Прејди на содржината

Пеење

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Пејач)
Хари Белафонте 1954

Пеењето е акт за производство на музички звуци со гласот, го проширува обичниот говор со употреба на тоналитет и ритам. Човек кој пее се вика пејач или вокалист. Пејачите изведуваат музика позната како песни, кои можат или да се отпеат а капела (без придружба) или придружени од музичари и инструменти, почнувајќи од еден инструменталист, па сè до комплетен симфониски оркестар. Може да се пее во група со други музичари, како на пример во хор со пејачи кои имаат различни вокални дијапазони, или во ансамбл со инструменталисти, како на пример во рок група или барокен ансамбл. Скоро секој кој може да зборува може и да пее,бидејќи во многу аспекти пеењето е форма на континуиран говор. Пеење може да биде неформално, само за забава, на пример, пеење под туш или караоке или тоа може да биде многу формално, како во случај, пеење за време на верски ритуали како што е мисата или професионално пеење кое обично се изведува на сцена или во студио. Професионалното пеење обично бара настава и редовна пракса. Професионалните пејачи обично ја градат својата кариера во еден специфичен музички жанр, како што се класичен или рок и во текот на нивната кариера земаат часови по пеење.

Човековиот глас

[уреди | уреди извор]
Анатомски дијаграм на гласните жици.

Во својот физички аспект, пеењето има добро дефинирана техника која зависи од употребата на белите дробови, кои служат за довод на воздух; од гркланот, кој има функција на вибратор; од градите и главата, кои имаат функција на засилувачи, како цевка во дувачки инструмент, и јазикот, кој заедно со непцето, забите и усните ги творат самогласките и согласките. Иако овие четири механизми функционираат самостојно, тие сепак се координирани во воспоставување на вокална техника и се направени за да комуницираат еден со друг. За време на пасивното дишењето, воздухот се вдишува со помош на дијафрагмата, а издишување се случува без никаков напор. Издишувањето може да биде помогнато од страна на стомачните, внатрешните меѓуребрени и долните карлични мускули. Вдишувањето е помогнато од надворешните меѓуребрени, скаленски мускули и стерноклеидомастоидниот мускул. Висината на звукот се менува со гласните жици. Артикулирање со затворена уста се нарекува потпевнување.

Звукот кај секој поединец е сосема уникатен, не само поради големината и формата на гласните жици, туку и поради големината и формата на остатокот од телото на поединецот. Луѓето имаат гласни жици кои можат да се олабават, затегнат, или да ја сменат дебелина, и преку кои здивот може да се пренесе со различен притисок. Обликот на градите и вратот, позицијата на јазикот, и затегнатоста на неповрзаните мускулите може да се промени. Која било од овие акции резултира со промена на висината, гласноста, бојата на самиот тон на продуцираниот звук. Звукот, исто така, одекнува во различни делови од телото, а големината на поединецот и коскената структура може да влијаат на звукот создаден од страна на поединецот.

Пејачите, исто така, можат да научат да го проектираат звукот на одреден начин, за да одекнува подобро во рамките на нивниот вокален тракт. Ова е познато како вокална резонанција. Големо влијание врз создавањето на звукот е функцијата на гркланот, со која луѓето можат да манипулираат на најразлични начини за да создадат различни звуци. Овие различни видови на ларингеалната функција се опишани како различни видови на вокални регистри. Примарниот метод за пејачите да го постигнат ова е употребата на вокалниот формант, кој на спектограмот покажал акустична резонанција за најосетливите делови од увото.

Вокална регистрација

[уреди | уреди извор]

Вокална регистрација се однесува на системот на вокални регистри во човечкиот глас. Регистри во човечкиот глас се одредена серија на тонови, кои се создадени во истиот вибрационен модел на гласните жици и кои го поседуваат истиот квалитет. Регистрите потекнуваат од ларингеалната функција. Тие се јавуваат бидејќи гласните жици можат да создаваат неколку различни вибрациони модели. Секој од овие вибрациони модели се појавува во одреден дијапазон и произведува одредени карактеристични звуци. Терминот „регистар“ може да биде малку конфузен бидејќи опфаќа неколку аспекти на човечкиот глас. Терминот регистар може да се користи за следново:

  • Одреден дел од вокалниот дијапазон како што се горните, средните, или пониските регистри.
  • Резонантна област, како што се главовиот глас или градниот глас.
  • Процесот на фонација (фонација е процес на создавање на вокалните звуци со треперење на гласните жици, поттикнати од страна на резонанцијата на гласниот тракт)
  • Одредена боја на тон
  • Регион на гласот што е дефиниран или ограничен од страна на вокални паузи.

Во лингвистиката, регистар е јазик кој ги комбинира тонот и вокалната фонација во еден фонолошки систем. Во рамките на патологијата на говор, терминот вокален регистар има три составни елементи: одреден вибрационен модел на гласните жици, одредена серија на висини, како и одреден вид на звук. Логопедите идентификуваат четири вокални регистри врз основа на физиологијата на ларингеалната функција: слободен вокален регистар, модален регистар, фалсето регистар и флаголет. Ова гледиште е исто така, усвоено од страна на многу вокални педагози.

Вокална резонанција

[уреди | уреди извор]

Вокална резонанција е процесот со кој на основниот производ на фонацијата му е проширена бојата на тонот и / или појачана од воздушните шуплини низ кои минува. Разни термини поврзани со процесот на резонанција вклучуваат засилување, збогатување, проширување, подобрување, интензивирање и продолжување. Крајниот резултат на резонанцијата е од пејачот или звучникот да се добие подобар звук. Постојат седум области кои можат да бидат наведени како вокални резонатори. Во низа од најнискиот до највисокиот вокален резонатор во телото, овие области се градите, душникот, гркланот, голтникот, усната шуплина, носната шуплина и синусите.

Граден глас и главов глас

[уреди | уреди извор]

Граден глас и главов глас се термини кои се користат во рамките на вокалната музика. Употребата на овие термини варира во рамките на вокалните педагошки кругови и во моментов никој од музичките професионалци нема дадено доследно мислење во однос на овие термини. Градниот глас може да се користи во однос на одреден дел од вокалниот дијапазон или тип на вокален регистар, вокална резонантна област, или специфична вокална боја на тон. Главовиот глас може да се користи во однос на одреден дел од вокалниот дијапазон или тип на вокален регистар.

Историја и развој

[уреди | уреди извор]

Првото споменување на поимите граден и главов глас е околу 13-от век, кога се одделени од "грлениот глас" (гради, грло, глава - во тоа време веројатно е дека за висок глас се сметал фалсето регистарот) од страна на писателите Јоханес де Гарландиа и Џером од Моравија. Поимите подоцна се усвоени во бел канто, методот за пеење во италијанската опера, каде градниот глас e идентификуван како најнизок и главовиот глас за највисок од трите вокални регистри: граден, грклан и главов регистар. Овој пристап сè уште се изучува од страна на некои вокални педагози и денес. Друг популарен пристап моментално кој се заснова на бел канто моделот е да се поделат и машките и женските гласови во трите регистри. Машките гласовите се поделени во: граден регистар, главов регистар и фалсето регистар и женските гласови во: граден регистар, среден регистар и главов регистар. Таквите педагози учат дека главовиот регистар е вокална техника која се користи во пеењето за да се опише резонанцијата почувствувана во главата на пејачот.

Сепак, познавањето на човечката психологија е проширено во текот на изминатите две стотини години, а така расте и разбирањето на физичкиот процес на пеење и вокална продукција. Како резултат на тоа, многу вокални педагози, како Ралф Апелман на Универзитетот во Индијана и Вилијам Венард на Универзитетот во Јужна Калифорнија, ги редефинирале, или дури и се откажале од употребата на термините граден глас и главов глас. Особено, употребата на поимите главов регистар и граден регистар станале контроверзни бидејќи вокалната регистрација се почесто се гледа како производ на ларингеалната функција која не е поврзана со физиологијата на градите, белите дробови и главата. Поради оваа причина, многу вокални педагози тврдат дека е бесмислено да се зборува за регистри создадени во градите или главата. Тие тврдат дека вибрационите сензации што се чувствуваваат во овие области се резонантни појави и треба да бидат опишани со поими поврзани со вокалната резонанција, а не со регистрите. Овие вокални педагози ги претпочитаат поимите граден глас и главов глас пред поимот регистар. Ова гледиште верува дека проблемите коишто луѓето ги идентификуваат како проблеми со регистрите се навистина проблеми на резонантно приспособување.Ова гледиште исто така се усогласува со ставовите на другите научни области кои ја изучуваат вокалната регистрација, вклучувајќи: говорната патологија, фонетика и лингвистика. Иако и двете методи сè уште се во употреба, актуелната вокална педагошка практика има тенденција да ги усвои поновите научни погледи. Исто така, некои вокални педагози земаат идеи од двете гледни точки.

Современата употреба на терминот граден глас често се однесува на специфичен вид на вокален колорит или вокална боја на тон. Во класичното пеење, неговата употреба е целосно ограничена на долниот дел од модалниот регистар или нормален глас. Во рамките на други форми на пеење, градниот глас често се користи во модалниот регистар. Бојата на тон од градите може да додаде прекрасен спектар на звуци на вокалната палета на пејачот. Меѓутоа, употребата на премногу силен граден глас во високите регистри во обид да се добијат подобри критики, може да доведе до форсирање во градите. Форсирањето како последица може да доведе до вокална деградација.

Класификација на гласовите

[уреди | уреди извор]

Во европската класична музика и опера, гласовите се третират како музички инструменти. Композиторите кои пишуваат вокална музика мора да имаат разбирање за вештините, талентот, и вокалните особини на пејачот. Класификација на гласовите е процес преку кој човечките гласови се проценуваат и се поделени во видови. Овие квалитети вклучуваат, но не се ограничени од: вокален дијапазон, вокална тежина, вокална теситура, вокална боја на звук, и вокални точки на транзиција, како што се паузи и кревања во гласот. Други фактори се физичките одлики, говорно ниво, научно тестирање и вокална регистрација. Науката, и покрај класификацијата на гласот развиена во рамките на Европската класична музика, била бавна во адаптирањето на помодерни форми на пеење. Класификацијата на гласот често се користи во рамките на операта за да ги поврзи можните улоги со потенцијалните гласови. Во моментов има неколку различни системи во употреба во рамките на класичната музика меѓу кои: германскиот Фах систем и системот на хорска музика. Ниту еден систем не е универзално применет или прифатен.

Меѓутоа, повеќето системи на класична музика познаваат седум различни, главни вокални категории. Женските обично се поделени во три групи: сопран, мецосопран и алт. Машките обично се поделени во четири групи: контратенор, тенор, баритон и бас. За гласовите на децата во пред пубертетска возраст, се применува поимот сопран. Во рамките на секоја од овие главни категории, постојат неколку под-категории, кои разликуваат специфични вокални квалитети, како колоратура и вокална тежина поради кои се разликуваат гласовите.

Треба да се напомене дека во рамките на хорската музика, гласовите на пејачите се поделени само врз основа на вокалниот дијапазон. Хорската музика најчесто ги дели вокалните делови на високи и ниски гласови во рамките на полот (САТБ или сопран, алт, тенор, бас). Како резултат на тоа, типичната хорска ситуација овозможува добивање на неправилна класификација. Повеќето луѓе имаат среден глас, но тие мора да бидат класифицирани во еден дел од хорот кој е или премногу висок или премногу низок за пеење за нив; мецосопранот мора да пее сопран, или алтот и баритонот мора да пеат тенор или бас. Било која од овие опции може да му претставува проблем на пејачот, но за повеќето пејачи има помалку опасности во пеење премногу ниско, отколку во пеење премногу високо.

Во рамките на современите форми на музика (понекогаш се нарекува современа комерцијална музика), пејачите се класифицираат според стилот на музика што го пеат, како што се џез, поп, блуз, соул, кантри, фолк и рок стиловите. Моментално нема авторитативен систем на класификација во не-класичната музика.Се прават обиди за да се усвојат класичните поими во другите форми на пеење, но таквите обиди наидоа на контроверзии. Класификацијата на гласовите е направена со мислење дека пејачите ќе користат класична вокална техника во одреден опсег користејќи вокална продукција без микрофон. Бидејќи современите музичари користат различни вокални техники и микрофони и не се принудени да се вклопат во одредена вокална улога, употребата на такви поими како сопран, тенор, баритон итн може да биде погрешна, па дури и неточна.

Вокална педагогија

[уреди | уреди извор]

Вокална педагогија е наука за подучување на пеење. Уметноста и науката на вокалната педагогија имаат долга историја која започнала во Стара Грција и продолжува да се развива и менува и денес. Професиите кои се занимаваат со уметноста и науката на вокалната педагогија се: вокални учители, хорски директори, учители по музичко образование, оперски режисери и други наставници по пеење.

Концептите на вокалната педагогија се дел од развој на соодветна вокална техника.Типични области на студии го вклучуваат следново:

  • Анатомија и физиологија на човекот која е поврзана со физичкиот процес на пеење
    • Здравје и говорни нарушувања поврзани со пеење
    • Дишење и поддршка на дишење
    • Фонација
    • Вокална резонанција или пак проекција на глас
    • Вокална регистрација: одредена серија на тонови, кои се создадени во истиот вибрационен модел на гласните жици, и кои го поседуваат истиот квалитет, кои потекнуваат од ларингеалната функција, бидејќи секоја од овие вибрациони модели се појавува во одреден дијапазон и произведува одредени карактеристични звуци.
    • Вокална класификација(класификација на гласовите)
  • Вокални стилови
    • Tехники кои се користат во стиловите, како на пример состенуто и легато, зголемување на дијапазонот, квалитет на тонот, вибрато и колоратура.

Вокална техника

[уреди | уреди извор]

Пеењето со соодветна вокална техника е интегриран и координиран чин кој ефикасно го координира физичкиот процес на пеење. Постојат четири физички процеси кои се вклучени во создавањето на звукот: дишење, фонација, резонанција и артикулација. Овие процеси се случуваат во следниот редослед:

  1. Се зема здив
  2. Звукот се иницира во гркланот
  3. Вокалните резонатори го примаат звукот и влијаат врз него
  4. Артикулаторите го оформуваат звукот во препознатливи единици

Иако овие четири процеси често се разгледуваат одделно при изучувањето, во практиката тие се спојуваат во една координирана функција. Делотворниот пејач или говорител ретко размислува за овие процеси затоа што неговиот ум и тело се така координирани да ја приметуваат само конечната единствена функција. Многу вокални проблеми се резултат на недостаток на координација во рамките на овој процес.

Бидејќи пеењето е координиран чин, тешко е да се дискутира за која било од поединечните технички области и процеси без да се поврзи со другите. На пример, фонацијата доаѓа во перспектива кога е поврзана со дишењето; на артикулаторите влијае резонанцијата; резонаторите влијаат на гласните жици; гласните жици влијаат врз контролата на дишење, и така натаму. Вокалните проблеми често се последица на дефект во еден дел од тој координиран процес кој предизвикува наставниците по пеење често интензивно да се фокусираат на една област на процесот со нивниот ученик сè додека тој проблем не е решен. Како и да е, некои области од уметноста на пеење се толку многу резултат на координирани функции што е тешко да се разговара за нив врз основа на традиционална фонацијата, резонација, артикулација, или дишење.

Откако ученикот станува свесен за физичките процеси кои го сочинуваат пеењето и за тоа како тие процеси функционираат, тој започнува да ги координира. Неизбежно, учениците и наставниците повеќе ќе се посветат на една област на техниката отколку на друга. Различните процеси може да напредуваат со различна брзина, како резултат на нерамнотежа или недостаток на координација. Областите на вокална техника кои се смета дека најмногу зависат од способноста на ученикот да ги координира различните функции се:

  1. Проширување на вокалниот дијапазон до неговиот максимален потенцијал
  2. Развивање на доследна вокална продукција со доследен квалитет на тон
  3. Развивање на флексибилност и подвижност
  4. Постигнување на рамномерно вибрато

Развивање на гласот

[уреди | уреди извор]

Пеењето е вештина која бара високо развиени мускулни рефлекси. Пеењето не бара многу мускулна сила, но бара висок степен на координација на мускулите. Поединци може да ги развијат своите гласови повеќе преку внимателно и систематско вежбање на песните и вокални вежби. Вокалните педагози ги учат своите ученици да ги користат своите гласови на интелигентен начин. Пејачите треба постојано да размислуваат каков вид на звук создаваат и како се чувствуваат додека пеат. Вокалните вежби имаат неколку цели, вклучувајќи подготовка на гласот, зголемување на вокалниот дијапазон и стекнување на вокални техники, како што легато, стакато, контрола на динамиката, брзи фигурации, пеење во високи интервали, пеење трилови и корегирање на вокалните грешки.

Проширување на вокалниот дијапазон
[уреди | уреди извор]

Важна цел во развојот на вокалната техника е да се научи да се пее во природните граници на вокалниот дијапазон, без никакви очигледни промени на квалитетот или техниката. Вокални педагози го учат пејачот да ја постигне оваа цел, кога сите физички процеси кои се вклучени во пеењето (како ларингеалната акција, одржување на здивот, резонантно прилагодување, и артикулаторните движење) ефикасно работат заедно. Повеќето вокални педагози веруваат дека со координирањето на овие процеси се создаваат добри вокални навики и удобно пеење, а потоа и постепено проширување на дијапазонот.

Има три фактори кои значително влијаат на способноста за пониско или повисоко пеење:

  1. Енергетскиот фактор – овде употребата на зборот „енергија“ има неколку конотации. Се однесува на вкупниот одговор на телото за создавање на звук; на една динамична врска меѓу мускулите за вдишување и мускулите за издишување; количината на притисок при дишењето пренесен во гласните жици и нивниот отпор кон тој притисок; и на нивото на динамичен звук.
  2. Просторен фактор - „простор“ се однесува на големината на внатрешноста на устата и позицијата на непцето и гркланот. Општо земено, колку пејачот пее повисоко, толку пошироко треба да ја отвора устата. Внатрешниот простор или позиција на мекото непце и гркланот може да се прошират со опуштање на грлото. Вокалните педагози го опишуваат ова чувство како „почеток на прозевање“.
  3. Длабочински фактор – во овој случај, „длабочината“ има две конотации. Се однесува на реалните физички сензации на длабочина во телото и вокалниот механизам, и на менталниот концепт на длабочина кој се поврзува со квалитетот на тонот.

Мек Кини вели: „Овие три фактори можат да бидат изразени во три основни правила: (1) Кога се пее повисоко, се користи повеќе енергија, кога се пее пониско, се користи помалку (2) Кога се пее повисоко, се користи повеќе простор, кога се пее пониско, се користи помалку (3) Кога се пее повисоко, се користи повеќе длабочина, кога се пее пониско, се користи помалку.“

Положба на телото
[уреди | уреди извор]

Процесот на пеење најдобро функционира кога телото е во одредена положба. Положбата на одредени делови од дишниот систем влијае на способноста за слободно движење на воздухот во и надвор од телото и за добивање на потребната количина на воздух. Ако телото е во згрчена положба, тоа ќе го ограничи капацитетот на белите дробови, и напнатиот абдоминален ѕид ќе го попречи пренесувањето на воздухот надолу низ дијафрагмата. Добрата положба дозволува дишниот систем ефикасно да ја исполни својата основна функција без непотребно трошење на енергија. Добрата положба, исто така го олеснува иницирањето на фонација и ги координира резонанциите, со што спречува непотребни напнатости во телото. Вокалните педагози, истакнале дека заземањето добро држење на телото често им обезбедува поголемо чувство на сигурност и спокојство за време на изведбата. Публиката, исто така, подобро реагира на пејачите со добро став. Добриот држење кое станало навика , го подобрува целокупното здравје на телото преку овозможување на подобра циркулацијата на крвта и спречување на замор и стрес.

Постојат осум компоненти за идеална положба за пеење:

  1. Стапалата малку разделени
  2. Нозете исправени, а колената оддвоени
  3. Колковите насочени право
  4. `Рбетот исправен
  5. Стомакот рамен
  6. Градите напред
  7. Рамената надолу и назад
  8. Главата напред
Дишење и негова поддршка
[уреди | уреди извор]

Природното дишење има три фази: земање воздух , испуштање воздух, и одмор или период на опоравување. Овие фази обично не се свесно контролирани. Во рамките на пеењето има четири фази на дишење: период на земање воздух (вдишување), период на поставување на контролите (суспензија); период на контролирано издишување (фонација) и период на опоравување.

Овие фази мора да бидат свесно контролирани од страна на пејачот сè додека не станат условени рефлекси. Многу пејачи го прекинуваат свесното контролирање пред нивните рефлекси да бидат целосно условени, што во крајна линија доведува до хронични вокални проблеми.

Вибратото е техника која ја користат пејачите (а и многу инструменталисти, на пример, гудачките инструменти, кои се свират со гудало може да произведат вибрато) во која континуирано ги менуваат високите и ниските тонови, притоа внесувајќи им благо треперење.Вибрато е пулсот или бранот во постојан тон. Вибратото се случува природно, и е резултат на правилната поддршка на дишењето и опуштената вокална апаратура. Некои пејачи употребуваат вибрато како средство за изразување. Многу успешни уметници имаат изградено кариера поради длабокото, богато вибрато.

Вокална музика

[уреди | уреди извор]

Вокалната музика е музика изведена од страна на еден или повеќе пејачи, со или без инструментална придружба, во која пеењето е главниот фокус на песната. Вокалната музика е веројатно најстарата форма на музика, бидејќи не е потребен никаков друг нструмент освен човечкиот глас. Сите култури имаат некоја форма на вокална музика и долгогодишна традиција за пеење.

Музиката која вклучува пеење кое нема видлива функција, генерално се смета за инструментална музика. На пример, некои блуз-рок песни може да имаат хор, но акцентот во песната е на инструменталните мелодии и импровизации. Вокалната музика обично се карактеризира со испеани зборови наречени текст, иако постојат примери на вокална музика која се изведува со користење на не-лингвистички слогови или звуци, понекогаш како музичка ономатопеја. Еден краток дел од вокалната музика со текст е наречен песна.

Видови на вокална музика

[уреди | уреди извор]

Вокалната музика се пишува во многу различни форми и стилови, кои често се етикетирани во одреден жанр на музика. Овие жанрови вклучуваат: уметничка музика, популарна музика, традиционална музика, регионална, национална музика и спој на тие жанрови. Во рамките на овие големи жанрови се многу под-жанрови. На пример, популарната музика ги опфаќа блуз, џез, кантри-музиката, хип-хоп музика, рок-музиката, како и неколку други жанрови. Исто така, може да има под-жанр во под-жанрот како што е скет-пеењето во џезот.

Популарна и традиционална музика

[уреди | уреди извор]

Во многу современи поп музички групи, пејачот ги изведува основните вокали или мелодијата на една песна, што е спротивно на пејачот кој ги пее придружните вокали или хармонијата на една песна. Придружните вокали пеат некои, но обично не и сите, делови на песната, често пеејќи во рефренот или потпевнувајќи во позадина. Исклучок е госпел музиката, во која пеат најмалку пет изведувачи, каде водечкиот вокал е највисок. Некои уметници ги пеат и главните и придружните вокали на аудио записите, со преклопување на снимените траки.

Популарната музика вклучува голем спектар на стилови. Хип-хопот користи рапување, ритмичка испорака на рими во ритмички говор придружени од ритам или без придружба. Некои типови на рапување се состојат претежно или целосно од говор и пеење, како некои од песните кои доаѓаат од Јамајка. Во некои видови на рап, изведувачите можат да вметнат кратки пасуси со пеење. Блуз пеењето се заснова на употреба на тажни тонови-пониско отпеани тонови од оние со поголем обем кои се за експресивни цели. Во хеви металот и хардкор панк поджанровите, вокалните стилови може да вклучуваат и техники, како што се врисоци, викање, и необични звуци како што е „режењето на смртта“.

Една разлика меѓу настапите во живо на популарните и класичните жанрови е дека класичните изведувачи често пеат без засилување во мали и средни сали, а во популарната музика, микрофон и озвучување (засилувач и звучници) се користи во речиси сите места на изведување, дури и во мали кафулиња. Користењето на микрофон има неколку влијанија врз популарната музика. Прво, го помага развојот на интимни, експресивни стилови на пеење како на пример „крунинг“, која не ќе има доволно проекција и волумен, ако се пее без микрофон. Исто така, поп-пејачите кои користат микрофони може да направат голем број на други вокални стилови кои не би биле успешни без засилување, како шепотење, потпевнување и мешање на пола и целосно отпеаните тонови. Исто така, некои изведувачи го користат микрофонот за да создадат ефекти, како на пример, го носат микрофон многу блиску до устата за да се добие подобрен бас звук, или во случајот на хип-хоперите, ги прават експлозивни „п“ и „б“ звуците на микрофон за да се создадат ударни ефекти.

Некои бендови користат пејачи кои пеат придружни вокали само кога тие се на сцената, но вообичаено за придружните вокали во популарната музика е да имаат и други улоги. Во многу рок и метал бендови, музичарите кои пеат придружни вокали, исто така, свират на инструменти, како на пример ритам гитара, електричен бас или тапани. Во латинските или афро-кубански групи, придружните вокали можат да свират на ударни инструменти или клатачни додека пеат. Во некои поп и хип-хоп групи и во мјузикл, од придружните вокали може да се побара да изведат кореографија додека тие пеат.

Кариери поврзани со пеење

[уреди | уреди извор]

Платите и работните услови за вокалистите се разликуваат во голема мера. Додека работните места во други музички области како што се музичко образование, имаат тенденција да бидат засновани на полно работно време, со постојана плата, работните места за пеење имаат тенденција да бидат засновани на договори за поединечни емисии или приредби, или низа емисии (на пример, две недели серија на изведби во оперска или музичко-театарска претстава). Бидејќи приходите од пеењето може да бидат нередовни, често пејачите ги дополнуваат своите приходи со вршење на други работни места поврзани со пеење, како вокални учители, даваат часови по вокална изведба, или работат како хорски директори во црква. Поради големиот број на амбициозни вокалисти, конкуренцијата за работа е голема.

Солист во црковен хор може да заработи од 30 - 500 долари по изведба. Изведувачите во хорска група во заедница може да заработат од 200 - 3.000 долари годишно, членови на професионални хорски група може да заработат над 80 долари од изведба. Пејачи кој настапуваат на радио или ТВ емисии може да заработат над 75 долари за емисија на една локална станица и 125 долари и повеќе, за шоу на национална мрежа (на пример, CBS или NBC). Џез или поп пејачите кои настапуваат со танцови групи, може да заработат и до 225 долари неделно. Професионален оперски пејач може да заработи од 350 - 750 долари неделно. Оперските солисти, за кои бројот на работни места е многу ограничен, може да заработат од 350 - 20.000 долари од изведба, за најелитните изведувачи. Солисти на класичен концерт, за кои бројот на работни места исто така е многу ограничен, имаат приближна заработка од 350 и повеќе долари од изведба.

Амбициозните пејачи и вокалисти мора да имаат музички талент и вештина, одличен глас, способност за работа со луѓе, и чувство за привлекување на внимание. Покрај тоа, пејачите треба да имаат амбиција и желба да учат и постојано да се подобруваат, бидејќи процесот на проучување на пеењето не завршува по дипломирањето или по завршувањето на студиите, дури и децении по завршувањето на нивната почетна обука, професионалните пејачи продолжуваат да бараат вокални вежби за да ги усовршат своите вештини, да го прошират нивниот дијапазон и да учат нови стилови. Исто така, пејачите треба да добијат стручни вештини во вокалната техника, кои се користат за да се изведуваат песни, да научат за вокалната литература на нивниот стил на музика, да ги совладаат техниките на хорската музика, да читаат и запаметат нови песни, да имаат основни вештини на пијано потребни за помош во учењето на нови песни и обука на слухот или вокални вежби. Во класичното пеење и во некои други жанрови, потребно е познавање на странски јазици како францускиот, италијанскиот, германскиот или други јазици. Пред да се запишат на факултет или обука, амбициозните пејачи треба да научат да читаат музика, да свират пијано, и да стекнат искуство со пеење, во хор и на соло настапи.

Факултет не е секогаш потребен, но потребна е еквивалентна обука. После средно школо, школување на гласот е достапно и за класични и некласични пејачи. Во класичнниот тек, пеењето може да се изучува во конзерваториуми и универзитетски музички програми; ингеренциите кои се на располагање се дипломиран студент, диплома за магистер и доктор на музичка уметност. Во популарната и џез музиката, дипломите од колеџ и универзитет се исто така достапни, иако има помалку програми.

Откако амбициозните пејачи ја имаат завршено својата професионална обука, тогаш тие мора да преземат чекори да се промовираат, одејќи на аудиции пред оперски режисери, хорски магистри или диригенти. Во зависност од стилот на вокална музика за која се обучени, „купувачите на таленти“ може бидат претставници на издавачка куќа, опера или мјузикл-театарски режисери, хорски директори, менаџери на ноќни клубови или промотери на концерти. Во прилог подготвуваат биографија за нивната обука и изведувачко искуство , како и промотивен сет кој вклучува професионално направени фотографии, CD или DVD со извадоци од вокални изведби и копии од критики од музичките критичари или новинари. Некои пејачи вработуваат агент или менаџер за да им помогне да бараат ангажмани и други можности за изведби; агентот или менаџерот се често платени од процентот на надоместоците што пејачот ги добива од изведбата.

Здравствени придобивки

[уреди | уреди извор]

Научните истражувања укажуваат на тоа дека пеењето може да има позитивни ефекти врз здравјето на луѓето. Прелиминарната студија врз основа на податоци од анкета на студенти кои учествуваат во хорско пеење, кажува за физичките бенефиции, вклучувајќи зголемен капацитет на белите дробови, подобрување на расположението, намалување на стресот, како и се разбира социјална и духовна полза. Сепак, една многу постара студија за капацитетот на белите дробови, ги споредува оние со професионална вокална обука и оние без, и не ги поддржа тврдењата за зголемен капацитет на белите дробови. Пеењето може позитивно да влијае на имунолошкиот систем со намалување на стресот. Една студија покажа дека пеењето и слушањето на хорската музика го намалува нивото на стрес хормоните и ја зголемува функцијата на имунолошкиот систем. Мултинационална соработка за изучување на поврзаноста помеѓу пеењето и здравјето беше основана во 2009 година, наречена „Advancing Interdisciplinary Research in Singing (AIRS)“.

Пеење кај нечовечки родови

[уреди | уреди извор]

Научниците се согласуваат дека пеењето е присутно во многу не-човечките видови. Вид на пеење се сретнува кај многу различни животински видови (птици, гибони, китови и луѓе). Во моментов постојат околу 5400 видови на животни кои можат да пеат. Барем некои видови ја покажуваат способноста да ги научат своите песни, да импровизираат, па дури и да компонираат нови мелодии. Во некои животински видови пеењето е групна дејност (на пример, пеењето во семејствата на гибоните) но сепак, луѓето се единствените видови кои имаат чувство за ритам и може да дадат целосна ритмичка прецизност.

Пеење во различни природни средини

[уреди | уреди извор]

Јосиф Јордан сугерираше дека пеењето е многу нееднакво распределено меѓу животинските видови, кои живеат во различни средини (на копно, во водата, на дрвјата). Најголемиот дел од видовите кои пеат, живеат на дрвја (многу видови на птици или гибоните), некои живеат во вода (китови, делфини, фоки, морски лавови) и освен човекот, не постојат животински видови кои пеат, а живеат на копното. Оваа нееднаква дистрибуција на пеење може да биде од суштинско значење за разбирање на потеклото на пеењето кај животните и луѓето. Јордан го објаснува овој факт како резултат на притисокот од природната селекција. Пеењето е многу драгоцено, не само поради енергијата за создавање на звуци, но пред сè за безбедносни причини, со тоа грабливците би знаеле кога некое животно е во близина. Видовите кои живеат на дрвја се наоѓаат во многу поповолна ситуација, бидејќи дрвјата овозможуваат различните видови да живеат според својата телесна тежина. Голем број различни животни со различна телесна тежина, живеат на различни степени. На пример, леопард од 50 килограми може да види и да слушне звуци создадени од 15 килограми тежок мајмун, но како полесен, мајмунот може да живее многу повисоко на гранките, па тој не е на дофат на леопардот. Затоа видовите кои живеат на дрво, се чувствуваат сосема сигурно да пеат или да комуницираат со гласовни сигнали со широк дијапазон. Од друга страна, сите животински видови кои живеат на копно, и покрај тежинските разлики меѓу нив (рангирајќи ги од зајаци до лавови и слонови) живеат на исто ниво на копното и одржувањето на тишината е пресудно за нив. Дури и поголемиот дел од птиците, дури и најстрасните пејачи, кога се на копно престануваат со пеење и создаваат други звуци. Затоа, заканата од грабливците може да биде главната причина зошто видовите кои живеат на дрвјата се побучни од оние кои живеат на копно.

Пеењето како мотив во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]
  1. Falkner, Keith, ed (1983). Voice. Yehudi Menuhin music guides. London: MacDonald Young. pp. 26. ISBN 035609099X. OCLC 10418423.
  2. "Singing". Britannica Online Encyclopedia. http://www.britannica.com/EBchecked/topic/545880/singing.
  3. Vennard, William (1967). Singing: the mechanism and the technic. New York: Carl Fischer. ISBN 978-0825800559. OCLC 248006248.
  4. Hunter, Eric J; Titze, Ingo R (2004). "Overlap of hearing and voicing ranges in singing." (PDF). J Singing 61 (4): 387–392. http://web.ku.edu/~cmed/923/Hunter1.pdf Архивирано на 22 декември 2010 г..
  5. Hunter, Eric J; Švec, Jan G; Titze, Ingo R (December 2006). "Comparison of the produced and perceived voice range profiles in untrained and trained classical singers". J Voice 20 (4): 513–526. doi:10.1016/j.jvoice.2005.08.009. PMID 16325373.
  6. Large, John W (February/March 1972). "Towards an integrated physiologic-acoustic theory of vocal registers". The NATS Bulletin 28: 30–35. ISSN 0884-8106. OCLC 16072337.
  7. McKinney, James C (1994). The diagnosis and correction of vocal faults. Nashville, Tennessee: Genovex Music Group. pp. 213. ISBN 1565939409. OCLC 30786430.
  8. Greene, Margaret; Mathieson, Lesley (2001). The voice and its disorders (6th ed.). John Wiley & Sons. ISBN 1861561961. OCLC 47831173.
  9. Grove, George; Sadie, Stanley, eds (1980). The new Grove dictionary of music & musicians. 6. Macmillan. ISBN 1561591742. OCLC 191123244.
  10. Stark, James (2003). Bel Canto: A history of vocal pedagogy. Toronto: University of Toronto Press. ISBN 978-0802086143. OCLC 53795639.
  11. Clippinger, David Alva (1917). The head voice and other problems: Practical talks on singing. Oliver Ditson. p. 12. Singing at Project Gutenberg
  12. Miller, Richard (2004). Solutions for singers. Oxford: Oxford University Press. pp. 286. ISBN 0195160053. OCLC 51258100.
  13. Warrack, John Hamilton; West, Ewan (1992). The Oxford dictionary of opera. Oxford: Oxford University Press. ISBN 0198691645. OCLC 25409395.
  14. Shewan, Robert (January/February 1979). "Voice classification: An examination of methodology". The NATS Bulletin 35 (3): 17–27. ISSN 0884-8106. OCLC 16072337.
  15. Smith, Brenda; Sataloff, Robert Thayer (2005). Choral pedagogy. San Diego, California: Plural Publishing. ISBN 1597560436. OCLC 64198260.
  16. Peckham, Anne (2005). Vocal workouts for the contemporary singer. Boston: Berklee Press. pp. 117. ISBN 0876390475. OCLC 60826564.
  17. Appelman, Dudley Ralph (1986). The science of vocal pedagogy: theory and application. Bloomington, Indiana: Indiana University Press. pp. 434. ISBN 0253351103. OCLC 13083085.
  18. Titze Ingo R (2008). "The human instrument". Scientific American 298 (1): 94–101. doi:10.1038/scientificamerican0108-94. PMID 18225701.
  19. Titze Ingo R (1994). Principles of voice production. Prentice Hall. pp. 354. ISBN 013717893X. http://ncvs.org/bookshop/index.html Архивирано на 2 јануари 2011 г..
  20. Sundberg Johan (January/February 1993). "Breathing behavior during singing". The NATS Journal 49: 2–9, 49–51. ISSN 0884-8106. OCLC 16072337.
  21. Music Educators' National Committee "Careers in Music" (2001), MENC.org
  22. Clift, SM; Hancox, G (2001). "The perceived benefits of singing". The Journal of the Royal Society for the Promotion of Health 121 (4): 248–256. doi:10.1177/146642400112100409. PMID 11811096.
  23. Heller, Stanley S; Hicks, William R; Root, Walter S (1960). "Lung volumes of singers". J Appl Physiol 15 (1): 40–42. PMID 14400875.
  24. Kreutz, Gunter; Bongard, Stephan; Rohrmann, Sonja; Hodapp, Volker; Grebe, Dorothee (December 2004). "Effects of choir singing or listening on secretory immunoglobulin A, cortisol, and emotional state". Journal of Behavioral Medicine 27 (6): 623–635. doi:10.1007/s10865-004-0006-9. PMID 15669447.
  25. Mick, Hayley (19 June 2009). "Doctor's prescription: 2 arias + a chorus". The Globe and Mail. https://archive.today/20120912160305/www.theglobeandmail.com/life/health/doctors-prescription-2-arias-a-chorus/article1186101/
  26. Marler, Peter (1970). Birdsong and speech development: Could there be parallels? American Scientist 58:669-73
  27. Wallin, Nils, Bjorn Merker, Steven Brown. (Editors) (2000). The origins of music. Cambridge, MA: MIT
  28. Payne, Katherine (2000). “The progressively changing songs of humpback whales: a window on the creative process in a wild animal.” In The Origins of Music. Edited by N. L. Wallin, B. Merker and S. Brown, pp. 135–150. Cambridge, MA:MIT
  29. Geissmann, Thomas. 2000. “Gibbon songs and human music from an evolutionary perspective.” In The origins of Music. Edited by N. Wallin, B. Merker and S. Brown, pp. 103–124. Cambridge, MA:MIT
  30. Joseph Jordania (2006). Who Asked the First Question? The Origins of Human Choral Singing, Intelligence, Language and Speech. Tbilisi: Logos. ISBN 99940-31-81-3.
  31. Jordania, Joseph (2009). “Times to fight and times to relax: Singing and humming at the beginning of Human evolutionary history”. Kadmos 1, 2009: 272-277
  32. Catchpole, Clive K., and Peter J. B. Slater (1995). Bird Song: Biological Themes and Variations. Cambridge University Press.
  33. Jordania, 2009:272-273
  1. Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Paidea, Beograd, 2007, стр. 133-134.
  2. Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 96.
  3. A. S. Puškin, Lirika. Rad, Beograd, 1979, стр. 49.
  4. A. S. Puškin, Lirika. Rad, Beograd, 1979, стр. 152.
  5. И. С. Тургењев, Ловчеви записи. Нови Сад: Матица српска, 1973, стр. 305-330.
  6. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 478.
  7. Велимир Хлебњиков, Краљ времена Велимир I. Просвета: Београд, 1964, стр. 181-182.
  8. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Treći trg, Beograd, 2014, стр. 192.
  9. IMDb, Singin' in the Rain (1952) (пристапено на 1.1.2021)
  10. DISCOGS, Tindersticks – Tindersticks (пристапено на 11.5.2024)