Прејди на содржината

Рајнско злато

Од Википедија — слободната енциклопедија
Das Rheingold
Музичка драма од Рихард Вагнер
Земањето на Рајнското злато од Алберих, како што било претставено во првата сцена од изведбата во 1876
ЛибретистРихард Вагнер
ЈазикГермански
Засновано наНордиски и германски преданија
Премиера
22 септември 1869 (1869-09-22)

Рајнско злато (германски: Das Rheingold) — опера на германскиот композитор Рихард Вагнер. Тоа е првата опера во тетралогијата Прстенот на Нибелунгзите, огромен и величествен циклус на епски опери заснован на старогерманската митологија за која самиот Вагнер го напишал либретото.[1] Останатите три опери во циклусот се Валкира, Зигфрид и Самрак на боговите. Премиерата на Рајнско злато била изведена на 22 септември 1869 година во Националниот театар во Минхен.

Рајнските ќерки

[уреди | уреди извор]
  • Вотан, врховен бог, бас-баритон.
  • Логе, полубог на огнот, тенор.
  • Фрига, сопругата на Вотан, божица на бракот, мецосопран.
  • Фреја, божица на младоста, сопран.
  • Донер, бог на громот, баритон.
  • Фро, бог на пролетта, тенор.
  • Ерда, прамајка на земјата, алт.

Нибелунзи

[уреди | уреди извор]
  • Алберих, баритон.
  • Мим, неговиот брат, тенор.
  • Фазолт, бас.
  • Фафнер, неговиот брат, бас.
  • Воглинда, сопран.
  • Велгунда, сопран.
  • Флосхилда, мецосопран.

Синопсис

[уреди | уреди извор]

Прва сцена

[уреди | уреди извор]

Дното на реката Рајна. Трите рајнски ќерки (водени самовили) весело пливаат во реката.

Од пукнатина на дното излегува џуџето Алберих и почнува, на една по една, да им се додворува, но тие, згрозени од неговата грдотија, го одбиваат и му се смеат. Алберих навредено ги проколнува.

Под светлината на зората, нешто засветлува во водата. Рајнските ќерки одушевено почнуваат да играат околу сјајот. Збунет, Алберих ги праша што е тоа. Тие му објаснуваат дека тоа е волшебно рајнско злато што татко им наредил да го чуваат. Ако некој би го зел златото и од него искова прстен, со помош на тој прстен би можел да владее со целиот свет. Но, за некој да успее да го земе златото, мора прво да се откаже од љубовта, па тие не се плашат, бидејќи, како што веруваат, „сè што живее сака да љуби“. Алберих, меѓутоа, гледајќи дека нема да добие љубов, веднаш се откажува од неа и го краде волшебното злато.

Втора сцена

[уреди | уреди извор]

Планински врв. Вотан и неговата сопруга Фрика се будат и во далечината гледаат замок кој за нив го изградиле џиновите, браќата Фазолт и Фафнер. Додека Вотан му се радува на својот нов дом, Фрика се плаши од цената за изградба: во замена за изградба на замокот, Вотан им ја ветил на џиновите прекрасната божица Фреја, сестрата на Фрика. Тој, како што вели, всушност нема намера да им ја предаде, но Фрика и понатаму е загрижена. Вотан ѝ приговара на Фрика дека таа самата го молела да го изгради замокот, а сега го проколнува поради тоа. Таа му одговара дека домот ѝ бил потребен за да го држи него блиску, бидејќи знаела за неговите неверства.

Во тој миг дотрчува Фреја, бегајќи од џиновите го моли Вотан за помош. По неа пристигнуваат џиновите, како и боговите Донер и Фро, браќата на Фрика и Фреја, а Вотан со мака го запира крвопролевањето. Кога им објаснува на џиновите дека не може да им ја предаде Фреја, тие се запрепастени, бидејќи моќта на Вотан се заснова на договори и тој мора да си го одржи зборот. Вотан тврди дека им ја ветил Фреја само во шега и одолговлекува, нетрпеливо чекајќи го Логе.

Логе, богот на огнот, пристигнува во вистинско време; не им се допаѓа на другите богови, го сметаат за измамник, но Вотан високо го цени неговиот совет. Логе му го свртува вниманието на Вотан на богатството на џуџињата Нибелунзи, како и на кражбата на рајнското злато од Алберих. Џиновите се спремни да го прифатат златото како награда, но му даваат на Вотан време да го донесе само до вечерта. Во меѓувреме, Фреја ќе ја држат кај себе. Ако дотогаш златото не е тука, ќе ја земат Фреја. Во тој случај би загинале и другите богови, бидејќи златните јаболка од градината на Фреја ги одржуваат вечно млади.

Откако џиновите и Фреја заминуваат, Вотан и Логе се спуштаат во Нибелхајм, подземниот дом на џуџињата. За време на ова спуштање, има познат момент кога оркестарот замолчува, а се слуша хор од 18 наковални, кои ги евоцираат страдањата на поробените џуџиња.

Трета сцена

[уреди | уреди извор]

Нибелхајм. Алберих го исковал прстенот и со негова помош ги поробил другите џуџиња. Го натерал својот брат Миме да му направи волшебен шлем - Тарнхелм - од останатото рајнско злато, што му овозможило да се претвора во сè што сака. Тепајќи го Миме само заради задоволство, Алберих заминува со Тарнхелм за да ги тероризира своите поданици.

Доаѓаат Вотан и Логе и го испрашуваат Миме за Албериховиот прстен и Тарнхелм. Потоа Алберих се враќа со мноштво џуџиња кои носат злато и го ставаат на куп. Пукајќи со камшикот, Алберих конечно го вади и го бакнува својот прстен. Кога другите џуџиња ќе го видат прстенот, бегаат врескајќи.

Алберих им се посветува на дојденците. Се фали како ќе владее со светот и како тогаш сите ќе страдаат. Вотан е згрозен од намерите на Алберих и сака да го убие, но Логе го смирува. Овој се подготвува да го измами Алберих: прво бара од него да ја докаже моќта на Тарнхелм претворајќи се во змеј, а потоа во жаба. Кога Алберих лесно се претвора во жаба, Вотан и Логе брзо го фаќаат и го земаат со себе. Се враќаат на врвот на планината. Промената на сцената е иста како и по втората сцена, но во спротивна насока.

Четврта сцена

[уреди | уреди извор]

Планински врв. Вотан и Логе се враќаат со Алберих и го принудуваат да им го предаде целото злато. Алберих ги повикува своите робови, кои го носат златото и си заминуваат. Најпосле, Вотан го бара и волшебниот прстен од него. Алберих одбива, па Вотан лично го симнува од прстот и сам го става. Алберих е очаен и става страшна клетва на прстенот: додека не му се врати, секој што не го поседува ќе го сака, а секој што го поседува - ќе умре. Алберих заминува со тие зборови.

Доаѓаат другите богови, а наскоро и џиновите со Фреја. Фафнер прифаќа да го земе богатството, но Фазолт не сака да ја остави Фреја, со која сака да се ожени. За да одлучат дали има доволно злато за да ја замени Фреја, џиновите почнуваат да го натрупуваат околу неа. На крајот, Фазолт сè уште може да ѝ ја види косата. Вотан неволно го фрла Тарнхелм на купот. Фазолт, од друга страна, сè уште може да го види прекрасното око на Фреја и одлучно тврди дека сè додека тој може да го види, нема да се откаже од Фреја. Џиновит го бараат и прстенот од Вотан, но тој во никој случај нема намера да им го предаде. Тогаш се појавува таинствената божица на земјата и прорекувањето, Ерда, која го предупредува Вотан дека мора да го предаде прстенот или ќе загине. Исплашен, Вотан ја послуша, а џиновите ја ослободуваат Фреја.

Фафнер смета дека поголемиот дел од златото треба да му припадне нему, бидејќи Фазолт не би ја делел Фреја со него. Логе му шепоти на Фазолт да го земе само прстенот, но Фафнер не му го дава. Џиновите се степуваат и Фафнер го убива Фазолт. Боговите со ужас го гледаат додека ги зема златото и прстенот и си заминува.

Конечно, боговите се подготвуваат да влезат во нивниот нов дом. Донер ја повикува молњата за да ја расчисти чудната магла што се собрала во отсуство на Фреја (знак на стареењето на боговите), а Фро создава виножито до замокот што боговите ќе го користат за да ги премостат небесата. Вотан екстатично пее елоквентен поздрав до својот замок и го крсти Валхала. Логе, кој знае дека се ближи крајот на боговите, одбива да влезе во Валхала со другите. Тој дури мисли да ги уништи другите богови и она што тие го зеле на измама.

Се слуша плачот на рајнските ќерки за нивното злато. Вотан ги проколнува што му го нарушуваат мирот и боговите влегуваат во Валхала. Завесата паѓа.

  1. Schwarm, Betsy. „Der Ring des Nibelungen“. Encyclopædia Britannica. Посетено на 24 јануари 2019.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]