Прејди на содржината

Фердинанд I

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Цар Фердинанд)
За други значења на поимот, видете Фердинанд I (појаснување).
Фердинанд I
Цар на Бугарите
На престол7 јули 1887 - 3 октомври 1918
Крунисување2 август 1887
ПретходникАлександар I Батенберг
НаследникБорис III
Почивалиште
Жена
Полно име
Фердинанд Максимилиан Карл Леополд Мари Сакскобурготски
ДинастијаСакскобургготски
ДинастијаСакскобургготски
ТаткоАугуст фон Сакс-Кобург-Гота и Кохари
МајкаКлементина Бурбон-Орлеанска

Фердинанд Сакс-Кобург-Готски (германски: Ferdinand Maximilian Karl Leopold Maria von Saxe-Coburg und Gotha; 26 февруари 1861 г. во Виена - 10 септември 1948 г. во Кобург) — кнез во периодот од 1887 г. до 1908 г. и цар на Бугарија во периодот од 1908 г. до 1918 г.

Тој бил син на принцот Август Сакскобурготски и на принцезата Клементина Бурбонско-Орлеанска, ќерка на последниот француски крал Луј-Филип. По падот на Стефан Стамболов и Мелничкото востание, кнезот Фердинанд бил признаен за законит владетел. На 22 септември 1908 г., во црквата "Свети Четириесет маченици" се одржала грандиозна верска свеченост на која била прогласена независноста на Бугарија, а Фердинанд I бил прогласен за „цар на Бугарите“, со што била возобновена титулата од Првото и Второто Бугарско Царство. На крајот од Првата светска војна, Фердинанд знаел каков ќе биде односот на сојузничките сили и ги надитрил сите за да не им овозможи да биде срамно соборен. На 3 октомври 1918 г.,Фердинанд I абдицирал во корист на својот најстар син Борис. Остатокот од животот го поминал во прогонство, живеејќи во градот Кобург во Германија. Патувал и низ Јужна Америка и источна Африка, а се обидувал и да се врати во Бугарија, но неговиот син, Борис, тоа никогаш не му го дозволил.

Потекло и рани години

[уреди | уреди извор]

Фердинанд (во западната литература познат како Ferdinand von Sachsen-Coburg-Gotha) се родил на 26 февруари 1861 година во дворецот Кобург [1] во Виена.

Тој бил син на принцот Август фон Сакс-Кобург-Гота и на принцезата Клементина Бурбон-Орлеанска, ќерка на последниот француски крал Луј-Филип.

Младиот принц детството го поминал кај своите родители во Виена, каде што татко му бил во австриска воена служба.

Таму го посетувал училишето за кадети, а по завршувањето станал полковник во вториот полк при австриските хусари, при што чинот го задржал сè до неговиот избор за кнез на Бугарија.

Заедно со својот брат Август, во 1879 г., отпатувал во Бразил. Резултатите од нивните ботанички набљудувања биле издадени во Виена под насловот Itinera Principum S. Coburgi (1883-1888).

Владетел на Бугарија

[уреди | уреди извор]

Крунисување

[уреди | уреди извор]

Во август 1886 г. во Софија бил извршен државен удар од страна на проруските офицери и Александар I Батенберг бил принуден да ја напушти Бугарија.

Меѓутоа, бугарските националисти, на чело со Стефан Стамболов, извршиле контраудар и го вратиле Батенберг, но под притисок на рускиот цар Александар III, во септември 1886 г. бугарскиот кнез бил принуден да абдицира.

Народно собрание на Бугарија

По заминувањето на Батенберг со Бугарија владеел Стефан Стамболов во улога на како намесник. Тој се држел на растојание од Русија и таквите руско-бугарски односи влијаеле во изборот на новиот бугарки кнез. Стамболов формирал една комисија која требало во Европа да го избере новиот владетел, но европските принцови учтиво ја одбиле понудата, затоа што се плашеле од судбината на Батенберг.[2] Меѓутоа, принцезата Клементина од Сакс-Кобург-Готе, една од ќерките на францускиот кралот Луј Филип I и кралицата Марија Амелије, стапила во контакт со бугарската парламентарна комисија. Таа сакала нејзиниот син Фердинанд да стане монарх и семејството да добие престиж. По договорот меѓу двете страни дошло до гласање во бугарскиот парламент и на 7 јули 1887 г., Фердинанд бил избран за кнез на Бугарија.

Клементина Бурбон-Орлеанска
Марија - Лујза

Овој период е карактеристичен по тоа што фактички со државата владеел Стамболов. Имено, Фердинанд го оставил Стефан Стамболов да го има главниот збор во сите клучни прашања, а истовремено, бил под влијание на својата мајка принцезата Клементина, која се стремела да го зацврсти бугарскиот престол за својот син [2]. Таа успеала да влијае врз бугарските поданици, бргу да го прифатат новиот владетел, заземајќи пробугарски ставови, а самата таа била особено популарна во Бугарија. Влијанието на Клементина се гледа и во изборот на идната жена на новиот бугарски владетел. Таа се одлучила за принцезата Марија Лујза од Бурбон и Парма. Оваа принцеза била избрана за идна сопруга на Фердинанд со цел да се искористи нејзиниот престиж како потомок на францускиот крал Шарл X [2].

Бракот бил склучен во 1893 г., а од него се родиле Борис, Кирил, Евдокија и Надежда. За да се спечалат симпатиите на Бугарите, Фердинанд се решил својот најстар син Борис да биде крстен во православната вера. На тоа се спротивставиле Марији Лујза и папата, меѓутоа пресудна улога имала принцезата Клементина. Борис бил покрстен во православна вера и покрај забраната на папата и екскомуницирањето на Фердинанд [2].

Падот на Стамболов

[уреди | уреди извор]

Фердинанд со текот на годините сè повеќе ја зацврстувал својата власт и сè помалку ја поднесувал надмоќноста на Стамболов. Тој пак од своја страна сè повеќе владеел автократски и својата власт ја потпирал врз полицијата и судовите, но сето тоа довело да дојде до незадоволство меѓу бугарските политички кругови. Биле организирани неколку завери против Стамболов, но сите биле откриени и неутрализирани навремено.

Царот ослободител
Стефан Стамболов

Опозицијата, од своја страна, побарала средба со кнезот и му укажала дека тој не треба својата судбина исклучиво да ја поврзува со Стефан Стамболов. Фердинанд го прифатил укажувањето и започнал да дејствува против тогашниот шеф на државата. Таквата ситуација кај кнезот било зацврстена и под влијание на руската дипломатија.[2] Имено, иако Фердинанд бил избран од страна на бугарскиот парламент за кнез, сепак тој меѓународно не бил признат од ниедна голема сила, вклучувајќи ја и Русија, која претставувала голема пречка.

Една од главните пречки бил Стефан Стамболов и додека тој се наоѓал на чело во Софија, Бугарија била меѓународно изолирана, а таквата изолираност Стамболов ја компезирал со туркофилска политика. Во мај 1894 г., Фердинанд му ја одзел власта на Стамболов и ја доверил на конзервативната влада во која влегол и русофилот Цанков, кој ја организирал заверата против Батенберг. По отстранувањето од власта, Стамболов ги изгубил сите привилегии, а останал и без заштита од своите непријатели. Кнезот не презел ништо за да го заштити својот поранешен прв човек.[2] Оттука, под неразјаснети околности, на 15 јули 1895 г., Стамболов бил смртно ранет во Софија. Нема дирекни докази кои го поврзуваат Фердинанд со убиството на поранешниот прв министер, меѓутоа постојат сомнежи дека тој бил еден од нарачателите на атентатот. Падот и смртта на Стамболов довеле до затоплување на руско-бугарските односи. Новиот руски цар Николај II бил подготвен да го признае Фердинанд за законски владетел на Бугарија, а кнезот пак, од своја страна, го поканил царот да биде кум на бугарскиот престолонаследник Борис.

Кога руската делегација пристигнала во Софија, Фердинанд свечено пред плоштадот на парламентот ја открил статуата на рускиот цар Александар II - Царот ослободител, коњот, намерно или не, со задниот дел бил свртен кон француската амбасада[3], а руско-бугарските односи влегле во нова фаза:

Бугарија повторно станала главна фигура на руската стратегија при балканската шаховска табла [2]

Признавање за законски владетел на Бугарија

[уреди | уреди извор]

По падот на Стефан Стамболов и Мелничкото востание, кнезот Фердинанд бил признат за законски владетел. На 14 февруари 1896 г. во Софија бил миропомазан бугарскиот престолонаследник, а потоа следувало признавање на Фердинанд од Русија и западноевропските држави. На 13 март во Софија пристигнале два султананови фермани. Со едниот, Фердинанд бил признат за кнез на Бугарија, а со другиот за главен гувернатор на Источна Румелија, бидејќи формално - правно Бугарија сè уште не била независна држава, а кнезот бил вазал на Османлиското Царство.

Фердинанд Лисицата (Фокси Ферди)

[уреди | уреди извор]
Европа во 1890 год.

Фердинанд претпочитал тајни преговори, задкулисни игри, убедувања и лукавство при оставрувањата на своите цели, како на внатрешен така и на надворешен план. Главна негова политичка платформа била зголемување на својата популарност во Бугарија, зацврстување на власта и престолот, при што, за да ги оствари овие цели кнезот бил подготвен да се сретне и разговара со секого.

На надворешен план, Фердинанд сакал да ја претстави Бугарија како фактор од кој зависи редот и мирот на Балканскиот Полуостров, независност и кралство [2]. Тој разбрал дека Бугарија со својата географска положба во срцето на Балканот, може да бара сојузници меѓу двете големи сили Австроунгарија и Русија, а тие соодветно биле најмногу заинтересирани за тој дел од Европа.

Таквиот анатагонизам овозможувал неограничено делување на личната кнежевска дипломатија. Од падот на Стамболов па сè до првата деценија на XX век, Бугарија кокетирала меѓу Виена и Санкт Петербург, секако под влијание на самиот кнез. Бугарската држава од 1878 г. имала самоуправа, но формално-правно султанот во Цариград и понатаму бил суверен на бугарскиот кнез. Такавата положба имала репекусии на внатрешен и надворешен план.

Бугарскиот кнез морал да ги почитува протоколите на султанот и да ги разгледува желбите на Високата порта по разни прашања за Источна Румелија или административниот статус на Бугарската егзархија и нејзиниот однос со Цариградската патријаршија. Така, Фердинанд сакал руско-австрискиот анатагонизам да го искористи за да се ослободи од тутурството на Високата порта.

Балансирајќи меѓу Русија и Австроунгарија, Фердинанд од 1895 г. му се умилкувал на рускиот цар, меѓутоа во почетокот на XX век, бугарскиот кнез увидел дека балканските амбиции на Франц Јосиф I нудат подобра перспектива. Фердинанд тајно се приближил на Виена. Затоа, Фердинанд од својата роднина Марија Единбуршка од Романија бил наречен Фердинанд Лисацата или Фокси Ферди [2].

Македoнско прашање

[уреди | уреди извор]

По Берлинскиот конгрес, Македонија го заземала централното место во надворешната политика на Бугарија [4], а секоја влада на Бугарија се залагала за присоединување на Македонија кон Бугарската држава[4] и реализација на санстефанскиот идеал, при што, бугарските влади се разликувале само во методите и начинот на реализирање на таквиот идеал [4].

Меѓутоа Бугарија не била единствената држава која имала претензии кон Македонија, тука биле и Србија и Грција [4], а Македонското прашање било од втор степен значајно за Црна Гора и Романија.

Македонија

Во конбинаториките за Македонија, Црна Гора претендирала на Дебар за да изврши притисок врз Србија и да добие територии на Косово, додека пак Романија преку својата пропаганда во Македонија вршела притисок врз Бугарија за да добие територијални отстапки во Добруџа.

Таквите претензии на балканските држави врз Македонија, особено на Бугарија, Грција и Србија, создале еден силен балкански анатагонизам кој можел лесно да се претвори во една голема војна и да ја запали Европа. Една од главните одлики на монархиите од крајот на XX век и век била спрегата со национализмот. Монархиите кои биле разнишани со Француската револуција својот опстанок го гледале во сојуз со националистите и дејствувањето врз националистичка карта, односно честопати монарсите се претставувале за заштитници и спроводници на националистичката идеја.

Така, Фердинанд како странец во Бугарија и нов владетел заиграл на картата за Санстефанска Бугарија и во текот на своето долгогодишно владеење тој себеси се претставувал за носител и претстваник на големата бугарска идеја [4] за да ја зачува и зголеми својата популарност и за да обезбеди основа за своја власт и династија во Бугарија.

Фердинанд во согласност со своите политички убедувања и разбирања за човековата природа бил подготвен на разговори, преговори, средби, пресметки и тајни договори со секого кој би можел да му помогне во реализацијата на санстефанската идеја, меѓутоа секогаш имал предвид да добие што поголем дел од пленот, односно Македонија.

Преговори со балканските држави

[уреди | уреди извор]
Балканските држави во 1891 година

Во 1896 г., по меѓународното признавање на Фердинанд за кнез на Бугарија, тој презел широка турнеја низ Европа, која започнала во Цариград. Таму, тој остварил бројни средби со официјалните отомански лица и повеќе претставници на дипломатскиот кор.

На 6 април 1896 г. се сретнал со српскиот дипломатски претставник Владан Ѓорѓевиќ. Притоа, Фердинанд ја истакнал потребата од српско-бугарско зближување за што главен проблем претставувале нивните спротивставени интереси во Македонија. Во разговорот, Фердинанд потенцирал дека додека Србите и Бугарите се расправале за раженот, зајакот сè уште бил во шума. Во контекст на тоа Фердинанд истакнал:

Во Македонија, главната маса од населението ниту се Бугари, ниту Срби, туку Словени и христијани, кои зборуваат јазик подеднакво далечен или ако сакате подеднакво близок на српскиот и на бугарскиот јазик, но, јазик, кој е посебен дијалект, ако не и посебен јазик. Наместо да се караме околу тоа, дали тој е дијалект на српскиот или бугарскиот јазик, ние треба заеднички да работиме и тоа овде (Цариград б.н) кај нашиот заеднички татко Султанот, за да им даде на своите верни поданици во Македонија такви реформи кои ќе им осигураат човечки живот и културен развиток... Ако тоа се реши, културата на Македонците ќе го реши прашањето кое што никоја сила не може да го реши, па дури ако Србите и Бугарите поради тоа ја фрлаат на коцка својата државна егзистенција [5]

Тој понудил формирање на сојуз во кој, според него, требало да влезат Бугарија, Србија и Црна Гора, но бил против влегувањето на Грција, сметајќи дека таа сака да го искористи српско-бугарскиот антагонизам и да приграби голем дел од Македонија.

Во контекст на оваа политика, во мај 1896 г., Фердинанд се нашол во Белград и имал средба со српскиот крал Александар Обреновиќ и српскиот прв министер Стојан Новаковиќ. На оваа средба, српскиот премиер истакнал дека треба да се постигне договор за поделба на Македонија на сфери на влијанија, меѓутоа српскиот крал бил поотворен. Тој истакнал дека на Србија ѝ е потребен излез на море и затоа, реката Струма треба да биде линијата за разграничување меѓу двете земји. Фердинанд во својот дневник запишал дека оваа прашање ги разделува.

Александар Обреновиќ
Стојан Новаковиќ

Малку подоцна, Бугарија на чело со Фердинанд добила понуда за прегови од страна на Грција и преговорите се воделе во Букурешт, но двете страни не се договориле. Откако Бугарија не се доворила со Атина, дошло до бугарско-српско зближување. На 1 март 1897 г. во Софија пристигнал српскиот крал со својата делегација. Два дена подоцна бил потпишан договорот меѓу кралството Србија и кнежевството Бугарија, а договорот предвидувал:

1) Двете влади договорно да ги разгледуваат прашањата од заеднички интерес на српскиот и бугарскиот народ во Османлиското Царство
2) Ниедна од договорните страни, без претходна согласност на другата, да не презема ништо на политички и воен план што ќе го наруши постојното статус кво
3) Додека заемно не се утврдат српските и бугарските интерси на национален, црковен и просветен план во Османлиското Царство, двете страни да не си пречат, туку заемно да си помагаат
4) Со спогодбата да се запознае кнезот на Црна Гора и да се покани и тој да пристапи [4]

По потпишувањето на договорот, Србија постојано барала поделба на Македонија 50:50 и, според Белград, териториите западно од реката Вардар требало да и припаднат на Србија заедно со Скопје и Куманово, а источно од Вардар на Бугарија, додека Солун требало да се наоѓа под заедничка управа.

Меѓутоа, српско-бугарските односи биле влошени поради бугарскиот трговски аген Димитар Ризов од Скопје. Сите обиди да се подобрат српско-бугарските односи биле неуспешни. Во 1903 г., поради случувањата во Македонија дошло до влошување на односите меѓу Бугарија и останатите балкански држави. Фрнцускиот амбасадор во Лондон - Кабон, по средбата со српскиот крал и романскиот дипломатски претставник, истакнал:

Романија, Србија и Грција имале желба да ја видат Бугарија на колена пред султанот, исто како што балканските земји сакале да ја видат Грција во една грчко-турска војна... христијанските народи на Балканот биле спремни да се уништат меѓу себе, поради што прифаќале соработка со неверникот[4]

Српскиот крал на средбата со Кабон се искажал:

против сите опции за Македонија. Против делење, против автономија, бидејќи не сакал да види реприза на Источна Румелија и против реформи спроведени од страна на големите сили... да види војна меѓу Бугарија и Турција, со што Бугарија би добила една лекција за наредните 25 години да не помисли да се меша во Македонија [4]

Во текот на Илинденското востание, црногорскиот кнез Никола имал средба со бугарскиот дипломатски претставник во Цетиње. На оваа средба, кнезот истакнал дека Црна Гора може да покрене 50 000 војници против Османлиското Царство, а Србија, Бугарија и Црна Гора би можеле заедно да изведат 500 000 војници. Меѓу другото, кнезот сметал на руска, англиска и италијанска помош и така би го решиле македонското прашање со делба или автономија.

Во текот на 1903 г. дошло до затегнување на турско-бугарската граница. За да се нормализираат односите, во октомври 1903 г., во Цариград бил испратен Григор Начовиќ. Под притисок на големите сили, двете држави започнале преговори, а Фердинанд, под притисок на Германија, се откажал од барањето за спроведување на реформи во Одринско. Од овие преговори произлегла Бугарско-турска спогодба од 1904 г.

Фердинанд и македонското револуционерно движење

[уреди | уреди извор]
Дел од темата
Македонски комитет
Печат на Македонскиот комитет

Односот на Фердинанд со македонските револуционери најдобро го претставил Крсто Гермов во разговор со Лазар Колишевски во 1961 г., кога истакнал:

... Дојдов да ти кажам уште една работа: сите пишувате, и порано пишуваа, внатрешни, надворешни, врховисти, централисти и слично, е, па дојдов да ти кажам дека на Дворот (кај Фердинанд б.н) влегувавме сите: едни низ главната врата, други низ малата врата, некои низ капиџик, некои низ прозорец, некои преку таван, а некои богами и преку баџа! Туку да знаеш, сите влегуваа... (Трите точки се ставени од Д. Кљакиќ) освен еден човек... Таму не влезе само Гоце Делчев... [6]

Фердинанд со претставниците на македонското револуционерно движење си играл топло-ладно. По формирањето на Македонскиот комитет во Софија, Фердинанд и бугарската влада му дале поддршка на Трајко Китанчев да продолжи со организирањето и праќањето на вооружените чети во Македонија.

Но во април 1895 г., Фердинанд примил една делегација на Македонскиот комитет на која, меѓу другото, истакнал дека:

Јас и мојата влада... со жал ги следевме агитациите кои се покренаа меѓу македонските жители во Кнежевството... ние со жал требаше да константираме дека последиците од тие необмислени манифестаци беа: зголемување на бројот на војската на нашата граница, нивно преворужување, зголемување на административните и полициските органи, раздразнетост на властите и населението... ниту тој, ниту владата нема да дадат никаква поддршка за населението во Македонија... ако... Македонците не ги прекинат своите агитации... [7]

Меѓутоа, без разлика на ваквото предупредување, кон крајот на јуни и почетокот на јули 1895 г. дошло до Мелничкото востание во Македонија, но тоа во воен поглед било катастрофа. Веднаш по востанието, Фердинанд и неговата влада ја откажале подdршката за Македонскиот комитет и ги собрале плодовите. Меѓутоа сплетките на Фердинанд биле откриени и во јануарскoто издание на весникот Право од 1896 г. било истакнато:

Па и зошто да не... кога делото може да се искористи за во корист на непризнаениот кнез? Кнезот замина на запад и владата ги отвори своите складови... факт дека тој со својата телеграма од Карсброд за 24 часа го сопре нашето движење со бугарската војска која ги затвори границите. Таа телеграма... го изеде Китанчев, кој не можеше да поднесе дека е попаднат во неговата капаана и несвесно служел за неговите интереси [8]
Трајко Китанчев

Една година по акцијата на Македонскиот комитет, весникот Право напишал:

... македонските чети минатата година војуваа... и извојуваа признавање на бугарскиот кнез од Русија и Турција, бугарската влада, за да го отплати долгот за неа (Македонија б.н) издејствува реформи. Работата стана квит. Услуга за услуга [8]

Фердинанд го искористил Мелничкото востание за свое законско признавање, но не застанал тука. Во текот на идните години, Фердинанд се стремел да го стави под индиректна контрола Македонскиот комитет, односно макеодонското револуционерно движење и затоа во него уфрлал разни свои луѓе од Данаил Николаев па сè до Иван Цончев. Поради таквата политика, Фердинанд дошол во судир со некои од македонските револуционери. Борис Сарафов во своето интервју со Амфитеатров од 1901 г. истакнал:

Автономната македонска идеја нè скара со бугарската влада. Зар порано со нас не беше љубезен и внимателен кнезот Фердинанд? Зар... Рачо Петров кој со своето Министерство толку грижливо се зафати да нè скроти, не беше наш соучесник во 1895 г. и не ни дозволи да ја минеме македонската граница и да водиме чети? Нè фалеа зошто се надеваа дека ние, со своите раце, ќе ги вадиме од огнот македонските костени и ќе им ги дадеме ним како подарок на бугарската влада. Големите луѓе сакаа да јаваат на грбот на малите. Владата мечтаеше за Санстефанските граници, кнезот Фердинанад... го примамува ефектот кон своите два венца да го придодаде и третиот - Македонија [9]
Данаил Николаев
Иван Цончев

Според српскиот дипломатски претставник во Софија, кон крајот на март 1902:

Сарафов и неговите приврзаници, а тие ја држат во раце Внатрешната револуционерна организација, не криеја дека сакаат своето држење да го доведат во согласност со династичките интереси на кнезот Фердинанад, кој секогаш настојуваше тајно да раководи со комитетскиот ред и на тој начин како носител и претстваник на големата бугарска идеја... да ја зачува и зголеми својата популарност [10]

Меѓутоа истиот српски претставник истакнал дека:

Сарафов и неговите приврзаници отворено изјавуваа дека ним не им дошло до националистички проповеди, туку до политичко ослободување, за кое народот треба да се подготви и воодушеви, за во дадениот час да биде готов да се жртвува. Малку расположени да му служат на политичките интереси на кнезот Фердинад и на славистичките стремежи на бугарските државници, тие се воодушевуваат од идејата за самостојна Македонија, до која, според нивното мислење, во денешните политички услови може да се дојде под покровителство на Султанот. И токму затоа што не сакаат да допуштат автономијата да послужи како мост за подоцнежната бугарска анексија, предизвикаа гнев кај кнезот Фердинад и тогашниот шеф на владата - Каравелов, кој како запален шовинист, прв почна да ги гони (Сарафистите б.н). Само со тоа гонење може да се објасни што на чело на ВК дојде резервниот генерал Иван Цончев и поетот Михајловски, од кои првиот е повереник на кнезот Фединанад, а другиот приврзаник на Каравелов [4][10]

Меѓутоа и покрај спротивставувањата, Фердинанд успеал да го стави Македонскиот комитет под своја контрола преку генералот Иван Цончев, а од тука произлегло и Горноџумајското востание. Фердинанд своите контакти со македонското револуционерно движење ги продолжил до крајот на своето владеење, сретнувајќи се со многумина. Во своите спомени, Ванчо Михајлов приложил писмо за кое кажува дека е напишано од Иван Балабанов, во кое, Балабанов на 27.12.1957 г. на В. Михајлов меѓу другото му напишал:

Не беше за мене тајна дека Сандански влегуваше многу често во Дворецот (т.е. кај Фердинанд т.е) преку северната врата и мене ми правеше впечаток дека таму влегуваше со револвер во џебот... Дали тој се сметал за лошо платен за тоа што го извршувал и станал непријател на Фердинанд ќе можете вие подобро да оцените... Чудни се - да го употребам најмекиот израз - тие средби на Сандански со царот, - тој Сандански, кој се истакнуваше како заколнат непријател на врховизмот... Голема недоумица и сомничави прашања кај многу современици предизвикувал фактот што цар Фердинад испратил венец за да биде положен врз гробот на Сандански, наскоро откако бил убиен. Венецот е положен од Иван Вапацаров, родум од Банско (таткото на поетот Никола Вапцаров, четникувал во четата на Ј.Сандански б.н). Самиот Вапцаров повторуваше дека таа работа никако не може да ја разбере - цар Фердинанд испраќа венец за Сандански... [11]

Мешањето на Фердинанд во внатрешните работи на македонското револуционерно движење носеле несреќа за Македонија и Македонскиот народ. Македонската револуционерна организација изгубила драгоцено време во борбата со Цончевистите и Врховизмот во чие создавање учествувал и самиот Фердинанд.

Босанска криза

[уреди | уреди извор]
Босанската криза

Во 1908 г., австрискиот министер Алојз Лекс фон Ерентал ја анектирал Босна и Херцеговина. Оваа област, врз основа на Берлинскиот конгрес, била под австриски мандат, но формално-правно таа сè уште била дел од Османлиското Царство.

Областа била анектирана без консултации со останатите големи сили. Кралството Србија од стратешки интереси имала територијални претензии кон оваа област. Србија извршила мобилизација и ја повикала Русија на помош, Австроунгарија се обратила кон Германија. Со тоа е создала првата криза која ја тресела Европа во почетокот на XX век.

Русија била подготвена да влезе во војна, но под влијание на Франција се откажала од таквата намера. Во целата криза била вовлечена Бугарија и кнезот Фердинанд. На Австроунгарија ѝ бил потребен сојузник на Балканот, кој би ја неутрализирал Србија во евентуална војна и Виена го избрала Фердинанд. Неколку дена пред самата анексија, во Виена биле водени тајни преговори меѓу Фердинанд и Франц Јосиф. Кнезот прифатил да биде австриски сојузник, под услов да се прогласи за цар и Бугарија да стане независна држава [2]. Условите биле прифатени.

Прогласување за цар

[уреди | уреди извор]

Новиот цар, за да остави голем впечаток, во придружба на главниот штаб и високите достоинственици на Бугарија, свечено го посетил Трново и рушевините на стариот дворецот на Иван Асен I [2].

На 22 септември 1908 г., во црквата Свети Четириесет маченици се одржала грандиозна религиозна свеченост на која била прогласена независноста на Бугарија, а Фердинанд I бил прогласен за цар на Бугарите [12] со што била возобновена титулата од Првото и Второто Бугарско Царство.

Фердинанд при објавувањето на независнота

Во манифестот било истакнато:

... По волјатата на... царот ослободител, големиот братски Руски народ, потпомогнат од добрите ни соседи, поданици на Негово Величество Романскиот крал, и од јунаците Бугари, на 19 февруари 1878 г. се скршија робските синџири, што со векови ја оковуваа Бугарија... Секогаш мирољубив, мојот народ копнее за свој културен и економски напредок... Таква е желбата на мојот народ, таква е неговата волја, да биде како што тој посакува... Јас и народот искрено се радуваме ма политичката преродба на Турција. Таа и Бугарија - слободни и независни една од друга, ќе ги имаат сите услови за создадат и да ги зајканат пријателските врски и да се препушта на мирен внатрешен развој. Воодушевен од тоа свето дело и за да одговорам на државните потреби и народни желби, со благослов на севишниот, обединетата Бугарија на 6 септември 1885 г. ја прогласувам за независно Бугарско Царство и заедно со народот длабоко верувам, дека тој акт ќе наиде на одобрение меѓу големите сили и сочувство низ целиот просветен свет. Да живее слободна и независна Бугарија. Да живее Бугарскиот народ [13]

На 12 октомври 1908 г., Фердинанд свечено влегол во Софија. По неговото пристигнување се одржала воена свеченост пред насобраниот народ, а генералот Кутиншев, воен управник на престолнината, ја прочитал декларацијата за независност.

На таквото еднострано прогласување Османлиското Царство се заканила со војна, а Бугарија одговорила со воена мобилизација и истовремено ја истакнала подготвеност за мирно разрешување. Берлинскиот конгрес истовремено бил нарушен од Виена и Софија, но големите сили сè уште не биле подготвени за војна, па затоа Фердинанд направил ненадејна рокада.

Николај II
Франц Јосиф I

Фердинад многу бргу сфатил дека неговото зближување со Австроунгарија може да ја доведе во опасност неговата власт во Бугарија. Тој се плашел дека рускиот цар Николај II, слично како на неговиот татко, би можел да предизвика династички преврат и затоа Фердинанд сакал да добие прошка од Николај II и го чекал мометот за тоа. Шансата се укажала во почетокот на 1909 г., кога починал чичкото на рускиот цар, војводата Владимир Александрович. Фердинанд, иако не бил негов роднина, веднаш се упатил кон Русија за да присуствува на погребот. Таму рускиот цар го прегрнал Фердинанд и му простил за неговиот испад за време на Балканската криза.

На пат за Бугарија, Фердинанд се задржал во Романија и се обидел да го оттргне романскиот крал Карл I од Австроунгарија и Германија, тоа било желба на Николај II. Во Романија, Фердинанд бил учтиво примен и оставил силен впечаток кај своите соговорници.

Марија, жената на романскиот престолонаследник и, воедно, роднина на новиот бугарски цар, за посетата на Фердинанд истакнала:

Француската крв која тече во неговите вени од него направила да биде неспоредлив говорник. Неговите брзи духовити одговори биле сјајни, неговата иронија... неповторлива и секогаш во вистински момент... често се препушташе да ужива во мометот кога сам себеси се потсмеваше, шегувајќи се на сметка на својот физички изглед, својот темперамент... [2]

Романскиот крал ја известил Виена за посетата на Фердинанд и, најверојатно, овој извештај не му се допаднал на Хофбург, бидејќи веднаш потоа Франц Јосиф решил да го ускрати Фердинанд од орденот Златна руна, кој во меѓувреме му го ветил. Од таквиот потег бугарскиот цар бил навреден, истакнувајќи дека му се ускратува орденот по дваесет и една година владеење, владеење кое не било лесно, бидејќи тој не е роден со круна врзана за папочната врвца [2].

Меѓутоа, од руско-бугарското зближување следел Руско-турскиот протокол (1909), Бугарско-турскиот протокол (1909) и Руско-бугарски протокол (1909). Со нив било предвидено:

Русија ѝ ги простила на Отоманското Царство долговите уште од војната 1877-1878 г
Отоманското Царство се откажала од секакви финансиски претензии кон Бугарија
Бугарија била задолжена да ѝ го исплати на Русија долгот од 1875 г. во износ од 82 мил. франци

По потпишувањето на договорите, најпрво Отоманското Царство, а потоа и големите сили во април 1909 г., ја признале независноста на Бугарија. Фердинанд со својата дипломатија успеал да ја стекне независност која била чекана триесет години [2].

Прва балканска војна

[уреди | уреди извор]

Русија, благодарение на Фердинандовата рокада од 1909 г., останала господар на балканскиот простор, а можела да се надева на сојуз со Србија и Црна Гора, неутралност на Романија, на грчката наклонетост и пријателство со Бугарија [2].

Фердинанд и грчкиот крал во Солун
Манифестот на Фердинанд І за објавување на војна на Османлиското Царство

Русија, која била незадоволна од крајот на Босанската криза, почнала да подготвува контраудар. Сергеј Сазанов, министерот за надворешни работи на Николај II подготвил план за обединување на сите христијани на Балканот и одземање на османлиските територии меѓу Јадранското и Мраморното море. Во прашање биле Албанија, Македонија и Тракија.

Под влијание на Русија, балканските владетели ја прифатиле идејата за сојуз и војна со Османлиското Царство и нејзино протерување од Балканот. Србија и Црна Гора ја сакале северна Македонија и Албанија, Грција сметала на јужна Македонија и Солун, додека пак Бугарија била заинтересирана за источна Македонија и Тракија, меѓутоа бугарските националисти сакале остварување на санстефанскиот идеал на кој Фердинанд морал да внимава.

Најголемиот проблем при комбинаториките на балканските држави предизвикала Македонија, сите имале претензии кон неа, а потешкотија претставувала и нејзината поделба. Оставајќи го Македонското прашање настрана и премолчувајќи ги несогласувањата, во октомври 1912 г. балканските држави влегле во војна со Османлиското Царство, со што започнала Првата балканска војна.

Во текот на октомври и ноември 1912 г., Османлиите претрпеле тешки порази кај Кир Килис, Куманово и Солун. По падот на Едрене во март 1913 г., Османлиското Царство морала да се покори. Прелиминарните договори биле потпишани во Лондон во текот на мај со кој Империјата ги потврдила своите загубени територии во Европа, со исклучок на источна Тракија и Цариград.

Втора балканска војна

[уреди | уреди извор]

По победата, сојузниците почнале да се расправаат околу балканските поседи на Османлиското Царство. Грците и Бугарите се судриле околу Тракија и брегот на Егејското Море. Србите и Црногорците биле незадоволни од одлуката за создавање на независна држава Албанија и се нафрлиле кон Македонија. Обидите на Русија да се зачува Балканската антанта биле неуспешни, антагонизмот на балканските држави околу Македонија бил преголем.

Бугарскиот воен план за напад

Фердинанд како носител и претставаник на големата бугарска идеја [10], а како таков во текот на целото свое владеење се претставувал пред бугарското општесво, не можел да се задоволи со толку мал дел од Македонија, бил подготвен на компромиси и договори но со тенденција да добие што поголем дел од раженот [5], не реализирањето на санстефанскиот идеал можел да го плати со губење на престолот.

Успехот на бугарската надворешна политика, вооруженинот триумф над Османлиското Царство и Македонија придонеле Фердинанд да се откаже од компромис. Компромисот бил неможен поради притисокот од бугарското општество, Македонија го заземала централното место во надворешната политика на Бугарија[4] уште од 1878 година.

Затоа се ослободил од премиерот Гечов и владата ја доверил на Данев. Заобиколувајќи ја владата, Фердинанд на генералот Савов и генералниот штаб им дозволил да извршат напад врз Србите и Грците во Македонија. Бугарската армија својот напад го извршила на 28 наспроти 29 јуни 1913 година и со тоа започнала Втората балканска војна. Меѓутоа бугарскиот напад бил сопрен од Србите и Грците.

Набргу во војната се вклучиле Романија и Османлиското Царство, Романците ја зазеле Силистра на Дунав, а Османлиите го зазеле Едрене. Во текот на еден месец Бугарија била поразена на сите фронтови и таа на 28 јули 1913 година побара примирје. Мирот бил потвреден со Букурешкиот договор, а Македонија била поделена.

По поразот владата на Данев паднала, а за нов премиер бил поставен Радославов. Во тој момент Фердинанд сета одговорност ја префрлил врз главниот штаб и започнал една силна антироманска кампања која имала силен оглас во Бугарија. На таков начин Фердинанд успеал да си ја сочува круната [2].

Прва светска војна

[уреди | уреди извор]

Во предвечериието на Првата светска војна, Фердинанд преговарл и со едните и со другите убедувајќи ги во својата добра волја и добронамерност [2].

Англичаните долго време верувале дека Бугарија на крајот ќе застане на страната на Антантата и побарале од романската кралица Марија, Англичанка по потекло, да помогне во подобрување на романско-бугарските односи.

Фердинанд и кајзерот Вилхем II
Фердинанд со владетелите на Централните сили
Фердинандовиот манифест со кој Бугарија влегла во Првата светска војна

Меѓутоа, Фердинанд постојано одолговлекувал под изговор дека стравува од непријателска акција од страна на Романија и дека не се знаее на која страна ќе се приклони таа држава. Сојузниците не увиделе дека Фердинандовите размислувања се зосновани врз Букурешкиот договор и Македонија. За Фердинанд било важно во кој табор ќе влезат Србија и Грција, а тие во август 1914 година биле во сојузничкиот табор.

Пречката за приклучување на Бугарија во Антантата била голема, српско-бугарскиот и грчко-бугарскиот анатгонизам во Македонија и Тракија бил преголем за да се најдат овие три држави повторно во ист сојуз. Фердинанд ја сакал Македонија, а Антантата не можела да му ја даде бидејќи калкулирала со Србија и Грција, а веројатноста тие да се откажат од својот плен, била многу мала.

Затоа Фердинанд се свртел кон Централните сили, а тие му го ветиле српскиот дел од Македонија, со можното приклонување на Грција и Романија кон Антантата за Фердинанд се отворала можноста за реализација на Санстефанска Бугарија [2].

Во моментот на поразот во јули 1913, Фердинанд на своите трупи им рекол: Соберете ги славните знамиња и очекувајте подобри денови. На 14 октомври 1915 година Бугарија ги развееала своите знамиња објавувајќи војна на Србија. Фердинанд конечно ја одбрал страната, но погрешната, всушност, неговиот избор е логична последователност на неговата долгогодишна надворешна политика, а тоа е присоединувањето на Македонија кон Бугарија. Србија која веќе била нападната од Австроунгарија и водела неколку месечна војна, сега морала да се брани и од бугарската армија, која почнала да навлегува во Македонија.

Француската војска, која била стационирана во Солун, се обидела да интервенира, меѓутоа војската на Фердинанд Итриот [2] ги натерала да се повлечат. Србија оставена сама на себеси била поразена и остатоците на нејзината војска, зедно со принцот Александар, преку албанските планини се засолниле на острвот Крф.

Српскиот пораз предизвикал бес врз Фердинанд. Сојузниците истакнувале дека бугарскиот цар треба да се убие исто како што сакале да се убие германскиот кајзер Вилхем II. Фердинанд бил осуден и од своите роднни Сакс-Кобург-Гота, англискиот крал Џорџ и белгискиот Алберт I, кој се наоѓале во спротивниот табор. Фердинанд откако ја прифатил соработката со Централните сили дозволил бугарската армија, која била засилена од германските сили, да биде ставена под команада на прускиот маршал Август Фон Макензен.

Исходот од оваа одлука е поразот на Романија во есента 1916 година, всушност Бугарија ја нападнала без официјална објава за војна и учествува во нејзината окупација. Со овој чин Фердинанд дошол во судир со нов член на семејството Сакс-Кобург, романската роднина Марија, всушност бугарскиот цар со својата политика ги уништил сите врски со своите роднини [2]. Во текот на Првата светска војна Фердинанд сите граѓански и воени работи ги препуштил на други лица и во текот на 1915-1916 година многу ретко се мешал во сериозните прашања. Дирекно не се мешал во воените операци, а се ограничил само на доделувањата на знамиња и ордени. На тој начин се дистнцирал од последиците и сакал одговорноста да ја префрли врз воено-политичките кругови кој биле поврзани со Германија.

Во септември 1918 година Источната армија под команда на Франш Д' Епере започнала силен напад врз Бугарија. Отпорот траел околу десет дена, француско-српските сили ги потиснала Бугарите и ги зазеле Соко и Доброполе, по што навлегле на бугарска територија. По продорот бугарската влада побарала примирје кое било потпишано на 28 септември

Абдикација

[уреди | уреди извор]
Фердинанд во 1928 г.

Фердинанд знаел каков ќе биде односот на сојузничките сили и ги надитрил сите за не им овозможи срамно да биде соборен. На 3 октомври 1918 година Фердинанд абдицирал во корист на својот најстар син Борис со зборовите: Во иднина сум ваш поданик, но останувам татко на вашето величество [2].

Освен неколку болшевизирани одреди кој сакале да прогласат република, Бугарите го испратиле Фердинанд длабоко возбудени, а најголемиот дел од народот во поранешниот суверен гледале како на жртва на неправедна судбина [2] Сојузниците кои се надевале дека ќе наидат на стариот цар кој бил оптоварен со своите дела, тие го сретнале младиот принц кој бил невик како јагне [2]. Фердинанд успеал да ја спаси династијата.

Прогонство

[уреди | уреди извор]

Откако не му било дозволено да остане на своите имоти во Унгарија, тој заминал во градот Кобург во Германија и таму живеел до крајот на животот.

По војната, извесно време користел пензија од германската влада. Во 1920-те, тој ги продолжил своите научни истражувања низ Јужна Америка, патувал низ Бразил, Аргентина и Уругвај, а ја посетил и источна Африка.

Учествувал на меѓународни научни симпозиуми по ботаника и орнитологија. Борис III никогаш не му дозволил на својот татко да ја посети Бугарија и покрај сите обиди на Фердинанд, а особено во 1937 г., по раѓањето на престолонаследникот Симеон Трновски.

Во текот на 1930-тите и 1940-тите, Фердинанд често отседнувал во семејните имоти во денешна Словачка - замокот „Свети Антон“ [14]. Овој имот го напушил во есента 1944 г. поради напредувањето на Црвената армија кон Прага.

Гробот на Фердинанд

Фердинанд починал на 10 септември 1948 г. во својот дом во Кобург. Тој ги надживееал своите двајца сина, како и крајот на династијата што ја основал тој. На смртната постела, Фердинанд го прашал својот аѓутант ген. П. Ганчев: Кога заминуваме за Бугарија? Неговата последна волја била да биде закопан во Бугарија и затоа неговото тело било привремено сместено на семејните гробишта во католичката црква "Св. Августин" во Кобург, покрај мајка му и татко му.

Семејство и личен живот

[уреди | уреди извор]

Се тврди дека Фердинанд бил бисексуален во текот на својот цел живот, но според современиците, до средината на неговиот живот преовладувал интересот кон женскиот пол [15]

Елеонора и Фердинанд

Фердинанд се женел двапати. Првиот пат со италијанската принцеза Марија Луиза Бурбон-Пармска, а со неа имал четири деца:

цар Борис III (1894-1943)
кнез Кирил Преславски (1895-1945)
кнегињата Евдокија (1898-1985)
кнегињата Надежда (1899-1958).

Мариja-Луиза умрела при пораѓањето на Надежда, а по нејзината смрт, се оженил со германската принцеза Елеонора, но со неа немал деца. Според некои податоци, во 1947 г., Фердинанд побарал дозвола од епископот за склучување на трет брак со Елизабет Брезек.

Историски погледи

[уреди | уреди извор]

Историската наука Фердинанд го третира како противречна личност. Од една страна, се истакнуваат, посебно од бугарската историографија, неговите заслуги за издигање на Третата бугарска држава, како и зацврстувањето на нејзината независност.

Но, врз Фердинанд се нафрла и вината за вовлекувањето на Бугарија во Втората балканска војна и Првата светска војна во кои Бугарија доживеала две национални катастрофи.

Тој имал голема улога во поделбата на Македонија и се смета за директен наредбодавец на убиството на Јане Сандански. Неговото мешање во македонското револуционерно движење било погубно за цела Македонија.

  1. Дворецот Кобурк[мртва врска]
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 2,19 2,20 2,21 2,22 Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Guy G.
  3. Алберт Лондр, Комитаџии, Тероризмот на Балканот, Култура, 1992.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  5. 5,0 5,1 Државен архив на Репубилка Македонија (ДАРМ), ф. Политичко Одделени (ПО), мф. 446, Пов. Но. 228, Цариград, 26. III 1896.
  6. Кљакиќ, Драган. Времето на Колишевски. Скопје, 1994, стр. 182.
  7. Право,I/21,11.04.1895, София, 2
  8. 8,0 8,1 Правителствените шайки правяатъ избори... Право, 21.01.1895,5.
  9. Право,I/34,8.07.1895.
  10. 10,0 10,1 10,2 АМ, ПО, мф. 454, пп. бр. 1109, 27.03.1902.
  11. Ванчо Михајлов, Спомени II. 253-255
  12. ИЗГУБЕНАТА БЪЛГАРИЯ
  13. Обявяване на независимостта на България и борбата за нейното утвърждаване
  14. Свети Антон
  15. Стивън Констант „Фердинанд Лисицата“, София 1992

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Guy Gauthier, Les Aigles at les Lions, Histoire des monarchies balkaniques, Éditions France-Empire, 1996
  • Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  • Панде Константин, Национлнотоослободително движение в Македония и Тракия 1893-1903, София, 1979
  • Граф Робер дьо Бурбулон: „Български дневници“. София 1995, ИК „Колибри“
  • Даниела Давчева: „Лисицата и лъвът. Фердинанд I. на фона на българската психологическа и политическа действителност 1886 - 1902“. София 1994. УИ „Св. Климент Охридски“
  • Цар Фердинанд: „Съвети към сина“. София 1991. ИК „Св. Климент Охридски“
  • Иван Йовков: „Кобургът“. София 1980
  • Josef Knodt: „Ferdinand der Bulgare“. Bielefeld 1947
  • Йоахим фон Кьонигсльов: „Фердинанд Български“. София 1998. Изд. Гал-Ико
  • Ханс Рожер Мадол: „Фердинанд. Цар на българите“. София 1932, 1992
  • Erickson, Edward J. (2003). Defeat in Detail: The Ottoman Army in the Balkans, 1912–1913. Greenwood Publishing Group. ISBN 0-275-97888-5.
  • Fotakis, Zisis (2005). Greek naval strategy and policy, 1910–1919. Routledge. ISBN 978-0-415-35014-3.
  • Hall, Richard C. (2000). The Balkan Wars, 1912–1913: Prelude to the First World War. Routledge. ISBN 0-415-22946-4.
  • Langensiepen, Bernd; Güleryüz, Ahmet (1995). The Ottoman Steam Navy, 1828–1923. Conway Maritime Press. ISBN 0-85177-610-8.
  • Schurman, Jacob Gould (2004). The Balkan Wars, 1912 to 1913. Kessinger Publishing. ISBN 1419153455.
  • Seton-Watson, R. W. (2009) [1917]. The Rise of Nationality in the Balkans. BiblioBazaar. ISBN 978-1113882646.
  • Bade, Klaus J; Brown, Allison (tr.) (2003), Migration in European History, The making of Europe, Oxford: Blackwell, ISBN 0631189394, OCLC 52695573
  • Keegan, John (1998), The First World War, Hutchinson, ISBN 0091801788
  • Taylor, Alan John Percivale (1963), The First World War: An Illustrated History, Hamish Hamilton, OCLC 2054370
  • Willmott, H.P. (2003), World War I, New York: Dorling Kindersley, ISBN 0789496275, OCLC 52541937

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Фердинанд I
Помлада гранка на Династија Ветин
Роден(а): 26 февруари 1861 Починал(а): 10 септември 1948
Владејачки титули
Претходник
Александар I
Бугарски принц
7 јули 1887 – 5 октомври 1908
Прогласен за цар
Независност на Бугарија
од Отоманското Царство
Нова титула
Кнежевство издигнато
на царство
Бугарски цар
5 октомври 1908 – 3 октомври 1918
Наследник
Борис III
Политички функции
Претходник
Александар I
Владетел на Источна Румелија
7 јули 1887 – 5 октомври 1908
Прогласен за цар
Независност на Бугарија
од Отоманското Царство


Статијата „Фердинанд I“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).