Прејди на содржината

Вилијам Фокнер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вилијам Фокнер
Роден/аВилијам Катберт Фокнер
септември 25, 1897(1897-09-25)
Њу Албани, Мисисипи
Починат/ајули 6, 1962(1962-07-06) (возр. 64)
Бихалија, Мисисипи
ЈазикАнглиски
НационалностСАД
Период1919–1962
Значајни делаЗвукот на бесот
Додека лежев умирајќи
Светлина во август
Авсалом, Авсалом!
Роза за Емили
Значајни награди Нобелова награда за литература
1949
Пулицерова награда
1955, 1963
Сопруг/аЕстел Олдам (1929–1962)
Потпис
Вилијам Фокнер (англиски: William Faulkner) (25 септември 18976 јули 1962)
Светлина во август (1932)

корицата на првото издание.

Вилијам Фокнер (англиски: William Faulkner) (25 септември 18976 јули 1962) — американски писател, добитник на Нобеловата награда. Роден во Мисисипи, САД се смета за еден од највлијателните писатели на почетокот на XX век. Фокнер е познат по тоа што користи долги, извиткани реченици и уредно одбрана дикција што е во целосен контраст на минималистичкиот стил на неговиот соперник Ернест Хемингвеј. Некои сметаат дека Фокнер е единствениот американски модернист кој ја следи експерименталната традиција на европските писатели како што се Џејмс Џојс, Вирџинија Вулф, Марсел Пруст и Томас Ман. Неговите дела се познати како романи на тек на свеста, со неколку раскажувачи и повеќе точки на гледање како и временски смени.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Вилијам Фокнер е роден на 25 септември 1897 година во малото место Њу Албани, во сојузната држава Мисисипи како најстариот од петмината синови во семејството. Тој потекнува од старо аристократско семејство кое дало низа истакнати луѓе: политичари, војници, па дури и еден писател. Имено, неговиот предедо кој, исто така, се викал Вилијам Фокнер, напишал повеќе книги од кои „Белата роза од Мемфис“ (The White Rose of Memphis) била една од најчитаните книги во неговото време. За време на Граѓанската војна, неговиот прадедо, полковникот Вилијам Кларк Фокнер, служел во Конфедеративната Армија, а по завршувањето на војната бил избран за член на Конгресот, но истиот ден бил убиен. Дедо му на Фокнер бил заменик на јавниот обвинител во некој округ, а татко му бил обичен службеник на Унивезритетот во Оксфорд. Уште во раното детство, семејството на Фокнер се преселило во блискиот град Оксфорд, каде тој го минал поголемиот дел од животот. Родниот крај и општествената и материјалната положба на неговото семејство претставува идејна и тематска подлога на целокупното негово творештво. Во Оксфорд, Фокнер учел во народното училиште, но не бил добар ученик и не го завршил средното училиште, бавејќи се со разни работи. По избувнувањето на Првата светска војна, откако бил одбиен од армијата на САД бидејќи не бил доволно висок, Фокнер се придружил на Кралската Армија, служејќи како пилот во воздухопловните сили при што учествувал во повеќе опасни акции, а во една прилика, неговиот авион бил погоден, а тој бил ранет. По војната се запишал на Универзитетот во Оксфорд (како воен ветеран имла право на упис и покрај тоа што немал завршено средно образование), но набргу ги напуштил студиите и повторно променил повеќе занимања: поправал покриви, а бил и поштар, дрводелец и фармер. Пресвртна точка во неговиот живот имало патувањето во Њу Орлеанс, каде се запознал со писателот Шервуд Андерсон, кој му помогнал да ги објави раните поетски творби и првиот роман „Платата на војниците“. По враќањето во Оксфорд, тој започнал да пишува, објавувајќи една стихозбирка и четири романи, но ниту едно негово дело не успеало да постигне успех кај публиката, така што бил принуден да се вработи во една фабрика. Дури во 1931 година, благодарение на романот „Светилиште“, Фокнер се збогатил и ја обновил старата аристократска куќа, започнувајќи поудобен живот.[1][2]

Подоцна, тој се преселил во Холивуд за да работи како сценарист (продуцирајќи за Рејмонд Чендлер како и за режисерот Хауард Хокс). Фокнер започнал љубовна врска со секретарката на Хокс, Мета Карпентер. Продолжува да пие и бил познат како хроничен алкохоличар. Интересна анегдота се врзува за Фокнер за време на добивањето на Нобеловата награда за литература во 1949 година: откако пијаниот Фокнер бил донесен од неговиот внук, а тој почнал да зборува за фудбалскиот натпревар кој неодамна го гледал, сфатил дека неговиот внук го излажал дека токму тој ден се доделува Нобеловата награда за да се осигура дека Фокнер ќе биде трезен на вистинскиот ден на доделувањето на наградата. Текстот на говорот кој го одржал Фокнер е достапен на мрежното место на Нобеловата фондација, заедно со делумен аудио запис. Не се знае дали ова е во живо или е снимено во студио, иако атмосферата укажува дека се работи за доделување во живо. Според една непроверена верзија, пред смртта на Фокнер во 1962, писателот Џон Стајнбек му се јавил за да го консултира за сопствениот говор на доделувањето на Нобеловата награда, а Фокнер му одговорил дека не може да му даде совет затоа што бил премногу пијан за да се сети на сопствениот говор. Фокнер предавал на Универзитетот Вирџинија.

Последните години од животот ги минал на својот имот во родниот крај, живеејќи тивок и повлечен живот, бавејќи се претпладне со пишувањево, а попладне со риболов. Умрел во 1962 година од срцев удар.[3]

Творештво

[уреди | уреди извор]

Наклонетоста кон пишувањето била присутна и во семејството на Фокнер: неговиот прадедо, полковникот Вилијам Фокнер, го напишал сентименталниот роман „Белата роза од Мемфис“ кој бил омилена лектира на неколку поколенија читатели. Самиот Фокнер уште во младоста пишувал поезија, но систематски почнал да пишува по преселбата во Њу Орлеанс и средбата со Андерсон. Во 1924 година ја објавил својата поетска збирка „Мермерниот фаун“, а истата година се појавил и неговиот прв роман „Платата на војниците“ во кој се опишува еден разочаран млад Американец кој се враќа од војната во родниот крај за уште повеќе да се разочара. Во 1927 година излегол романот „Комарци“ во кој последиците од војната се израени низ здодевноста на отмената њуорлеанска боемија. Овие романи прават целина во која провејува заедничко расположение под влијание на Првата светска војна. По враќањето во Оксфорд, Фокнер започнал да ги пишува своите „историски“ романи за стариот Југ. Во 1929 година го објавил својот прв роман на таа тема, „Сарторис“, во кој ја опишува пропаста на угледното и богато аристократско семејство Сарторис и подемот на семејството Сноупс. Меѓутоа, ниту овој роман не предизвикал никакво внимание кај публиката и критиката. Дури неговиот четврти роман, „Бучава и бес“ (The Sound and the Fury) од 1929 година предизвикал одреден интерес во интелектуалните кругови, пред сѐ поради содржината, композицијата и стилот. Во овој роман, чиј наслов е преземен од Шекспировото дело „Макбет“, ја прикажува пропаста на семејството Компсон. Следната година го објавил краткиот роман „Додека бев на умирање“ (As I Lye Dying) кој, исто така, не постигнал никаков комерцијален успех. Во 1931 година го објавил романот „Светилиште“ (Sanctuary), кој по советот на издавачот го напишал „по вкусот на публиката“, т.е., во стилот на американските раскази со мистерии. Истата година се појавила и збирката раскази „Тринаесетмината“ во која се наоѓа и познатиот расказ „Роза за Емили“ кој е застапен во речиси сите американски антологии. Во 1932 година го објавил романот „Светлина во август“ (Light in August), неговото најчисто и најкласично дело. По пауза од десет години, во 1934 година ги објавил втората стихозбирка, „Зелена гранка“ (A Green Bough), како и збирката раскази „Д-р Мартино“, додека во 1935 година се појавил романот „Пајлон“ (Pylon) во кој се опишува животот и смртта на еден авијатичар. Во 1936 година се појавило најфокнеровското дело, романот „Авсалом, Авсалом!“ (Absalom, Absalom!) во кој повторно се осврнува на Граѓанската војна и на пропаста на едно аристократско семејство. Во следниот роман, „Непобедени“ (The Unvanquished) од 1938 година, се вратил на семејството Сарторис во виорот на Граѓанската војна, прикажувајќи го судирот меѓу генерациите и расите и исчезнувањето на аристократските традиции. Следното негово дело е романот „Диви палми“ (The Wild Palms) од 1939 година, во кој се зафаќа со проблемот на злосторството и казната, а во овој роман е ставен и романот „Старецот“ (The Old Man) во кој се опишува судбината на еден затвореник. Историчарите на книжевноста и книжевните критичари сметаат дека последните дела на Фокнер претставуваат свртување кон посветли видици. Во следното дело, „Селце“ (The Hamlet) од 1940 година, кое се состои од четири лабаво поврзани дела, детално го опишува подемот на семејството Сноупс, а во оваа трилогија спаѓаат и романите „Град“ (The Town) од 1957 и „Палата“ (The mansion) од 1959 година. Од неговите подоцнежни дела треба да се истакнат збирката раскази „Слези, Мојсеј“ (Go Down Moses) од 1942 година, како и романот „Натрапник во прашината“ (Intruder in the Dust) од 1948 година во кој укажува на моралната одговорност на белците за лошата положба на Црнците во американскиот Југ. А тогаш, на негово големо изненадување, во 1950 година станал добитник на Нобеловата награда. Една година подоцна го објавил романот „Реквием за една калуѓерка“ (Requiem for a Nun) кој претставува продолжение и завршеток на „Светилиште“. Потоа, повторно се вратил на семејството Сноупс чија хроника ја завршил со два Посмртно излегол неговиот роман „Крадци“ (The Reveries).[4] [5]

За пишувањето, Фокнер вели во едно интервју за The Paris Review во 1956 година: „Писателот треба да изврши операција на поставување на циглите ако е заинтересиран за техниката. Не постои механички начин да се пишува добро, не постои пократок пат. Младиот писател би бил будала ако ја следи теоријата. Треба да се научите од сопствените грешки, луѓето можат да научат само од сопствените грешки. Добриот уметник верува дека никој не е доволно вреден за да го советува. Тој има возвишена суета. Не е важно колку тој му се восхитува на постариот писател, тој сака да го победи.“

За време на примето на Нобеловата награда, Фокнер го искажал својот став во поглед на должноста на писателот со следниве зборови: „Должност и привилегија на поетот, писателот, е да му помага на човекот да издржи, крепејќи му го срцето, потсетувајќи го на храброста и честа и надежта и гордоста и сочувството и милоста и жртвата. Поетовиот глас не треба да биде само белешка за човекот; тој може да биде и еден од потпирачите кои ќе му помогнат да издржи и да победи.“[6]

Осврт кон творештвото на Фокнер

[уреди | уреди извор]

Фокнер претставува единствена појава во американската книжевност – единствена по тематиката, стилот и изразот, а поради тоа со децении предизвикувал жестоки расправи кај книжевните историчари, критичари, естетичари и моралисти кои полемизирале за „вистинската смисла“ на неговото творештво, т.е. зошто Фокнер пишува за тоа и зошто токму на тој начин?[7] Интересно, пред да стане популарен во САД, Фокнер најпрвин станал славен во Европа, особено во Франција каде бил најпрвин откриен од Малро и Сартр. Објаснувајќи зошто Фокнер е омилен кај француската публика, Марсел Еме вели дека тоа се должи на фактот што таа го смета за најамерикански од сите американски писатели кој импресионира со својата длабока врска со родната земја.[8]

Во текот на тридецениското творештво, Фокнер постојано ја разработувал истата тема – пропаѓањето на стариот „бурбонски“ и раѓањето на новиот американски Југ, процес кој се одвивал во знакот на суровата борба меѓу класите и расите, идеите, традицијата и моралот, придружен со немилосрдни крвави трагедии и злосторства. Во мачниот процес на изумирањето на стариот Југ, новата индустриска буржоазија ја презела не само економската положба на старата аристократија, туку и нејзиното духовно наследство кое, според Фокнер, го вулгаризирала. Со цел попластично и сеопфатно да го изрази тој комплекс, Фокнер создал свој посебен свет – „terra faulkneriana“, како што го нарекуваат некои критичари. Тој свет го сочинува областа Јокнапатафа, со градот Џеферсон, во која делуваат сите негови книжевни јунаци: гордите Сарториси, дегенерираните Комсони, трагичните Сутпени, немирните Бурдени, суровите Сноупси, примитивните Армстиди, стоичките Дилси, идиотите од типот на Бенџи, нимфоманките Кеди и Темпл, шверцерите како Годвин, бандитите како Попај, легионарите како Перси Грим, филозофот Стивенс и целата непрегледна галерија ликови кои учествуваат во големата фокнеровска драма на Југот. Многу од тие ликови се појавуваат во повеќето Фокнерови романи, а особено главните протагонисти – семејствата Сарторис, Комсон и Сноупс при што за некои од нив Фокнер изработил цела генеалогија. На пример, во прилогот кон изданието на „Бучава и бес“ од 1946 година, Фокнер го претставил семејното стебло на Компсонови во последните 200 години, заклучно со 1943 година (иако романот е напишан во 1929 година). Таа насилна драма Фокнер ја опишува како психоаналитичар при што нурка во најголемите длабочини на човековата душа, сецирајќи ја низ долгите описи и монолози во се испреплетуваат свеста и потсвеста. Всушност, дејствието (кое најчесто е многу заплеткано) игра споредна улога во неговите романи, а тежиштето е ставено врз психолошките процеси.[9]

Повеќето дела на Фокнер претставуваат органска целина, со единствени ликови, како и идејни и морални погледи. Неговата творечка фантазија изградила посебен, легендарен свет: областа Јокнапатофа и нејзиниот центар, градот Џеферсон (всупност, се мисли на Оксфрод). Во тој измислен свет, кој изгледа како стварноста, дефилираат неколку поколенија ликови чија судбина се провлекува од книга во книга. Тој митски свет писателот го воопштил до толкав степен на типичност, што го претворил во симбол на целиот Југ на САД, па дури и во огледало на човечкиот карактер и судбината, воопшто. Времето во кое е опишан тој свет е времето по Американската граѓанска војна кога старата аристократија ја губи општествената положба под налетот на новата индустриска цивилизација. Фокнер го разбира духот на новата хуманост и кажува дека расните разлики не се основа за поделба на луѓето. Поради тоа, неретко во неговите романи главни позитивни ликови се Црнци и мелези и неретко белото и црното население на Јокнапатофа искрено другаруваат, наговестувајќи ја идната човечка солидарност. Во таа слика на големи општествени промени претежно се забележуваат силни и темно бои при што сè е пренагласено, засилено до биолошката поедноставеност, свирепост и насилство. Тоа е онаа атмосфера, само со помалку чист хумор, која се наоѓа во делата на Марк Твен. Во тие отворени и соголени односи меѓу луѓето, често од претераното се раѓа смешното, кога двете стојат едно до друго, трагично и тривијално, но тоа смеење не носи олеснување, зашто тоа е гротескен хумор. Од духот на непосредноста и свирепоста кои се присутни во атмосферата на Фокнеровите романи извира духот на фаталноста и препуштањето на судбината, па дури и непротивење на злото. Книжевните јунаци како да лседат некој однапред определен пат кои често не го одобруваат и кој би можеле да го избегнат со мал напор на волјата, но не преземаат ништо против таквиот тек на работите. Дури и кога понекогаш самостојно одлучуваат, нивниот избор е слободен само привидно, зашто тој е очекуван и предодреден од целокупната низа претходни настани. Имено, во творештвото на Фокнер не постои строго омеѓено сегашно време во кое личностите се однесуваат слободно. Наместо тоа, во сегашноста постојано е присутно минатото кое е непосредна причина на последиците. Однесувањето на Фокнеровите јунаци не се објаснува со нивните непосредни постапки, туку со сеќавањата на некои поважни настани кои се во некаква врска со нивното однесување. На тој начин, пред читателот се присутни две дејствија, две точки — сегашна и мината кои писателот не ги раздвојува ниту со знаците на интерпункцијата. Фокнер не го признава објективното време, поделено на минато, сегашност и иднина, туку го менува на сите начини и го приспособува на своите изразни постапки. Бидејќи минатото се пренесува во сегашноста низ човечката свест, Фокнер го прикажува дејствието во своите романи однатре, сликајќи ја свеста, т.е. применувајќи ја книжевната постапка позната како „тек на свеста“ во која, наместо низ надворешното опишување, настаните се објаснуваат низ нивното пресликување во свеста. Притоа, Фокнер воведува нов начин на раскажување кој се одликува со необични реченица која е сложена, понекогаш долга две-три страници, испрекината со бројни вметнувања и без вообичаените интерпункциски знаци. Таквата брановитост во раскажувањето, иако навидум спротивна на правилата на граматиката, всушност е многу функционална зашто најдобро го изразува она што сака да го каже писателот. Во тој поглед, Фокнериовиот стил не е хаотичен само поради тоа што тој го прикажува хаосот, туку тоа е само уметничка слика на нередот која свесно е смислена за да предизвика токму таков впечаток. Фокнер, венсува ред во нередот и неговото раскажување е водено со сигурна рака. Иако, првата средба со делата на Фокнер секогаш вознемирува поради формалните карактеристики на неговиот стил, низ целото творештво, тој се бави со истите, вечни теми, а читањето на неговите дела го предизвикува истото задоволство како и делата на класиците.[10]

Поради својот необичен стил, Фокнер бил често напаѓан од книжевната критика. На пример, критичарот Гренвил Хикс тврдел дека Фокнер „веројатно најпрвин го пишува романот со вообичаената, нормална метода, а потоа го сипревртува и го дава во искривен облик“. Исто така, Хикс го обвинувал Фокнер за извештаченост во композицијата, како што е случајот со „Дивите палми“ кои немаат никаква врска со „Старецот“, а Фокнер сепак ги споил во истата книга, па дури им ги измешал главите. Дури и Конрад Ејкен, еден од првите сериозни американски аналитичари на творештвото на Фокнер и негов голем приврзаник, во својот есеј „Вилијам Фокнер: Романот како форма“ од 1939 година признава дека и најголемите обожаватели на Фокнер мора постојано да се уверуваат со секој негов роман дека првите педесетина страници се најтешки и секојпат мора повторно да учат како да ја читаат таа „чудно течна проза“, полна со тешки манири. Во тој поглед, Ејкен наведува некои замрсени, неразбирливи делови од „Авсалом, Авсалом!“, тврдејќи дека можете да ги читате колку што сакате, но ви остануваат неразбирливи додека не ја завршите целата книга, кога ви стануваат „јасни како на дланката“. Навистина, веројатно на читателите најмногу им пречи необичниот стил на Фокнер, кој се одликува со многу долги реченици (некогаш, на неколку страници) кои се заплеткани, испресечени со загради и двојни загради или се состојат од голем број редови без никаква интерпункција. Поради тоа, некои критичари го прогласиле Фокнер за неразбирлив (на пример, Ајсак Росенфелд го нарекува неговиот стил „нејасен“ и „нерамнотежен“), а други сметаат дека ни тој самиот не знае точно што сакал да каже. Иако во Фокнеровиот стил има многу нешта што можат да се критикуваат, сепак неговиот тежок стил е во органска врска со тешките теми кои ги обработува во своите романи.[11]

Поради неговите теми, тешкиот стил и замрсената композиција, Фокнер не бил многу омилен во САД и ја немал бројната публика како Хемингвеј или Стајнбек, туку него претежно го чита тесен круг на интелектуалци. Само еден негов роман, „Светилиште“, доживеал голема популарност при што многумина сметаат дека тоа дело не е достојно за Фокнер, а самиот тој го нарекол „евтина идеја“, приклонувајќи се кон „вкусот на публиката“ само затоа за да заработи пари.[12]Американската публика не го сака Фокнер и поради неговиот песимизам и „измислувањето“, одлики се кои опширно се дискутирало во американската книжевна критика која му забележува дека Америка не може да биде таква како што тој ја прикажува. Наспроти тоа, некои критичари тврдат дека Фокнер, всушност, неверојатно верно ги опишува местата и луѓето од Американскиот југ. На пример, критичарот А. В. Грин тврди дека измислениот град Џеферсон точно одговара на стварниот град Оксфорд во Мисисипи. Исто така, во многу од Фокнеровите книжевни ликови можат да се препознаат реални луѓе, како што е случајот со семејството Сарторис чија судбина одговара на Фокнеровото семејство. На пример, полковникот Сарторис одговара на Фокнеровиот предедо кој бил полковник во војската на Конфедерацијата, а неколку ликови од „Светилиште“ се преземени од стварниот живот (Темпл Дрејк, Попај итн.).[13]

Библиографија

[уреди | уреди извор]
  • Платата на војниците (1926)
  • Комарци (1927)
  • Сарторис (знамиња во прашината) (1929)
  • Звукот и бесот (1929)
  • Додека лежев умирајќи (1930)
  • Светилник (1931)
  • Светло во август (1932)
  • Пајлон (1935)
  • Авесалом, Авесалом! (1936)
  • Непобедените (1938)
  • Ако го заборавам Ерусалим (Диви палми/Старецот) (1939)
  • Остани долу, Мојсеј (1942)
  • Натрапник во прашината (1948)
  • Реквием за калуѓерката (1951)
  • Басна (1954)
  • Рејверови (1962)
  • Знамиња во прашина (1973)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  1. Šime Balen, „William Faulkner (1897–1961)“, во: William Faulkner, Svjetlo u augustu. Zora, Zagreb, 1964, стр. 368-369.
  2. Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 161-162.
  3. Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 162.
  4. Šime Balen, „William Faulkner (1897–1961)“, во: William Faulkner, Svjetlo u augustu. Zora, Zagreb, 1964, стр. 368-371.
  5. Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 162-163.
  6. Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 167.
  7. Šime Balen, „William Faulkner (1897–1961)“, во: William Faulkner, Svjetlo u augustu. Zora, Zagreb, 1964, стр. 361.
  8. Šime Balen, „William Faulkner (1897–1961)“, во: William Faulkner, Svjetlo u augustu. Zora, Zagreb, 1964, стр. 371.
  9. Šime Balen, „William Faulkner (1897–1961)“, во: William Faulkner, Svjetlo u augustu. Zora, Zagreb, 1964, стр. 361-365.
  10. Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 161-166.
  11. Šime Balen, „William Faulkner (1897–1961)“, во: William Faulkner, Svjetlo u augustu. Zora, Zagreb, 1964, стр. 365-366.
  12. Šime Balen, „William Faulkner (1897–1961)“, во: William Faulkner, Svjetlo u augustu. Zora, Zagreb, 1964, стр. 361.
  13. Šime Balen, „William Faulkner (1897–1961)“, во: William Faulkner, Svjetlo u augustu. Zora, Zagreb, 1964, стр. 366-367.