Прејди на содржината

Државна трудова служба

Од Википедија — слободната енциклопедија
Државна трудова служба
Reichsarbeitsdienst
Знаме
Одред на РАД во 1940 г.
Податоци за органот
Основан 26 јуни 1935
Претходници Доброволечка трудова служба
Националсоцијалистичка
трудова служба
Укинат 8 мај 1945
Надлежност Трет Рајх Трет Рајх
окупирана Европа
Седиште БерлинГруневалд
52°29′31″N 13°17′6″E / 52.49194° СГШ; 13.28500° ИГД / 52.49194; 13.28500
Вработени 200.000 (1935)
350.000 (1939)
Раководител Константин Хирл
Матичен орган
Министерство за внатрешни работи[1]

Државна трудова служба или РАД (германски: Reichsarbeitsdienst, RAD) — крупна државна организација во Третиот Рајх предвидена за борба со невработеноста во земјата, милитаризација на работната сила и нејзино воспитание со националсоцијалистичката идеологија. Имала машко и женско одделение.

Почнувајќи од јуни 1935 г. воведена е задолжителна служба за сите мажи од 18 до 25 години пред служењето на воениот рок. За време на Втората светска војна во службата биле вклучени и девојки, а РАД добил улога на помошен состав во поддршка на Вооружените сили (Вермахтот).

Членови на РАД како работат во поле. Источна Прусија, 1938 г.

Основање

[уреди | уреди извор]

Во текот на Големата депресија, владата на Вајмарската Република под водство на канцеларот Хајнрих Брининг издала вонреден указ за создавање на Доброволечката трудова служба или ФАД (Freiwilliger Arbeitsdienst, FAD) на 5 јуни 1931 г., две години пред доаѓањето на власт на Националсоцијалистичката партија (НСДАП). Организацијата била изведувач на јавни работи од урбан и рурален карактер, и од 16 јули 1932 г. била возглавена од Фридрих Зируп како нејзин државен комесар (рајхскомесар). Идејата за задолжителна јавна служба уживала значајна поддршка во јавноста, особено кај десничарите, но немала значајно влијание врз економската состојба.

Со доаѓањето власт во 1933 г. Адолф Хитлер го назначил Константин Хирл како државен секретар на Министерството за труд, во чија надлежност биле сите работи на ФАД. Хирл веќе бил висок чиновник во НСДАП и водач на нејзината работна органзација, наречена Националсоцијалистичка трудова служба или НСАД (Nationalsozialistischer Arbeitsdienst). Хирл ја преуредил трудовата служба по образец на војската со намера да ја направи задолжителна. Во прво време учеството имало доброволен карактер поради одредбите на Версајскиот договор од 1919 г. и противењето на Светската конференција за разоружување во Женева.

Хирл имал несогласувања со трудовиот министер Франц Зелте, па затоа ФАД влегла во состав на Министерството за внатрешни работи, под управа на сопартиецот Вилхелм Фрик. На 11 јули 1934 г. НСАД била преименувана во Државна трудова служба или РАД, со Хирл како нејзин управник (државен комесар) сè до крајот на војната. По законот од 26 јуни 1935 г. РАД е преоснована како спој од поголем број претходни трудови организации од вајамрско време,[2] а Хирл го добил звањето Државен трудов водач (Reichsarbeitsführer) во склад со начелото на водство (фирерпринцип). Со огромна финансиска поддршка на владата, РАД била задолжена да дава поддршка во воени зафати, а во помала мера и во јавната инфраструктура и руралниот развој.

Организација

[уреди | уреди извор]
Знаме на женскиот оддел на РАД

РАД била поделена на два главни оддела: задолжителниот машки оддел (Reichsarbeitsdienst Männer - RAD/M) и доброволниот (во воено време задолжителен) женски оддел (Reichsarbeitsdienst der weiblichen Jugend - RAD/wJ).

Организацијата имала 33 работни области (Arbeitsgau), налик на партиските подрачни единици (Gaue). На чело на секоја област стоел трудов водач (Arbeitsgauführer) со свој главен штаб и позорникарска чета (Wachkompanie). Областа била поделена на 6-8 трудови групи (Arbeitsgruppen) со големина на батаљони (1.200–1.800 трудбеници). Овие групи пак, се состоеле од шест трудови полкови со големина на чети.

Трудбениците биле сместени во касарни. Секој обичен работник имал лопата и велосипед, а од 1934 г. и паравоена униформа со лента со кукест крст и пришивка со симболот на организацијата на левото рамо во облик на исправена лопата со два житни класа. Се работело 76 часа неделно.

Воена улога

[уреди | уреди извор]
Членови на РАД како копаат ров за ПВО во март 1945 г.

Организацијата имала статус на одбранбена придружба (Wehrmachtgefolge), иако не била дел од самите вооружени сили. Ваквите помошни организации имале давале клучна поддршка и затоа уживале заштита под одредбите на Женевските конвенции. РАД и некои други организации биле милитаризирани.

Пред самиот почеток на Втората светска војна, речиси сите постоечки трудови единици влегле во состав на Градежните единици на армијата (Bautruppen) како мерка за брзо проширувањем, а некои се присоединиле кон Военото воздухопловство (Луфтвафе). Набргу се создадени нови единици во замена на нив.

Во походите во Норвешка и Западна Европа на почетокот на војната се испратени стотици единици на РАД кои ја снабдувале војската на фронтот со храна и муниција, вршеле обнова на оштетените патишта и изградба и поправка на леталиштата. Во ткеот на војната, трудбениците на РАД учествувале во голем број зафати[3] како изградбата на крајбрежни утврдувања (на пр. Атлантскиот ѕид), поставање на мини, стража во укрепените упоришта, значајни места, па дури и чување на затвореници.

Улогата на РАД не била ограничена на поддршка. Стотици единици биле обучени и ставени на должност во противвоздушната одбрана[3] Неколку единици прешле во улога на пешадија на Источниот фронт. Со големите загуби во германската одбрана, сè повеќе трудбеници на РАД биле испратени да се борат како војници. Кон крајот на војната, тие сочинувале 6 големи фронтовски единици вклучени во жестока борба. На западниот фронт, РАД бил ангажиран како засилување на IX Инженерски полк на СС „Капетан Мелер“ во борбата за повраќање на северниот завршеток на мостот во Арнем од британските падобранци на полковникот Фрост. Оваа задача е изведена за време на сојузничката операција „Маркет-Гарден“ во септември 1944 г. Иако првично членовите на РАД немале никакво борбено искуство, истите со време станале вешти војници и претрпеле стотици загуби.[4]

Чинови и обележја

[уреди | уреди извор]
  • 1 Државен трудов водач
    (Рајхарбајтсфирер)
  • 2 Виш трудов генерал
    (Обергенераларбајтсфирер)
  • 3 Трудов генерал
    (Генераларбајтсфирер)
  • 4 Главен трудов водач
    (Оберстарбајтсфирер)
  • 5 Виш трудов водач
    (Оберарбајтсфирер)
  • 6 Трудов водач
    (Арбајтсфирер)
  • 7 Главен подрачен началник
    (Оберстфелдмајстер)
  • 8 Виш подрачен началник
    (Оберфелдмајстер)
  • 9 Подрачен началник
    (Фелдмајстер)
  • 10 Ниж подрачен началник
    (Унтерфелдмајстер)
  • 11 Виш бригадир
    (Обертрупфирер)
  • 12 Бригадир
    (Трупфирер)
  • 13 Ниж бригадир
    (Унтертрупфирер)
  • 14 Виш надзорник
    (Оберформан)
  • 15 Надзорник
    (Форман)
  • 16 Трудбеник
    (Арбајтсман)

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. формално.
  2. Hartmut Heyck, "Labour Services in the Weimar Republic and their Ideological Godparents", Journal of Contemporary History, 2003; 38: 221-236
  3. 3,0 3,1 McNab 2009, стр. 55.
  4. Moeller 'Die Schlacht um Arnheim-Oosterbeek. Der Einsatz des Pionier Battalion 9 Hohenstaufen vom 17. bis 26. September 1944.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Kiran Klaus Patel: Soldaten der Arbeit. Arbeitsdienste in Deutschland und den USA, 1933-1945, Verlag Vandenhoeck & Ruprecht, Göttingen 2003. ISBN 3-525-35138-0.
    English edition: "Soldiers of Labor. Labor Service in Nazi Germany and New Deal America", 1933–1945, Cambridge University Press, New York 2005, ISBN 0-521-83416-3.
  • McNab, Chris (2009). The Third Reich. Amber Books. ISBN 978-1-906626-51-8.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]