Прејди на содржината

Висока ренесанса

Од Википедија — слободната енциклопедија
Создавањето на Адам“ од Микеланџело (Сикстинска капела).

Високата ренесанса, во рамиките на историјата на уметноста, ја означува кулминацијата во уметноста на италијанската ренесанса помеѓу 1450 и 1527. Бидејќи папата Јулиј II бил покровител на многу уметници во тоа време, центарот на ова движење бил Рим; претходно центарот бил Фиренца.

Се смета дека високоренесансното сликарство се појавило во 1490-тите, кога Леонардо да Винчи ја насликал „Тајната вечера“ во Милано. Сликите на Микеланџело Буонароти и Рафаел Санти го претставуваат врвот на овој сликарски стил. Во архитектурата, високата ренесанса ја започнал Донато Браманте, кој во 1502 го извел славниот објект наречен „Темпјето“, со неговите величествени пропорции, бележејќи ја целосната возобнова на римската архитектура.Вајарството, со делата на Микеланџело („Пиета“ и „Давид“), се каратеризира со идеална рамнотежа помеѓу статиката и движењето. Спокојниот дух и светлите бои на Џорџоне и младиот Тицијан се пример за високата ренесанса во Венеција.

Високата ренесанса нашироко се смета за најголемата експлозија на креативниот гениј во историјата. Дури и релативно второстепените сликари од овој период како Фра Бартоломео и Мариото Албертинели изведувале дела со инзвонредна хармонија и целосно владеење со сликарскиот медиум. Издолжените пропорции и пренагласените пози на доцните дела на Микеланџело, Андреа дел Сарто и Антонио да Кореџо го навестуваат новиот стил во зародиш - Маниризмот, како што историчарите на уметноста ја нарекуваат доцната ренесанса. Рафаеловата смрт во 1520 и грабежот на Рим во 1527 значеле крај на високата ренесанса[1],[2].

Високоренесансните скулптури обично се нарачувале од јавноста или државата. Во ова време вајарството се стекнало со широка популарност, бидејќи пред тоа се сметало за скап медиум. Скулптурите често се користеле за украсување и облагородување на архитектурата, обично во рамките на внатрешните дворови каде другите можеле да се восхитуваат на делото и да го проучуваат. Богатите поединци и семејства како благородниците, банкарите, владетелите и слични, биле најверојатните покровители; папата Јулиј II исто така спонзорирал многу уметници. Високата ренесанса бележи и развој на малите статуетки за приватни лица, бистите и гробниците. Овој период е познат како времето на три великани во историјата на уметноста: Микеланџело Буонароти, Рафаел Санти и Леонардо да Винчи.

Во ова време активни биле и мајстори како Џорџоне, Тицијан и Џовани Белини.

Веќе во 1520-тите, високоренесансната уметност станала пренагласена, и така се преобличила во стилот познат како Маниризам.