Хусто Хорхе Падрон
Хусто Хорхе Падрон | |
---|---|
Роден/а | 1 октомври 1943 Лас Палмас, Шпанија |
Починат/а | 11 април 2021 Мадрид, Шпанија |
Занимање | поет |
Хусто Хорхе Падрон (шпан. Justo Jorge Padrón) (роден на 1 октомври 1943, починал на 11 април 2021) - шпански поет, еден од најпреведуваните шпански поети од втората половина на дваесеттиот век [1].
Живот
[уреди | уреди извор]Роден е 1943 година во Лас Палмас де Гран Канарија, на Канарските Острови, во Шпанија. Ги завршува своите студии по право, филозофија и книжевност на универзитетот во Барселона, проширувајќи ги понатаму истите во Париз, Стокхолм и Осло. По осумгодишното работење како адвокат во својот роден град целосно ѝ се посветува на поезијата. Тој бил генерален секретар на шпанскиот ПЕН клуб од 1983 до 1993 година, основач и главен уредник на меѓународното повеќејазично списание за поезија „Екиваленсијас“ од 1982 до 1994 година и директор на Меѓународниот фестивал за поезија во Лас Палмас де Гран Канарија од 1992 до 2002 година. Бил претседател и организатор на шестиот светски конгрес на поетите што се одржало во Мадрид во 1982 година. Висенте Алејксандре го назначил да ја прими неговата Нобелова награда за литература во 1977 г. и да го претставува на сите свечености подготвени во негова чест. Тој бил несомнено шпански поет со најголемо меѓународно признание во последните децении. Неговата поезија е преведена на четириесет и четири јазици, а објавени му биле стотина книги на странски јазици. Добитник е на триесетина меѓународни награди и признанија меѓу кои: Меѓународната награда на шведската академија, 1972 г.; наградата Меѓународен бард на Меѓународното здружение на современи поети, Мелбурн, Австралија, 1981 г.; Меѓународната награда на Мадрас, Индија, 1982 г.; Златниот медал на кинеската култура, 1983 г.; Европската награда за книжевност, Југославија, 1986 г.; Големата меѓународна награда за литература на Софија, Бугарија, 1988 г.; Двократен добитник на наградата “Нова Македонија” за најдобра песна на СВП, Скопје, Македонија, 1989 г. и 2002 г.; Златен венец на Струшките вечери на поезијата, Македонија, 1990 г.; Меѓународната награда „Блез Сендрар“, Швајцарија, 1994 г.; Меѓународната награда „Никита Станеску“, Романија, 1996 г.; Меѓународната награда на градот Трст, Италија, 1999 г.; Меѓународната награда „Леополд Седар Сенгор“, Дакар, Сенегал, 2003 г.; Наградата на 9-от Меѓународен саем на книгата во Лима; Перу, 2004 г.; Наградата „Златно класје“ на Меѓународниот поетски фестивал во Трухиљо, Перу, 2008 г. Од шпанските награди можат да се спомнат: Наградата Боскан, 1972 г., за неговата книга „Морето на ноќта“; Наградата Фастенрат на шпанската кралска академија, 1977 г., за книгата „Круговите на пеколот“ (преведена веќе на 25 јазици); Националната награда на Друштвото на писателите и артистите на Шпанија, 1985 г., за најдобра книга на годината за стихозбирката „Посетата на морето“; Наградата на „Канаријас“ за литература, 1997 г., за целокупното поетско творештво; Наградата Аула за поезија на Универзитетот од Барселона, 1998 г., за книгата „Морници“; Меѓународната награда за љубовна поезија, Мајорка, 2002 г. и други. Именуван е за почесен доктор на Светската академија за култура и уметност, 1983 г.; на универзитетот Рикардо Палма од Лима, 2001 г., на Националниот универзитет 2003 г. и на универзитетот Сезар Ваљехо, 2008 г., обата од Трухиљо, Перу; на Универзитетот од Валпараисо, Чиле, 2005 г., како и на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Македонија 2005 г. Дописен член на академијата Маларме од Париз, 1983 г., на Северноамериканската академија за шпански јазик од Њујорк, 1986 г.; на Македонската академија на науките и уметностите, 2003 г. и на Перуанската академија за шпански јазик, Лима, Перу, 2005 г. Прогласен е за Заслужен професор на универзитетот од Валпараисо, Чиле, 2004 г.; Омилен син на Лас Палмас де Гран Канарија, неговиот роден град, 1995 г.; Почесен граѓанин на градот Лувен, Белгија, 1982 г.; на градот Струга, Македонија, 1998 г. и на градот Жоал, Сенегал, 2003 г. Издавачката куќа Лумен од Барселона во 2000 година го објави неговото целокупно поетско творештво во еден том, под наслов „Сеќавањето за огнот“, во кој се застапени 20 стихозбирки, од кои 16 беа објавени, а 4 необјавени книги. Во 2005 г. беше објавена неговата книга „Хесперида“, епопеја за Канарските Острови, во најпрестижната издавачка куќа за поезија, „Висор“ од Мадрид, која беше извонредно примена од страна на критиката и читателите, а неодамна излезе од печат и вториот том на оваа епопеја, „Хесперида 2“, кај истиот издавач во Мадрид.
Творештво
[уреди | уреди извор]Има напишано дваесетина збирки поезија, главно во духот на лириката на Хуан Рамон Хименес и поетите од Генерацијата '27. Неговите дела се преведени на триесетина јазици и се читаат во повеќе од 57 земји. Во најголем дел од нив популарноста на Падрон е толку голема што тој се здобива со дваестина награди; меѓу нив се и почесната награда Fastenrath доделена од Шпанската академија и меѓународната награда на Шведската академија. Во 1990 година, Хусто Хорхе Падрон го добива и Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.
Поезијата на Падрон се одликува со употреба на изненадувачки метафори и оригинална фантазија. Во неа шпанскиот јазик добива една нова перспектива, а силината на поетската визија се поистоветува со имагинацијата и самата филозофија на песната. Најчести мотиви кои се забележуваат во неговото творештво се носталгијата по детството, современоста на љубовта и убавината, радоста на животот и светот, како и возвишеноста на создавањето.[1]
Значајни дела
[уреди | уреди извор]- Темните огнови (Изд. Ријалп, Мадрид, 1971)
- Морето на ноќта (Изд. Каталонски институт за шпанска култура, Барселона,1973)
- Круговите на пеколот (Изд. Пласа и Ханес, Барселона, 1976)
- Бреза во пламен (Изд. Хиспамерика, Здружени мексикански издавачи, Сан Себастијан и Мексико, 1978)
- Отеснита (Изд. Прометео, Валенција, 1979)
- Посетата на морето (Изд. Аустрал, Еспаса Калпе, Мадрид, 1984)
- Даровите на земјата (Изд. Аустрал, Еспаса Калпе, Мадрид, 1984)
- Умира сал раката што ти пишува (Изд. Аустрал, Еспаса Калпе, Мадрид, 1989)
- Лицата што ги слушам (Изд. Аустрал, Еспаса Калпе, Мадрид, 1989)
- Сјајот на омразата (Изд. Аустрал, Еспаса Калпе, Мадрид, 1993)
- Изворот на присуствата (Изд. Регионален одбор, Гвадалахара, 1994)
- Оазата на еден космос (Изд. Либертаријас, Мадрид, 1994)
- Жарта на надирот (Изд. Општина на град Лас Палмас, 1995)
- Напишано врз водата (Изд. Сан Борондон, Канарски музеј, Лас Палмас, 1996)
- Шум на кошмарот (Изд. Општина на град Лас Палмас, 1996)
- Морници (Изд. Лумен, Барселона, 1999)
- Оган во дијамантот (сонети. Изд. Лумен, Барцелона, 2000)
- Шумата Неми (Изд. Лумен, Барселона, 2000)
- Семеен пламен (Изд. Лумен, Барселона, 2000)
- Траги во заграда (Изд. Лумен, Барселона, 2000)
- Елегија за Хусто Хорхе Агијар (Изд.”Каха Сур Публикасионес”, Колекција “Лос Куадернос де Сандуа”, Кордоба, Шпанија, 2002)
- Хесперида – Епопеја за Канарските Острови (Изд. “Визор”, Мадрид, Шпанија, 2005)
- Хесперида 2 – Колумбовиот подвиг - Епопеја за Канарските Острови (Изд. “Визор”, Мадрид, Шпанија, 2008)
Белешки
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Матеја Матевски, Десет века на шпанската поезија, МАНУ, Скопје, 2004, стр. 514-515.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Песни и биографија на Падрон. (шпански)
- Биографија на Падрон. (германски)
|
|