Прејди на содржината

Убиство во Ориент-експрес

Од Википедија — слободната енциклопедија
Убиство во Ориент-експрес
Илустрација од британското издание
АвторАгата Кристи
Изработувач на
корицата
Непознат
ЗемјаОбединето Кралство
ЈазикАнглиски
ЖанрДетективски роман
ИздавачCollins Crime Club
Издадена
1 јануари 1934
Страници256

Убиство во Ориент-експрес (англиски: Murder on the Orient Express) — детективски роман од 1934 година напишан од англиската писателка Агата Кристи. Главен лик во романот е најпознатиот лик на Кристи, Херкул Поаро. Дејството е сместено во познатиот воз Ориент-експрес, каде во вагонот во кој патува Херкул Поаро се случува убиство, а секој од сопатниците е можен виновник за злосторството.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Кратката посета на Истанбул од страна на белгискиот детектив Херкул Поаро е набрзо прекината поради повик за негово итно враќање во Лондон. Поаро веднаш си обезбедува место во преполниот Ориент-експрес, воз обично празен во тоа време од годината, благодарение на неговиот пријател г. Бук, директор на меѓународна компанија за вагони. Во текот на ноќта, кога возот застанува во Винковци, еден од патниците е дванаесетпати брутално избоден до смрт.

Бук, знаејќи колкав скандал ќе предизвика едно убиство на угледниот воз го замолува својот пријател Поаро да започне истрага. Откако целосно го прегледува телото на жртвата, Поаро го идентификува како Касети Речет — злогласен бегалец, виновен за убиство на тригодишно девојче од Америка по име Дејзи Армстронг, наследничка од богато семејство, индиректно причинувајќи ја смртта на останатите членови од семејството Армстронг поради нејзината смрт.

Својата истрага Поаро ја започнува со испрашување на секој од патниците поединечно. Како што поминуваат испитувањата, Поаро сфаќа дека секој од патниците е некако поврзан со семејството Армстронг. Тој е отпрвин несигурен околу оваа претпоставка бидејќи повеќето патници се од различен општествен слој, почнувајќи од обичен секретар и дадилка па сè до една руска принцеза, гроф и грофица. Во текот на истрагата наидува на неколку траги поврзани со убиството: копче од кондуктерска униформа, сет за чистење лулиња, шамивче со буквата Н на него, како и неколку чудни искази од осомничените меѓу кои: Марта Хабард, патничка во возот тврди дека во текот на ноќта некој маж влегол во нејзиното купе (кое се наоѓа до купето на убиениот), повеќето патници тврдат дека виделе мистериозна жена во црвено кимоно како се движи во возот, а некои маж облечен како кондуктер (чие е и копчето) итн.

Откако Поаро ја сфаќа сложеноста на случајот, по долго размислување, додатно истражување и во моментот кога мистериозното кимоно го наоѓа во своето купе заклучува дека станува збор за генијалец. Тој ги собира сите патници и им нуди две решенија, првото решение кажува дека некој човек се качил во возот, кога возот сопрел во Винковци, го убил Рачет и веднаш го напуштил возот. Но, второто решение кажува дека сите осомничени се виновни за убиството. Имено, сите дванаесет патници се на некој начин повразни со Дејзи Армстронг. Дел од нив работеле како послуга во семејството, а дел од нив биле роднини на родителите на малечката Дејзи. Сите згрозени од фактот дека Речет успеал да ја поткупи судијата и да помине неказнено го испланирале убиството на Ориент-експрес. Поаро соочувствувајќи со сите решава на полицијата да го изложи првото решение со што сите дванаестмина ќе поминат неказнети.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]