Прејди на содржината

Гризли

Од Википедија — слободната енциклопедија
Гризли
Ursus arctos horribilis - Гризли
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Семејство: Ursidae
Род: Ursus
Вид: U. arctos
Триномен назив
Ursus arctos horribilis
(George Ord, 1815)
со розова боја – распространетост во минатото, со виолетова - денес

Гризли (науч. Ursus arctos horriblis) — подвид на кафеавата мечка која живее во западниот дел на Северна Америка.

Физички одлики

[уреди | уреди извор]

Мажјаците Гризли достигнуваат висина од 2.44 метри кога се исправени на задните нозе, додека женките се за околу 38% помали[1]. Овој полов диморфизам укажува дека големината е важен фактор за време на сезоната на парење. Мажјаците се со тежина од 180 до 500 килограми (достигнуваат и до 750 кг), женките се со тежина од 90 до 270 килограми[2]. Бојата на крзното варира според регионот во кој живеат, ги среќаваме од жолтеникава до темнокафена или црвена. Секоја година тие го отстрануваат зимското крзно триејќи се од дрвјата. Гризлито има голема грпка над рамениците составена од масивен мускул. Мечката има доволно сила да се исправи на задните нозе, дури и да изоди кратки растојанија што и овозможува подобар видик на околината. Има голема и тркалезна глава. И покрај масивноста на овие мечки, тие можат да трчаат со брзина од 66 километри на час[3].

Гризлито лесно можеме да го разликуваме од останатите подвидови на кафеавата мечка благодарение на пропорционално поголемите канџи и обликот на главата, која потсеќа на белата мечка[4]. Најслични по големина, боја и однесување се со Сибирската кафеава мечка (Ursus arctos collaris) [5].

череп на Гризли

Живеалиште

[уреди | уреди извор]

Гризли во почетокот било присутно во Азија, Африка, Европа и Северна Америка. Ги претпочита планинските региони. Во Канада го среќаваме во Британска Колумбија, Алберта и Јукон. Присутен е на полуостровот Камчатка во Русија. Во САД има 1100-1200 гризли надвор од Алјаска, распоредени во државите Монтана, Ајдахо, Вајоминг и Вашингтон[6]. Од 2007, гризлите веќе не се смета за загрозено животно во националниот парк Јелоустоун (во 1975 популацијата на гризли била проценета помеѓу 136 и 312 иединки, денес има повеќе од 500[6]).

Всушност Алјаска е регионот каде има најголема концентрација на овој вид. Во оваа држава од 1,5 милиони км2 живеат 98% од кафеавите мечки во САД и 70% од вкупниот број на кафеави мечки во Северна Америка[7]. Популацијата е процената на 35 000 – 45 000 единки[8]. Кафеавите мечки се заштитени во националните паркови на Алјаска, на пример во паркот Катмаи ловот е забранет од 1907 година.

Гризли лови лосос на водопадите Брукс, Алјаска

Како и останатите сештојади, гризлито се храни со растенија, плодови, корења и мов, но исто така и со риби (лосос и пастрмка), школки, инсекти и мали цицачи. Сепак 90% од нивната исхрана ја претставуваат растенијата[2]. За да ја преживеат зимата овие мечки акумулираат 200кг на масти, пред да се повлечат во нивните дувла кои најчесто се наоѓаат на голема надморска висина.

Псевдо-хибернација

[уреди | уреди извор]

Повлекувањето на мечките гризли во своите дувла најчесто е после првата снежна бура. Во регионите каде што живеат, тоа се случува во октомври. Мечките одбираат заштитени пештери или дупки во кои ќе ја поминат зимата. Пресметано е дека овие животни поминуваат половина од животот во состојба на псевдо-хибернација. Псевдо-хибернација е состојба во која гризлито не е во длабок сон, туку лесно може да се разбуди доколку има некаква опасност.

Репродукција

[уреди | уреди извор]
Женка гризли со нејзиното младенче

Гризлито достигнува полова зрелост на возраст од 4-6 години. Доминантниот мажјак се пари со повеќе женки. Секоја година, женката гризли носи на свет помеѓу 1 и 4 млади кои тежат околу еден килограм. Близнаци се честа појава. Носењето трае во просек 225 дена. Мечињата се раѓаат во јануари или февруари и остануваат со мајката во наредните 3-4 години. Сепак, две третини од мечињата умираат пред да наполнат една година.

Однесување

[уреди | уреди извор]

Гризлито не е територијално животно, односно не ја брани ексклузивно неговата територија (териториите на мажјаците се препокриваат). Овие територии можат да бидат и многу мали во некои региони кои се богати со див лосос, претежно во северозападниот дел на Северна Америка. Иако не ја бранат териоторијата тие бранат таканаречен „сопствен простор“ од педесетина метри. Доколку некој човек влезе во овој простор, гризлито или бега или напаѓа. Најголем број од нападите се поврзани со навлегување во овој простор, кога мечката нема доволно време да се оддалечи, односно да избега. Веројатноста мечката да нападне е поголема доколку во близина се наоѓаат младенчиња. Однесувањето на мечките кои живеат во региони каде ги има во голем број е поразлично од однесувањето на мечките кои живеат поосамено.

Конкуренција со други видови

[уреди | уреди извор]

Црните американски мечки генерално се настрана од териториите на гризлито, но понекогаш се случува да влезат во потрага по храна. Кога црната мечка ќе види гризли, таа или бега или се качува на дрвјата. Овие два вида не се во конкуренција во однос на храна, бидејќи црните мечки имаат повегетаријанска исхрана од гризлито. Судирите помеѓу нив се ретки, но кога се случуваат секогаш гризлито е напаѓачот. Црната мечка се бори само доколку е младо гризли или доколку навистина нема друг избор. Овие борби речиси секогаш завршуваат со смрт на црната мечка.

Во Јелоустоун најчеста е интеракцијата помеѓу сивиот волк и гризли мечките. Откако повторно има сиви волци во овој парк, многу туристи биле сведоци на борба помеѓу овие два вида. Најчесто, конфликтот настапува поради уловен плен, обично тоа е елен убиен од волците. Мечката благодарение на екстремно развиениот мирис, брзо го лоцира пленот. Откако ќе се доближи, еден волк и го одзема вниманието додека другите волци јадат од пленот. Мечката ја употребува својата сила да ги избрка волците, но понекогаш и тие возвраќаат со агресивност и доаѓа до борба. Ретко овие борби се фатални. Со време, изгледа како гризлито да има профит од присуството на сивиот волк, олеснувајќи си го пристапот до храна.

Напади од Гризли

[уреди | уреди извор]

Некои експерти го сметаат гризлито за најагресивната мечка[9]. Спротивно на црните мечки, гризлито е премногу масивно за да може да избегне опасност качувајќи се на дрво, затоа при опасност возвраќа со борба. Зголемената агресивност кај женките е поради заштитата на младенчињата[10]. Мајки кои ги штитат своите млади се најагресивните мечки и се одговорни за 70% од нападите врз човек кои завршиле фатално[11].

правен статус – заштита

[уреди | уреди извор]
Женка гризли во националниот парк Јелоустоун, САД

Сите национални паркови како Баниф, Јелоустоун, Гранд Тетон и Националниот парк Теодор Рузвелт, имаат закони за заштита на мечките. Сепак, овие животни не се сигурни дури ни во парковите. Гризли мечките често гинат во железнички и автомобилски несреќи.

На 22 март 2002 федералната влада на САД, одлучи дека гризли мечките кои се наоѓаат во Јелоустоун не се повеќе загрозен вид. Сепак некои организации за заштита на природата вклучувајќи ја и НРДЦ поднесуваат судски постапки против ова решение.

Мексиканското гризли е изумрен вид[12].

Влијание на човекот

[уреди | уреди извор]

За намалувањето на бројот на гризли мечките во Северна Америка виновен е човекот. За време на златната треска во доцните 1840ти, луѓето почнале да поставуваат населби на териториите населени со гризли. Овие мечки најчесто биле убивани поради месото и крзното но и поради тоа што биле сметани за опасност. До 1870 бројот на гризли мечки значително бил намален.

Занимливости

[уреди | уреди извор]

Индијанците го нарекуваат гризлито „брат на луѓето“ бидејќи кога се движи исправен на задните нозе, наликува на движењето на човекот.

  1. Brown, Gary (1996). Great Bear Almanac. стр. 340. ISBN 1-55821-474-7.
  2. 2,0 2,1 Tracey Rich, « Alaska, au royaume du grizzli » , 2005, p.66
  3. Tracey Rich, « Alaska, au royaume du grizzli » , 2005, стр. 66
  4. Hutchinson's animals of all countries; the living animals of the world in picture and story Vol.I. 1923. стр. 384.
  5. Brown Bear Hunting in Russia
  6. 6,0 6,1 (англиски) ScienceDaily (уред.). „Yellowstone Grizzlies Removed from Endangered Species List“.
  7. Tracey Rich, « Alaska, au royaume du grizzli » , 2005, p.65
  8. « Alaska Nature, sur la piste des pionniers », n°330, август 2006, p.50
  9. Interspecies conflict. Which animal is the ultimate carnivore?
  10. „Why are grizzly bears more aggressive than our black bears?“. Архивирано од изворникот на 2005-03-09. Посетено на 2008-11-03.
  11. „How Dangerous are Black Bears“. Архивирано од изворникот на 2002-10-16. Посетено на 2008-11-03.
  12. Bear Specialist Group 1996. „Ursus arctos ssp. nelsoni. In: IUCN 2007. 2007 IUCN Red List of Threatened Species“.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]