Ерџелија
Ерџелија | |
Координати 41°50′07″N 22°02′08″E / 41.83528° СГШ; 22.03556° ИГД | |
Регион | Предлошка:Грбови |
Општина | Свети Николе |
Област | Овче Поле |
Население | 1012 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 24013, 24513 |
Надм. вис. | 340 м |
Ерџелија на општинската карта Атарот на Ерџелија во рамките на општината | |
Ерџелија на Ризницата |
Ерџелија — село во Општина Свети Николе, во областа Овче Поле, во околината на градот Свети Николе.
Географиja и местоположба
Селото Ерџелија се наоѓа во Овче Поле, 10 километри југоисточно од градот Свети Николе.
Наводи
- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
Следниот текст е превземан од монографијата - Ерџелија, која е издадена 1981 година.
Историja
Историското минато на Ерџелија е мошне малку проучувано и затоа за него малку се знае. Меѓутоа, погрешно би било ако се тврди дека Ерџелија е населба со свое сиромашно минато и дека била поштедувана од настаните и катаклизмите што го потресувале светото и Македонија и овој регион посебно. Ерџелија низ вековите била вистинска арена на бурни настани - потребно е само да се нурне во нејзиното минато. Погрешно би било, се разбира, и доколку судбината на Ерџелија низ долгата низа векови ја гледаме изолирано - таа секогаш била во тесна врска со настаните и состојбите карактеристични за овој регион и за Македонија, и пошироко.
Најголемиот дел од историјата на Ерџелија се избришал пред немилосрдниот налет на времињата и во тој случај можеме да се служиме само со претпоставки, но имаме и делови кои со своите содржини, или со наоди и пишани податоци, му одолеале на заборавот што го носи времето и за нив може да се зборува поконкретно.
Неолитска населба
Добрата положба и плодната земја биле предизвик уште во најстарите времиња од човековата историја луѓето да го населуваат атарот на денешна Ерџелија. Најстарите траги за постоењето на праисториските населби допираат до периодот на младото камено време — неолитот.
Од рекогсцирањето на теренот околу Ерџелија, што во 1980 година го изврши археолошка екипа (екипата ја сочинуваа Милан Ивановски, Дафина Каламадевска и Стефан Данев) во наоѓалиштето „Буниште" откри површински наоди на керамика и камен градежен материјал, карактеристични за овој период од човековата праисторија.
Животот во оваа населба, во секој случај (за што постојат и одредени индикации) мора да се поврзе со веќе доволно истражените праисториски населби во Барутница кај селото Амзабегово и во месноста Руг Баир кај селото Горобинци. Жителите на неолитската населба целосно ги користеле благодетите што ги нудела богатата и плодна рамница, а секако за формирање на населбата влијаеле и близината на природни извори вода, кои во овој период биле, најверојатно, во многу поголема бројка. Населението се занимавало со земјоделство, обработување на земјата и со чување стока. Иако со рекогсцирањето не се откриени орудија со кои се обработувала земјата, можеме слободно да претпоставиме дека таа се обработувала многу примитивно, со орудија главно изработени од камен и коска. Со земјоделството се занимавале жените, со сточарството мажите. Значаен дел од стопанисувањето биле ловот и риболовот. Секако неолитскиот човек во овој регион ловел ситен дивеч, но и покрај тоа ловот претставувал значаен дел од нивната борба за обезбедување храна. Ако ја прифатиме горе изнесената претпоставка дека местото околу наоѓалиштето било богато со води, мораме да се сложиме и со констатацијата дека риболовот бил една од главните преокупации на неолитскиот човек што во тој момент живеел на оваа територија.
Животот во оваа населба течел непрекинато и во бронзеното и железното време, за тоа постојат докази, но од она што го знаеме сосема е недоволно да се реконструира, и се неопходни подетални и посестрани истражувања. Најстари жители биле Илирите, кои инаку живееле на целиот Балкан, кои тука се задржале и во античкиот период, за конечно да се асимилираат со доаѓањето на Словените.
Антика и среден век
Животот во месноста „Буниште" не се згаснал и ви времето на античкиот период. За ова сведочат и големиот број хеленистичка и римска керамика, како и големите количини расфрлан градежен материјал, камен, имбрицеси и тегули. Наоди кои сведочат за постоењето на оваа античка населба имаме и во месноста „Костена чука", која се наоѓа северно, спротивно на „Буниште". Тука површински се видливи водоводни цевки - тулумуси со кои, најверојатно, се доведувала водата до „Буниште".
Изгледа посебна античка населба на атарот на село Ерџелија имало во месноста „Крушка". „Крушка" е во непосредна близина на „Буниште" па затоа може да се прифати и претпоставката дека тоа било една населба од поголем тип. Која претпоставка е точна треба да кажат натамошните истражувања.
Жителите на овој дел од Овче Поле во се ја делеле судбината на останатите македонски словени во оваа област на Македонија. Како дел од крвавата и несреќна македонска арена влегувале најпрвин во состав на Самоиловата држава, а потоа, по оној трагичен пораз на Беласица, 1014 година паднале под власта на Византија, потоа, во состав на српската држава на Душан Силни и едно време да живуркаат врз нејзините урнатини, за конечно да паднат под турско ропство.
Ерџелија под турско ропство
Во првите години на своето владеење Турците не се населувале во Овче Поле, но тоа не значи дека неговите жители биле поштедени од турските зулуми и пакосувања.
Постанокот на денешното село Ерџелија е дирекно поврзан со доаѓањето на Турците, кои најверојатно, словенската населба до темел ја уништиле со своето доаѓање. Привлечени од богатите ливади, плодноста на полето и убавата и јадра стока, Турците формирале цвоја населба на местото каде што денес се наоѓа стариот дел на селото. На селото му дале име Ерели, подоцна Ергелија, па Ерџелија, што значи место погодно за чување коњи. Коњите во средниот век, особено кај Турците, имале голема стратешка и тактичка улога во војската.
Кога точно Ерџелија било формирано како турска населба тешко е да се каже. Во турските пописни тефтери името Ерџелија се спомнува во втората половина на XVIII век. Бројот на првите христијански жители во селото бил околу десетина. Ерџелија од формирањето па до средината на XIX век била турски чифик. Во чифликот влегувале и селата Мустафа Оба (Мустафино), Немањици и Макреш. Последен управувач на чифлокот бил некој Ибраим бег кој управувал сè до пропаѓањето на чифлигарскиот систем кон средината на XIX век.
Стопанство
Демографија
Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 1.112 жители. Следува табела на националната структура на населението:[1]
Националност | Вкупно |
Македонци | 979 |
Турци | 0 |
Роми | 0 |
Албанци | 0 |
Власи | 31 |
Срби | 0 |
Бошњаци | 0 |
останати | 2 |
На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[2]
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | 603 |
1953 | 1.053 | 2 | — | — | 147 | 2 | ... | 2 | 1.212 |
1961 | 980 | — | — | ... | ... | 10 | ... | 182 | 1.172 |
1971 | 996 | — | — | — | ... | 4 | ... | 41 | 1.041 |
1981 | 1.032 | — | — | — | 28 | 6 | ... | 2 | 1.068 |
1991 | 1.019 | — | — | — | 35 | 2 | — | 1 | 1.057 |
1994 | 1.007 | — | — | — | 35 | 5 | — | 111 | 1.047 |
2002 | 979 | — | — | — | 31 | — | — | 2 | 1.012 |
Родови
Ерџелија е македонско-влашко село.
Според истражувањата од 1956 родови во селото:
- Македонски: Наковци (8 к.), Каровци (6 к.) и Грци (4 к.) најстари родови во селото, доселени се однекаде во турско време; Долјанци (7 к.) доселени се во XIX век од селото Долани, Тетовско; Алачковци (2 к.) доселени се од некое село во Скопско; Ранченци (2 к.) доселени се од селото Горно Црнилиште, и таму се однекаде доселени, веројатно од селото Ранченци; Пишкаловци (4 к.) и Црмковци (2 к.) доселени се од селото Долно Црнилиште, изгледа таму припаѓале на родот Богатиновци, подалечно потекло од Припечани; Лубеновци (3 к.) и они се од Долно Црнилиште, подалечно потекло однекаде, нивните роднини од Долно Црнилиште се преселиле во Свети Николе; Божиновци (2 к.) потекнуваат од домазет доселен од селото Мустафино, и таму биле доселени однекаде; Димитровци (2 к.), Спасовци (1 к.), Јаќимовци (1 к.) и Цветковци (1 к.) доселени се од селото Жидилово, Кривопаланечко во 1942 година; Насевци (1 к.) доселени се од селото Узем, Кривопаланечко во 1942 година; Стојменовци (1 к.) доселени се од селото Трново, Кривопаланечко во 1942 година; Анѓелковци (2 к.) и Стајевци (1 к.) доселени се од селото Сурлица кај Трговиште (Србија) во 1942 година; Нешовци (2 к.) доселени се од селото Побожје, Скопска Црна Гора во 1942 година; Ѓоргијовци (1 к.) доселени се од селото Арбасанци во 1942 година, таму им биле роднини Шоповци; Глигоровци (1 к.) доселени се од селото Аџиматово и таму биле доселени однекаде; Маневци (1 к.) доселени се од селото Немањици; Зафировци (1 к.) доселени се од селото Пезово, Кумановско; Беговиќи (1 к.) доселени се од Србија. Во селото има и околу 100 домаќинства доселени од Егејска Македонија.
- Влашки: Зуљевци (2 к.), Ќосевци (3 к.), Папандиевци (3 к.), Ѓоргијевци (2 к.), Наковци (2 к.), Бунушлији (3 к.), Михајловци (2 к.), Рамбовци (4 к.), Николовци (1 к.) и Костовци (1 к.) доселени се во периодот од 1914 до 1946 година, правото потекло на сите влашки родови е од Грамос (Грција).[3]
Општествени установи
Самоуправа и политика
Изборно место
Во селото постои изборното место бр. 1699 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[4]
На претседателските избори во 2019 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 782 гласачи.[5]
Културни и природни знаменитости
Еден од најпосетените настани во Ерџелија е традиционалниот турнир во мал фудбал „Св. Тројца“ во чест на празникот кога е и селска слава. На овој турнир присустуваат екипи од цела Македонија.
Личности
Андон Тошев Стојанов,(1867-1931) познат како Дончо Штипјанчето, легендарниот курир на Гоце Делчев и Даме Груев и приврзаник на Внатрешната Македонска Револуционерна Oрганизација од 1895 сè до неговата смрт.
Во Ерџелија е роден Роберт Петров, фудбалски репрезентативец на Македонија, моментално игра во ЦСКА Софија. За македонската фудбалска репрезентација има 23 настапа.
Иселеништво
Литература
Наводи
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат. Државен завод за статистика.
- ↑ Трифуноски, Јован (1961). Овчеполска Котлина.
- ↑ „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
Надворешни врски
|