Прејди на содржината

Кочо Матевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кочо Матевски
Кочо Матевски-Куршумот
Роден Крушица, Кичевско, Отоманско Царство
Починал 9 јули 1904
Горно Ѓуѓанци, Светиниколско, Отоманско Царство
Познат македонски револуционер

Кочо Матевски (познат како Куршумот или Крушичанецот; 9 јули 1904 во Горно Ѓуѓанци) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.[1]

Животопис

[уреди | уреди извор]
Споменик во негова чест во родното село

Војводата Кочо Матевски е роден во кичевското село Крушица.

Откако од неговото родно село била грабната девојката Дилба, како и Крста од соседното село Светораче, Кочо дошол до војводата Стојан Донски и еден од неговите четници и убиле тројца Турци. Потоа, веднаш бегаат во Белград, Србија.

Во Белград за запознал со бројни македонски емигранти и студенти. По некое време, заедно со Донски, добиле оружје и се вратиле во Македонија, каде создале вооружена чета. Иако бил под притисок на српската пропаганда, Кочо не ја прифатил и не се приклучил кон нив.

Кога се вратил во Македонија, станал член на Македонската револуционерна организација. За време на подготовките на Илинденското востание, Кочо Куршумот бил назначен за војвода и заедно со началникот на кичевскиот востанички реон, војводата Лука Ѓеров, и војводите Ванчо Србаков, Јордан Пиперката, Наќе Јанев Лавчанчето, Ѓорѓи Сугарев, Арсо Мицков и други вршат подготовки за борба со Османлиите. Кочо одел од село до село во Рабетинкол за да ги увери мештаните да ја отфрлат српската пропаганда и да се борат заедно.

На 22 јули 1903 година, војводата Кочо Куршумот со педесетина востаници го одвратил доаѓањето на османлискиот аскер и арнаутскиот башибозук. Пет дена подоцна, на 27 јули 1903 година Османлиите навлегуваат со пет табори аскер и ја разбиваат одбраната кај месноста Разбоиште, предводена од војводите Куршумот и Србаков. По напорниот отпор што востаниците го дале при што имале загуба од тринаесет свои четници, се повлекле високо кон планините. Навлегувањето на аскерот и башибозукот во Рабетинкол резултирало со опожарување на Рабетино, а селата Орланци, Речани, Миокази и Ижиште биле ограбени. Бесот бил истуран врз сѐ што било христијанско - многу жени биле обесчестени, а деца и старци убиени.

По задушувањето на востанието, војводата Кочо Куршумот учествува во собирање на оружјето и негово сокривање за понатамошни револуционерни дејствија. Потоа тој се засолнува во Бугарија.

На 9 јули 1904 година при своето враќање во Македонија, четите на војводите Кочо Куршумот, Атанас Бабата, Стојан Донски и Славејко Арсов се предадени и накодошени од страна на србоманите од село Кокошиње. Аскерот ги опколил и употребил силна артилерија и кавалерија. Борбата траела шест часа. Во неа погинуваат дваесетина револуционери. Убиени се војводата Кочо Куршумот и војводата Стојан Донски. Војвода Славејко Арсов бил ранет, но се самоубил. Исто така загинале и ресенските војводи Трајче Танев и Стефан Мешков Маврото.

  1. „Војводата Кочо Куршумот“. Македонска нација. Посетено на 2020-12-07.