Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Доситеј II
г.г. Доситеј II | |
---|---|
Ракоположен | 4 октомври 1958 |
Службата завршила | 20 мај 1981 |
Претходник | „нема“[1] |
Наследник | Ангелариј |
Лични податоци | |
Роден | 7 декември 1906 |
Починал | 20 мај 1981 |
Други папи наречени Доситеј |
Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Доситеј II (Маврово, Гостиварско, 7 декември 1906 - Скопје, 20 мај 1981) — прв архиепископ Охридски и Македонски на возобнената Македонска православна црква - Охридска Архиепископија[2] и, според МПЦ-ОА, наследник на Арсениј II.
Целиот свој живот го посветил на службата на црквата. Тој будно го следел решението на македонското црковно прашање и вложувал максимални усилби за негово разрешување преку обновата на Охридската архиепископија и создавањето на Македонската православна црква. На вториот црковно-народен собир, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година, бил избран за поглавар на МПЦ во обновената Охридска архиепископија. Под негово раководство бил свикан Третиот црковно - народен собир, одржан на 18 јули 1967 година, на кој МПЦ е прогласена за автокефална.
Рани години
[уреди | уреди извор]Доситеј е роден на 7 декември 1906 година во селото Маврово.[3] Неговото крстено име е Димитар Стојковски, а се родил како четврто дете од осумте деца на Лазар и Софија. Израснал под планината на Бистра.[4][5] Богословија започнал да учи во Сремски Карловци во 1922 година, а се замонашил во 1924 година, на 17 години, во „Св Богородица Пречиста“, Кичевско. Негов духовен татко бил игуменот Григориј. По одредените подготовки, Доситеј заминал за Света Гора, каде улогата на духовен татко, ја презел игуменот Митрофан од манасторот „Хилендер“. Доситеј останал на Света Гора до 1932 година, кога заради потребата од дошколување заминал во Битолската богословија. Како монах Доситеј престојувал и во манастирите Свети Наум во Охрид, „Св. Богородица (Трескавец), Буковскиот манастир и други. Во меѓувреме, на 12 гевруари 1934 година, од страна на владиката Николај, во црквата "Св. Богородица" во Битола, Доситеј бил произведен на ераѓакон, додека на Цветници го примил еромонашкиот чин.
Доситеј длабоко во себе бил свесен за своето потекло. Обидите на епископот Николај Велимировиќ и од митрополитот Јосиф, да го одродат и да го преобразат Доситеј, а преку него и да ја шират големосрпската пропаганда не успеале. Богословијата во Битола ја завршил во 1937 година, а истата година Српската православна црква (СПЦ) не му доделила стипендија за да се запише на Теолошкиот факултет во Белград. Сепак бил прифатен од нишкиот епископ Доситеј, кој го примил во служба што му овозможило паралелно да студира на Теолошкиот факултет во Белград и да дипломира во 1942 година.
Период по војната
[уреди | уреди извор]Како последица на промените во Македонија за време на Втората светска војна, во СПЦ настанале превирања. СПЦ сакала да ја спроведе старата српска црковна политика и да го врати во Македонија стариот митрополит скопски Јосиф. Доситеј, прво го отстраниле од црквата и го испратиле да управува со патријаршискиот двор во Сремски Карловци. Таму останал до 1949 година, кога прво добил титула архимандрит, а подоцна бил избран за епископ топлички – викарен на Српскиот патријарх Викенти. Хиротонијата за викарен епископ се одржала на 22 јули 1951 година.
Доситеј ја разбрал политиката на СПЦ и отворено се спротивставувал на ваквите намери. Во тоа време интензивно комуницирал со Иницијативниот одбор за организирање и за формирање на Македонската православна црква. Најголем дел од членови во Одборот биле македонски свештеници, кои по војната останале со народот и ја споделувале неговата судбина. На иницијатива на Одборот во декември 1951 година, Доситеј со благослов на српскиот патријарх Викентиј, ја посетил родната грутка. Тоа бил значаен датум за Македонците, бидејќи по ослободувањето во 1945 година, првпат земјата ја посетил некој македонски владика. Посетата на Доситеј во Македонија предизвикала негативни реакции кај екстремното свештенство на СПЦ, а по неговото враќање во Белград, било дочекан на нож од поранешниот скопски митрополит Јосиф.
По посетата, Доситеј и Иницијативниот одбор ги интензивирале контактите при што се договарале за секој чекор поврзан со црковното осамостојување и возобновување на Охридската архиепископија. Во преговорите кои започнале помеѓу Иницијативниот одбор и Српската патријаршија, главно разговорите се воделе околу изборот на епархиските архијереји за испразнетите македонски епархии. Додека СПЦ инсистирала на враќање на нејзините стари епископи, пред се, на митрополитот Јован (поранешен четнички војвода и познат по својата асимилаторска политика), дотогаш Иницијативниот одбор решително се залагал на испразнетите места да дојдат Македонски епископи.
Во 1957 година во кординација со Доситеј, Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ се согласил со СПЦ да ја усогласи организацијата во македонските епархии, во согласност со Уставот на СПЦ, а на патријархот српски Викентиј да му се признае статус администратор на трите епархии. Истовремено Синодот на СПЦ се обврзал на наредното Собрание на Светиот архијерејски собир (во мај 1958 година) да се изврши избор на Македонци архијереји за сите три епархии. Иницијативниот одбор сметал дека на ваков начин конечно ќе се оствари идејата на Првиот македонски црковен народен собир од 1945 година и на Свештеничкото собрание на македонските свештеници од 1946 година.
По договорот меѓу Одборот и Доситеј во април 1958 година, во канонска визитација на Македонија била висока црковна делегација на СПЦ, која ја претставувале патријархот Викентиј, епископот Јован, епископот Хризостон и викарниот епископ Доситеј. За време на оваа посета било покренато македонското црковно прашање. Но неочекувано, за разлика од изјавите на патријархот Викентиј при посетата на Македонија, во мај 1958 година, Светиот архијерејски синод на СПЦ донел спротивни одлуки.
По ваквото нагло свртување на политиката на СПЦ, Одборот одлучил да свика Црковно-народен собир на кој ќе поднесе извештај за својата работа, но и да ја возобнови Охридската архиепископија. За тоа се правеле сериозни подготовки и во јули 1958 година бил свикан Собирот. Тоа било едно од најсложените прашања, кои требало да бидат во согласност со канонските правила, но и според желбите на народот кој барал идниот поглавар да биде Македонец. Единствена соодветна личност со совршено минато, монашко искуство и безброј искушенија бил самиот Доситеј.
Вториот црковно-народен собор се одржал во Охрид на 4 октомври 1958 година. На собирот учествувале вкупно 219 делегати (свештеници и мирјани). На соборот во црквата „Св Софија“ била донесена Одлуката за возобновување на Охридската архиепископија.
Архиепископ на македонската црква
[уреди | уреди извор]Откако се донела Одлука за возобновување на Охридската архиепископија, а во согласност на одлуката изборот на митрополитот и епархиските архијереји да биде од средината на своите домашни синови, Доситеј бил предложен за прв поглавар на Македонската православна црква и едногласно бил избран со титула Архиепископ Охридски и Скопски и прв Митрополит Македонски. За време на изборот биеле сите канбани во Охрид. По појавувањето на Доситеј во Света Софија, Нестор Поповски официјално му ја соопштил Одлуката за возобновување на Охридската архиепископија и Одлуката за избор на прв поглавар на Македонската православна црква.
Во негово време од темел била возобновена Црквата, со сите нејзини витални органи: епархиите, епископатот, свештенството, црковните општини во татковината и во дијаспората, црквите и манастирите, образованието и просветата. Во 1967 била отворена Богословијата, а во 1977 година Богословскиот факултет во Скопје.
Починал на 20 мај 1981 година.
Библиографија
[уреди | уреди извор]Книги за Архиепископот Доситеј:
[уреди | уреди извор]- Возобновителот (Скопје, 2021)
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Македонската Православна црква госмета за директен наследник на Арсениј II
- ↑ Ilievski, Done (1995). Arhiepiskop ohridski i makedonski Dositej. Matica makedonska.
- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Доситеј“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 485. Text "series " ignored (help)
- ↑ „Архиепископот Доситеј – првиот поглавар на МПЦ – ОА (8)“. Македонска нација. Посетено на 2022-06-22.
- ↑ Gostivarpress.mk (2021-12-25). „Објавена монографија во чест на мавровецот Архиепископ Доситеј | Gostivarpress.mk“. gostivarpress.mk. Посетено на 2022-06-22.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]Претходник „нема“ (Арсениј II) |
Архиепископ Охридски и Македонски 1958–1967 |
Наследник Ангелариј |