Прејди на содржината

Книжевна критика

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Литературен критичар)

Книжевна критика — проучување, оценка и толкување на литературата. Модерната книжевна критика честопати добива информации од книжевната теорија, што е филозофска дискусија за нејзините методи и цели. Иако двете активности се тесно поврзани, книжевните критичари не се и не биле секогаш теоретичари. Контроверзно прашање е дали книжевната критика треба да се смета за одделно поле на истражување од книжевната теорија, или од книжевната рецензија. На пример, Водич во литературната мисла и критика на Џонс Хопкинс не прави разлика меѓу книжевната теорија и литературната критика и скоро секогаш ги користи термините заедно за да опише ист концепт. Некои критичари сметаат дека книжевната критика е практична примена на книжевната теорија, бидејќи критиката секогаш директно се занимава со посебните книжевни дела, додека теоријата може да биде поопшта и апстрактна. Книжевната критика честопати се објавува во есеи или во форма на книга. Академските книжевни критичари предаваат на катедрите за книжевност и објавуваат во академски журнали, а попопуларните критичари ги објавуваат своите критики во периодични списанија со поголем тираж, како „Тајмс литерари саплемент“, „Њујорк тајмс бук ривју“, „Њујорк ривју оф букс“, „Лондон ривју оф букс“, „Нејшн“ и „Њујоркер“.

Историја на книжевната критика

[уреди | уреди извор]

Класична и средновековна критика

[уреди | уреди извор]

Книжевната критика веројатно постои колку што постои книжевноста. Во 4 век п.н.е. Аристотел ја напиша „Поетика“, типологија и опис на книжевните форми со многу специфична критика на современите уметнички дела. „Поетика“ за првпат ги разви термините на миметизам и катарза кои сè уште се многу важни во книжевните студии. Платон ја нападна поезијата како имитативна, секундарна и погрешна. Во исто време Барата Муни, во неговото дело Натија шастра напиша книжевна критика за древната индиска литература и санскрит драма.

Подоцнежната класична и средновековна критика честопати се сосредоточуваше на религиозни текстови, а неколку долги религиозни традиции на херменевтика и егзегеза (толкување) има длабоко влијание врз проучувањето на световните текстови. Ова посебно важеше за книжевните традиции на трите аврамски религии: еврејска книжевност, христијанска книжевност и исламска книжевност.

Книжевната критика исто така се користеше во други форми во средновековната арапска литература и арапска поезија од 9 век, посебно од Ал-Џазиз во неговото дело ал-Бајан ва-л-табуин и ал-Хавајан и од Абдула ибн ал-Мутаз во неговото дело Китаб ал-Бади.

Ренесансна критика

[уреди | уреди извор]

Книжевната критика во ренесансата ги разви класичните идеи на единство на формата и содржината во книжевниот неокласицизам, со што прогласи дека книжевноста зафаќа централно место во културата, па на поетот и на авторот им го довери зачувувањето на долгата книжевна традиција. Раѓањето на ренесансната критика беше во 1848 година, со навраќање на класичните текстови, посебно латинскиот превод на „Поетиката“ на Аристотел од Џорџо Вила. Делото на Аристотел, посебно „Поетиката“ беше најважно влијание врз книжевната критика до доцниот 18 век. Лодовико Кастелветро беше еден од највлијателните ренесансни критичари кои напишале коментари за „Поетиката“ на Аристотел во 1570 година.

Критика од XIX век

[уреди | уреди извор]

Британското романтичарско движење во раниот 19 век воведе нови естетски идеи во книжевните студии, вклучувајќи ја идејата дека предметот на книжевноста не мора секогаш да биде прекрасен, благороден или совршен, но дека самата книжевност може да подигне обична тема до степен на возвишеност. Германскиот Романтизам, што уследи кратко по развојот на германскиот Класицизам ја нагласи естетиката на фрагментацијата што може на читател на англиска литература да му се чини изненадувачки модерна и духовитоста ја вреднуваше повеќе отколку сериозниот англофонски романтизам. Доцниот 19 век им донесе слава на автори, кои беа попознати по критичките текстови отколку по нивните сопствени книжевни дела, како Метју Арнолд.

Нова критика

[уреди | уреди извор]

Без оглед на тоа колку биле важни сите овие претходни естетски движења, актуелните идеи за книжевната критика скоро целосно потекнуваат од новите насоки во почетокот на 20 век. На почетокот на векот критичката школа позната како Руски формализам, а малку подоцна и Нова критика во Британија и Америка станаа доминантни во книжевните студии и дискусии. И двете школи го нагласуваа темелното читање на текстовите, што го издигнуваа над општите дискусии и шпекулации за намерата на авторот (без да се каже нешто за психологијата или биографијата на авторот, што станаа скоро табу теми) или реакцијата на читателот. Оваа сосредоточеност на формата и прецизното внимание на „самите зборови“ опстана и по пропаѓањето на овие критички доктрини.

Во 1957 година Нортроп Фрај го објави влијателното дело Анатомија на критиката. Во своите дела Фрај забележува дека некои критичари тежнеат да ја прегрнат идеологијата и да ги проценуваат книжевните дела врз основа на нивното придржување до таа идеологија. Ова е мошне влијателен став меѓу модерните конзервативни мислители. И. Мајкл Џоунс во Дегенативна модерност расправа дека Стенли Фиш, под влијание на своите прељуби ја отфрлил античката литература во која се осудува прељубата, додека во Политички некоректен водич во англиската и американската книжевност, Елизабет Кантор расправа дека на денешните предмети по книжевност на колеџ, политичката коректност сосема го истисна квалитетот како основа при одлучувањето што да се учи.

Во британската и во американската книжевност Новата критика беше помалку или повеќе доминантна до доцните 1960-ти години. Во тоа време англо-американските универзитетски катедри за книжевност станаа сведоци на порастот на поексплицитна филозофска книжевна теорија, под влијание на структурализмот, потоа пост-структурализмот и други видови континентална филозофија. Тоа продолжи до средината на 1980-тите години, кога достигна врв интересот за „теорија“. На многу подоцнежни критичари иако несомнено сė уште се под влијание на теоретската работа, им беше згодно едноставно да ја толкуваат книжевноста наместо експлицитно да пишуваат за методологијата и филозофските претпоставки.

Историја на книгата

[уреди | уреди извор]

Историјата на книгата е поврзана со другите форми на книжевна критика, таа е поле на интер-дисциплинарно проучување и користи методи од библиографијата, културната историја, историјата на книжевноста и теоријата на медиуми. Претежно поврзана со создавањето, тиражот и приемот на текстовите и нивните материјални форми, историјата на книгата бара да се поврзат формите на текстуалноста со нивните материјални аспекти.

Во рамки на проблематиката со која се занимава книжевната историја, што се испреплетува со историјата на книгата, се: развојот на авторството како професија, формирањето читателска публика, ограниченост на цензура, заштита на авторски права и економика на книжевна форма.

Актуелна состојба во книжевната критика

[уреди | уреди извор]

Денешниот интерес во книжевната теорија и континенталната филозофија на универзитетските катедри за книжевност постои заедно со поконзервативна книжевна критика што веројатно ќе беше одобрено од Новата критика. Горките несогласувања околу целите и методите на книжевната критика, што ги карактеризираше и двете страни на критичарите за време на „подемот“ на теоријата, опадна (иако сè уште се случуваат) и многу критичари сметаат дека сега имаат поголем избор на методи и пристапи.

Некои критичари претежно работат со теоретски текстови, додека други читаат традиционална литература; сė уште е голем интересот за книжевниот канон, но многу критичари се заинтересирани за малцинството и за женската литература, додека некои критичари, под влијание на културните студии, читаат популарни текстови како стрипови или палп/жанр фикција. Екокритичарите гледаат врска меѓу книжевноста и природната наука. Многу книжевни критичари исто така работат на филмската критика или на медиумските студии. Некои пишуваат интелектуална историја; а други резултатите и методите од социјалната историја ги приближуваат до белетристиката