Иван Јанев-Брло
Иван Јанев-Брло | ||
Роден | 1877 Горни Балван, Штипско, Македонија | |
---|---|---|
Починал | 1925 Ќустендил, Бугарија |
Иван Јанев Брлев, познат како Брло или Брљо, — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација и Внатрешната македонска револуционерна организација. Брло бил штипски околиски војвода, организатор на вооружени комитски акции на ВМРО во Брегалничкиот округ, исклучен од Организацијата поради криминал и разбојништво, а поради блискоста со Тодор Александров, помилуван и вратен во редовите на ВМРО во септември 1920 година. Учествувал во убиството на Дончо Ангелов, Александар Димитров и раководел со извршувањето на масакрот во Кадрифаково.
Животопис
[уреди | уреди извор]Македонска револуционерна организација
[уреди | уреди извор]Роден е во штипското село Горни Балван, тогаш во Османлиското Царство. Влегува во ВМОРО и од 1907 година е војвода во Штипско. Води многу борби со чети на Српското четничко движење [1]. При разоружувачката акција на младотурците на 2 август 1910 година властите ја изгореле неговата куќа во Горни Балван [2].
Низ војните
[уреди | уреди извор]При избувнувањето на Првата балканска војна, Брло е војвода на штипската чета при Македонско-одринското ополчение, а подоцна служи во тринаесеттата кукушка дружина.
По окупацијата на Вардарска и Егејска Македонија од Србија и Грција, Иван Брло се вклучува со четата во отпорот на ВМОРО. На 31 јануари 1915 година во Мечкуевци, Штипско, неговата четата се бори со српските сили, на 2 февруари при Жиганци се бори со потера, во борбата над 30 лица се убиени и повредени. Во март е опколена од жандармерија во кочанското село Чешиново, четниците се пробиле со бомби предводени од Брло со јатаган во раката. Неколку српски жандари биле убиени, а двата коња на српските офицери се заробени и прикажани во Струмица како трофеи. Подоцна четата дава уште борби со српските сили. При влегувањето на Бугарија во Првата светска војна во ноември 1915 година четите на Иван Брло и Ефрем Миладинов заедно со месната милиција даваат голема борба на српските војници и не им дозволуваат да го ограбат Штип [3].
ВМРО
[уреди | уреди извор]По војната Брло учествува во реконструкцијата на ВМРО од Тодор Александров и станува војвода на чета која дејствува во Вардарска Македонија. Четник на Брло е идниот терорист на организацијата Владо Черноземски. Во 1921 година штипската чета на Брло заедно со кочанската на Панчо Михајлов води борба со српските сили во близина на селото Спанчево, во кое Србите губат осум лица.
На 5 октомври 1921 година во близина на селото Саса бил разоружан и убиен кратовскиот војвода на ВМРО, Дончо Ангелов. Според сеќавањата на Славе Иванов, кој отпрвин бил близок соработник на Тодор Александров, а потоа и негов голем противник, подготовките за неговото убиство датирале од поодамна, од една преписка меѓу Александров и кратовскиот војвода за нивна што поскорешна средба во Кратовско по однос на некои организациони прашања. Дончо Ангелов по однос на Александровото писмо изразил готовност за средба, но истакнал дека во догледно време требало да се свика конгрес на Организацијата, да се изработи план за идната активност и да се избере нов ЦК на ВМРО, бидејќи години наназад составот на ЦК бил спорен, поради фактот што Организацијата десетици години наназад немала одржано Конгрес. Присутните на тој состанок се согласиле со предлогот на Ангелов, при што му било испратено писмо на Александров, кое го содржело предлогот за подготовки за организирање на конгрес на ВМРО. На 5 октомври Дончо Ангелов добил писмо од Александров во кое тој го поканил да дојде во Кратовско за да ги отпочнат подготвителните работи за претстојниот конгрес, при што кратовскиот војвода се согласил и тргнал на договорената средба со 4 четници придружба. Тој пристигнал во селото Саса и во една селска куќа се сретнал со Тодор Александров. Во еден момент кога сакал да излезе надвор од куќата, 4-5 души четници на чело со Иван Јанев-Брло, кои биле со Александров, му се нафрлиле и го разоружиле Ангелов и неговите придружници, при што тој бил изведен надвор од селото и бил убиен [4]. Од своја страна, раководството на ВМРО, убиството го објаснувало со разбојничката активност што, според нив, кратовскиот војвода ја преземал врз македонскиот народ од тој крај.
На 22 октомври 1921 година штипскиот војвода Иван Јанев-Брло со неколку четници-членови на ВМРО го убил Александар Димитров, министер за внатрешни работи во земјоделската влада на Стамболиски. На еден состанок на раководството на ВМРО во Ќустендил на 2 август 1921 година на бугарскиот премиер Александар Стамболиски и Александар Димитров им биле изречени смртни пресуди. Дури Димитров на една од последните седници на владата ладнокрвно изјавил дека бил осуден на смрт и дека скоро ќе бил убиен.
На 22 октомври министерот со својата придружба: Ото Нехелес, управник на земјоделскиот народен магазин, чешкиот инженер Марек и телохранителот Методи Георгиев, патувал со автомобил за селото Горно Козница, па оттаму кон градот Ќустендил. Кога автомобилот започнал да се спушта кон градот, во еден свиок тој наишол на поставена заседа, од која на неколкупати бил истрелан дожд од куршуми. Министерот Димитров бил погоден во слепоочницата, а биле убиени и останатите од придружбата, освен Ото Нехелес, којшто успеал да се спаси. Атентаторите со ножеви го избоделе телото на Димитров и му го пресекле гркланот.
Мотивот за убиството бил непријателствата и вооружените судири помеѓу ВМРО и бугарската земјоделска влада, што ескалирале до степен на вистинска војна. По извршениот атентат, на војводата Брло му била укината смртната казна, што од страна на раководството на ВМРО му била изречена поради грабежите што тој ги извршил врз локалното македонско, влашко и турско население во Источна Македонија [5].
Во декември 1922 година заедно со Панчо Михајлов и Мите Опилски ја извршува т.н. Ќустендилска акција на ВМРО.
На 16 јануари 1923 година четата на Иван Брло ја напаѓа српската колонистичка населба во Кадрифаково и врши колеж. Во текот на нападот биле убиени 23 српски колонисти, селото е запалено, а сите српски доселеници избегале. По нападот, српските власти презеле одмаздничка акција во која се застрелани 29 селани од село Гарван, но од 59-те српски колонистички семејства се враќаат само 19 [6][7].
По наредба на Иван Михајлов во 1925 година Иван Брло бил казнет од ЦК на ВМРО со смрт поради своеглавост и лош морал[8].
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 195.
- ↑ Дебърски глас, година 2, брой 17, 12 август 1910, стр. 2.
- ↑ Гоцев, Димитър. Национално-освободителната борба в Македония 1912 - 1915, Издателство на БАН, София, 1981, стр. 146, 150, 151, 155.
- ↑ Славе Ивановъ, Тодоръ Александровъ,...цит., .33-36
- ↑ Виолета Ачковска и Никола Жежов „ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА“, Скопје, 2004
- ↑ Бояджиев, Стоян. „Македония под сръбско иго, 1913-1941“
- ↑ Апостолов, Александар „Колонизацијата на Македонија во Стара Југославија“, Скопје, б.г., с. 160.
- ↑ Куманов, Милен. „Македония. Кратък исторически справочник“, София, 1993.
„Иван Јанев-Брло“ на Ризницата ? |