Прејди на содржината

Ослободување на Тетово

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ослободување на Тетово
Дел од Македонија во Втората светска војна и
Завршни операции за ослободување на Вардарска Македонија

Борци на Тринаесеттата македонска народноослободителна ударна бригада кои учествувале во ослободувањето на Тетово
Датум 19 ноември 1944
Место Тетово и неговата околина, како и селата западно од Скопје
Исход Победа на Народноослободителната војска на Македонија и македонските партизански сили
  • Балистите значително го загубиле своето влијание во Тетовско и преминале во герилско војување се до конечно расчистување на нивните едници
Територијални
промени
Тетово и неговата околина ставени под контрола на македонските партизански сили
Завојувани страни
НОВМ

НОВЈ

Третиот Рајх

Балисти

Команданти и водачи
Методија Андонов-Ченто

Михајло Апостолски

Александар Лер

Џемаил Хасани
Мефаил Шеху

Вклучени единици
НОВМ
Сила
Непознато, претпоставено неколку илјади војници Непознато, претпоставено од 300 до 1.000 војници
Жртви и загуби
Минимални Значителни

Ослободување на Тетово ― значаен настан во историјата на Македонија и Југославија, се случило на 19 ноември 1944 година, за време на Втората светска војна. Овој настан е дел од поширокото антифашистичко движење кое го воделе Македонските партизанските сили и Народноослободителна војска на Македонија против окупаторските сили на Третиот рајх и нивните соработници, албанските балисти.

Во периодот на окупација, Тетово било под италијанска, а подоцна под германска контрола. Окупаторите вовеле репресивни мерки и силно го контролирале населението, а градот служел како важен стратешки пункт. Меѓутоа, отпорот во овој регион бил силен, воден од партизански единици составени од Македонци, но и други народи на Југославија.

Партизаните, координирани од Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Југославија (НОВЈ), организирале систематски акции за ослободување на градовите во Западна Македонија. Сојузничките победи на други фронтови, како и успехот на партизанските сили во регионот, придонеле за ослабување на германските и албанските сили во Тетово. По петдневни борби против преостанатите балисти кај хидроцентралата „Матка“, селата Глумово, Групчин, Копачин Дол и Ларце, единиците на Педесеттата македонска дивизија и на Третата македонска ударна бригада го ослободиле Тетово. Во борбите учествувале и борци од Тринаесеттата, Четиринаесеттата, Деветнаесеттата македонска бригада, како и од Егејската бригада.

На 19 ноември 1944 година, партизанските единици влегле во Тетово и ја презеле контролата врз градот, истовремено ослободувајќи го од окупаторските и колаборационистичките сили. Ослободувањето било поздравено со радост и ентузијазам од страна на локалното население, кое долго време било подложено на сурови услови и репресии. Градот Тетово бил последниот македонски град ослободен во Втората светска војна со што целата територија на Вардарска Македонија конечно била исчистена од окупациските сили.

Ослободувањето на Тетово останува важен симбол на борбата за слобода и независност на македонскиот народ во Втората светска војна.[1][2][3]

Италијанскиот протекторат на Албанија основан од Италија во август 1941 година

Ослободувањето на Македонија во Втората светска војна била последна етапа во борбата на македонскиот народ и траела од средината на 1944 година до конечното ослободување во ноември истата година.

Пред ослободувањето на Тетово на 19 ноември 1944 година, градот минал низ тешки периоди на окупација, прво под италијанска, а потоа под германска власт, придружени со активности на албанските балистички сили, кои биле соработници на окупаторите.

Италијанска окупација (1941–1943)

[уреди | уреди извор]

Со нападот на фашистичка Италија и нацистичка Германија врз Југославија во април 1941 година, Македонија била поделена меѓу окупаторите. Тетово, како дел од Западна Македонија, било ставено под италијанска контрола и вклучено во т.н. "Голема Албанија", поддржана од Италија. Овој период бил обележан со репресивни мерки кон локалното македонско население, додека на Албанците им биле дадени одредени привилегии, што резултирало со етнички тензии.

Италијанските власти формирале и вооружиле локални албански милиции познати како балисти, кои активно учествувале во спроведувањето на нивната политика, вклучувајќи прогон на македонскиот народ и симпатизерите на Народноослободителното движење. Балистите биле силно антијугословенски и антикомунистички ориентирани, а нивното присуство во Тетово било причина за постојан страв и насилство.

Балистичките формации биле организирани наполно на војничка база. Старешинскиот кадар во поголем дел минал низ разни германски воени курсеви, служел во германските единици, нарочно во германската „Скендербег“ СС дивизија, а имало и обични војници кои минале низ германските единици. Тие единици биле добро вооружени со лесно пешадиско оружје и со минофрлачи.[4]

Капитулација на Италија и германска окупација (1943–1944)

[уреди | уреди извор]

Во септември 1943 година, по капитулацијата на Италија, Германија брзо ја презела контролата над Тетово и Западна Македонија. Германците ја засилиле својата воена присутност и соработувале со балистичките сили, кои продолжиле да играат важна улога во одржувањето на окупаторската власт. Германската окупација донела уште поголеми репресии, со акцент на борба против партизанските сили, кои сè повеќе се организирале во овој регион.

Балистите биле интегрирани во окупаторскиот систем како соработници на Германците, што довело до зајакнување на нивното влијание во Западна Македонија, вклучително и во Тетово. Тие учествувале во акции против партизаните и го контролирале населението во градот и околните села. Во овој период, локалното македонско население било изложено на масовни репресии, вклучително и убиства, затворања и депортации на лица осомничени за поддршка на антифашистичкото движење.

Конвенција на балистите во Тетово 1944 година (Џемаил Хасани, лево од средината)

Според податоците што ги поседувал Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија во овој период во Македонија имало околу 15.000 балисти, од кои во Западна Македонија бројноста на балистичките сили изнесувала околу 12-13.000 организирани борци.[4]

Распоредот на балистичките сили бил следен:

Важно е да се истакне дека иако балистичките водачи ја гледале пропаста на Германија, како и нивното повлекување од Грција и Албанија, сепак тие им останале до крај верни на своите германски господари. Тие до крајот воделе упорни борби и со тоа го олеснувале германското повлекување низ Македонија, врзвувајќи прилично големи сили на Македонските партизански единици; во однос на германската армија успешно ја одиграле улога на заштитници.[4]

Иако балистичките водачи немале никакви преспективи во овие борби, тие сепак настојувале да се одржат во Западна Македонија, па дури се надевале и да ја задржат контролата врз Скопје. За таа цел, околу 2.000 балисти се спуштиле од Скопска Црна Гора во Скопје непосредно пред самата битка за Скопје.

Македонски сили

[уреди | уреди извор]
Третата македонска ударна бригада во строј

Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија во првата половина на ноември 1944 година, покрај значителен број помали единици имал седум ударни дивизии, кои веќе подолго време биле ангажирани во непрекинати борби против Германците, а еден дел и против балистите. Пред почетокот на операциите за ослободување на Западна Македонија, ангажирањето на споменатите седум дивизии бил по следниот распоред:

Планот за дејство на единиците од 15ти корпус за ослободувањето на Западна Македонија подробно било разработен на состанокот во Охрид со штабот на корпусот и штабовите на дивизиите (заповедта за работа на штабот на корпусот е издадена усно од страна на командантот, комесарот и началникот на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија), а во најкратки црти оформено е сè во заповедта на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија Обр. 33, од 10 ноември 1944 година, издадена во Охрид во 23 часот, и во заповедта на Штабот на 15ти корпус Обр. 10, од 11 ноември, издадена во Охрид во 04:50 часот.

На овој состанок биле дадени директиви за проведување на операцијата за ослободувањето на Западна Македонија. Потоа, било нагласено дека по ослободувањето на Кичево, Гостивар и Тетово, дејствата на единиците од 15ти корпус требало да се управат во правецот кон Скопје и Качаник. На истиот состанок подробно бил разработен планот за уништување на непријателските сили во регионот на Кичево.

Воени операции пред ослободувањето на Тетово

[уреди | уреди извор]
Борбениот пат на Третата македонска ударна бригада. По ослободувањето на Скопје, бригадата била назначена за ослободување на Тетово и Тетовско.

Во втората половина на 1944 година, Народноослободителната војска на Југославија (НОВЈ) и партизанските одреди на Македонија се зајакнале и започнале офанзивни операции за ослободување на териториите под окупација. Поразите на германската војска на други фронтови, како и напредокот на Советската Црвена армија во Источна Европа, довеле до ослабување на германските сили во Југославија, вклучувајќи ја и Македонија.

Ослободување на Скопје (10 – 14 ноември)

[уреди | уреди извор]

По ослободувањето на градовите Штип и Велес, 42та и 50та НО дивизија и Шеснаесеттата македонска бригада направиле краток продор кон Скопје, со цел да се притиснат Германските позиции према Катланово.

42та дивизија се приближиле кон Каршијак и почнале со напади на надворешната германска одбрана на Скопје. Третата македонска ударна бригада со главните сили напаѓала преку селото Сопиште на Кисела Вода, а другиот баталјон во реонот на Горно Лисиче. Дванаесеттата бригада со главните сили напаѓала на Крстовар, еден баталјон напаѓал на Бел Камен и со тоа до доцна вечерта македонските партизани успеале да завладеат целата линија Горно Лисиче-Кисела Вода-Крстовар-Бел Камен.[5]

50та дивизија и Шеснаесеттата бригада на 42та дивизија, истиот ден извршиле напад на реката Пчиња, го зазеле Катланово, каде Германците успеале да го срушат мостот на реката. Македонските партизани до ноќта пробиле до селото Петровец, спремни да го продолжат ослободителниот марш кон градот Скопје.[5]

Утрото на 12 ноември отпочнале првите борби во самиот град на неговата јужна страна. Овие напади ги извршила 42та дивизија, додека паралелно со неа од правецот на Кисела Вода со силен напад, влегла Третата македонска ударна бригада, заземајќи стратешки згради и потиснувајќи ги Германците кои се прегрупирале во веќе запоседнати згради во центарот на градот. Делови од Дванаесеттата и Третата македонска ударна бригада, ја блокирале железничката станица и отпочнале борба за самата зграда, а дел од Дванаесеттата бригада се упатил кон денешната населба Ѓорче Петров.[5]

Паралелно со нив во текот на 11 и 12 ноември Шеснаесеттата македoнска ударна бригада, ги нападнала албанските балистички групи на Скопска Црна Гора, а во попладневните часови веќе ги напаѓале касарните во кои биле сместени германските војски. Германските сили кои биле стационирани во северниот и северно-источниот дел на градот успеале да се извлечат од градот и да се упатат кон кон Качаничката Клисура.[5]

Еден баталјон од Дванаесеттата македонска ударна бригада по заземањето на Бел Камен, продолжила да води жестоки битки во реонот на селото Матка, каде германските инженерски единици имале план да ја минираат и разурнат браната Матка. Со огромна пожртвуваност на оваа бригада потпомогнати од месното население успеале да ги разбијат албанските балисти и Германци, а со тоа ја обезбедиле ХЕ „Матка“, како и градот Скопје.[5]

Откако Скопје било заземено од македонските партизани, утрото на 14 ноември продолжени се чистките на непријателот. Шеснаесеттата македонска ударна бригада на 42та дивизија се дала во потера кон последните германски сили кои се повлекувале во правецот Скопје-Качаник, а друга бригада по долината на Вардар кон Хромовите рудници на Радуша. Додека 50та дивизија ги гонела кон правецот Скопје-Групчин-Тетово. Најжестоки судири на 14 ноември се одиграле на линијата на селата Орман, Ново Село, Оризари, Глумово и Матка. На овие позиции албанските балисти заедно со Германците извршиле неколку против-напади. Македонската војска успеала да ги издржи сите нивни напади и да продолжи да ги протерува во правците кон Качаник и Тетово.[5]

Ослободување на Кичево и Гостивар (14 – 18 ноември)

[уреди | уреди извор]

Во октомври и ноември 1944 година, партизанските единици презеле офанзиви во Западна Македонија, насочени кон ослободување на Кичево, а подоцна на Гостивар и Тетово. Во ноември, германските сили веќе биле во повлекување, а партизаните постепено го стегнувале обрачот околу Тетово. Балистичките сили, иако обидувајќи се да ја задржат територијата, биле значително ослабени и деморализирани.

Со борбите на 14, 15 и 16 ноември во реонот на Кичево и Зајас била завршена првата етапа на операциите за ослободување на Западна Македонија. Во овие борби им бил зададен многу силен и решавачки удар на балистичките сили во Западна Македонија. Ова е главната причина што нивниот понатамошен отпор до Гостивар бил незначителен, додека бил малку посилен спрема единиците од 16ти корпус, што напаѓале од Скопје кон Тетово.

Оваа операција, со испраќањето на 50та дивизија во правецот на Тетово - според замислата на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, проектирана била да се изврши со полн опфат на непријателот во просторот: Кичево-Гостивар-Тетово, што било и извршено. Операцијата непосредно била раководена и координирана од страна на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија.

Битка за Тетово

[уреди | уреди извор]

На денот на ослободувањето, 19 ноември 1944 година, партизанските единици ги започнале своите напади од околината на Тетово рано наутро. Главната битка се водела на подрачјето околу патиштата кои воделе кон градот, особено кај стратегиски важните влезни точки од југ и исток, каде германците и балистите поставиле најголема одбрана.

Партизаните брзо успеале да ги пробијат првите одбранбени линии на Германците, користејќи го своето знаење за теренот и поддршката од локалното население. Германските војници, веќе исцрпени и без значајна логистичка поддршка, почнале да се повлекуваат кон центарот на градот. Во оваа фаза, голем дел од балистите се распрснале или се повлекле кон планините, оставајќи ги германските единици во голема мера изолирани.

Борбите продолжиле до пладне, кога партизаните успеале да го заземат центарот на градот. Германските сили, свесни дека се опколени и без изгледи за зајакнување, започнале да се предаваат или да се повлекуваат кон Косово. Партизаните ги искористиле своите позиции за да го контролираат градот и да ја консолидираат победата.

Со ослободувањето на Тетово, градот конечно бил ослободен од фашистичка окупација. Локалното население ги поздравило партизаните како ослободители, а нивниот влез во градот бил симбол на крајот на долгите години на терор и репресија.

Слободно Тетово

[уреди | уреди извор]

Ослободувањето на Тетово било клучен настан во борбата на македонскиот народ и другите народи на Југославија против фашизмот. Воената акција била изведена успешно благодарение на партизанската стратегија на мобилност, координација и познавање на теренот. Со уништувањето на балистите кај Кичево, Гостивар и Тетово и со ослободувањето на тие градови била завршена операцијата за ослободување на Западна Македонија, а со тоа и наполно била ослободена Македонија од фашистичките окупатори. Со оваа операција уништени биле или заробени околу 13.000 балисти, што било од големо значење за понатамошниот развој на НР Македонија, одделно по воспоставувањето на ред и сигурност во областа на Западна Македонија.

После ослободувањето структура на новата формирана комунистичка влада била организирана од страна на НООТ (Народниотослободителен одбор на Тетово), а како градоначалник на новата влада бил одбран Илија Стојчевски, а до крајот на годината тоа место ќе го заземе прво Иса Селмани, а подоцна Веселин Пандиловски, кој останал да управува со градот до 1947 година.[6]

  1. „19 ноември 1944, Тетово било ослободено“. Кајгана. Посетено на 2024-10-14.
  2. Самарџиев, Александар (2019-11-18). „Одржана свеченоста „75 години слободно Тетово" по повод јубилејната годишнина од ослободувањето во Втората светска војна“. Тетово Инфо. Посетено на 2024-10-14.
  3. „ТЕТОВО ПО 15 ГОДИНИ ПОВТОРНО ГО ОДБЕЛЕЖА ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО ОД ФАШИСТИЧКАТА ОКУПАЦИЈА“. Сакам Да Кажам. 2019-11-19. Посетено на 2024-10-14.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 „Операциите за ослободување на Западна Македонија | Окно.мк“. okno.mk. Посетено на 2024-10-14.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 Завршните операции на НОВ за ослободувањето на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. 1953. стр. 158–169.
  6. „gavro.com.mk - Градоначалници на Тетово“. sites.google.com (англиски). Посетено на 2024-10-14.