Прејди на содржината

Андроник II Палеолог

Од Википедија — слободната енциклопедија
Андроник II Палеолог
Ανδρόνικος Β' Παλαιολόγος
Византиски цар
На престол1272 – 1328
Крунисување1272
ПретходникМихаил VIII Палеолог (самостојно)
НаследникАндроник III Палеолог
Роден(а)25 март 1259
Никеја, Византија
Починал(а)13 февруари 1332 (72 години)
Цариград, Византија
СопружникАна
Ирина Монфератска
ДецаМихаил IX Палеолог
Константин
Јован
Теодора
Димитар
Симонида
Ирина
Полно име
Андроник II Дука Ангел Палеолог
ДинастијаПалеолози
ТаткоМихаил VIII Палеолог
МајкаТеодора Дукина Ватацина

Андроник II Палеолог (грчки: Ανδρόνικος Β 'Παλαιολόγος; 25 март 1259 во Никеја - 13 февруари 1332 во Цариград бил византиски цар во периодот од 1282 до 1328 година[1] од династијата на Палеолозите, син на Михаил VIII Палеолог.

Андроник II Палеолог бил крунисан за соцар од татко му Михаил VIII Палеолог во 1272 година и управувал заедно со него до 1282 година додека од 1295 до 1320 година Андроник II Палеолог управувал заедно со својот син Михаил IX Палеолог а во периодот меѓу 1321-1328 година водел меѓусебна војна против внукот Андроник III Палеолог.

Управување

[уреди | уреди извор]

Укинување на унијата

[уреди | уреди извор]

Андроник II Палеолог ги напуштил амбициозните потфати на својот татко, се придржувал кон православието и откако започнал со своето самостојно управување во 1282 година, ја укинал Лионската унија со Римската црква, склучена од Михаил VIII во 1274 година. Про-унијатскиот патријарх Јован XI Цариградски бил убеден да се повлече и е заменет со православниот поранешен патријарх Јосиф I Цариградски, кој се вратил од егзил. Така Андроник II целосно расчистил со унијатската политика што била спроведувана од неговиот претходник, којс довела до голем отпор и јавна поделеност внатре во византиското општество.

Внатрешна политика и реформи

[уреди | уреди извор]

Андроник II ја наследил државната каса на Византија во состојба на банкрот, поради големите воени трошоци на Михаил VIII. Царот ги ограниил фискалните привилегии на големите земјопоседници и ги зголемил даноците. Собраниот приход од негово време, во вредност од 1 милион перпери, бил само една седмина од овој во времето на Василиј II. Византискиот монетарен систем бил реформиран според западноевропските стандарди.

Недостатокот на парични средства го принудило на царот да преземе драстично штедење и да скрати голем дел од платената армија. Постојаната армија била сведена до 3,000 коњаници. Во 1285 година Андроник II престанал (фатално со оглед на последователните историски настани) со финансирањето на малата византиска воена флота од 80 бродови, која се наоѓала на Хелеспонт (просторот меѓу Босфорот и Дарданелите), бидејќи ги одвоил финансиските ресурси за воена интервенција за присоединување на Тесалија и Епир како и на грчките области по морето.

Однос со католичките земји

[уреди | уреди извор]

Поради воената и финансиска слабост на Византија, Андроник II се потпирал главно на дипломатијата за да обезбеди заштита на државните граници. Со својот втор брак со Ирина Монфератска во 1284 година, Андроник II ги осигурил легитимните права над Солунското Кралство, што практично веќе половина век било во рацете на Византијците, иако по традиција титулата Крал на Солун продолжела да ја носат семејството на Монферат, од чиј род во 1204 година биле именувани првите кралеви на Солун. Бидејќи никој од нејзините синови не ја добил титулата на престолонаследник (во 1294 година за таков бил прогласен Михаил IX Палеолог, син на Андроник II од неговиот прв брак), во 1303 година царката го напуштила Цариград и се населилила во Солун. Таму таа создала сопствен двор преку кој започнала да ги контролира финансиите на градот и во текот на 14 години водела сопствена надворешна политика како самостоен владетел.

За разлика од Михаил VIII, Андроник II не се сомневал за тоа каков баланс треба да поддржува меѓу конкурентите за воено-поморската, политичката и трговска превласт меѓу Венецијанската и Џеновската република. Неуспешното мешање на Византија во борбата помеѓу двете страни довело во почетокот на 14 век до зајакнување на нивното влијание во империјата. Кога започнала војна меѓу Венеција и Џенова, Андроник II застанал на страната на Џенова, со што се вовлекол во војна со Венеција од 1294 до 1302 година, иако Џенова склучила примирје и се повлекла од конфликтот во 1299 година, речиси лишена од воена флота, приморски територии и населението биле изложени на венецијански напади, додека на крајот во 1302 година бил склучен мир во замена за трговски попусти и привилегии во корист на Венеција.

Политика на Балканот

[уреди | уреди извор]

Во 1284 година византиските војници започнале успешен поход во Епир, но во 1290 година интервенцијата на српскиот крал ги спречила на Византија трајно да ја зацврстат контролата во овој регион, а во 1296 година бил изгубен и Драч, по поразот против Србите. Без доволно воени сили за да се спротивстави на српската експанзија, Андроник II понудил мир и династичка унија на српскиот крал Стефан II Милутин. Во 1297 година меѓу Византија и Српското Кралство започнале преговори за склучување на мировен договор, за крај на дваесетгодишната војна меѓу двете земји. Византија се согласила да ги признае српските територии во Македонија и Албанија на север од линијата Кроја-Охрид-Прилеп-Велес, кои крал Стефан II Милутин успеал да ги освои до 1284 година, а Српското кралство се согласило да ги врати сите земји на југ од оваа граница.

Неуспешни биле обидите на империјата да подгрева внатрешен сепаратизам и меѓусебни конфликти во Бугарското Царство. Во 1303-1304 година се водела војна меѓу Бугарија и Византија, откако царот Теодор Светослав ги освоил тврдините во североисточна Тракија и јужното крајбрежје на Црно Море, искористувајќи ги немирите на каталаните во Византија и инвазијата на монголските Татари во 1305 година. Византиската контраофанзива под команда на соцарот Михаил IX Палеолог подложила со неуспех во Битката кај Скафида, но воените дејствија завршиле дури во 1307 година со примирје.

Турска инвазија

[уреди | уреди извор]

Во Мала Азија Византиското Царство претрпела серија порази и отстапила територии на Турците по неколку порази во 1290-те години. До 1300 година поголемиот дел од претходните византиски територии во северозападна Анадолија, со исклучок на неколку градови, биле заземени од бројни мали независни муслимански држави (емирати или бејлици). По поразот во Битката кај Бафеј во 1302 година јасно се гледала критична состојба на византиската армија составена претежно од платеници и нередовна селска бригада. По 1296 година Византијците ја изгубиле Мизија, Смирна во 1310 година, Маниса во 1313 година. Како главни противници на Византија се издвоиле Османлиите, кои во 1326 година ја освоиле Бурса.

Каталонска кампања

[уреди | уреди извор]

По неуспесите на Византијците да се справат со сопствени сили, царот ги повикал каталонските војници на чело со Роже де Флор (1303-1304 година). Тој пристигнал во Цариград со 39 галии и 6500 луѓе, за да се бори со османлиските сили. Тој бил одведен во царското семејство, се оженил за ќерката на Иван Асен III и ја добил титулата мега-дукс и командант на армијата и морнарицата.

Каталонците имале успех и привремено ја задржиле турската офанзива во Витина, но откако не ја добиле платата која им била ветена, тие започнале со грабежи по византиските територии во Мала Азија. Кај византиските државници започнало да преовладува мислењето дека Роже има за цел да основа своја сопствена држава на овие простори.

Во 1305 година Роже де Флор е повикан во Едрене, каде иако бил воздигнат во чин на Кесарија, тој малку подоцна бил убиен за време на една гозба, заедно со повиканите витези (30 април 1305 година). Ова убиство довело до крвави погрони, познати како Каталонска одмазда: платениците кренале востание и се здружиле со Османлиите па заедно започнале со своите пустошења по источна Тракија во текот на две години. Напаѓачите биле поразени во 1308 година кај Солун. Во следните години, каталонската компанија ги нудела своите услуги на различни јужноевропски владетели, држејќи територии во денешна Грција, потоа ја зазеле Тесалија, Атинско Војводство (1311 година) и други области во Грција.

Граѓанска војна

[уреди | уреди извор]

Во периодот 1321 - 1328 година Византија била во граѓанска војна[2]. Во 1320 година починал престолонаследникот Михаил IX Палеолог, син на Андроник II и негов соцар (од 1295 година). Дел од аристократијата го воздигнал во 1321 година на престолот внукот на царот, синот на Михаил IX - Андроник III Палеолог, кој се зацврстил во Тракија. Андроник II бил принуден да ја признае власта на Андроник III над Тракија и Македонија и да го прифати за помлад соцар и престолонаследник во 1322 година.[3][4][5].

Граѓанската војна во Византија дала шанса на соседните владетели на Бугарија и Србија да извлечат корист, интервенирајќи во поддршка на едниот или другиот кандидат. Нова војна со променлив успех против Бугарите во Тракија се водела во 1322-1324 година, по катастрофалниот напад на Златната Орда. Во 1325 година Андроник III започнал опсада на Цариград и го принудил на Андроник II да го признае за регент и цар. Во 1326 година односите меѓу царевите дедо и внук станале уште повеќе непријателски. Во 1327-1328 година, Андроник III и бугарскиот цар Михаил III Шишман склучиле договор за заеднички воени дејствија против Андроник II и српскиот крал Стефан Дечански.

Во третата граѓанска војна, Андроник III победил во Битката кај Мавропотамо, го зазел Цариград и го соборил својот дедо од престолот. Во 1328 година најстариот цар владее само со Цариград и неговата околина. Напуштен од Стефан Дечански, тој побарал помош од бугарскиот цар. Андроник II набргу се разболел. Оставен без речиси никаква поддршка, тој бил принуден да се одрече од престолот и да стане монах. Починал во 1332 година.

  1. PLP, 21436. Παλαιολόγος, Ἀνδρόνικος II. Δούκας Ἄγγελος Κομνηνός.
  2. Ostrogorsky, p. 499.
  3. Fine (1994), p. 251
  4. Nicol (1993), p. 157
  5. Bartusis (1997), p. 87

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Bartusis, Mark C. (1997). The Late Byzantine Army: Arms and Society 1204–1453. University of Pennsylvania Press. ISBN 978-0-8122-1620-2.
  • „Andronicus II.“ , Encyclopædia Britannica, 9th ed., Vol. II, New York: Charles Scribner's Sons, 1878, стр. 23.
  • „Andronicus II.“ , Encyclopædia Britannica, 11th ed., Vol. I, Cambridge: Cambridge University Press, 1911, стр. 976.
  • Fine, John Van Antwerp (1994). The Late Medieval Balkans: A Critical Survey from the Late Twelfth Century to the Ottoman Conquest. University of Michigan Press. ISBN 978-0-472-08260-5.
  • Kazhdan, Alexander, уред. (1991). Oxford Dictionary of Byzantium. Oxford University Press. ISBN 978-0-19-504652-6.
  • Laiou, Angeliki E. (1972). Constantinople and the Latins: The Foreign Policy of Andronicus II, 1282–1328. Harvard University Press. ISBN 0-674-16535-7.
  • Κοντογιαννοπούλου, Αναστασία (2004). Η εσωτερική πολιτική του Ανδρονίκου Β΄ Παλαιολόγου (1282-1328). Διοίκηση - Οικονομία. Κέντρο Βυζαντινών Ερευνών Θεσσαλονίκη. ISBN 960-7856-15-5.
  • Nicol, Donald MacGillivray (1993). The Last Centuries of Byzantium, 1261–1453. Cambridge University Press. ISBN 978-0-521-43991-6.
  • Trapp, Erich; Beyer, Hans-Veit (2001). Prosopographisches Lexikon der Palaiologenzeit. I, 1–12, Add. 1–2, CD-ROM Version. Vienna: Verlag der Österreichischen Akademie der Wissenschaften. ISBN 978-3-7001-3003-1. Отсутно или празно |title= (help)
  • Treadgold, Warren T. (1997). A History of the Byzantine State and Society. Stanford University Press. ISBN 0-8047-2630-2.