Тодор Чепреганов
Тодор Чепреганов (Штип, 20 септември 1955) — македонски историчар, научен советник и директор на Институтот за национална историја во Скопје[1].
Библиографија
Чепреганов е роден на 20 септември 1955 година во Штип, каде завршил основно училиште. Гимназија завршил во Скопје, а дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје на Група историја во 1979 година. Магистрирал во 1989 година на тема „Одгласот на ослободителната војна и револуција во Југославија во печатот на САД (1941-мај 1945) со осврт на Македонија“, а докторирал во 1993 година на тема „Велика Британија и македонското прашање во светлината на меѓународните односи (2 август 1944 - 1949)“, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во учебните 1995-2000 година во рамките на програмата „Study Abroad at UKIM“, го предавал предметот „Историја на балканските народи“. Бил раководител и соработник на 20 домашни и странски реализирани проекти од историјата на Балканот и Македонија. Декан е на последипломските студии на Институтот за национална историја и ангажиран во наставата на истите од 1998 година. Бил ментор на повеќе кандидати за магистерски и докторски дисертации; член на повеќе организации и асоцијации во земјата и странство; член на редакции на научни списанија; член на комисии од рамките на Министерството за образование и наука.
Библиографија
До 2010 има објавено 36 монографии, зборници на документи и учебници и над 50 статии во домашни и странски списанија. Има учествувано на над 80 научни собири во земјата и странство:
- Куманово и Кумановско во НОВ (1941 - 1945). Документи, Куманово, 1988 (со соавтори);
- Американскиот печат за НОВ во Југославија (1941 - 1945) - со осврт на Македонија, Скопје, 1992;
- Велика Британија и Македонија. Документи, т. I-III, 1944 - 1948, Скопје, 1995, 1996 и 1998;
- Велика Британија и македонското национално прашање (1944 - 1948), Скопје, 1997;
- Историски атлас, Скопје, 1998 (со соавтори);
- Британските воени мисии во Македонија 1942 - 1945, Скопје, 2000;
- Судирот на британските и германските интереси на Балканот во текот на Втората светска војна, Скопје, 2000;
- Британската управа за специјални операции (СОЕ) во Македонија, Скопје, 2001;
- Воените мисии на Соединетите Американски Држави во Македонија 1944 - 1945, Документи, т. I, Скопје, 2008
Наводи
- ↑ 50 години Институт за национална историја 1948-1998, Скопје, 1998, 149-150