Прејди на содржината

Артур Филип

Од Википедија — слободната енциклопедија

Артур Филип (англиски: Arthur Phillip; 11 октомври 173831 август 1814) — адмирал во Британската кралска морнарица, основач и прв Гувернер на колонијата Нов Јужен Велс (првата европска колонија на австралискиот континент). Понекогаш се нарекува „татко на модерна Австралија“.

По многу години минати во морнарицата, Филип од страна на Лорд Сиднеј бил назначен за командант на Првата флота — флота од 11 брода чиј екипаж требало да основа казнена колонија и населба во Ботаничкиот Залив во Нов Јужен Велс. По пристигнувањето во заливот, Филип сметал дека местото не е погодно за основање на колонија, а по кратко извидување на околината го нашол Порт Џексон — на чие место се наоѓа денес Сиднеј.

Со пристигнувањето на нови осуденици во Втората и Третата флота завладеал глад поради оскудните ресурси. Но, кога Филип отпловил назад во декември 1792 година, колонијата веќе била просперитетна, со официјални грантови за земјиште, систематско земјоделство и водоснабдување.

На 11 декември 1792 година, Филип ја напуштил колонијата за да се врати во Британија за да добие медицински третман, тој планирал да се врати во Австралија, но медицинските совети му препорачале да поднесе оставка како гувернер. Тој се повлекол од активна поморска служба во 1805 година. Последните години од животот ги поминал во Бат, Самерсет, а починал на 31 август 1814 година.

Биографија

[уреди | уреди извор]

Артур Филип е роден на 11 Октомври 1738 година, во Лондон. Татко му Јакоб Филип бил имигрант од Франкфурт, кој според разни извори бил учител по јазик, сопственик на трговски брод, трговски капетан или обичен морепловец. Неговата мајка, Елизабет Брејч, била вдовица на обичен морепловец по име Џон Херберт, кој починал од болест во Јамајка.[1]

Филип се приклучил на Кралската морнарица на седумнаесетгодишна возраст во 1755 година и служел до 1763 година.[2] Во јули 1763 година, тој се оженил со Маргарет Шарлот Денисон, вдовица која била 16 години постара од него, и се преселил во Хемпшир каде што основал фарма.[3] Бракот бил неуспешен и се развел во 1769 година кога Филип повторно се приклучил на морнарицата. [3]

Во 1774 година, Филип бил позајмен во Португалската морнарица како капетан, служејќи во Војната против Шпанија. Во 1778 година, Британија повторно била во војна, а Филип бил отповикан на служба и на 2 септември 1779 бил унапреден во командант на бродот со 8 топа Базилиск;[1] на 30 Ноември 1781 година бил унапреден во пост-капетан и му била доверена командата на бродот Аријадна. На почетокот од 1782 бил во конвојот кон Елба. На 30 Јуни 1782 година, Аријадна, под команда на Филип, ја заробил француската фрегата Ле Робек.[4]

Колонијална служба

[уреди | уреди извор]

Џон Монтагу, заедно со претседателот на Кралското друштво, Сер Џозеф Бенкс (угледен научник кој патувал до Австралија заедно со Џејмс Кук во 1770 година), се залагале за основање на британска колонија кај Ботаничкиот Залив во Нов Јужен Велс.[5] [6] Американскиот лојалист Џејмс Матра изработил нов план за колонизација на Нов Јужен Велс во август 1783 година, и ги навел причините за колонизација составена од американски лојалисти, Кинези и жители на Јужноморските Острови (но не и осуденици). Одлуката за основање колонија во Австралија била донесена од Томас Тауншенд како државен секретар во Министерството за внатрешни работи. Одлуката ја донел од две причини: за да се запре транспортот на криминалци во Северна Америка по Американската револуција,  како и потребата од база во Тихиот Океан која ќе се спротивстави на француската експанзија.

Во септември 1786 година, Филип бил назначен за командор на флотата, која станала позната како Првата флота. По пристигнувањето, Артур Филип требало да биде назначен за Генерален капетан и Главен гувернер на новата колонија.[7] [8]

Патување до колонијата на Нов Јужен Велс

[уреди | уреди извор]

Флотата го напуштила Портсмут на 13 мај 1787 година. На 3 јуни 1787 година, флотата се закотвила во Санта Крус на Тенерифе. На 10 јуни тие испловиле за да го преминат Атлантикот до Рио де Жанеиро, за да ги искористат поволните пасати и морските струи. Флотата стигнала во Рио де Жанеиро на 5 август и останала еден месец.

Флотата го напуштиla Рио де Жанеиро на 4 септември и се упатила кон Тејбл Беј во Јужна Африка, каде стигнал на 13 октомври. Ова била последната попатна станица, па требало да се складираат растенија, семиња и добиток за нивното пристигнување во Австралија.

Осуденичките од бродот Пријателство биле преместени на други бродови за да се направи простор за добитокот купен таму. На осудените им било обезбедено свежо говедско и овчо месо, леб и зеленчук, за да имаат сила за патувањето и за да го зачуваат здравјето.

Слетувањето на Првата флота во Порт Џексон во 1788 година

Пристигнување во Австралија

[уреди | уреди извор]

На патот кон Тасманија, флотата била поделена на 3 групи бродови — според брзината. Затоа, тие не стигнале во Ботаничкиот залив во исто време, туку во периодот од 18 до 20 јануари 1788 година.

Набрзо сфатиле дека Ботаничкиот Залив не е каков што го опишал Џејмс Кук.[9] Заливот бил отворен и незаштитен а водата преплитка за бродовите да можат да се закотват блиску до брегот; свежа вода речиси и немало, а почвата со слаб квалитет.[10] Се направил и првиот контакт со локалното домородно население — Еора која изгледала љубопитно, но сомничаво кон новодојденците.

Иако на Артур Филип му било наложено да ја основа колонија во Ботаничкиот Залив, тој имал овластувања да основа колонија на друго место ако е потребно.[11]

На 21 јануари, Артур Филип со својата група го напуштил Заливот со три мали чамци за да ги истражат другите заливи на север[12] Филип открил дека Порт Џексон, кој се наоѓал на околу 12 километри северно од Ботаничкиот Залив, е одлично место за колонија со заштитени пристаништа, свежа вода и плодна почва.[12] Кук го видел и именувал местото, но не влегол во него.[12]

На 26 јануари 1788 година, флотата го кренала сидрото и отпловила кон Порт Џексон.[13] Филип местото го нарекол Сиднеј Коув, по лордот Сиднеј, британскиот министер за внатрешни работи.[12] Овој датум се слави како Ден на Австралија, и го означува почетокот на британската колонизација.

Воспоставување на населба

[уреди | уреди извор]
Основањето на Австралија од капетанот на Кралската морнарица Артур Филип — Сиднеј Коув, 26th јануари 1788 година. Слика од Алџернон Талмаџ, 1937 година.

На 26 Јануари, било подигнато британското знаме, а земјата била официјално присвоена во името на кралот Џорџ III.[14] [15] На 7 февруари 1788 година, била извршена официјалната инаугурација на Филип и неговата влада.[16] [14]

Гувернер на Нов Јужен Велс

[уреди | уреди извор]

Откако станал прв гувернер на Нов Јужен Велс, Филип прилично успешно се борел со немирите меѓу прогонетите и војниците, а до средината на 1790 година и со гладот меѓу населението. Тој успеал да создаде навистина просперитетна колонија. И покрај неговата помирувачка политика кон абориџините, Филип не успеал да воспостави траен мир меѓу доселениците и домородците.

Статуа на Артур Филип во Кралската ботаничка градина, Сиднеј

На 11 декември 1792 година, кога Филип се вратил во Британија, Бенелонг и уште еден Абориџин по име Јемерраван (или Имеравани) патувале со него на Атлантико.

Подоцнежен живот и смрт

[уреди | уреди извор]

На 11 декември 1792 година, Филип се вратил во Англија поради влошено здравје. [17] [18] Неговата претходна сопруга Шарлот починала на 3 август 1792, а тој се оженил со Изабела Вајтхед од Бат во црквата Сент Мерилебон во Англија на 8 мај 1794 година.[19]

Откако здравјето му се подобрило, учествувал во борби на море во перодот од 1796 до 1805 година кога се пензионирал.

На 1 јануари 1801 година бил унапреден во подадмирал.[1] По пензионирањето од активна служба во морнарицата во 1805 година, бил унапреден во вице адмирал на 13 декември 1806 година, и конечно 4 јуни 1814 година добил последна промоција како адмирал. [1]

Филип доживеал мозочен удар во 1808 година, поради што бил делумно парализиран. [19] Починал на 31 август 1814 година во неговата резиденција, во Бат. [20]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Hiscocks 2018a.
  2. Parker 2009.
  3. 3,0 3,1 Tink 2009.
  4. King 1999.
  5. Frost & Moutinho 1995.
  6. Gascoigne 1998.
  7. Atkinson 1990.
  8. King 2003.
  9. Frost 2012, p.177
  10. Parker 2009, p.113
  11. „Governor Phillip's Instructions 25 April 1787 (UK)“. Museum of Australian Democracy. Посетено на 24 November 2013.
  12. 12,0 12,1 12,2 12,3 Parker 2009, pp.115–116
  13. „The First Fleet“. Project Gutenberg. Посетено на 24 November 2013.
  14. 14,0 14,1 Phillip 1789.
  15. Collins 1798.
  16. Moyal 2017.
  17. SBS.
  18. Tench 1789.
  19. 19,0 19,1 Flynn 2016.
  20. Sydney Gazette 1815.