Елпида Караманди
Елпида Караманди | ||
Родена | 1 јануари 1920 Лерин, Егејска Македонија | |
---|---|---|
Починала | 3 мај 1942 Лавци, Битолско | (возр. 22)
Елпида (Пида) Ставрева Караманди (Лерин, 1 јануари 1920 - Лавци, Битолско, 3 мај 1942) — македонска комунистка, учесничка во НОБ и народна хероина од влашка народност.
Животопис
[уреди | уреди извор]Родена е во влашко семејство во Лерин, Егејска Македонија. Се преселила во Битола откако мајка ѝ се премажила. Елпида во Битола завршила гимназија. Од нејзините школски другари/ки од битолската гимназија потекнуваат револуционери како што бил и Стефан Наумов - Стив. Уште во гимназијата била политички активна, се истакнувала во литературната дружина, на излети, во читање и растурање летоци, во судирите со реакционерната група на Љотиќевците.
Во 1938 година Елпида Караманди заминала на студии во Белград и се приклучила кон напредното студенско движење. Меѓу напредните студенти/ки имало многу ученици на битолската гимназија, која таа ги познавала и одржувала врски со нив.
Во 1939 година таа била примена во СКОЈ, после што работела поинтензивно. Била вешта во регрутирањето на нови активисти од редовите на младината.
Учество во НОБ
[уреди | уреди извор]По капитулацијата на Кралство Југославија, таа работела на подготовките за вооружена борба. Во КПЈ била примена во јуни 1941 година. Револуционерните задачи станувале тешки, опасни и барале максимална посветеност. Караманди раководи со групите во градот, ги извршувала задачите на СКОЈ и посебно по партиска линија. Нејзината партиска активност ја забележала окупаторската полиција при што ја уапсиле.
Во полицијата таа храбро се држи и ништо не признава. Пуштена била од затвор, но знаела дека полицијата ја следи, па затоа по совет на Месниот комитет на КПЈ за Битола таа се повлекла во илегала.
Во јануари 1942 година станала членка на Покраинскиот комитет на СКОЈ за Македонија. Како илегалка не можела да развива голема активност и се подготвувала за на пролет да оди со партизаните.
На 22 април 1942 година пристапила кон Битолскиот партизански одред „Пелистер“, но веќе на 3 мај 1942 година одредот бил опколен од бугарска војска и полиција. Во повеќечасовната борба Елпида покажала извонредна храброст. Еден митралески рафал тешко ја ранил. Потполно немоќна да изврши самоубиство била фатена од полицијата. Храбро го поднела мачењето при што умрела.[1]
За Народен херој на Југославија е прогласена на 11 октомври 1951 година.[2]
Нејзината смрт е опеана во познатата народна песна „Таму ле, мајко, близу Битола“, напишана од Ајри Демировски (1950).[3][4] Исто така, песна за Елпида Караманди има испеано и Сашка Петковска.[5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Настани 1942 година“. Архивирано од изворникот на 2011-07-22. Посетено на 2011-10-18.
- ↑ „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 173
- ↑ „„Таму ле мајко близу Битола", текст и музика“. Архивирано од изворникот на 2018-07-21. Посетено на 2015-06-10.
- ↑ Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 131-134-135.
- ↑ Сашка Петковска - Песна за Елпида Караманди
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Елпида Караманди“ на Ризницата ? |