Опортунитетен трошок
Иако опортунитетниот трошок е тешко да се одреди, неговите ефекти се видливи, реални и секојдневно влијаат врз одлуките на милијарди поединци. Всушност приниципот на опортунитетниот трошок се применува врз сите одлуки, не само на оние од економска природа. Опортунитетниот трошок е основен фундамент на маргиналната теорија на вредноста. Опортунитетниот трошок претставува еден начин да се измери вредноста на некое добро.[1] Наместо едноставна пресметка на трошоците за еден проект, предвид се зема и алтернативното искористување на средствата. Пропуштениот профит на најдоброто алтернативно искористување на средствата се зема како опортунитетен трошок. Чест пример е како еден фармер, со засадувањето на неговата земја, ја пропушта можноста да прима рента за истата. Во тој случај ренатата е пропуштениот профит за земјата, односно опортунитетниот трошок. Трошокот на еден студент навидум е лесно да се пресмета, ќе се соберат трошоците за книги, школарина, престој, храна, превоз и слично, но секогаш треба да се земе предвид и опортунитетниот трошок. Во случајот со студентот тоа ќе биде платата што би ја зел доколку би се откажал од студирањето и би работел. Студирајќи, тој ја пропушта можноста да прима плата, која за него претставува трошок, односно опортунитетен трошок.
Треба да се забележи дека опортунитетниот трошок, не е збир на сите пропуштени вредности, туку е една вредност, вредноста на првата најдобра алтернатива за искористување на ресурсите. На пример на едно градско земјиште е изграден парк но местото може да се искористи за болница, или спортски ценар, или паркиралиште, сите тие имаат одредена корист за градот, опортунитетниот трошок е онаа алтернатива со највисока вредност, а не збирот на сите, односно профитот од најдоходовната алтернатива.
Се поставува прашањето како се носат одлуките која алтернатива е најдобра. Најчесто тоа е преку искажување на секоја алтернатива во парична вредност, и споредување на сите, со што се доаѓа до најдоходовната алтернатива. Но тоа не е секогаш лесно, некогаш постои научна несигурност колку вреди ресурсот на пример Охридско Езеро. Има и случаи кога одлуките за проценка се невозможни, на пример парична проценка на човечки живот. Тука често доаѓа и до субјективни одлуки.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „The Economist's definition of Opportunity Cost“. Архивирано од изворникот на 2010-10-09. Посетено на 2010-09-16.
Оваа статија од областа на економијата е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |