Прејди на содржината

Трет македонски црковно-народен собор

Од Википедија — слободната енциклопедија
Верзијата за печатење повеќе не е поддржана и може да дава грешки. Подновете си ги бележнците во прелстувачит и користете ја можноста за печатење од самиот прелистувач.

Светиот Синод на Македонската православна црква го свикал Третиот македонски црковно-народен собор на 17 јули 1967 година во Охрид. Митрополитот Доситеј, во присуство на соборјаните и бројниот македонски народ, отслужил Божествена литургија и по призивот на Светиот Дух, во катедралната црква на Охридската архиепископија Света Софија, го означил почетокот на работата на Соборот.

Најнапред се пристапило кон измените и дополнувањето на Уставот на Македонската православна црква со отворање на две нови епархии: Дебарско-кичевската и Американско-канадско-австралиската.

Потоа Светиот синод поднел извештај за негативниот однос и притисоците на Српската православна црква кон автокефалноста на Охридската архиепископија, а особено се посветило внимание на најновата ситуација што настанала по последниот Архијерејски собор на Српската православна црква. Соборјаните, откако го ислушале извештајот на Светиот синод на Македонската православна црква, едногласно ја одобриле неговата работа и донеле резолуција. Соборјаните од името на сите свештеници и на целиот македонски православен народ, барале од Синодот на Македонската православна црква таа да биде прогласена за автокефална.

Светиот синод на Македонската православна црква донел Одлука, со која ја прогласил автокефалноста, обновувајќи ја истовремено автокефалноста на славната Охридска архиепископија. Во првиот член на оваа одлука се вели: Македонската православна црква - наследничка на обновената Охридска архиепископија - се прогласува за автокефална.

Донесувајќи ја Одлуката за прогласување на Македонската православна црква за автокефална, како наследничка на обновената Охридска архиепископија, Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква се раководел од тоа, што корените на христијанството во Македонија потекнуваат уште од апостолско време. Македонците први го примиле христијанството во Европа. Потоа до особен подем дошло ширењето на христијанството во времето на учениците на Светите Браќа Кирил и Методиј - свети Климент и свети Наум, охридските чудотворци, кои проповедајќи го Христовото учење на јазикот на Македонците, уште повеќе ја зацврстиле кај нив христијанската вера. Во Македонија дејствува Охридската архиепископија, која во времето на Самоиловото Царство била издигната и на патријаршиски степен. Иако потоа повторно била сведена на Архиепископија, како таква таа дејствувала 800 години, ширејќи го христијанството и им била покровителка во тешките ропски времиња не само на македонскиот, туку и на соседните православни народи. Таа била укината неканонски со иреде на султанот Мустафа III во 1767 година. Но македонскиот народ, сè до денес не престанал да го бара нејзиното обновување и да се бори за постигнување на оваа своја света желба. Во образложението понатаму се вели: „Во периодот по укинувањето на Охридската архиепископија нејзините епархии смениле неколку јурисдикции од соседните православни цркви. Во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците таа положба се одржала до 6 април, до распаѓањето на бившото Кралство на Југославија...”

За консолидација на Македонската православна црква од вонредно значење е одлуката на Светиот архијерејски собор на Српската православна црква од месец јуни 1959 година, во која, покрај препораките за измени и дополненија во Уставот на Македонската православна црква, донесен на Вториот црковно-народен собор од 1958 година меѓу другото, е речено и следново: „Светиот архијерејски собор констатира дека епархиите Скопска, Охридско-битолска и Злетовско-струмичка на Црковно-народниот собор, одржан во Охрид од 4 до 6 октомври 1958 година, се издвоиле во самостојна Македонска православна црква, која се управува според Уставот донесен на тој Собор“. Ова всушност значи санкционирање на одлуката на Вториот македонско црковно-народен собор. Тоа се потврдува и со одредбата од споменатата одлука, каде што се вели: „Со оваа одлука престануваат да важат прописите на Уставот на Српската православна црква за епархиите и архијереите во Македонија“. Оваа е всушност еден вид канонски отпуст. Единството, со кое е условена потврдената самостојност на Македонската православна црква, освен признавањето на српскиот патријарх за поглавар на нашата црква, е изразено во одлуката на Светиот архијерејски синод на Српската православна црква, каде што е речено: „Во интерес на зачувувањето на канонското единство во Српската православна црква, сите промени во Уставот и уредбите што ги донесува Митрополитскиот црковен собор мораат да се темелат врз основа на канонски начела на Православната црква“. А, Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, доследен на традициите од минатото, секогаш и беспрекорно се стремел својата дејност да ја темели исклучиво врз догмите и каноните на Светата Православна црква.

Но откако Српската црква не остана доследна на постигнатата согласност и на ветувањето, дека ќе ја почитува самостојноста на Македонската православна црква и дека ќе ја претстави како таква пред другите помесни самостојни Православни цркви се прогласи за автокефална како што била и Охридската архиепископија. Поглаварот на Македонската автокефална црква го доби достоинството Архиепископ Охридски и Македонски. Според соборската одлука, јурисдикцијата на Македонската православна црква ги опфаќа епархиите во Република Македонија и македонските црковни општини надвор од татковината, во кои се организирани нашите сонародници. Соборската одлука завршува вака: „Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, од името на богоспасаемата паства, за доброто и преуспевањето на учењето на Спасителот наш Господ Исус Христос, мисли и верува дека актот на прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква, објавен на Светата архијерејска литургија во црквата „Свети Климент Охридски“ на 19 јули 1967 година во Охрид ќе биде прифатен и признаен од сите помесни Свети православни цркви и ќе го добие нивниот благослов“.

Прогласената автокефалност на Македонската православна црква со одобрување и нескриена радост била пречекана од сите добронамерни луѓе во целата наша земја и во светот. Оваа може да се види и од безбројните честитки, меѓу кои и од највисоките претставници на општеството - политичкиот живот во Република Македонија и Југославија и од нашите македонски иселеници од прекуокеанските земји и од оние на привремена работа во западноевропските земји. Меѓу првите честитки била и онаа од претставникот на Извршниот совет на Република Србија како и од Сојузот на свештеничките здруженија од Белград.

Прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква со одушевување било прифатено од сонародници во Америка, Канада и Австралија. Покрај веќе организираните Македонски црковни општини во тие земји, набрзо дошло до масовно организирање на наши црковни општини во сите тамошни градови, каде што живееле и работеле поголеми македонски групи. Се пристапило веднаш кон изградба на македонски цркви и културно-просветни домови. Пристигнувале бројни барања до Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква да им испрати свештеници - Македонци од татковината. Македонските црковни општини во тој далечен свет израснувале во црковно-народни и културно-просветни центри, во кои слободно се изразуваат и се задоволуваат духовните, културно-просветните и националните чувства и потреби на Македонците.

Денес Македонската православна црква има десет епархии и заедно со Архиепископот единаесет архијереи. Во последната декада од XX век, односно по падот на комунистичкиот режим и целосното осамостојување на државата, забележан е голем подем и развој на духовно-просветниот живот во Македонската православна црква. Обновата на Црквата во Македонија започна од младите, кои со приклучувањето во активниот живот на Црквата донесоа нов квалитет во христијанското подвижништво. Најголемиот дел од македонските православни монаси се млади луѓе, еден дел од монаштвото се припадници и на други православни народи. Нивната одлука за заминување во манастир придонесе многу македонски манастири не само да заживеат, туку и да се избават од руинираноста, а со нивното сведочење на воскреснатиот Христос и многу македонски души да најдат утеха и смисла во нивните животи. Во Македонија исто така интензивно се работи и на полето на просветата. Сите Епархии на Македонската православна црква имаат сопствени издавачки дејности, а некои од нив имаат и сопствени интернет презентации и епархиски списанија.

Надворешни врски