Институт за национална историја
Институт за национална историја (ИНИ) — државна научна установа основана со уредба на владата на НР Македонија од 22 јули 1948 година, со основна задача да ја проучува историјата на Македонија и македонскиот народ, на народностите и на етничките групи што живеат во неа. Со посебен Закон за Институтот за национална историја од 1965 година поблиску се определени неговите задачи. Седиштето на Институтот за национална историја е во Скопје. За прв директор е именуван Митко Зафировски, а денешен директор на Институтот е д-р Драги Ѓоргиев.
ИНИ својата дејност ја остварува преку научноистражувачка, издавачка и наставна дејност (последипломските и докторските студии).
Историјат
[уреди | уреди извор]Институтот за национална историја низ годините минал низ неколку фази. Првата фаза е четиригодишниот период од 1944 до 1948 година, која се одликува со силно влијание на југословенската и советската историографска школа.[1] Темелите на идејата за создавање на Институт за национална историја биле псотавени на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година.[1] Бил формиран специјализиран Историски отсек при Главниот штаб на Југословенската армија, за Македонија, со задача да прибира и да подредува архивска граѓа.
Во почетокот на 1948 година, кога Институтот се наоѓал во фаза на организациско оформување, бил формиран Научен совет како претходница на Институтот.[1] Во напорите за прибирање изворни материјали и за формирање библиотечни фондови, најголем придонес имал еден од основоположниците на ИНИ, д-р Љубен Лапе, кој во 1946 година учествувал во преземање на библиотеката и архивата од Македонскиот научен институт во Софија, што е донесена во НР Македонија.
Институтот како самостојна научна институција бил формиран со Уредба бр. 8556, која Владата на НРМ ја потпишала на 20 јули 1948 година. Првото име гласело: Научен институт за национална историја на македонскиот народ, со седиште во Скопје.[1] Во оваа фаза се пристапило кон конципирање на модерната македонска историографија.
Во периодот од 1980-1990 година, започнал процесот на критичко превреднување на научните достигнувања на македонската историографија, и се појавил стремежот да се обработат некои „табу теми“ за кои Институтот во претходниот период воопшто не се произнесол.[1]
Во 2008 година бил донесен нов Закон за научно-истражувачка работа, а две години подоцна, Институтот го прилагодил својот Статут со Законот.
Одделенија
[уреди | уреди извор]Научноистражувачката дејност Институтот ја врши преку седум постојни одделенија:
- Одделение за античка и средновековна историја на Македонија (до 1371 година)
- Одделение за историјата на Македонија во време на османско-турското владеење (до почетокот на XIX век)
- Одделение за проучување на периодот на преродбенското и националноослободителното движење во XIX век до 1912 година
- Одделение за историјата на македонскиот народ (1913-1941)
- Одделение за историјата на македонскиот народ (1941-1991)
- Одделение за историјата на малцинствата на Балканот и иселеништвото
- Балканолошко одделение
Од 1957 година Институтот издава научно списание „Гласник”.
Директори на ИНИ
[уреди | уреди извор]- Митко Зафировски (1 август 1948 - 1 септември 1949)[2]
- Методија Соколоски (1 септември 1949 - 1 април 1950) (1 август 1956 - 1 декември 1960)
- Данчо Зографски (1 април 1950 - 1 октомври 1950) (1 април 1983 - 31 март 1986)
- Ѓорѓи Абаџиев (1 септември 1950 - 1 април 1952)
- Љубен Лапе (1 април 1952 - 1 август 1956)
- Александар Христов (1 декември 1960 - 1 декември 1964) (1 април 1979 - 1 април 1983)
- Михаило Апостолски (1 јануари 1965 - 31 декември 1970)
- Глигор Тодоровски (1 јануари 1971 - 31 декември 1974)
- Орде Иваноски (1 јануари 1975 - 1 мај 1979)
- Манол Пандевски (1 април 1986 - 3 април 1987)
- Владо Ивановски (15 април 1987 - 5 декември 1995)
- Новица Велјановски (5 декември 1995 - 2001)
- Тодор Чепреганов (2001 - 2012)
- Драги Ѓоргиев (2012 - сè уште)
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]Литература
[уреди | уреди извор]- д-р Марјан Димитријевски: „Историја на Институтот за национална историја“, Скопје, ИНИ, 2013 г.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Институт за национална историја Архивирано на 8 јули 2012 г.
|