Париз-Ница
За трката | |
---|---|
Датум | март |
Регион | Франција |
Месно име | Paris–Nice (француски) |
Прекар | Трка на сонцето |
Дисциплина | Друмски велосипедизам |
Натпреварување | Светска турнеја на UCI |
Вид | Етапна трка |
Организатор | ASO |
Директор на трката | Кристијан Прудом |
Историја | |
Прво одржување | 1933 |
Одржувања | 80 (до 2022) |
Прв победник | Алфонс Шеперс (БЕЛ) |
Најмногу победи | Шон Кели (ИРС) (7 пати) |
Неодамнешен победник | Примож Роглич (СЛО) |
Париз-Ница (француски: Paris-Nice; неслужбено нарекувано и „Трка на Сонцето“) — професионална велосипедска етапна трка која се одржува секој март. Првпат била одржана во 1933 и била освоена од Алфонс Шеперс од Белгија. Најуспешен возач на Париз-Ница бил Шон Кели од Ирска, кој освоил седум последователни трки од 1982 до 1988.
И покрај нејзиното име, трката не започнува секогаш од Париз, односно почесто се одбираат градови во негова близина (или јужно од него). Обично, последната етапа завршува или на Англиската променада во Ница или на Кол д’Ез, планински премин близу градот.
Во текот на трката во 2003, Казахстанецот Андреј Кивилев умрел како последица на повреда на главата настаната при пад. Неговата смрт ги поттикна UCI да ги воведат шлемовите на сите натпреварувања, освен на последниот дел од трката каде има нагорнина. Подоцна, правилото било изменето и се барало целосно употреба на шлемовите во секое време.
Моментално, Париз-Ница е организирана од Amaury Sport Organisation (ASO). Исто така, ASO организира и други трки (како што се Тур де Франс и Париз-Рубе) и други спортски настани (вклучувајќи го Релито Дакар и Парискиот маратон).
Сопственоста на Париз-Ница се менувала неколкупати. Многу години била водена од францускиот велосипедски новинар Жан Лелиот, а по неговата смрт од неговото семејство. Била преземена од победникот на Тур де Франс Лорен Фињон пред да премине во сопственост на ASO. Од 2009 е дел од светскиот календар на UCI, во серијата Светска турнеја на UCI.
Историја
[уреди | уреди извор]Во 1933, Албер Лежан прв ја смислил велосипедската трка за промовирање на неговите два весника, Le Petit Journal и Le Petit Nice (првиот основан во Париз, а вториот во Ница), која би била етапна трка помеѓу овие два града. Била одржана во март, на крајот на зимата и веднаш по завршувањето на велодромската сезона (која тогаш главно се состоела од шестдневни трки); етапната шестдневна друмска трка била тогаш рекламирана како „шест дена на друмовите“. Во ова време од годината повеќето високопланински премини биле непроодни, па затоа рутата ги избегнувала Алпите и главно ја следела долината на долна Рона и единствено се искачувала на позначајни врвови во предградијата на Ница. Трката била возена седум пат помеѓу 1933 и 1939. Весниците Lyon Républicain и Marseille-Matin исто така работеле во партнерство со тие на Лежан како спонзор на трката. Во 1939, Ce Soir и Le Petit Nice биле придружени од L'Auto; следната година, трката била откажана поради Втората светска војна и не се возела до завршувањето на војната.
Ce Soir повторно ја организирал првата повоена трка во 1946; иако неговите новинари (Жорж Пању и Франсис Тербен) биле задоволни од трката, весникот го откажал своето спонзортство.
Во 1951, трката била заживеана како „Париз-Азурен Брег“ од списанието Route et Piste по налог на Жан Медечин, градоначалник на Ница, кој сакал да го рекламира Азурниот Брег. Името Париз-Ница било вратено во 1954. Во текот на овој период, неговиот статус пораснал од трка за подготовка и тренинг до настан со углед. Во 1957, Жан Лелиот, директор на трката од 1951, ја напуштил функцијата на одговорен уредник во Route et Piste и станал организатор на Париз-Ница преку компанијата Монде Сикс.
Во 1959, трката била водена како Париз-Ница-Рим, со три пласмани: еден од Париз до Ница, вториот од Ница до Рим и третиот во целост. Должината на трката (1.955 км) била критикувана и поради тоа не била повторно спроведена. Изданието од 1966 била местото на соперништво помеѓу Рајмон Пулидор и Жак Анкетил, кое ја поделило Франција. Во 1969, завршницата на трката за првпат била преместена на Кол д’Ез. Жан Лелиот умрел во 1982 и неговата ќерка Жозета го наследила него на чело на Монде Сикс.
Шон Кели од Ирска ја освоил трката во 1988 по седми последователен пат; до 2013 го држи рекордот по број на победи. Во 2000, поранешниот велосипедист Лорен Фињон ја преземал организацијата на трката од семејството Лелиот. ВО 2002 ја продал Париз-Ница на ASO (компанија која го организира и Тур де Франс).
Во 2003, трката била обележана со смртта на казахстанскиот возач Андреј Кивилев по пад на втората етапа (до Сен Етјен). Кивилев не носел кацига и умрел истата ноќ. Следниот ден, групата се согласила да ја неутрализира третата етапа, која ја возеле со бавно темпо. Тркањето продолжило на четвртата етапа, кога победил сонародникот на Кивилев Александар Винокуров (кој ја поминал целта држејќи ја неговата слика).
Пред неговиот почеток, изданието на трката во 2008 било обележано со проблем помеѓу организаторот на трката ASO и UCI. На 7 март, два дена пред почетокот, Пат Меквед (претседател на UCI) објавил дека екипите кои ќе учествуваат на трката ќе бидат суспендирани од UCI. Истиот ден, здружението на екипи (AIGCP) изгласало со мнозинство (15 гласа „за“ и 8 „воздржани“) да учествуваат на трката. Во меѓувреме, Арбитражниот суд за спорт (на кој се жалеле екипите) се прогласил за ненадлежен да суди во легалноста на казните кои може да бидат преземени против возачите или екипите.
Бои на маичките
[уреди | уреди извор]Од 2008, предводникот на генералниот пласман носи жолта маичка. При создавањето на трката во 1933, водечката маичка била сина и златна (бои кои го претставувале средоземното сонце, кои останале до 1939). Во 1946, водечката маичка била зелена. Во 1951, организацијата започнала жолта маичка со портокалови точки; била променета како бела од 1955 до 2001. Во 2002, откако трката била преземена од Amaury Sport Organization, водечката маичка била жолта и бела до 2007.
Водечката маичка во бодовниот пласман била зелена од 1954 до 1984, додека од 1985 до 1996 немало бодовен пласман. До 1999 го имала истиот спонзор како жолтата маичка (Beghin-Say). Маичката била розова и виолетова во 2000 и 2001 и зелена и бела од 2002 до 2006.
Маичката за планинскиот пласман била бела со црвени точки (како таа на Тур де Франс) од преземањето на ASO во 2002. Пласманот бил воведен во 1952, а бојата на маичките била променувана неколкупати. Во текот на 1970-тите била жолта и црвена; подоцна била бела и виолетова. Во 1984 маичката станала жолта и сина (боите на спонзорот Кредит Лионе); следната година била сина. Агригел станал нејзин спонзор во 1990 и ги сменила боите во жолта и сина.
Маичката за најдобар млад возач била бела од 2007; била сина и бела од 2002 до 2006.
Места
[уреди | уреди извор]Почетоци
[уреди | уреди извор]До 1962, трката започнувала од Париз. Од 1963, трката започнала од најмалку 22 различни места. Најмногу започнувала од регионот Ил де Франс, вклучувајќи девет пати од Иси ле Мулино (1980, 1983, 1984 и 2002–2007) и шест пати од Фонтени су Боа (1975 и 1991–1995). Во 1982, трката започнала од Луинњ, во белгиската покраина Хено. Трката се вратила во Париз во 1986, 1987, 1989, 1990 и 2000. Четири други градови надвор од областа на Париз биле домаќини на почетокот на трката: Вилфранш сур Сон во 1988, Шатору во 1996, Невер во 2001 и Амили во 2008.
Завршници
[уреди | уреди извор]Завршницата на последната етапа од Париз-Ница била во Ница од 1933 до 1968 (на Кејот до 1939 и на Англиското шеталиште од 1946 до 1968. Помеѓу 1968 и 1995, трката завршувала со хронометар до Кол д’Ез, освен во 1977 кога лизгањето на земјиштето го блокирало патот. На првите пет завршници до искачувањето се бореле борби помеѓу Еди Меркс и Рајмон Пулидор, Меркс ги победил првите три, додека Пулидор следните две. Пулидор поставил рекордно време од 20:04 на искачувањето во 1972. Јоп Зутемелк од Холандија го освојувал искачувањето од 1973 до 1975, исто така освојувајќи ја и целата трка во 1974 и 1975. Го повторил подвигот во 1979, една година откако успеал во тоа неговиот сонародник Гери Кнетеман. Етапата била освојувана од ирски победник девет пати во текот на 1980-тите: од 1982 до 1988 Шон Кели победил на Париз-Ница седум пати, а на Кол д’Ез пет пати, уривајќи го рекордот на Пулидор во 1986. Стивен Роуш (победник во 1981) повторно ја освоил етапата во 1985, 1987 и 1989. Четири други победници на Кол д’Ез исто така ја освоиле и трката: Тони Ромингер во 1991 и 1994, Жан-Франсоа Бернар во 1992 и Алекс Циле во 1993. Во 1995, Владислав Бобрик го поразил Лорен Жалабер.
Во 1996, завршницата била преместена на Англиското шеталиште поради малиот број на гледачи на Кол д’Ез и да се искористи можноста за добивање средства од градот Ница. Во 1996 и 1997 последната етапа била хронометар низ улиците на Ница, освоен од Крис Бордман и Вјачеслав Екимов, соодветно. Од 1998 до 2011, последната етапа била друмска етапа почнувајќи и завршувајќи во Ница. Од 1998 до 2002 етапата завршила со спринтерска завршница, кога Белгиецот Том Стелс победил двапати. Во 2003, победникот од бегството Давид Бернабеу бил дисквалификуван поради допинг-тест. Од 2005 до 2011 последната етапа била ридеста, искачувајќи се на Кол де ла Порт, Ла Турбје и Кол д’Ез. Во 2007, Алберто Контадор го освоил првото место од Давиде Ребелин со напад на Кол д’Ез. Во 2012 трката се вратила со хронометар на Кол д’Ез, освоен од Бредли Вигинс, како и победа на целата трка.
Етапи
[уреди | уреди извор]Ница била домаќин на најмногу етапни завршници (67 во 68 изданија); само трката во 1991 не завршила во Ница. Сен Етјен бил етапен град 58 пати, без прекин во периодот од 1935 до 1939 и од 1953 до 1995. Кол д’Ез имал 29 завршници, следен од Невер (20 завршници, особено во текот на 1930-тите, 1950-тите и 1990-тите), Манделе (17 од 1979 до 1995, вклучувајќи три на Кол ду Гран Дук), Вергез (15), Кан (14), Марсеј (13), Монсо ле Мин (12 од 1960 до 1966) и Маноск (10).
Додека планините биле традиционално избегнувани во планирањето на Париз-Ница, тие имаат растечко значење во трката. Покрај Кол д’Ез (кој бил домаќин на завршниците од 1969 до 1995), бројот на планински завршници пораснал во текот на 1980-тите. Мон Фарон (воведен во 1968) бил етапна завршница во 1974, 1975, 1986–1992, 2002, 2003 и 2005, додека Мон Венту во 1984, 1986 и 1987 и Кол ду Гран Дук во Манделе од 1991 до 1993. Трката во 1986 имала три планински завршници. Мон Серен во 2008 и Лур во 2009 биле две нови планински завршници; Лур никогаш претходно не бил искачуван на некоја друга голема трка.
Победници
[уреди | уреди извор]Повеќекратни победници
[уреди | уреди извор]Победи | Велосипедист | Изданија |
---|---|---|
7 | Шон Кели | 1982, 1983, 1984, 1985, 1986, 1987, 1988 |
5 | Жак Анкетил | 1957, 1961, 1963, 1965, 1966 |
3 | Еди Меркс | 1969, 1970, 1971 |
Јоп Зутемелк | 1974, 1975, 1979 | |
Лорен Жалабер | 1995, 1996, 1997 | |
2 | Морис Аршамбо | 1936, 1939 |
Рајмонд Импанис | 1954, 1960 | |
Фред де Брујн | 1956, 1958 | |
Рајмонд Пулидор | 1972, 1973 | |
Мигел Индураин | 1989, 1990 | |
Тони Ромингер | 1991, 1994 | |
Александар Винокуров | 2002, 2003 | |
Алберто Контадор | 2007, 2010 | |
Ричи Порт | 2013, 2015 | |
Максимилијан Шахман | 2020, 2021 |
Победи по земја
[уреди | уреди извор]Победи | Земја |
---|---|
21 | Франција |
14 | Белгија |
8 | Ирска |
6 | Холандија Шпанија Германија |
3 | Обединето Кралство Италија Колумбија Швајцарија |
2 | Австралија Казахстан САД |
1 | Словенија |
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Париз-Ница“ на Ризницата ? |
|