Прејди на содржината

Владимир Расате

Од Википедија — слободната енциклопедија
Владимир Расате
Кнез на Бугарија
Ослепувањето на Владимир, стенопис од XIX век
На престол889–893
ПретходникБорис I
НаследникСимеон I
Роден(а)850 год.
Починал(а)пред 900
ДинастијаКрумова династија
ТаткоБорис I
МајкаМарија

Владимир Расате бил кнез на Бугарија од 889 до 893 г. Тој е првородениот син на кнез Борис I. Познат е по тоа што направил обид да ја врати Бугарија кон паганството.

Биографија

[уреди | уреди извор]

Во 853 или 854, бугарската војска предводена од Владимир, син на Борис I, ја нападнала Србија во обид да се одмазди за претходниот пораз на Пресијан во 839-842 од Властимир. Српската војска, предводена од Мутимир и неговите браќа, ги победила Бугарите, заробувајќи го Владимир и 12 болјари.[1] Борис I и Мутимир се договориле за мир (а можеби и сојуз[1]), а Мутимир ги испратил своите синови Прибислав и Стефан на границата да ги придужуваат заробениците, каде што размениле дарови во знак на мир.

Владимир станал кнез на Бугарија кога неговиот татко Борис-Михаил I (Борис го додал името Михаил после неговото покрстување) одлучил да се повлече во манастир после 36-годишното владеење.

Владимир-Расате бил најстариот син на Борис-Михаил и најверојатно единствениот кој е роден пред прифаќањето на христијанството во Бугарија.[2] Според императорот Константин Порфирогенит, Владимир учествувал во инвзијата на српските земји, што се случила пред покрстувањето на Бугарите. Малку се знае за неговото владеење. Тој склучил воен сојуз во 892 со источнофранкискиот крал Арнулф Корушки против Велика Моравија кој, имајќи ги предвид интересите на Византиската империја, бил индиректно насочен против Константинопол. Ова било сериозно отстапување од провизантиската политика на неговиот татко.

Владимир е познат по неговиот обид да го елиминира христијанството во Бугарија и повторно да го воспостави паганизмот. За овој настан пишува Константин Преславски во неговото Учително евангелие. Владимир започнал процес на уништување на христијанските храмови и прогон на свештенството, бидејќи ги сметал за инструмент на Византија и нејзините напори да влијае на Бугарското царство. Меѓутоа, дејствијата на Владимир-Расате не биле добро прифатени од населението и од аристократијата, и тој бил поддржан само од неколкумина болјари. Затоа, во 893, Борис I го напуштил манастирот во кој живеел и го симнал од престолот својот син. Тој го ослепил Владимир и го ставил во зандана, каде што трагите му исчезнуваат.

Борис го поставил својот трет син Симеон на бугарскиот престол Преславскиот собор, кој сам по себе бил последица на неуспешниот обид на Владимир-Расате да го врати паганството.[3]

  1. 1,0 1,1 The early medieval Balkans, p. 141
  2. Yordan Andreev - "Bulgarian khans and tsars VII-XIV century. Historical chronological reference book", State Publishing House "Dr. Petar Beron", Sofia, 1988, p. 60.
  3. Vasil Zlatarski - ″History of the Bulgarian state in the Middle Ages"- Volume I, Part 2-Tsar Simeon and his first war with Byzantium, II ed., publishing house ″Science and Art″, Sofia, 1971
Претходник
Борис I
Кнез на Бугарија
889–893
Наследник
Симеон I