Митровден
Митровден | |
---|---|
Фреска на Свети Димитриј на коњ во црквата „Св. Павле“ во парк Гиновци | |
Го празнува(ат) | Христијанските и нехристијански земји |
Вид | христијански |
Значење | Ден на Свети Димитриј Солунски |
Датум | 26 октомври/8 ноември |
Обичаи | домашни слави, ритуали |
Митровден (мес. Митроен) — голем христијански празник посветен на светиот великомаченик Свети Димитрија Солунски, кој се празнува на 8 ноември. Празникот се слави на целиот Балкански Полуостров. Традиционално, Митровден го означувал почетокот на студеното време (зимата). Така, на Митровден се најмувале полјаци, протуѓери, кметови итн., кои служеле до Ѓурѓовден.
Патрон
[уреди | уреди извор]Светиот великомаченик Димитрија, кој живеел во Солун, во III век. Бил син на градоначалникот, кој долго време немал деца и по долги молитви, добил син, кого го воспитувал според христијанските верувања. По смртта на татко му, Димитриј бил назначен за градоначалник на Солун. Во тоа време, христијанството не било признаено како државна религија, па царот го советувал Димитриј да постапува сурово кон христијаните, но тој ги подучувал нив како да се чуваат од паганите. За тоа дознал царот и кога дошол да се увери во вистината, Димитриј воопшто не одрекувал дека е христијанин, туку јавно ја презрел паганската религија на царот, поради што бил затворен. Со него се поврзани многу чуда, особено поврзани со одбраната на Солун од непријателите. Поради тоа, овој светец се смета за заштитник на Солун.[1]
Славење
[уреди | уреди извор]Освен вообичаениот обичај на носење леб и вино в црква (каде се осветува лебот), празникот се одбележува во семејството и за него не се поврзани некои посебни обичаи или обреди. Вечерта пред празникот се прави „заслуг“ (од заслужување) или „кана“ (од канење), при што поблиските се канат со лепче или со некој друг предмет. На денот на славата се дава ручек на кој се служат мрсни јадења, освен ако прзникот падне во ден кога се пости. Исто така, на гости се оди и следниот ден, претпладне. Инаку, сите луѓе кои се викаат Димитар, Димитрија, Диме, Митре или некоја друга варијанта, на овој ден слават именден, кој се прави навечер.[2]
Народни обичаи
[уреди | уреди извор]Народниот обичај наложувал денес да се остане дома. Се верувало дека оној којшто денес нема да биде дома, цела година ќе биде надвор од него и ќе преспива по туѓи домови. Постоело и верување дека ноќта пред Митровден мора да бидат завршени сите големи работи, посебно на поле и останати обврски кои се извршуваат надвор. Се сметало дека времето по Митровден е лажливо, односно дека зимата може во секој момент да изненади, па затоа се зацврстило мислењето дека лоша среќа е ако нешто се одложи да се заврши по големиот празник. За Митровден се верувало дека ќе се претскаже каква ќе била зимата. Ако денот бил сончев, наводно зимата ќе биде блага, со мал број ладни денови. Ако на Митровден паднело снег, се верува дека ќе се задржи сè до април. Во некои делови постоеле и верувања дека на Митровден не треба да се прекоруваат децата, колку и да згрешиле или биле безобразни, бидејќи наводно цела година ќе бидат непослушни.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Икона на Св. Димитриј Солунски во црквата „Св. Богородица - Пречиста“, Враништа. XVI в.
-
Св. Димитриј Милостив (Добродетел) икона од црквата „Св. Димитриј“ во Марковиот манастир
-
Руска икона