Јајце-клетка
Јајце-клетка — женската гамета (женска полова клетка). Се среќава кај животните и кај семените растенија.
Кај конечната оформена јајце-клетка се разликуваат: јадро (кое сега се нарекува Vesicula germinata), клеточна мембрана (која се нарекува Zona pellucida) и јадренце (Macula germinativa). Околу јајце-клетката има слој од фоликуларни клетки, наречен corona radiata.
Диференцијацијата на женските гамети кај цицачите се одвива во специјални јајчни фоликули во јајчникот. Секој ваков фоликул се состои од само една јајце-клетка опкружена со голем број на фоликуларни клетки. Во текот на оогенезата, јајчните фоликули минуваат низ неколку развојни фази (или етапи): примарен фоликул, секундарен фоликул, терциерен фоликул, жолто тело и бело тело.
Постојат три основни типови на животински јајце-клетки, кои се разликуваат по количината на жолток (односно вителус) и начинот на неговата распореденост во цитоплазмата на јајце-клетката:
- Изолециталните јајце-клетки имаат малку жолток, дифузно распореден низ цитоплазмата.
- Телолециталните јајце-клетки имаат многу повеќе жолток кој е концентриран во еден регион од цитоплазмата (помал или поголем).
- Центролециталните јајце-клетки имаат релативно голема количина на жолток кој е распореден во централниот дел од цитоплазмата.
|