Во 1640-те, поранешен војник и соперник на Ли-Џанг Сјенџунг (1606-1647)-создал цврста бунтовничка база во Ченгду, Сечуан, додека центарот на власта на Ли беше во Хубеј со проширено влијание врз Шанси и Хенан.

Во 1640 година, масите кинески селани кои биле гладни, не можејќи да ги плаќаат даноците, а и без страв од најчесто поразуваната кинеска војска, почнале да се формираат во огромни групи на бунтовници. Кинеската војска, фатена помеѓу залудни напори да ги порази манџурските напаѓачи од север и големи селски буни во провинциите, во суштина се распаднала. Неплатена и гладна, војската бил поразена од страна на Ли Цеченг-сега самонаречен Принц од Шуен-го напуштила главниот град без многу борба. На 26 мај 1644, Пекинг паднал пред бунтовничката војска, предводена од Ли Цеченг кога градските порти биле предавнички отворени однатре. За време на кризата, последниот Минг цар се обесил на дрво во царската градина надвор од Забранетиот Град. Зграпчувајќи ја можноста, Манџурцџите го преминале Кинескиот Ѕид откако пограничниот војсководец на Минг Ву Сангуј (1612-1678) ги отворил портите на процепот Шанаи. Тоа се случило по кратко време откако дознал за судбината на главниот град и на војската на Ли Цеченг која марширала кон него; гледајќи ги своите опции, тој одлучил да застане на страната на Манџурците. Манџурската војска на принцот Доргон (1612-1650) и Ву Сангуј се приближила до Пекинг откако војска испратена од страна на Ли била уништена во Шанхајгуан; војската на Принцот од Шуен избегала од главниот град на четврти јуни. На 6 јуни, Манџурците и Ву влегле во главниот град и го прогласиле младиот Шуенџе за цар владетел на Кина. Откако бил избркан од Сиан од Манџурците, го бркале по реката Хан сè до Вучанг, по должината на северната граница со покраината Џангси, и конечно Ли Цеченг починал таму во текот на летото на 1645, со што се стави крај на Шуен династијата. Еден извештај вели дека неговата смрт била самоубиство;. друг наведува дека тој бил претепан до смрт од страна на селани откако бил фатен крадејќи ја нивната храна.

Расфрлени остатоци од Минг се задржале и после 1644, вклучувајќи ја и онаа на Косинга (Женг Ченгонг) на Тајван (Формоза). И покрај загубата на Пекинг и смртта на царот, моќта на Минг во никој случај не била целосно уништена. Нанѓинг, Фуџен, Гуангдунг, Шанси, и Јинан, сите биле упоришта на отпорот на Минг. Сепак, имало неколку претенденти за престолот на Минг и нивните сили биле поделени. Секој бастион на отпорот беше поединечно поразен од Кинг до 1662, кога последната вистинска надеж за обновување на Минг почина со царот Јонгли, Жу Јуланг. И покрај поразот на Минг, помали лојалистички движења продолжиле сè до прогласувањето на Република Кина.

Влада

Покраина, префектура, потпрефектура, општина

Царевите на Минг го презеле провинцискиот административен систем на династијата Јуен, а тринаесетте покраини на Минг се претходници на современите покраини. Во текот на династијата Сунг, најголемата политичка поделба била покраината (лу 路). Сепак, по инвазијата на Јурчен во 1127, дворот на Сунг утврдил четири полуавтономни регионални командантни системи засновани на територијалните и воени единици, со самостоен сервисен секретаријат дека ќе станат провинциски администрации на Јуен, Минг , и Кинг династиите. Копирани од моделот на Јуен, провинциските бирократија на Минг содржала од три комисии: една граѓанска, една воена и една за надзор. Под нивото на покраината (Шенг 省) биле префектурите (Фу 府) кои оперирале под префект, проследени со подпрефектури (Џоу 州) под подпрефект. Најниска единица била општината (Сиан 县), надгледувана од страна на судијата. Покрај провинциите, имало и две големи области кои не припаѓале на ниедна покраина, туку биле области на метрополите (Џинг 亰) дел од Нанѓинг и Пекинг.

Институции и бироа

Институционални трендови

Поаѓајќи од главниот централен административен систем општо познат како Трите одделенија и Шестте министерства, кој беше воспоставена од страна на разни династии од крајот на Хан (202 п.н.е. - 220 г.н.е.), Минг администрацијата имаше само еден оддел, Секретаријатот, што ги контролираа Шесте министерства. По погубувањето на канцеларот Ху Веиџунг во 1380, царот Хунгву го укина Секретаријатот, Цензоратот, и началникот на воената комисија и лично го презеде раководењето на шесте министерства и регионалните пет воени комисии. Така цело ниво на администрацијата беше отсечено и само делумно обновено од страна на последователните владетели. Големиот секретаријат, на почетокот секретарска институција која му помагала на царот со административните документи, бил воспоставен, но без вработување советници, или канцелари. Министерствата, предводени од министерот и стартувани од директорите останаа под директна контрола на царот до крајот на Минг. Царот Хунгву го испрати својот очигледен наследник до Шанси во 1391 за "турнеја и мир" низ регионот, во 1421 царот Јонгл нарачи 26 претставници да патуваат низ империјата и да исполнат слични истражни и патронски должности. Од 1430 овие задачи станаа институционализирани. Оттука, Цензоратот бил одново инсталиран и прво екипиран со истражни цензуратори, подоцна со главни цензуратори. Од 1453 година, на „големите координатори“- или „патувачки миротворци“, како што забележува Мајкл Чанг , им била доделена титулата заменик цензор на шефот или асистент цензор и одговорен уредник и им бил дозволен директен пристап до царот. Како и во претходните династии, провинциските администрации биле следени од страна на патувачки инспектор од Цензоратот.. Цензорите имале моќ на отповикување службеници на нередовна основа.

Иако децентрализацијата на државната власт во провинциите се случила во раниот Минг, трендот на државници од централната власт да бидат делегиран на провинции како виртуелни провинциски гувернери започна во 1420. До доцниот Минг, имало централни владини државници делегирани на две или повеќе провинции како врховни команданти.

Големиот секретаријат и Шест министерства

Владините институции во Кина имале слична шема веќе две илјади години, но секоја династија инсталирала посебни канцеларии и бироа, како одраз на свои интереси. Големиот Секретаријат му помагал на царот, тие ракувале со документација под владеењето на Јонгл. Големиот Секретаријат ги добивал своите членови од Академијата Ханлин и се сметал за дел од царската власт. Секретаријатот бил координативна агенција, додека Шесте министерствата- кои беа Персонал, Приходи, Ритуали, Војна, Правда и Јавни Работи-биле директни административни органи на државата. Министерството за Персонал бил задолжен за поставување, мерење на заслуги, промоции, како и деградирање на функционерите, како и доделување на почесни титули. Министерството за Приходи бил задолжен за собирање на податоците од пописот, собирање даноци и ракување со државните приходи, а постоеле и две канцеларии за валута кои биле потчинети на истото.. Министерството за Ритуали бил задолжен за државни церемонии, обреди и жртви, исто така го надгледувал регистрирањето на будистичките и даоистичките свештеници па дури и приемот на пратеници од сателитските држави. Министерството за Војна било задолжено за поставување, промоции, како и деградирање на воени офицери, одржување на воени инсталации, опрема и оружје, како и курирски систем. Министерството за правда било задолжено за судски и казнени процеси, но немало надзорна улога врз Цензоратот или Големиот Суд за Ревизија. Министерството за јавни работи било задолжено за владини градежни проекти, вработување на занаетчии и работници за привремена служба, производство на владина опрема, одржување на патишта и канали, стандардизација на тежини и мерки, како и собирање на средства од селата.

Бироа и канцеларии на царскиот имот

Персоналот на царскиот имот се состоел речиси целосно од евнуси и дами со свои бироа. Женските службеници биле организирани во Бирото за послуга на палатата, Бирото за церемонии, Бирото за облека, Бирото за прехранбени производи, Бирото за спалната соба, Бирото за ракотворби и Канцеларијата за надзор на персоналот. Почнувајќи од 1420-те евнусите почнале да ги заземаат овие позиции на дамите се дури не останало само Бирото за облека со своите четири помошни канцеларии. Хунгву ги организирал своите евнуси во Дирекцијата за послуга на палатата, но како што моќта на евнусите растела, растеле и нивните административни канцеларии, за на крај да бројат дванаесет дирекции, четири канцеларии и осум бироа. Династијата имала огромен царски имот, на кој работеле илјадници евнуси, кои биле водени од Дирекцијата за послуга на палатата. Евнусите биле поделени во различни дирекции задолжени за надзор на персоналот, церемонијални обреди, храна, прибор, документи, штали, печати, облека, и така натаму. Канцелариите биле задолжени за обезбедување на гориво, музика, хартија и бањи. Бироата биле задолжени за оружје, сребро, перење, капи, бронза, текстилно производство, винарски визби, и градини. Понекогаш, најмоќниот евнух во дирекцијата за церемонии бил и де факто диктатор во државата. Иако царскиот имот најмногу вработувал евнуси и дворски дами, постоела и цивилна канцеларија наречена Канцеларија за печати, која соработувала со евнусите за да ги одржи царските печати, записи и марки. Постоеле и цивилни служби кои ги надгледувале работите на царските принцови.

Персонал

Школувани-државници

После владеењето на Хунгву – кој од 1373 до 84 ги наполнил своите бироа со службеници собрани само преку препораки – школуваните-државници кои ги пополниле редовите на бирократијата биле регрутирани преку ригорозен систем на испитување кои најпрво бил воспоставен од Династијата Суи (581 – 618). Теоретски системот на испити дозволувал секому да се приклучи на редовите царски службеници, но во пракса времето и средствата потребни за испитите ги ограничувало учесниците на оние кои веќе потекнувале од повисоката класа. Сепак, владата спровела точни провинциски квоти за избирање на службеници. Ова било со цел да се избегне монополизацијата на моќ од страна на припадниците на повисоката класа кои доаѓале од побогати региони, кај што образованието било најнапредно. Експанзијата на индустријата за печатење уште од времето на Сунг го зголемила ширењето на учењето и бројот на потенцијални кандидати низ провинциите. За малите ученици постоеле печатени таблици за множење и буквари за основен вокабулар, за возрасните кандидати за испит постоеле масовно произведувани, евтини томови на конфуцијански класици и успешни одговори за испитите. Како и во пораните периоди, фокусот на испитите биле класични конфуцијански текстови, а наголемиот дел од материјалот за тест се засновал на Четирите книги наведени од Џу Си во 12 век. Испитите во ерата на Минг можеби биле потешки за положување. Испитите станувале се потешки како што студентот напредувал од локалното ниво, и соодветни титули им биле доделени на успешните кандидати. Службениците биле класифицирани во девет хиерархиски нивоа, секое ниво поделено на два степена, со различна плата (номинално плаќана во ориз) според нивниот ранг. На провинциските дипломци веднаш им биле доделувани ниски работни места, а они кои го поминале испитот во палатата се здобивале со џинши (дипломиран научник) диплома и добивале повисоки позиции. Во 276 години од владеењето на Минг и деведесет испити во палатата, бројот на докторски дипломи бил 24.874. Ебреј наведува дека „постоеле само две до четири илјади од овие џинши во одредено време, во однос на еден од 10.000 возрасни мажи“. Ова е споредбено со 100.000 шенгуан (владини студенти), најниското ниво на дипломци, до 16век. Дозволениот рок на служба на функцијата бил девет години, но на секои три години државниците биле оценувани за нивната работа од страна на постари државници. Ако биле оценети како супериорни тогаш добивале унапредување, ако биле оценети како адекватни тогаш ги задржувале позициите, а ако биле оценети како неадекватни тогаш биле симнати за едно ниво. Во екстремни случаи, државниците би биле отпуштени или казнети. Само поголемите државници од ниво 4 и нагоре биле изземени од оценувањето, но сепак од нив се очекувало да признаат евентуални грешки. Имало преку 4.000 школски инструктори во обласни и префектурални училишта кои биле предмет на оценување на секои девет години. Главниот инструктор на префектуралното ниво бил класифициран како еднаков на областен дипломец од второ ниво. Супервизорството на царските инструктори го надгледувало образованите на очигледниот наследник на престолот, на чело на оваа канцеларија бил Големиот Супервизор за инструкции,кој бил рангиран како прва класа од трето ниво.

Помали функционери

Шолуваните-државници кои влегле во цивилната служба преку испитувањата биле извршни државници врз многу поголемо тело од нерангиран персонал наречени помали службеници. Соодносот меѓу нив и официјалните државници бил 4 спрема 1, Чарлс Хакер проценува дека можеби достигнувале бројка од 100.000 низ целата империја. Овие помали функционер извршувале канцелариски и технички задачи за владините агенции. Сепак не треба да ги мешаме со поттрчковците и носачите, помалите функционери периодично биле оценувани исто како и државниците и после девет години служба можеле да бидат примени во нискорангирани цивилни служби. Едната голема предност која ја имале помалите функционери врз државниците било тоа што државниците биле периодично ротирани и распределувани на различни региони и морале да се потпираат на добрата услуга и соработката на локалните помали функционери.

Евнуси, принцови и војсководци

Евнусите за време на династијата Минг се здобиле со претходно невидена моќ врз државничките работи. Едно од најефективните средства за контрола била тајната служба стационирана во Источното Депо на почетокот од династијата а подоцна во Западното Депо. Оваа тајна служба била водена од Дирекцијата за Церемонии, оттука поврзаноста на овој државен орган со тоталитаризмот. Евнусите имале редови кои биле еднакви на редовите на цивилната служба, само што нивните имале четири нивоа наместо девет. Потомоците на првиот Минг цар биле наречени принцови и им биле доделени (само номинално) воени команди, годишни стипендии и големи поседи. Титулата која се користела била „крал“ (wang) но – за разлика од принцовите во династиите Хан и Јин- овие поседи не биле феудални, принцовите не служеле никаква административна функција и делумно учествувале во воените работи само во времето на првите два цара. Бунтот на Принцот од Јан бил делумно оправдан како бранење на правата на принцовите но, само што царот Јонгл седнал на престолот, продолжил со политиката на својот внук за разоружување на своите браќа и преместување на нивните поседи подалеку од милитаризираната северна граница. Иако принцовите не служеле на ниеден орган на државната администрација, тие заедно со здруженијата на царските принцези и благородничките роднини биле дел од Царскиот клански двор, кој ја надгледувал царската генеологија. Како и школуваните државници, и војсководците биле рангирани во хиерархиски систем на нивоа и биле оценувани на секои пет години (за разлика од трите години за државниците). Сепак воените офицери имале помал престиж од државниците. Ова е поради нивната наследничка служба (наместо заснована на заслуги) и конфуцијанските вредности кои повеќе го ценеле знаењето (wen) отколку насилството (wu). Иако биле сметани со помал престиж воените офицери не биле исклучени од испитувањата за цивилната служба а после 1478 војската дури си одржувала свој испитувања за да ги тестира воените способности. Освен што ја презела поставената бирократска структура од Јуен, царевите на Минг поставиле и нова позиција патувачки воен инспектор. Во раната половина на династијата, луѓе од благороднички род доминирале со повисоките редови на војската, овој тренд се преобратил во втората половина на династијата и луѓе со поскромно потекло евентуално ги замениле.

Општество и култура

Литература и уметност

Како и во претходните династии, династијата Минг забележала процут на уметноста, било тоа да е сликање, поезија, музика, литература или драмски театар. Издлабнетите дизајни и дизајните врз порцелан биле слични по својата комплексност со оние во сликарството. Овие предмети можеле да се најдат во домовите на богатите заедно со свила и предмети од жад, слонова коска и слично. Куќите на богатите биле опремени со мебел од палисандрово дрво и пердувести орнаменти. Материјалите за пишување во работната соба на еден научник биле дизајнирани и ритуално аранжирани да имаат естетски изглед. Познавањето на уметноста во доцниот период на Минг било концентрирано околу овие предмети со рафиниран уметнички вкус, кои обезбедувале работа за трговците со уметнички дела па дури и за измамниците кои правеле имитации на оригинали и лажни атрибуции на уметничките дела. Ова било забележано од Језуитот Матео Ричи за време на неговиот престој во Нанѓинг, пишувајќи дека кинеските измамници биле генијални кога станувало збор за изработување фалсификати на уметнички дела и заработување голем профит.

Постоел и голем напредок во книжевноста за време на Минг. Ху Сјиаке (1587-1641), писател на патничка литература, ги издал своето дело Патувачки дневник со 404.000 напишани карактери со информации за се од локална географија до минералогија. Првото издавање на приватен весник во Пекинг е забележано во 1582. Новото книжевно поле за морален водич во бизнис етиката бил развиен во доцниот Минг период за читателите од трговската класа. Иако расказите биле популарни уште од династијата Танг (618-907), а делата на современите автори како Ху Гуангчи, Ху Сјиаке и Сунг Јингсјинг биле најчесто технички и енциклопедиски, периодот на Минг го забележала развивањето на романот. Додека благородничката елита била доволно образована за целосно да го разбере Класичниот кинески јазик, оние со основно образование- како што се жените во образованите семејства, трговците, и дуќанџиите- станале поголема потенцијална публика за литературата и изведувачката уметност која била на Народен кинески јазик. Џин Пинг Меи издадена во 1610, се смета како петтиот голем роман на пред-модерна Кина, имајќи ги предвид Четирите Големи Класични Романи. Два од овие романи, Маргината на водата и Патување кон запад биле производ на династијата Минг. За да ја дополнат работата на романите, театарските сценарија и драми биле еднакво инвентивни. Една од најпознатите драми во кинесата историја Павиљонот Пеони била напишана од Минг писателот Танг Сианце (1550-1616).

Спротивно на Ху Сјиаке кој се фокусирал на техничкиот аспект во неговата патувачка литература, кинескиот поет и државник Јуен Хунгдао (1568-1610) ја користел патувачката литература за да ја искаже својата желба за индивидуализам како и за самостојност од и фрустрација кон конфуцијанската дворска политика. Јуен сакал да се ослободи од етичките компромиси кои биле неразделлив дел од кариерата на еден школуван државник. Ова анти-официјално чувство во литературата и поезијата на Јуен всушност ја следело традицијата на поетот и државник Су Ши (1037-1101) од династијата Сунг. Јуен Хунгдао и неговите двајца браќа Јуен Цунгдао и Јуен Џунгдао биле основачи на школата Гунган. Оваа високо индивидуалистичка школа за поезија и проза била критикувана од конфуцијанската номенклатура поради нејзината поврзаност со интензивен сензуален лиризам, кој бил евидентен и во народните романи од периодот Минг како што е Џин Пинг Меи. Сепак и благородниците и школуваните државници биле погодени од новата популарна романтична литература. Постоеле многу познати визуелни уметници од периодот на Минг, вклучувајќи ги Ниџан, Шенџоу, Тангин, Вен Женгминг, Ки Јинг, Донг Кичанг, и многу други. Тие ги црпеле техниките, стиловите и комплексноста во цртањето постигнато од своите претходници од династиите Сунг и Јуен, но додале и некои нови техники и стилови. Добро познатите уметници можеле да живеат само од цртањето поради високите цени кои ги барале за своите дела и големата побарувачка од високо образованото општество да собира скапоцени уметнички дела. Познатите уметници честопати собирале група следбеници, од кои некои биле аматери кои цртале а во исто време имале и официјална кариера а други биле професионални уметници.

Покрај уметниците, и одредени грнчари станале познати поради нивната уметност како што е Хе Чаоцунг во раниот 17 век, по неговиот стил за скулптури од бел порцелан. Најголемите центри за производство на порцелански предмети во династијата Минг биле Џингдежен во провинцијата Џансји и Дехуа во провинцијата Фуџен. Порцеланските фабрики во Дехуа го снабдувале европскиот пазар со создавање кинески порцелан за извоз до 16 век. Во Керамичката трговија во Азија, Чумеј Хо проценува дека околу 16% од извозот на кинеска керамика од доцен Минг биле пратени во Европа додека останатиот дел бил пратен во Јапонија и југоисточна Азија.

Религија

Доминантните религиски верувања во времето на династијата Минг биле разните форми на кинеската народна религија и Трите учења – конфуцијанство, таоизам и будизам. Тибетските Лами кои биле поддржувани од династијата Јуен не биле во милост на раните миншки цареви кои го претпочитале Таоизмот и оние кои верувале во него добивале високи позиции во државните ритуални канцеларии. Царот Хунгву ја прекинал космополитската култура на монголската династија Јуен, а продуктивниот Принц од Нинг Жу Куан дури составил и една енциклопедија напаѓајќи го будизмот како странски „култ за жалење” штетен за државата и уште една енциклопедија која подоцна е вклучена во таоистичкото канонство.

Исламот исто така бил присутен низ Кина, кој започнал со Сад Ибн Аби во времето на династијата Танг и добил силна поддршка во времето на Јуен. Иако династијата Минг остро ја прекинала оваа поддршка сепак постоеле видни муслимански лица во почетокот вклучувајќи ги и војсководците на царот Хунгву, Чанг Јукун, Лан Ју, Динг Десјинг и Му Јинг и моќниот евнух на царот Јонгл, Џенг Хе. Појавата на Минг во почетокот била уништувачка за христијанството, во неговата прва година царот Хунгву ја прогласил осумдесет годишната францисканска мисија за нелегална. Вековната Несториска црква исто така исчезнала. Подоцнежниот Минг забележал нов бран на христијански-особено језуитски- мисионери, кои ја користиле новата западна наука и технологија во своето убедување. Тие биле образувани на кинески јазик и култура во школата Св. Павле во Макао после нејзиното основање во 1579. Највлијателен бил Матео Ричи, чија Мапа на безбројните земји во светот ја подобрила традиционалната географија во источна Азија и чија работа со Ху Гуанџи довела до првиот кинески превод на делото Елементи од Евклид во 1607. Откривањето на несториски остатоци од храм во Сји ан во 1625 му овозможило на христијанството да биде третирано како стара и призната вера наместо како нов и опасен култ. За време на неговата мисија во Пекинг, Ричи бил контактиран од еден од петте илјади Каифенг Евреи и ги претставил нив и нивната долга историја во Кина низ Европа. Сепак, поплавата од 1642 предизвикана од Каифенг гувернерот ја уништил заедницата која загубила пет од дванаесетте семејства, синегогата и најголемиот дел од нивната Тора.


Филозофија

Конфуцијанството на Ванг Јангминг

Во времето на династијата Минг, неоконфуцијанските учења на научникот Жу Сји од ерата на Сунг биле прифатени од дворот и кинеската елита во целина, иако директната линија на неговата школа била уништена од царот Јонгл во 1402. Највлијателниот научник во наредните генерации во ерата на Минг е сепак Ванг Јангминг (1472-1529), чии учења во негово време биле напаѓани поради нивната сличност со Чен Будизмот. Надоврзувајќи се на концептот на Жу Сји за „зголемување на знаењето“, стекнување на разбирање преку внимателно и рационално истражување на работите и настаните, Ванг тврдел дека универзалните концепти би се појавиле во умовите на секого. Затоа, тврдел дека секој- без оглед на нивното педигре и образование- би можел да биде мудар колку Конфуциј и Менг-це, и дека нивните пишани дела не биле извори на вистината туку едноставно водичи кои би можеле да имаат грешки доколку внимателно се прегледаат. Тогаш еден земјоделец со големо искуство и интелигенција би бил помудар од државник кој ги меморирал Класиците но не го искусил вистинскиот живот.

Конзервативна реакција

Други научници-бирократи биле претпазливи поради неортодоксноста на Ванг, зголемениот број на неговите следбеници кои сè уште биле на функција и неговата севкупна социјално-бунтовна порака. За да го намалат неговото влијание, често бил испраќан да се справува со воени задачи и побуни далеку од главниот град. Сепак негивите идеи влегле во традиционалната кинеска мисла и охрабриле нов интерес кон Таоизмот и Будизмот. Понатаму, луѓето започнале да се сомневаат во валидноста на општествената хиерархија и идејата дека школуваниот треба да биде над земјоделецот. Ученикот на Ванг Јангминг и работник во рудник за сол, Ванг Ген им држел предавања на обичните луѓе да стекнат образование за да си го подобрат животот, а неговиот следбеник Хи Сјинин ја оспорил издигнатоста и нагласеноста на семејството во кинеското општество. Неговиот современик Ли Жи дури и учел дека жените се интелектуално еднакви на мажите и треба да им се даде подобро образование, двајцата и Ли и Хи на крајот умреле во затвор, затворени под обвинение дека шират „опасни идеи“. Сепак овие „опасни идеи“ за образование на жените веќе долго биле прифатени од некои мајки и куртизани кои биле писмени и вешти во калиграфија, сликање и поезија како и нивните машки гости. Либералните погледи на Ванг Јангминг наишле на спротивставеност од страна на Цензоратот и Академијата Донглин, која била повторно воспоставена во 1604. Овие конзервативци сакале враќање на ортодоксната конфуцијанска етика. Конзервативците како Гу Сианченг биле против идејата на Ванг за природно знаење за моралот, тврдејќи дека ова едноставно било легитимирање на безскрупулозно однесување како што се алчните потраги и лична добивка. Овие две страни на конфуцијанската мисла, засилени со верноста на кинеските ученици кон своите учители, се развиле во фракционализам помеѓу државните министри, кои ја користеле секоја прилика да исфрлат припадник на спротивната фракција од дворот.

Урбан и рурален живот

Ванг ген бил во можност да одржува филозофски предавања на многу обични луѓе од различни региони, бидејќи-следејќи го трендот од династија Сунг-заедниците во општеството Минг станувале се помалку изолирани како што растојанието помеѓу пазарните градови се намалувало. Училиштата, групите по потекло, религиозните здруженија, и други локални волонтерски организации се зголемувале по број и дозволувале поголем контакт меѓу образованите луѓе и месните жители. Џонатан Спенс пишува дека разликата помеѓу она што било град и село била заматена во периодот на Минг, бидејќи приградските области со фарми се наоѓале веднаш до, а во некои случаи и во рамките на градските ѕидини. Не само што заматеноста меѓу градот и селото била очигледна, била и во социоекономската класа во традиционалните четири струки (кинески: 士 农工商), бидејќи занаетчиите понекогаш работеле на фарми во врвните периоди а земјоделците често патувале во град за да најдат работа во време на глад.

Разни окупации можеле да се изберат или да се наследат по линија на татковата дејност. Ова вклучува- но не ограничува само на- изработувачи на ковчези, работници со железо и ковачи, кројачи, готвачи и производители на тестенини, трговци на мало, таверни, чајџилници, управители на винарии, чевлари, сопственици на дуќани за заложување, бордели, и трговци-банкари ангажирани во прабанкарски систем кој вклучувал банкноти за размена. Буквално во секој град имало бордели во кои можеле да се најдат машки и женски проститутки. Јавните бањи станале многу почести за разлика од претходни периоди. Урбаните продавници и продавачи на мало нуделе различни производи како специјални книжни пари за горење при жртвување за предците, специјализирана луксузна стока, капи, фино платно, чаеви и сл. Помалите заедници и гратчиња кои биле премногу сиромашни или раздалечени за да одржат продавници и занаетчии, ги добивале своите производи од периодични саеми и патувачки трговци. Мало гратче обезбедувало простор за основно школување, вести и трачеви, стројништво, верски фестивали, патувачки театарски групи, наплата на данок и центри за помош при гладување.

Селаните земјоделци од северот ги поминувале деновите собирајќи ги жетвите од култури како пченица и просо, додека земјоделците јужно од реката Хуај се занимавале со интензивно одгледување ориз, и имале езерца и бари кајшто можеле да одгледуваат патки и риби. Одгледувањето дрвја-црници за свилени буби и грмушки за чај можеле да се видат јужно од реката Јангце, а уште појужно шеќерната трска и цитрусот биле одгледувани како основни култури. Некои луѓе во југозападните планини преживувале од продажбата на дрвена граѓа од тврд бамбус. Освен сечење дрво за продажба, сиромашните правеле и јаглен од дрвјата, гореле школки од остриги за да направат вар, термо садови, а плетеле и душеци и кошници. Во северот патувањето со коњ и кочија било најзастапено, додека на југот безбројните реки, канали и езерца обезбедувале евтин и лесен воден транспорт. Иако југот бил покарактеристичен по богати земјопоседници и земјоделци закупци, во просек имало многу повеќе земјопоседници-земјоделци северно од реката Хуај поради поострата клима, кои живееле малку над егзистенцијалното ниво.

Наука и технологија

Во споредба со процутот на науката и технологијата во времето на династијата Сунг, династијата Минг забележала помал напредок во науката и технологијата во споредба со темпото на откривање во западниот свет. Всушност, клучните достигнувања во кинеската наука во доцниот Минг биле поттикнати од контакт со Европа. Во 1626 Јохан Адам Шал вон Бел го напишал првото кинеско дело за телескопот (Оптичко стакло за гледање надалеку), во 1634 царот Чонгжен го добил телескопот на починатиот Јохан Шрек (1576-1630). Хелиоцентричниот модел за сончевиот Систем бил одбиен од католичките мисионери во Кина, но одеите на Јохан Кеплер и Галилео Галилеј го пронашле својот пат во Кина преку полскиот језуит Михаел Боим во 1627, расправата на Адам Шал вон Бел во 1640 и конечно преку Џозеф Еткинс, Алекс Вили, и Џон Фрајер во 19 век. Иако Шен Куо (1031-95) и Гуо Шоуџинг (1231-316) ги поставиле основите на тригонометријата во Кина, следно значајно дело за кинеската тригонометрија нема да биде објавено сè до 1607 со обидите на Ху Гуангчи и Матео Ричи. Иронично е што некои пронајдоци кои ги влечат своите корени од древна Кина повторно биле претставени од Европа во доцниот Минг, на пример полска воденица.

Кинескиот календар имал потреба од поправање бидејќи неадекватно ја мерел сончевата година со 365 ¼ дена. Со тоа постоела грешка од 10 минути и 14 секунди годишно или приближно еден цел ден на секои 128 години. Иако Минг го усвоила календарот на Гуо Шоџинг од 1281, кој бил точен исто како и грегоријанскиот календар, Дирекцијата за астрономија на Минг не успеала успешно периодично да го подесува, ова е можеби поради недостигот на стручност бидејќи овие позиции се добивале наследно, а статутите на Минг забранувале приватно инволвирање во астрономијата. Потомок од шесто колено на царот Хунсји, принцот Цу Цају (1536-611) поднел предлог да се поправи календарот во 1595, но ултра-конзервативната комисија за астрономија го одбила. Освен што ги објавил своите дела за музиката тој ги објавил и заклучоците за календарот во 1597. Една година подоцна Сјинг Јунлу советувал календарот да се подобри, но бил одбиен од Надзорникот на Бирото за астрономија поради законот за забрана за приватно инволвирање во астрономијата. Подоцна Сјинг заедно со Ху Гуангчи ќе помогнат да се реформира кинескиот календар според западните стандарди во 1629.

Кога основачот на Минг Хунгву првпат ги видел механичките направи во палатата на династијата Јуен во Канбалик- како фонтани со топки кои играле на млазовите, само-оперативни автомати, уреди кои исфрлале облаци парфем, и механички часовници во стилот на Ји Сјинг (683-727) и Су Сунг (1020-101), тој ги поврзал сите нив со декаденцијата на монголското владеење и ги уништил. Ова е целосно опишано од Сјиао Хун кој исто така внимателно ги зачувал деталите од архитектурата и поставеноста на палатата на династијата Јуен. Подоцна, европските језуити Матео Ричи и Николас Триго накусо ќе ги спомнат инвентивните кинески часовници со тркалце. Сепак и Ричи и Триго ќе додадат дека европските часовници од 16 век биле многу понапредни. Кинезите биле заинтригирани од европската технологија, но исто така биле и посетителите Европејци од кинеската технологија. Енциклопедистот Сунг Јингсјинг (1587-1666) документирал широка палета технологии, металуршки и индустриски процеси во неговата енциклопедија од 1637. Тука биле влучени и механички и хидраулични направи за земјоделство и иригација, наутичка технологија како типови на бродови и опрема за нуркање за трагачите по бисери, годишните процеси на копринарството и ткаење со разбој, металуршки процеси како што се техники за топење и калење, производни процеси како на пример за печење железен пирит за претворање сулфид во оскид во сулфур користен во композиции на барут и слично.

Фокусирајќи се на земјоделството во неговите дела, агрономот Ху Гуангчи (1562-1633) се заинтересирал за иригацијата, ѓубривата, намалување на гладот, економски и текстилни култури, и емпириска опсервација на елементите која била зачеток на раното разбирање на хемијата. Постоел голем напредок и нови дизајни во оружјата со барут во почетокот на династијата, но до средината и доцниот Минг кинезите почнале често да ги користат европските оружја и артилерија. Хулонџинг, книгата напишана од Џао Ји и Лиу Џи се состоела од голем број модерни оружја во тоа време. Тука вклучувајќи шупливи ѓулиња наполнети со барут кои експлодирале, нагазни мини кои имале комплексен систем за активирање, морски мини, рачни топови кои имале и по десет цевки, разни проектили и слично. Ли Шижен (1518-93)- еден од најпознатите фармаколози и доктори во кинеската историја – припаѓал на доцниот Минг. Во 1587, тој го завршил првиот дел од неговото дело Бенчао Гангму, во кое детално била опишана употребата на повеќе од 1.800 медицински лекови. Во поглед на оралната хигиена античките египќани користеле примитивни четки, но кинезите биле првите кои користеле модерни влакнести четки во 1498, иако тоа биле тврди влакна од свиња.

Популација

Историчарите синолози сè уште дебатираат за вистинската популациска бројка за секоја од ерите во династијата Минг. Историчарот Тимоти Брук забележува дека бројките од пописите во Минг се лажни бидејќи фискалните задолжувања натерало многу семејства да запишуваат помал број членови од нивниот дом и многу околни владини службеници да запишат помал број домаќинства под нивна јурисдикција. Децата биле често попишувани во помал број, особено женските деца, како што се гледа од популациската статистика низ целиот Минг период. Дури и возрасните жени биле прикажувани во помал број, на пример, префектурата Даминг во северен Жили наведува популација од 378.167 мажи и 226.982 жени во 1502. Владата се обидела да ги поправи бројките од пописот преку проценување на просечниот број луѓе во едно домаќинство , но ова не го решил широкиот проблем за регистрација на данок. Половата нееднаквост може донекаде да се должи на практиката на женско чедоморство. Таа практика е добро документирана во Кина, и трае повеќе од две илјади години, и била користена од речиси секое семејство. Сепак драматичниот сооднос во бројката помеѓу половите, која во многу области била над 2 спрема 1 до 1586, не може да биде објаснета само со чедоморство.

Бројот на луѓе избројани во пописот од 1381 бил 59 873 305, сепак, оваа бројка значително опаднала кога владата дознала дека недостасуваат 3 милиони луѓе од даночниот попис во 1391. Иако прикажувањето помал број луѓе станало злостор во 1381, потребата за преживување натерала многу да го избегнат даночното регистрирање и да побегнат од својот регион, кајшто Хунгву се обидел да наметне ригидна немобилност на населението. Владата се обидела да го олесни ова преку создавање своја конзервативна процена од 60 545 812 луѓе во 1393. Во својата Студија за популацијата на Кина, Хо Пинг-ти предлага да се ревидира пописот од 1393 на 65 милиони луѓе забележувајќи дека голем дел од северна Кина и пограничните области не биле вклучени во тој попис. Брук наведува дека популациските бројки добиени од пописите после 1393 биле помеѓу 51 и 62 милиони, а всушност популацијата брзо растела. Вилијам Атвел вели дека околу 1400-та популацијата на Кина можеби била 90 милиони луѓе, цитирајќи ги Хиџдра и Моте.

Историчарите сега се служат со локалните географски индесји од периодот на Минг за податоци кои би докажале постојан раст на населението. Со помош на географските индесји Брук проценува дека вкупната популација под царот Ченгуа (владеел 1464- 1487) била околу 75 милиони , иако пописите од среден Минг се вртат околу бројката 62 милиони. Додека префектурите низ целата империја во среден Минг објавувале пад или стагнација на населението, локалните географски индекси известувале за голем број нови слободни работници и недоволно добро обработена земја на која би работеле, така што многу станале безделници, измамници, или дрвосечачи што довело до уништување на шумите. Царевиите Гунгџе и Џенгде ги намалиле казните за оние кои избегале од домашниот регион, а царот Џиаџинг (владеел 1521- 67) ги натерал службениците да го запишуваат секое мигрантско движење или бегање со цел да се зголеми приходот. Дури и со реформите на Џиаџинг да се документираат мигрантските работници и трговци, до доцниот Минг владиниот попис сè уште не го покажувал точно огромниот раст на населението. Изработувачите на индесјите низ империјата го забележале ова и направиле свои процени за вкупната популација во Кина, некои претпоставувале дека населението се зголемило двапати, трипати а можеби и петпати од 1368. Фербанк проценува дека населението можеби изнесувало 160 милиони во доцниот Минг, додека Брук проценува 175 милиони а Ебреј пак наведува бројка од можни 200 милиони. Сепак, голема епидемија која влегла во Кина од северозапад во 1641 ги опустошила густо населените области околу Големиот канал, а еден индекс во северен Џеџанг забележува дека повеќе од половина од населението се разболело таа година и дека 90 проценти од месното население во една област починало до 1642.