Гетинген
Гетинген | |
Главниот плоштад со пешачката зона во Гетинген | |
Управа | |
Земја | Германија |
---|---|
Покраина | Долна Саксонија |
Округ | Гетинген |
Градски единици | 18 |
Градоначалник | Ролф-Георг Келер (СДП) |
Основни податоци | |
Површина | 116,89 км2 |
Надм. височина | 150 м |
Население | 118.946 (31 декември 2022)[1] |
- Густина | 1.018 жит/км2 |
Други информации | |
Часовен појас | CET/CEST (UTC+1/+2) |
Рег. табл. | GÖ |
Пошт. бр. | 37001–37099 |
Повик. бр. | 0551 |
Портал | goettingen.de |
Местоположба на градот Гетинген во рамките на округот Гетинген | |
Координати | 51°32′2″N 9°56′8″E / 51.53389° СГШ; 9.93556° ИГД |
Гетинген (германски: Göttingen; долногермански: Chöttingen) — универзитетски град во сојузната покраина Долна Саксонија, Германија. Претставува административено седиште на округот Гетинген. Реката Лајне тече низ градот.
Со учество од околу 20%, студентите од Гетингенскиот универзитет силно влијаат на градскиот живот. Универзитетот е најстар и најголем во Долна Саксонија, но постојат и уште две високи школи.
Во 953 година бил првпат споменат како Гутинги (Gutingi), како село на реката Лајне, кое во 1230 година ги добило градските права. Во 1964 година, Гетинген станал голем град и денес е еден од деветте големи центри на Долна Саксонија. Денес, градот е окружен и најголем град на округот Гетинген, но до 1964 година претставувал слободен град, но со посебен закон бил припоен кон истоимениот округ.
Гетинген се наоѓа во јужниот дел на европската метрополитенска област Хановер-Брауншвајг-Гетинген-Волфсбург.
Општи информации
[уреди | уреди извор]Потеклот на денешниот град Гетинген е поврзано со селото наречен „Гутинги“ (Gutingi), првпат споменато во документ од 953 година. Градот бил основан северозападно од селото, помеѓу 1150 и 1200 година и го усвоил неговото име. Во средновековниот период, градот бил член на Ханзата и со тоа богат град.
Денес, Гетинген е познат по својот стар универзитет (Универзитет „Георг Август“), кој бил основан во 1734 година и станал најпосетен универзитет во Европа. Во 1837 година, седум професори протестирале против апсолутната власт на кралевите на Хановер; биле избркани од своите места, но станале познати како „гетингенска седумка“. Завршени студенти на универзитетот меѓу останатите се и: Браќата Грим, Хајнрих Евалд, Вилхелм Едвард Вебер и Георг Готфрид Гервинус. Исто така, германските канцелари Ото фон Бизмарк и Герхард Шредер го посетувале правниот факултет на Гетингенскиот универзитет. Карл Барт го имал своето прво професорско место на универзитетот. Некои од најпознатите математичари во историјата, Карл Фридрих Гаус, Бернхард Риман и Давид Хилберт, биле професори во Гетинген.
Како и другите универзитетски градови, Гетинген развил свои необични традиции. На денот кога се доделуваат докторските дипломи, студентите се фрлани од рачни колични од Големата сала во фонтаната „Гензелизел“ пред Старото Градско собрание. Таму, требало да се искачат на фонтаната и да ја бакнат скулптурата на „Гензелизел“ (гускина девојка). Оваа традиција всушност е забранета, но законот не се применува. Таа се смета за најбакнува девојка во светот.
Скоро недопрен од сојузничките напади во Втората светска војна, стариот град на Гетинген, денес е привлечно место за живеење со многу продавници, кафулиња и ресторани. Поради ова, многу универзитетски студенти живеат во самиот центар. Во 2003 година, 45% од населението во центарот била помеѓу 18 и 30 години.
Трговски, Гетинген е познат по своето производство на оптички и прецизни машини, станувајќи седиште на одделот за лесна микроскопија на Карл Цајс и главно место на Sartorius AG кои се насочени кон биотехнологијата и опремата за мерење — областа околу Гетинген се рекламира како „долина на мерките“.
Невработеноста во Гетинген била 12,6% во 2003 година и само 7% (март 2014 г.). Градската железничка станица во западниот дел на градот е главно средиште на железницата север-југ.
Гетинген има два професионални кошаркарски клубови, кои играат во Првата кошаркарска лига на Германија.
Историја
[уреди | уреди извор]Рана историја
[уреди | уреди извор]Потеклото на Гетинген може да се следи до селото под името „Гутинги“ (Gutingi) на југоисток од денешнито град. Името на селото веројатно потекнува од мал поток, наречен „Готе“ (Gote), кој некогаш тече таму. Бидејќи суфикот -инг означува „живеејќи крај“, името може да има значење како „долж Готе“. Археолошките докази наведуваат дека населбата постоела уште во VII век. Првпат била спомената во документ на светиот римски цар Отон I во 953 година, кога царот дал некои од поседите во селото на Морицкиот манастир во Магдебург. Археолошките пронајдоци наведуваат големи трговски врски со другите области и развиено занаетчиство во овој ран период.
Царска палата Грона
[уреди | уреди извор]Во првите денови, Гутинги бил засенет од Грона, историски запишан од 915 година како новоизградена тврдина, која се наоѓала спроти Гутинги на рид западно од реката Лајне. Подоцна била користена како отонска царска палата, со 18 посети на кралеви и императори помеѓу 941 и 1025 година. Последниот свет римски цар кој ја користел тврдината „Грона“ (кој бил наклонет на местоположбата), Хајнрих II (1002–1024), исто така имал црква изградена во соседниот „Гутинги“, посветена на Свети Албан. И денес, има црква на местото, изградена во 1423 година.
Потоа, тврдината ја изгубила својата функција како палата во 1025 година, откако Хајнрих II умрел тука, повлекувајќи се во палатата во лошо здравје. Подоцна, била користена од владетелите на Грона. Тврдината била уништена од граѓаните на Гетинген помеѓу 1323 и 1329 година и конечно срушена од војводата Отон I во текот на војната со градот Гетинген во 1387 година.
Основање на градот
[уреди | уреди извор]Со време започнала да се создава трговска населба на самиот речен премин на Лајне, западно од селото, од кое го земало своето име. На крајот, на оваа населба ѝ биле дадени градски права. Првобитното село останало како засебна единица до 1360 година, кога било припоено во рамките на градските бедеми.
Се верува дека денешниот град бил основан помеѓу 1150 и 1180 година, иако точните околности не се познати. Се претпоставува дека Хајнрих Лавот, војвода на Саксонија и на Баварија, го основал градот. Разместеноста на улиците во најстариот дел на градот е во облик на петаголник и се претпоставува дека во почетоците имал планска градба. Во тоа време, градот бил познат под името „Гудингин“ (Gudingin) или исто така „Готинген“ (Gotingen). Неговите жители биле под власт на велфската династија, а првите гетингенски буржоази го споменуваат Гетинген како вистински град. Меѓутоа не бил слободен царски град (германски: Reichsstadt), туку посед на велфските војводи од Брауншвајг-Линебург. Хајнрих V Постариот од Брауншвајг, најстариот син на Хајнрих Лавот и брат на светиот римски цар Отон IV, станал владетел на Гетинген помеѓу 1201 и 1208 година. Првичната велфска резиденција во градот се состоела од земјоделска фарма и штали на велфските војводи, кои се наоѓале кај најстариот дел на градските бедеми пред 1250 година. Во овој период, Гетинген бил вклучен во борбите на Велфите со нивните соперници. Првите борби во првите децении на XIII век имале корист за буржоазите на Гетинген, кои успеале да ја искористат политичката и воената состојба, за да ги приморат велфските владетели да направат одредени компромиси со градот. Во документ до 1232 година, војводата Отон I Детето им дал исти права на граѓаните на Гетинген, кои ги имале како на времето на неговите вујковци Отон IV и Хајнрих Постариот од Брауншвајг. Ова вклучувало привилегии во врска со самоуправувањето на градот, заштита од трговците и трговски објекти. Документот исто така ветува дека градот нема да падне во раце на други сили. Се претпоставува дека во тоа време, Гетинген е управуван од градски совет на граѓаните. Имињата на членовите на советот првпат се дадени во документ од 1247 година.
Проширување
[уреди | уреди извор]Областа обезбедена од првобитните бедеми го вклучувала стариот плоштад, Старото Градско собрание, двете главни цркви „Св. Јован“ (St. Johannes) и „Св. Јаков“ (St. Jacobi), помала црква „Св. Никола“ (St. Nikolai), како и големите улици Вендер, Гронер и Роте. Надвор од бедемите, пред градската Гајсмарска порта се наоѓало старото село со црквата „Св. Албан“, кое подоцна било познато како „Гајсмарско старо село“ (Geismarer altes Dorf). Ова село било само под ограничена велфска контрола и така не било вклучени во градските привилегии и утврдувања.
Градот првично бил заштитен од насип, додека кон крајот на XIII век биле додадени ѕидови на врвот на насипот. Од нив, само една кула од бедемот останала зачувана. Така заштитената област вклучувала околу 25 хектари. Со ова бил помал од современиот Хановер, но поголем од соседните велфски градови Нортхајм, Дудерштат и Хан. Минден.
Потокот „Готе“ (Gote) кој течел јужно од ѕидините на градот бил поврзан со реката Лајне преку канал во тоа време и водотекот со време станал познат како канал Лајне.
По смртта на Отон Детето во 1257 година, неговите синови Албрехт I (Велики) и Јохан ги наследиле поседите на татко им. Војводата Албрехт I, отпрвин, владеел за неговиот брат, кој бил малолетник. Подоцна, браќата се согласиле да ја поделат територијата помеѓу себе во 1267 година, а стапило во сила во 1269 година. Градот Гетинген припаднал на Албрехт I и бил наследен од неговиот син, војводата Албрехт II „Дебелиот“ во 1286 година. Албрехт II го одбрал Гетинген за негова резиденција и се преселил во велфската резиденција, која повторно ја изградил во тврдина позната како Балерхус (Ballerhus).
Албрехт II се обидел да стекне целосна контрола на стопански и политички силниот град со основање на „нов град“ (германски: Neustadt) западно од самиот град, преку каналот Лајне и надвор од градската порта Гроне. Оваа населба се состоела од една улица со куќи на едната страна на улицата. Меѓутоа, војводата не можел да ја спречи западното проширување на Гетинген, ниту успехот на Градскиот совет на Гетинген во спречување на надежите за економски развој на Нојштат. Црквата „Св. Богородица“ била изградена јужно од Нојштат, кој заедно со околните фарми бил доделен на Тевтонските витези во 1318 година.
По неуспехот на „новиот град“, Градскиот совет ја купил самата населба во западниот дел во 1319 година за триста марки и добил ветувања од војводата дека нема да изгради тврдина во близина на градот.
Два манастири биле основани на работ на градот на крајот на XIII век. На исток, во областа на денешниот плоштад „Вилхелм“ (Wilhelmsplatz), бил изградена францискански манастир во 1268 година, според градскиот хроничар Францискус Лубекус. Бидејќи Францисканците оделе боси како дел од неговата заклетва за сиромаштија, биле познати како „босоногите луѓе“, па оттука и името на денешната улица. Во 1294 година, Албрехт „Дебелиот“ дозволил основање на доминикански манастир долж каналот Лајне спроти Нојштат, за кој била изградена црквата „Св. Павле“ во 1331 година.
Евреите се населиле во Гетинген кон крајот на XIII век. На 1 март 1289 година, војводата му дал дозвола на Градскиот совет да дозволи во градот да се населат првите Евреи. Подоцнежното еврејско население главно живеело близу црквата „Св. Јаков“.
Раст и самостојност
[уреди | уреди извор]По смртта на Алберт Дебелиот во 1318 година, Гетинген припаднал на Ото (п. 1344 г.), кој владеел со Кнежевството Гетинген (германски: Fürstentum Göttingen) и со територијата на Брауншвајг. Овие војводи му се приклучиле на Гетинген и на околните градови во борбите против благородничките витези во околината на Гетинген, со што граѓаните на Гетинген успеале да ја уништат тврдината Гроне помеѓу 1323 и 1329 година, како и тврдината Росдорф. Кога Ото умрел без да остави ниеден наследник, неговите браќа Магнус и Ернст ја поделиле земјата помеѓу себе. Ернст I го добил Гетинген, најсиромашното од сите велфски кнежевства, кое останало одвоено од Брауншвајг долго време. Во тоа време, територијата се состоела од областите порано поседувани од Нортхајм, градовите Гетинген, Услар, Дрансфелд, Минден, Гизелвердер и половина од Моринген. Не е многу познато за владеењето на Ернст I, но општо е познато дека продолжил да се бори против благородничките витези.
Ернст I бил наследен по неговата смрт во 1367 година од неговиот син Ото I Гетингенски („Лошиот“; германски: der Quade; п. 1394 г.), кој првично живеел во градската тврдина и се обидел да ја направи постојана велфска резиденција. Епитетот „лошиот“ доаѓа од непрестајните феуди на Ото I. Кршејќи ги политиките на неговите претходните, често склучувал сојузи со благородничките витези од соседството во борбите против градовите, чија растечка моќ го вознемирувала. За време на владеењето на Ото Лошиот, Гетинген стекнал голем степен на самостојност. Откако ја загубил контролата на покраинскиот суд во Лајнеберг во однос на Гетинген во 1375 година, Ото се обидел да го наметне своето влијание на Гетинген во 1387 година, но со мал успех. Во април 1387 година, граѓаните на Гетинген се побуниле и ја уништиле тврдината во рамките на градските бедеми. Во знак на одмазда, Ото ги уништил селата и фармите во околината на градот. Меѓутоа, граѓаните на Гетинген издвојувале победа над војската на војводата во бирка помеѓу селата Росдорф и Гроне, под водство на нивниот водач Мориц Усларски, принудувајќи го Ото да ја признае самостојноста на градот и неговата околина. Така, 1387 година претстава важна точка во историјата на градот. Релативната автономија на Гетинген била понатаму засилувана под водство на наследникот на Ото, Ото II „Едноокиот“ Гетингенски (германски: Cocles/der Einäugige), не само што велфската гранка на Брауншвајг-Гетинген изумрела со Ото II, и со претстојните прашања во однос на неговиот наследник по неговото повлекување во 1435 година, што ја размрдало регионалната аристократија.
Откако војводата Ото I Гетингенски се откажал од неговата надлежност над Евреите во градот Гетинген во периодот 1369-70, условите за Евреите силно се влошиле и следеле неколку крвави потери во градот. Помеѓу 1460 и 1599 година, во Гетинген не живеел ниту еден Евреин.
Насоката за намалување на велфското влијание на градот продолжила кон крајот на XV век, иако градот официјално останал велфски посед. Сепак, во некои современи документи се вбројува како слободен царски град.
Така, XIV и XV век претставуваат време на проширување на политичката и стопанската моќ, која се огледува и во современата архитектура. Проширувањето на црквата „Св. Јован“ во готска соборна црква започнало во првата половина на XIV век. До 1330 година, готска градба ја заменила помалата црква „Св. Никола“. По завршувањето на црквата „Св. Јован“, повторната изградба на црквата „Св. Јаков“ започнала во втората половина на XIV век. Првобитната, помала црква која се наоѓала на тоа место, веројатно била започната од Хајнрих Лавот или негов наследник и функционирала како капела во тврдината. Карактеристичното Старо Градско собрание било изградено помеѓу 1366 и 1444 година.
Околу 1360 година, градските бедеми биле повторно изградени, при што сега го заокружувале и „новиот град“ и „старото село“. При изградбата, четирите градски порти биле преместени подалеку, а градската област се зголемила за околу 75 хектари. Градскиот совет се здружил со околните градови, а Гетинген пристапил кон Ханзата во 1351 година. Гетинген, исто така, ја освоил „Грона“ и неколку други околни села во долината на Лајне.
Причината за зголемувањето на моќта кон крајот на средниот век било растечкото стопанско значење на градот. Ова главно доаѓало од добрата поврзаност со трговскиот пат север-југ, особено онаа рута која поминувала низ долината на Лајне, која главно била користена од текстилната индустрија. Покрај еснафот на ткајачи на лен, еснафот на ткајачи на волна добил на значење. Волната за ткајачите најпрвин потекнува од непосредната околина на градот, каде биле чувани 3000 овци и 1500 јагниња. Волнената облека била успешно извезувана во Холандина и Либек. Од 1475 година, текстилното производство било зголемено со додавање на нови ткајачи, кои донело современи ткајачки техники во Гетинген и ја засилиле позицијата на градот како текстилен извозник за три генерации. Дури кон крајот на XVI век опаднала локалната текстилна индустрија, кога Гетинген повеќе не можел да се натпреварува со евтиниот англиски текстил.
Гетингенските трговци, исто така, заработувале од важниот трговски пат помеѓу Либек и Франкфурт на Мајна. Гетингенскиот пазар станал најважен во областа. Трговците од другите области доаѓале во голем број четири пати годишно. Гетинген, исто така, се приклучил на Ханзата на првиот собир на кој бил поканет во 1351 година. Меѓутоа, врската на Гетинген со Ханзата останала далечна. Како град во внатрешноста, Гетинген уживал економски врски со сојузот, но не сакал да се вклучува во политиката на сојузот. Гетинген го плаќал своето членство од 1426 година, а го напуштил сојузот во 1572 година.
Намалување на самостојноста до денес
[уреди | уреди извор]По неколку династички поделби и смени во моќта кои следеле по смртта на Ото Едноокиот, војводата Ерик I „Постариот“, принц на Каленберг, го припоил кнежевството Гетинген, кое станало составен дел на Каленберг. Градот одбил да плати почит на Ерик I во 1504 година, поради што Ерик I го повикал царот Максимилијан I, да го прогласи градот за исклучен. Подоцнежните тензии дополнително го ослабнале градот, особено стопански, што довело градот на крај да плати почит на Ерик I во 1512 година. Подоцна, врската помеѓу Ерик и градот се подобрила, поради финансиската зависност на Ерик од Гетинген.
Во 1584 година, градот станал посед на војводите од Брауншвајг-Волфенбител, исто така дел од велфската династија, а во 1635 година бил предаден на Линебурската династија, која оттогаш го владеела. Во 1692 година бил вклучен во Изборното кнежевство Хановер (официјално наречено Изборно кнежевство Брауншвајг-Линебург).
Универзитет
[уреди | уреди извор]Гетингенскиот универзитет бил основан во 1737 година од Џорџ II Август, кој бил крал на Велика Британија и Ирска, војвода на Брауншвајг-Линебург и принц-изборен кнез на Хановер. Во текот на времето на Наполеон I Бонапарт, градот бил кратко во рацете на Прусија во 1806 година, предаден во 1807 на новосоздаденото наполеонско Кралство Вестфалија и повторно вратено на Државата Хановер во 1813 година по поразот на Наполеон. Во 1814 година, принц-изборните кнезови на Хановер биле издигнати во кралеви на Хановер и било основано Кралството Хановер. Во текот на Австриско-пруската војна (1866 г.), Кралството Хановер се обидело да одржи неутрална позиција. Откако Хановер гласал во корист на активирање на сојузничките сили против Прусија на 14 јуни 1866 година, Прусија ова го видела како причина за објава на војна. Во 1868 година, Кралството Хановер било распуштено и Гетинген станал дел од пруската Покраина Хановер. Покраината Хановер била целосно распуштена во 1946 година.
Железница
[уреди | уреди извор]Во 1854 година, градот бил поврзан на новата Хановерска јужна железница. Денес, главната железничка станица во Гетинген е опслужувана од брзите возови ИЦЕ на линијата Хановер-Вирцбург.
Трет Рајх
[уреди | уреди извор]Во текот на 1930-тите години, во Гетинген се наоѓал најдобриот факултет за математика и физика во светот, предводен од осум мажи, сите Евреи, кои станале познати како Гетингенската осумка. Членови на Осумката биле и Лео Силард и Едвард Телер. Сепак, овој факултет не бил подобен за Рајхот и Гетингенскиот универзитет претрпел сериозни последица. Гетингенската осумка била протерана и била приморани да емигрираат на Запад во 1938 година. Силар и Телер станале клучни членови на екипата која работела на проектот „Менхетн“. Иронично, нацистичкото настојување на „германска физика“ ги спречило германските научници да ги применат најновите достигнувања на Алберт Ајнштајн, политика која го спречила понатамошниот развој на физиката во Германија. По крајот на Втората светска војна, познатиот универзитет бил скоро целосно реорганизиран, особено во катедрите за физика, математика и хемија, процес кој продолжил и во XXI век.[2]
Синагогата во Гетинген била уништена во текот на Кристалната ноќ на 9 ноември 1938 година. Многу Евреи од Гетинген биле убиени во концентрациските кампови. Исто така постоел и концентрациски камп за младинци во Моринген, кој не бил ослободен до 1945 година.
Во текот на раширените британски, канадски и американски воздушни напади на Нацистичка Германија, Гетинген доживеал релативно мали оштетувања. Само околу 2,1% од градот бил уништен.[3] Во почетокот на јули 1944 година, воздушните напади биле почести, но главно насочени кон главната железничка станица, а последниот воздушен напад бил на 7 април 1945 година. Историскиот стар град на Гетинген останал практично недопрен.
Јункершенке (Junkernschänke), историска куќа во фахверк била уништена во воздушен напад во 1945 година, а надворешноста не била целосно обновена до 1980-тите години. Две цркви во стариот град („Св. Павле“ и Св. Јован“) и неколку градби на универзитетот, биле тешко оштетени. Институтот за анатомија и 57 станбени блокови, особено во улицата Унтере Марш во средиштето на градот, биле целосно уништени. Во сите воздушни напади загинале само 107 лица, што е мала бројка споредбено со другите градови. Меѓутоа, околните градови Хановер и Брауншвајг доживеале големи оштетувања од нападите. Касел бил уништуван неколкупати.
Бидејќи градот имал многу болници, овие болници морале да се грижат за четири илјади повредени војници на Вермахтот. Војниците на Вермахтот го напуштиле градот пред да пристигнат војниците на американската војска на 8 април 1945 година, со што се избегнале улични борби.
Современа историја
[уреди | уреди извор]По војната, градот и округот Гетинген се приклучиле на административниот округ Хилдесхајм. Со реформата од 1973 година, округот Гетинген бил проширен со поранешните окрузи Дудерштат и Хан. Минден.
Припојувања
[уреди | уреди извор]Следниве општини биле припоени кон градот Гетинген:
- 1963: Херберхаузен
- 1964: Гајсмар, Гроне, Николаусберг и Венде
- 1973: Деполдсхаузен, Елихаузен, Езебек, Грос Елерсхаузен, Хетјерсхаузен, Холтензен, Кнутбирен и Роринген
Култура
[уреди | уреди извор]Пред периодот на германскиот романтизам, група на германски писатели учеле на универзитетот помеѓу 1772 и 1776 година, каде го создале „писателскиот сојуз“ (Dichterbund). Како ученици на Фридрих Готлоб Клопшток ја обновиле народната песна и пишувале лирична поезија во периодот бура и стремеж. Нивното влијание било клучно во романтизмот во земјите од германското говорно подрачје и воопшто на фолклорот.
Од 1920-тите години, градот се поврзува со обновата на интересот за музиката на Георг Фридрих Хендл. Меѓународниот фестивал „Хендл“ во Гетинген се одржува секое лето со изведби во Градската сала Гетинген и во бројни цркви.
Во средината на 1960-тите години, песната именувана по градот од француската пејачка Барбара создала значајно влијание кон повоеното француско-германско помирување.[4] Денес во градот постои улици со нејзиното име.
Поради долгогодишната поврзаност на градот со бројни академски и научни списанија, Гетинген го добил мотото „Градот, каде успева науката“ (Die Stadt, die Wissen schafft).
Население
[уреди | уреди извор]Населението во градот се зголемувало од средниот век. Со пристигнувањето на новото време, растот значително се зголемил. Населението достигнало 132.100 жители во 1985 година. Во 2004 година, се намалило на 129.466 жители, од кои 24.000 биле студенти.
Сообраќај
[уреди | уреди извор]Гетингенскиот автобуски систем е раководен од Гетингенското сообраќајно претпријатие (Göttinger Verkehrsbetriebe). Автобусите возат низ градот и до околните села, а главната станица се наоѓа близу железничката станица.
Главната железничка станица се наоѓа западно од Стариот град и обезбедува врски до бројни одредишта во Германија.
Како повеќето германски градови, градот е пријателски настроен кон велосипедистите со бројни патеки низ сите делови (освен во пешачките зони).
Религија
[уреди | уреди извор]По средниот век, областа на Гетинген била дел од Архиепископијата Мајнц и поголемиот дел од населението биле римокатолици. Започнувајќи во 1528 година, учењата на црковниот реформатор Мартин Лутер станувале популарни во градот. Во 1529 година била одржана протестантска миса во црквата „Св. Павле“, поранешен доминикански манастир. Со векови, скоро сите луѓе во градот биле лутеранци. До денес, областа на Гетингене е дел од Лутеранската црква на Хановер. Покрај оваа, постојат и уште неколку протестанстски цркви во Гетинген. Во 1746 година се вратиле католичките миси во градот, најпрвин само за студентите на новиот универзитет, но една година подоцна за сите граѓани кои сакале да присуствуваат. Меѓутоа, дури во 1787 година била отворена првата католичка црква по реформацијата, црквата „Св. Михаил“. Во 1929 година била изградена втората католичка црква „Св. Павле“. Денес, главни религии се лутеранството и католицизмот.
Во градот постоела еврејска заедница од XVI век. Во текот на Третиот Рајх, синагогата била уништена во Кристалната ноќ на 9 ноември 1938 година, како и многу други низ Германија. Еврејската заедница била протерана, а нејзините членови биле убиени во концентрациските кампови. Во поново време, еврејската заедница повторно се развива, со доселување на Евреи од државите на поранешниот Советски Сојуз. Во 2004 година бил прослават првиот шабат во новиот Еврејски центар.
Исто така, постои и исламска заедница. Исламот дошол во Гетинген, како и во другите германски градови, со доселувањето на Турците во текот на Економското чудо во 1960-тите и 1970-тите години. Тие претставуваат мнозинство од муслиманите во Гетинген. Другите муслимани имаат арапско потекло од Пакистан, Иран и Индија. Во градот постојат две џамии.
Голем број поради секуларизмот не се членови на ниедна верска заедница или пак ја напуштаат црквата. Овој тренд е особено забележлив од 1990-тите години, кога процентот на протестанти се намалил од 56,2 на 40,6%, а на католиците од 17,1 на 15,6%.[5]
Политика
[уреди | уреди извор]Градскиот совет има 24 советници и потекнува од XII век. Во 1319 година, овој совет ја преземал контролата на новиот градски округ (Neustadt) пред бедемот на градот. Изборите на Советот се одржуваат секој понеделник по Архангел Михаил (29 септември). Започнувајќи од 1611 година, сите граѓани можат да ги избираат 24. советници. Претходно, ова право било ограничено и зависело од приходот и од занимањето. Потоа, Советот го избира градоначалникот (Bürgermeister). Во 1669 година, бројот на советници бил намален на 16, а подоцна на 12. Во 1690 година, градската власт била повторно реорганизирана. Тогаш, советот се состоел од судијата, двајца градоначалници, градскиот адвокат (Syndikus), секретарот и осум советници. Сите овие биле назначувани од владата. Во текот на наполеонското време, градоначалникот бил нарекуван Maire и постоел градски совет. Во 1831 година бил донесен нов устав и била спроведена нова реформа. Титулата на градоначалникот била променета во „надградоначалник“ (Oberbürgermeister). Следните децении биле спроведени повеќе реформи во градската власт, што било последица на уставните и територијалните реформи во Германија. Во текот на Третиот Рајх, градоначалникот бил назначуван од Нацистичката партија.
Во 1946 година, властите на Британската окупациска зона, на која припаѓал Гетинген, вовела општински избори по примерот на Британија.
Грб
[уреди | уреди извор]Грбот на Гетинген во горниот дел покажува три сребрени кули со црвени кровови на сино поле. Задните кули имаат четири прозорци на секоја кула и се крунисани со златни крстови. Околу средишната кула има четири сребрени топки. Градските кули го претставуваат градскиот статус, што му донел одредени права. На долниот дел се наоѓа златен лав на црвено поле. Овој лав го претставува лавот на велфската династија, која со различни гранки ја владеела областа на Гетинген скоро 850 години.
Овој грб првпат бил забележан во 1278 година. Градот понекогаш користи поедноставен, составен од црна голема латинична буква „G“ на златно поле и на врвот круна.
Меѓународни односи
[уреди | уреди извор]Збратимени градови
[уреди | уреди извор]Гетинген е збратимен со следниве градови:
- Челтенхам, Обединето Кралство (од 1951 г.)
- Торуњ, Полска (од 1978 г.)[6]
- По, Франција (од 1982 г.)
- Витенберг, Германија (од 1988 г.)
Партнерства
[уреди | уреди извор]Постои солидарен договор со Ла Паз Сентро во Никарагва од 1989 година, кој сè уште не довел до официјален договор за збратимување.
Познати луѓе
[уреди | уреди извор]Родени во Гетинген
[уреди | уреди извор]- Хајнрих Евалд (1803-1875) — теолог и ориентолог
- Волфганг Сарториј фон Валтерсхаузен (1809-1876) — геолог
- Роберт Бунзен (1811-1899) — хемичар
- Ута Хаген (1919-2004) — глумица
- Ханс-Јохен Фогел (р. 1926) — политичар
- Кај Енгелке (р. 1946) — писател, текстописец и наставник
- Томас Зидхоф (р. 1955) — биохемичар
- Херберт Гренемајер (р. 1956) — музичар и глумец
- Јулијане Келер (р. 1965) — глумица
- Сандра Насиќ (р. 1976) — пејачка
Починати во Гетинген
[уреди | уреди извор]- Карл Фридрих Гаус (1777-1855) — математичар и научник
- Фридрих Август Гротефенд (1798-1836) — филолог
- Вилхелм Едвард Вебер (1804-1891) — физичар
- Петер Густав Лежен Дирикле (1805-1859) — математичар
- Феликс Клајн (1849-1925) — математичар
- Макс Планк (1858-1947) — физичар
- Лу Андреас-Саломе (1861-1937) — психоаналитичар и писател
- Давид Хилберт (1862-1943) — математичар
- Херман Минковски (1864-1909) — математичар
- Лудвиг Прандл (1875-1953) — научник
- Ото Хан (1879-1968) — хемичар
- Макс Борн (1882-1970) — физичар и математичар
- Теодор Калуца (1885-1954) — математичар и физичар
- Хелмут Плеснер (1892-1985) — филозоф и социолог
- Курт Рајдемајстер (1893-1971) — математичар
- Карл Лудвиг Зигел (1896-1981) — математичар
Спорт
[уреди | уреди извор]Гетинген има:
- неколку фудбалски клубови, кои настапуваат во аматерски лиги, додека Спарта Гетинген во окружната лига
- клуб во крикет
- клуб во куглање
- клуб во голф
- клуб во американски фудбал
- клуб во бејзбол
- затворен пливачки комплекс и бројни отворени базени
- спортски стадион (Стадион „Јан“)
- кошаркарска екипа (од 2007 г. настапува во првата лига)
Универзитети и високи школи
[уреди | уреди извор]Гетинген е службено наречен „универзитетски град“ и е особено познат по својот универзитет.
- Гетингенски универзитет „Георг Август“
- Германски авиовселенски центар
- Приватен универзитет за применети науки
- Универзитет за применети науки и уметности
- Институт „Гете“ во Гетинген
- Институт „Макс Планк“ за биофизичка хемија
- Институт „Макс Планк“ за експериментална медицина
- Институт „Макс Планк“ за религиозни студии и етничка разновидност
- Институт „Макс Планк“ за динамика и самоорганизација
- Институт „Макс Планк“ за истражување на сончевиот Систем
- Германски центар за примати
|
|
Култура
[уреди | уреди извор]Театар
[уреди | уреди извор]Гетинген има два професионални театри, Германскиот театар Гетинген (Deutsches Theater Göttingen) и Младинскиот театар (Junges Theater). Покрај нив, постои и Театар во ОП Гетинген (Theater im OP Göttingen; ThOP), кој моментално изведува студентски претстави.
|
|
Музеи, збирки, изложби
[уреди | уреди извор]- Градски музеј Гетинген (Städtisches Museum Göttingen) има постојана и привремени поставки на историски и уметнички збирки, иако поголемиот дел од зградата моментално е затворен поради обнова.
- Универзитетската етнографска збирка ја вклучува меѓународната изложба на Јужните Мориња и главно материјали од XIX век од поларниот Арктик, како и бројни артефакти од Африка.
- Старото Градско собрание има привремени поставки на локални, регионални и меѓународни уметници.
- Црквата „Св. Петар и Павле“ во зградата на историската универзитетска библиотека има бројни привремени поставки, обично за историјата.
Универзитетот има бројни музеи и збирки.
Градини
[уреди | уреди извор]Гетинген е дом на четири меѓукултурни градини и на Германскиот Сојуз за меѓународни градини.
- Универзитетот одржува три големи ботанички градини:
- Стара ботаничка градина на Гетингенскиот универзитет
- Нова ботаничка градина на Гетингенскиот универзитет
- Истражувачки арборетум на Гетингенскиот универзитет, арборетум и ботаничка градина.
- Градските гробишта, на кои се засадени бројни дрвја.
Локални медиуми
[уреди | уреди извор]Локалното радио „Градско радио Гетинген“ (Stadtradio Göttingen) кое е непосредно финансирано од покраината Долна Саксонија ги покрива сите делови на градот и некои од околните градови и села. Неговите часовни вести се главен извор на локални новости на населението. Дополнително, радио-станиците НДР 1, Хитрадио Антена Долна Саксонија и Радио ффн обезбедуваат специфични локални вести на нивните соодветни честоти.
Регионалниот весник Хесиш-Нидерзексише Алгемајне (Hessisch-Niedersächsische Allgemeine) својата редакција ја има во Гетинген. Неговите локални новости се бесплатно достапни на интернет и се натпреварува со Градското радио.
Гетингер Тагеблат (Göttinger Tageblatt) — издаван од Хановерше Алгемајне Цајтунг од понеделник до сабота.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Галерија
[уреди | уреди извор]-
Мотив од Гетинген
-
Црвената улица (Rote Strasse) во Гетинген
-
Улица во стариот дел на Гетинген
-
Улица во стариот дел на Гетинген
-
Улица во Гетинген
-
Улица во Гетинген
-
Хотелот Гебхардс во Гетинген
-
Мотив од Гетинген
-
Традиционална куќа во Гетинген
-
Традиционална куќа во Гетинген
-
Традиционална куќа во Гетинген
-
Куќа во стариот дел на Гетинген
-
Традиционална куќа во стариот дел на Гетинген
-
Традиционална куќа во стариот дел на Гетинген (18 век)
-
Михаеловата куќа во Гетинген (1737)
-
Куќата на Рафаел Хан во Гетинген (1858)
-
Традиционална куќа во Гетинген
-
Традиционална куќа во Гетинген
-
Барокна куќа во Гетинген (1745)
-
Готска куќа во Гетинген (15 век)
-
Традиционална куќа во Гетинген
-
Куќата во која престојувал Семјуел Колриџ во 1799 год.
-
Седиштето на парохиската управа на црквата св. Јаков во Гетинген (1603 год.)
-
Поранешната готска црква св. Петар и Павле во Гетинген
-
Црквата св. Јован во Гетинген
-
Црквата св. Јован во Гетинген
-
Порталот на црквата св. Јован во Гетинген
-
Црквата св. Албан во Гетинген
-
Црквата св. Албан во Гетинген
-
Порталот на црквата св. Албан во Гетинген
-
Порталот на црквата св. Албан во Гетинген
-
Католичката црква св. Михаил во Гетинген
-
Католичката црква св. Михаил во Гетинген (детаљ)
-
Универзитетската црква св. Никола во Гетинген (1822)
-
Универзитетската црква св. Никола во Гетинген (влез)
-
Црквата Св. Јаков во Гетинген
-
Црквата Св. Јаков во Гетинген (задниот дел)
-
Влезот на црквата Св. Јаков во Гетинген
-
Камбанаријата на црквата Св. Јаков во Гетинген
-
Црквата Св. Марија во Гетинген
-
Црквата Св. Марија во Гетинген
-
Споменикот на кралот Вилијам IV во Гетинген
-
Аулата на Универзитетот „Георг-Август“ во Гетинген (1835-1837)
-
Старата градска куќа (Altes Rathaus) во Гетинген
-
Внатрешноста на старата градска куќа во Гетинген (детал)
-
Внатрешноста на старата градска куќа во Гетинген (детал)
-
Внатрешноста на старата градска куќа во Гетинген (детал)
-
Внатрешноста на старата градска куќа во Гетинген (детал)
-
Внатрешноста на старата градска куќа во Гетинген (детал)
-
Фонтаната „Гензилизел“ во Гетинген
-
Архивот на Гинтер Грас во Гетинген
-
Градскиот музеј во Гетинген
-
Градскиот музеј во Гетинген (предната страна)
-
Градската библиотека „Св. Јован“ во Гетинген
-
Градската библиотека (Куќата на Томас Биргентал) во Гетинген
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Населеност на окрузите, општините и месните заедници во Долна Саксонија на 31 декември 2022“. Служба за статистика и комуникациска технологија на Долна Саксонија. јули 2023. (германски)
- ↑ Mathematisches Forschungsinstitut Oberwolfach, Emigration of Mathematicians and Transmission of Mathematics: Historical Lessons and Consequences of the Third Reich, Report No. 51/2011; organized by June Barrow-Green, Milton-Keynes, Della Fenster, Joachim Schwermer, & Reinhard Siegmund-Schultze. (30 Oct - 5 Nov 2011). Retrievable from: http://www.mfo.de/occasion/1144. Accessed July 13, 2014. DOI: 10.4171/OWR/2011/51
- ↑ Ulrich Schneider: Niedersachsen 1945, p. 95. Hannover 1985
- ↑ BBC News website, 22 January 2013
- ↑ Religion in Goettingen 1990-2014
- ↑ „Toruń's twin towns“. Urząd Miasta Torunia (полски). Посетено на 2013-08-22.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]Википатување има туристички водич за Гетинген. |
- Матична страница (германски) (англиски)
- Текстови на Викиизворот:
- Encyclopædia Britannica (11. изд.). 1911. .
- Нова меѓународна енциклопедија. 1905. .
|
|