Пристигање на воз на станицата во Ла Сиота
„Пристигање на воз на станицата во ла Сиота L'Arrivée d'un train en gare de la Ciotat“ | |
---|---|
Режисер | браќа Лимиер |
Продуцент | браќа Лимиер |
Кинематографија | Луј Лимиер |
Времетраење | 50 сек. |
Земја | Франција |
Јазик | нем |
Пристигање на воз на станицата во ла Сиота (фр. L'Arrivée d'un train en Gare de la Ciotat) е еден од првите филмови на браќата Лимиер. Снимен е во 1895, и за првпат прикажан на јавноста во Париз, Франција на 6 јануари, 1896.
Овој нем филм со времетрање од 50 секунди го овековечува пристигањето на воз на железничката станица на францускиот крајбрежен град Ла Сиота. Како речиси сите други Лимиерови филмови, „Пристигање на воз на станицата во ла Сиота“ се состои од еден и единствен немонтиран кадар кој илустрира еден аспект од секојдневниот живот.
Шокот од новото
[уреди | уреди извор]Една урбана легенда вели дека кога филмот бил прикажан за првпат, публиката била толку обземена од подвижната слика на воз во вистинска големина кој доаѓал право накај нив, што почнала да вреска и да бега на крајот од салата. По тој повод, Хелмут Карасек во „Шпигел“ напишал дека филмот „остави особено траен впечаток; да, предизвика страв, ужас, па дури и паника.“ Сепак, во еден свој есеј, филмскиот стручњак и историчар Мартин Лојпердингер ја оспорил оваа анегдота. Во секој случај, овој филм ја вџашил публиката која не била навикната да гледа вчудовидувачки реалистични илузии. Знаејќи го ова, браќата Лимиер намерно ја поставиле камерата на платформата близу возот. Значаен аспект од филмот е употребата на гро план за воведување на публиката во окружувањето, проследен од среден план и крупен кадар. Возот доаѓа од далечината и вози кон гледачот, за на крај да го засече долниот раб на екранот.
Сведоштво
[уреди | уреди извор]Во Les Lumière, Бернар Шардер го цитира францускиот научник Анри де Парвил кој присуствувал на претставата на 28 декември 1895:
„ | Анимираните фотографии се мали чуда. ...Сѐ е неверојатно реално. Каква моќ на илузија! ...Трамваите, возилата се движат кон публиката. Една кола галопираше накај нас. Едена моја сосетка беше толку обземена што скокна на нозе... и чекаше да исчезне колата пред повторно да седне.[1] | “ |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ «Les photographies animées sont de petites merveilles. [...] C'est d'une vérité inimaginable. Puissance de l'illusion! [...] Les tramways, les voitures circulaient, avançaient dans la direction des spectateurs. Une tapissière arrivait sur nous au galop de son cheval. Une de mes voisines était si bien sous le charme qu'elle se leva d'un bond... et ne se rassit que lorsque la voiture tourna et disparut.» Анри де Парвил, во: Les Annales, 28 април 1896, цитиран од: Chardère, B.; Borgé, G. and M. (1985). Les Lumière, Paris: Bibliothèque des Arts. ISBN 2-85047-068-6. стр.99 (француски)