Циркус (филм од 1928)
Циркус (англиски: The Circus) — американски филм од 1928 година, во режија на Чарли Чаплин, кој е автор и на сценариото и ја игра главната улога, заедно со Мерна Кенеди (Merna Kennedy), Ал Ернест Гарсија (Al Ernest Garcia), Хенри Бергман (Henry Bergman) и Хари Крокер (Harry Crocker).[1] Во 1929 година, за овој филм, Чаплин добил почесна награда од Американската филмска академија (за севкупно остварување, иако тој бил номиниран во категоријата за најдобар глумец).[2]
Содржина
[уреди | уреди извор]Еден крадец му го краде паричникот на еден човек и за да не биде откриен, го става во панталоните на еден скитник (го игра Чаплин). Подоцна, жртвата на кражбата го здогледува паричникот кај скитникот и го пријавува кај полицаецот. Бегајќи, тие влегуваат во циркусот токму за време на претставата и сите гледачи се воодушевени од скитникот. Поради тоа, сопственикот на циркусот (го игра Гарсија) му нуди работа на скитникот, но утредента, за време на пробата, тој се покажува во лошо светло и не ја добива работата. Таму, скитникот ја запознава ќерката (ја игра Кенеди) на сопственикот на циркусот и се вљубува во неа.
Меѓутоа, подоцна, кога работниците во циркусот даваат отказ, скитникот е ангажиран како физички работник. Кога случајно ќе упадне на среде претстава, публиката повторно е воодушевена од него и сопственикот на циркусот сфаќа дека тој е главната атракција. Така, скитникот работи тешки работи без да знае дека е главната ѕвезда сè додека еднаш ќерката на сопственикот не му ја каже тајната. Потоа, тој добива поголема плата и ужива повластен третман. Работите се менуваат кога во циркусот пристигнува одачот на јаже, згодниот Рекс (го игра Крокер) во кого се вљубува ќерката на сопственикот. Скитникот е разочаран и повеќе не е во состојба да ја засмејува публиката, поради што му се заканува отказ. Еднаш, кога Рекс не се појавува на претставата, скитникот го заменува на јажето. По претставата, тој се тепа со сопственикот и добива отказ, но следната вечер кај него доаѓа ќерката на сопственикот, која избегала од циркусот. Скитникот добива идеја: се враќа во циркусот и го наговорува Рекс да се ожени со девојката. По нивната венчавка, сите тројца се враќаат во циркусот којшто заминува во друг град, а скитникот, иако е поканет да работи во циркусот, сепак не им се придружува, останувајќи сам.[1]