Горни Липовиќ
Горни Липовиќ | |
Панорамски поглед на селото Горни Липовиќ со црквата „Св. Ѓорѓи“ | |
Координати 41°30′41″N 22°29′35″E / 41.51139° СГШ; 22.49306° ИГД | |
Регион | Југоисточен |
Општина | Конче |
Население | 119 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2424 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 22008 |
Надм. вис. | 843 м |
Горни Липовиќ на општинската карта Атарот на Горни Липовиќ во рамките на општината | |
Горни Липовиќ на Ризницата |
Горни Липовиќ — село во Општина Конче, во околината на градот Радовиш.
Според пописот од 2002 година, селото имало население од 163 жители[2], со што селото се вбројува во мали села во областа на Конче и Радовиш.[3]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во источниот дел на Општина Конче и во близина на селото е Долни Липовиќ. Сместено е на југозападната падина на планината Смрдешник во горното сливно подрачје на реката Крива Лакавица[4]. Според верувањата и кажувањата на мештаните во самото село Горни Липовиќ, кај селската воденица се наоѓа изворот на реката Крива Лакавица[5], иако нејзиното течение всушност настанува кај селото Долни Липовиќ со спојувањето на трите изворишни челенки - потоците Стругарница, Царевец и Липовичка Река која всушност извира и минува низ воденицата во Горни Липовиќ.
Селото е ридско, расположено на надморска височина од 740 метри[4]. Од општинското средиште Конче е оддалечено 13 километри, а од градот Радовиш е оддалечено 25 километри, со кои е поврзано со асфалтен пат. Постои шумски пат кој го поврзува селото со Општина Струмица.[6]. Атарот, чии граници се допираат до Општина Василево во Струмичко, зафаќа простор од 18 км2, на кои пореовладуваат шумите на површина од 1106,8 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 298,6 ха, а на пасиштата 182,3 ха[4].
Историја
[уреди | уреди извор]Во турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година, кои се однесуваат на засебната Нахија Конче во состав на Ќустендилскиот санџак, се запишани две села со имињата Липовик кое било дервен-џиско и Стар Липовик кое било тимар на некојси Јусуф[7]. За селото Липовик е запишано дека тоа билодервен на патот што води од Струмица за Солун при што секој човек имал обврска да дава давачка-испенџе по 10 акчиња, жените по еден денк (половина товар) пченица и еден денк јачмен, а од сите вонредни давачки и обичајни оптоварувања како давање веслари, јаничари итн. биле ослободени во замена за што требало да чуваат и да обезбедуваат да не дојде до шетета на ничиј имот и живот[7], односно да ја вршат дервенџиската должност за обезбедување на сигурноста на патниците по патот. И двете села биле населени со чисто христијанско македонско население, при што Липовик имало 50 христијански македонски семејства кои произведувале пченица и мешано жито по 25 товари, вино, чувале свињи и имало една воденица на некојси Петко Стојко за што се остварувало приход од 2780 акчиња, додека во селото Стар Липовиќ живееле 16 христијански македонски семејства кои произведувале пченица до 17 товари, мешано жито до 19 товари, уров, леќа, сено, градинарски култури, праз, чувале свињи и пчели во улишта и кошници и правеле вино за што се остварувало севкупен приход од 1884 акчиња[7].
На основа на овие записи кои секако се однесуваат на селата Горни и Долни Липовиќ е тешко да се одреди и претпостави на кое точно се однесуваат соосветните Липовик и Стар Липовик. Врз основа на местоположбата како дервен - теснина, клисура или превој низ кој минува пат, може да се претпостави дека дервенџиското Липовик се однесува на Горни Липовиќ низ кој и денес постои (шумски) пат кој преку месноста Скрки во која некогаш имало куќи[5], води кон Струмица. Месноста Скрки во која и денес повторно се градат (викенд) куќи е на границата, но повеќе припаѓа под Струмичко, а според предание жителите сметаат дека некогаш во дамнина селото Горни Липовиќ се наоѓало на тоа место[5]. На основа на ова предание меѓу мештаните и записите од средновековните турски дефтери може да се претпостави дека дервенџиското село Липовик се однесува на Горни Липовиќ. Но, доколку се увиди фактот дека селото Стар Липовиќ е запишано како помалубројно по бројот на семејства, може да се претпостави дека тоа се наоѓало погоре во планината, како што е впрочем чест случај постарите села и населби да се наоѓаат на повисоко ридско-планинско земјиште од каде слегувале жители и ги основале новите долни села[8], при што во тој случај тоа одговара на Горни Липовиќ. Но фактот што е запишано дека селото Стар Липовиќ произведува повеќе градинарски култури за кои одговара низинско земјиште со многу вода од река, укажува дека според тоа неговата местоположба одговара на Долни Липовиќ, која пак исто така е многу погодна и поповолна за пат по долот на Стругарница и превојот во долот на Бела Река над струмичкото село Рич.
На крајот на XIX век, Горни Липовиќ било дел од Радовишката каза на Отоманското Царство.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Се верува дека името на селото, заедно со блиското село Долни Липовиќ, потекнува од мноштвото липи кои порано постоеле на нивните атари.[6]. Густа и доста застапена липова шума постои и денес на ридот Вртешка непосредно до селото[5], како и во месноста Липадиница во долот кон Долни Липовиќ. Според книгата „Речник на топонимите во областа на Сливот на Брегалница“ за селото Горни Липовиќ е запишано дека неговото име потекнува од ботаничкото име на дрвото липа, односно од изведената именка Липовик/Липовиќ што означува 'место со липа, липова шума' (сп. буковиќ, дабовиќ, дрчевиќ, габроик итн.)[9]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Жителите на селото Горни Липовиќ се занимаваат исклучиво со преработка на вар, односно ископ и печење на варовник и добивање на негасена вар. Освен печење на вар, овде има услови и за сточарство, кое во последно време е во благ пораст.[6] Моментално, во селото постојат околу 30 варници.
Покрај каменот и дрвата, кои им се потребни за производството на варта, жителите на Горни Липовиќ се занимаваат и со одгледување тутун.[6]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 420 жители, сите Македонци.[10] По податоци на секретарот на егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото Горни Липовиќ имало 548 Македонци.[11]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[12]
Според пописот од 2002 година, селото имало 163 жители, од кои 162 Македонци и 1 Србин.[2]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 119 жители, од кои 105 Македонци и 14 лица без податоци.[13]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 420 | 548 | 407 | 422 | 377 | 439 | 310 | 182 | 176 | 163 | 119 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]
Родови
[уреди | уреди извор]Селото Горни Липовиќ отсекогаш, па до денес е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Родови и семејсртва кои живеат во Горни Липовиќ се: Томови кои имаат иселеници и во Ораовица, Ангелови, Божинови, Митеви, Доневи, Јаневи, Коцеви, Стојанови.
Според истражувањата од 1928 година, родови во селото.
- Староседелци: Продановци (5 к.), Златковци (5 к.), Стефановци (16 к.), Ќајовци (20 к.), Канџовци со Веселиновци, Димитријевци и Јовановци (10 к.) и Божидаровци (10 к.).[18]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Основно училиште „Гоце Делчев“ до V одделение[3], подрачно училиште на ОУ „Гоце Делчев“ - Конче
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Конче, една од ретките општини во Македонија, која не била променета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Конче.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Радовиш. Селото припаѓало на некогашната општина Радовиш во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957, селото било во рамките на тогашната општина Конче.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Конче, во која покрај селото Горни Липовиќ, се наоѓале и селата Габревци, Долно Липовиќ, Долни Радеш, Конче, Лубница, Негреновци и Ракитец. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Дедино, во која влегувале селата Горни Липовиќ, Долни Липовиќ, Дедино, Габревци, Негреновци и Ракитец.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 1610 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[19]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 109 гласачи.[20]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви[21]
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — главната и единствена селска црква, изградена во 1877 година
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Поглед кон еден дел од селото
-
Улица во селото
-
Поглед кон селските гробишта, сместени пред самото село
-
Панорамски поглед на селото
-
Пчелни семејства пред самото село
-
Исечени дрва, потребни за големиот број варници
-
Глетка од Горни Липовиќ
-
Глетка од Горни Липовиќ
-
Маала на Горни Липовиќ
-
Глетка од југозападната падина на Смрдеш кај с. Горни Липовиќ познато по сечата на огревно дрво и варџиството
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 мај 2016.
- ↑ 3,0 3,1 Атанасов, Зоранчо (2011). Инфраструктурни одлики на населените места во општините Радовиш и Конче (PDF). стр. 65–77. Архивирано од изворникот (PDF) на 2019-04-19. Посетено на 3 мај 2016.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 75.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 Според кажување на жител на с. Дедино, забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски, Кирил Симеоновски на 02.04.2016
- ↑ 6,0 6,1 6,2 6,3 Шатевски, Љупчо (6 август 2015). „Варџиите од Горни Липовиќ се поцврсти од каменот што го кршат“. Дневник. Скопје: МПМ Македонија. Посетено на 4 мај 2016.[мртва врска]
- ↑ 7,0 7,1 7,2 Соколоски, Методија (1982). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 273-274 и 277-278.
- ↑ Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 351. ISBN 978-608-245-113-8 ('''детални објаснувања на Ѓорче Петров за топографската појава за настанок на села со имиња Горни и Долни, Старо и Ново, Големо и Мало''') Проверете ја вредноста
|isbn=
: invalid character (help). - ↑ Иванова, Олга (1996). Речник на топонимите во областа по сливот на Брегалница. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 139.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 234
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 138 - 139.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Русиќ, Бранислав. Радовишка Област. Архивски фонд на МАНУ к-9, AE 116/II I.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 декември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 29 декември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Горни Липовиќ на Ризницата ?
- Сателитска снимка на Горни Липивиќ на Карти на Гугл
- Горни Липовиќ на Facebook
|