Илија Пејовски
Илија Пејовски | |
---|---|
Роден(а) | 7 јули 1947 Велес |
Потекло | Македонија |
Занимања | Композитор |
Илија Пејовски (роден на 7 јули 1947 година во Велес) — македонски композитор и аранжер.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Илија Пејовски е роден на 7 јули 1947 година во Велес). Основното музичко образование го завршил во Скопје, во класата на Ладислав Палфи. Музичкото образование го продолжил во Љубљана, а дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во 1972 година. Во 1977 година дипломирал на „Berklee College of Music’’, во Бостон, САД. Се категоризира во петтата генерација македонски повоени композитори.
Уште од 1959 година и за време на школувањето Пејовски бил член на многу состави и ансамбли. Меѓу нив се: „Комбо“ (1959- 1963), „Скопско џез – трио“ (1962-1963), „Диксиленд состав“ од Охрид (1963-1965), Биг-Бенд при КУД „Мирче Ацев“ (1964-1966), Дувачки квинтет при работничкиот дом во Скопје, Комбо состав при Домот на градежните работници во Скопје (раководен од Драган Ѓаконовски Шпато) итн. Бил пијанист и во ансамблот „АБЦД“ и во Биг-Бендот на Македонската радио-телевизија.
Најголем дел од својот работен век го поминал во Македонската радио-телевизија. Подолг период како диригент, а во еден мандат и како главен и одговорен уредник на Музичката продукција на МРТ. Меѓу повеќето настапи како диригент, се издвојуваат настапите на Првиот џез – фестивал во Скопје, како и на двата авторски концерти, – едниот (1998 година) со Биг-Бендот на МРТ, а другиот (2005) – со Македонската филхармонија. На последните два концерта било претставено неговото творештво од последната творечка фаза, како и дел од неговата филмска музика. Својот „официјален“ работен век Пејовски го завршил како професор на Факултетот за музичка уметност во Штип (2006-2013), каде што предавал на Одделот за џез – студии од самото негово основање.
Во периодот од 1988 до 1991 година бил визитинг-професор на „Synhrono Audio” во Солун, Грција. Исто така, држел семинари и во Сент Гален – Швајцарија (1990), Перуџа – Италија (1987), а бил и професор и на Одделот за филмска музика на Факултетот за аудио-визуелни уметности – ЕСРА во Скопје (2007). Пејовски е автор на повеќе од осумдесет оригинални композиции, како и на над 400 аранжмани за Биг-Бенд и Симфониски оркестар. Како аранжер, освен со македонските автори, соработувал и со повеќе познати имиња од земјите на поранешна Југославија, како и со други истакнати имиња од целиот свет. Автор е и на музиката за над 40 документарни филмови во продукција на МРТ, повеќе играни филмови, театарски претстави и на особено значајната теориска книга „Хармонски основи на џезот“ (преведена и на англиски јазик). Главна нишка на целиот творечки опус на Пејовски е користењето на македонскиот музички фолклор.
За своето творештво Илија Пејовски е добитник на многу стручни и општествени награди и признанија во земјава и во странство. Покрај наградите „Панче Пешев“, „Трајко Прокопиев“ итн., едно од најголемите признанија ги добил во 2000 година кога на „Деновите на азиската музика“ што се одржале во Јокохама, Јапонија, бил вброен меѓу 100-те модерни композитори на XX век.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Пејовски“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1127. Text "series " ignored (help)