Прејди на содржината

Лешочки манастир

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Координати: 42°03′50″N 21°01′58″E / 42.06389° СГШ; 21.03278° ИГД / 42.06389; 21.03278
Од Википедија — слободната енциклопедија
Лешочки манастир
Главната манастирска црква „Св. Атанасиј“
Информации
Манастир на:МПЦ - ОА
Основан1321
Посветен наУспението на Пресвета Богородица и Атанасовден Зимски
ЕпархијаТетовско-гостиварска
ЦрквиСтар „Св. Атанасиј“,
„Св. Атанасиј“ и
„Успение на Пресвета Богородица“
Личности
Основач (и)Епископ полошки Антониј
ИгуменОтец Теодосиј
Важни личностиКирил Пејчиновиќ, Силвестер Никола, Отец Езекиил, Отец Еротеј, монах Теодорит
Место
Местосело Лешок, Општина Теарце, Тетово, Македонија Македонија
Координати42°03′50″N 21°01′58″E / 42.06389° СГШ; 21.03278° ИГД / 42.06389; 21.03278
Видливи остатоци3 цркви, конак, летна бина, ресторан, гробови
Отворен за јавностада
Други информации(Теаречка парохија)

Лешочки манастирправославен манастирски комплекс, кој претставува најголем духовен центар во Тетовско.[1] Манастирот е сместен во природен амбиент во близина на селото Лешок, на надморска височина од 610 метри. Во комплексот се наоѓаат црквите „Св. Атанасиј“ и „Св. Богородица“, како и гробот и спомен собата на Кирил Пејчиновиќ кој е еден од најпознатите македонски преродбеници од XIX век.

Во манастирските конаци има параклис посветен на светите Кирил и Методиј, додека надвор од манастирскиот комплекс има стара црква посветена на Атанасиј Александриски т.н. Стар манастир. Манастирот за првпат е основан во 1321 година од страна на епископот полошки Антониј. Комплетното заживување кое е видливо и денес се должи на доаѓањето на Пејчиновиќ од Света Гора, во 1818 година, кога се обновени манастирските конаци и кога е основана манастирската библиотека. Во тоа време Лешок прераснал во книжевен и просветен центар. Манастирските конаци денес се реновирани, располагаат со сместувачки капацитети и особено се погодни за летен манастирски туризам.

Манастирот досега е двапати уриван. Првпат во 1690 година Турците го разурнале целиот комплекс сосе црквите. Вторпат манастирот го кренале во воздух албанските терористи за време на конфликтот во 2001 година.

Историја на манастирот

[уреди | уреди извор]

Постоењето на манастирот може да се подели на два периоди, кои се поврзуваат и со двете места на постоење. Првиот е периодот од 1321 до 1600 година, кога манастирот се наоѓал на шарпланинската падина кај црквата „Свети Атанасиј“, и вториот период, започнат од 1600 година, па сè до денес, кој се однесува на денешната положба на манастирот, кај епископалниот храм на Успението на Пресвета Богородица.

Подигањето на стариот манастир од првиот епископ полошки Антониј

[уреди | уреди извор]

Стариот манастир се наоѓал северно од денешниот, оддалечен 500 – 800 m. Во соседството на манастирот се наоѓал средновековниот град Лешцек и помеѓу нив минувала Лешочка Река. Според површината, може да се заклучи дека манастирот бил мал, со мали конаци и ќелии, и со помала црква. Нему му припаѓал дворот околу црквата „Успение на Пресвета Богородица“, каде што е сместен сегашниот манастир, а кој отсекогаш се нарекувал Епископски двор.

Околу основањето и изградбата на манастирот, познати се две мислења: едното, посочено од Кирил Пејчиновиќ, е дека манастирот е изграден од кнез Лазар, мислење кое е прифатено од сите подоцнежни истражувачи на манастирот, и другото, дека првиот ктитор на манастирот е извесниот јеромонах Антониј, кој подоцна станува и прв епископ полошки. Втората теорија за генезата на манастирот е понудена во 1927 година, кога монахот Теодорит, расчистувајќи ја и откопувајќи ја тогаш разурнатата црква „Свети Атанасиј“ во стариот манастир го пронашол саркофагот на ктиторот на црквата и конаците, на кој пишува:

„Аз, еромонах Антонио придох в сие место и растежах и раскопах габрие и уравних брегове и начех си храм зидати Свјатаго Атанасија.“

Со поновите истражувања на Петар Миљковиќ - Пепек се разоткрива дека црквата, а со тоа и манастирот, се градени во периодот од 1321 до 1331 година. Манастирот навистина бил мал, но многу значаен за духовната клима во Полог, еден вид на полошки Ерусалим, кој претставувал епископски центар и во него се школувале голем број на идни монаси и свештеници. За ова сведочи и откривањето на трите епископски гробници, внатре во црквата. Манастирот, без големи пречки, опстојувал до средината/крајот на 17 век. По овој период опасностите по животот на монашкото братство се зголемиле поради многуте арамиски напади, поради што скопско-полошкиот епископ Никанор ги повикал монасите да се спуштат во Епископскиот двор.

Панорама на манастирскиот двор со конаците и главната манастирска црква.

Подигањето на новиот манастир од епископот скопско-полошки Никанор

[уреди | уреди извор]
Отпечаток од печатот на манастирот од средината на 19 век

Вториот период од постоењето на манастирот може да се подели на два помали периоди, и тоа: од 1600 до 1690 година, и вториот од 1818 година, до денес. Во првиот помал период, манастирот бил под јурисдикција на епископот Никанор; со повлекувањето на монасите од стариот манастир, во дворот на епископскиот храм на Пресвета Богородица изградил конаци, а во самиот храм доградил припрата. Околу положбата на конаците и нивната големина не се знае многу затоа што биле срушени во 1690 година. Дворот на храмот бил заграден и му биле ставени четири врати.

По завршувањето на Австриско-турската војна и повлекувањето на Австријците од просторите на Полог во 1690 година, муслиманското население одмазднички се нафрлило на месното христијанско население и двете манастирски цркви (старата и новата) сосе конаците биле целосно разурнати, заедно со неколку други манастири и цркви во полошкиот регион.

Обновување на новиот манастир од страна на преподобен Кирил Пејчиновиќ

[уреди | уреди извор]
Разгледница од Лешочкиот Манастир од времето на Кралството Југославија

Запоставениот манастир бил во урнатини цели 128 години, сè до неговото обновување во 1817/18 година од страна на јеромонахот, подоцна и игумен лешочки Кирил Пејчиновиќ. Доаѓајќи од манастирот Хиландар на Света Гора, тој наишол на спротивставување на неговите идеи за возобновување на манастирот од страна на градските парохиски свештеници (од кои бил исмеван) и месното македонско христијанско население. Сепак, не дозволил да биде поколебан и најпосле добил одобрение од Абдул Рахман-паша да започне со возобновување на манастирот и конаците. Неговиот потфат започнал како речиси невозможна мисија во период на крајна културна и комуникациска изолација на македонското христијанско население во времето на крајна материјална беда; со крајни напори и помош од поединци, успеал да го заврши својот свет подвиг и да го обнови духовното полошко светилиште. Во подвигот, една група на луѓе му помагала, но не биле на мал број ни оние кои со сите сили се труделе да му одмогнат на хиландарскиот свештеномонах.

Својата мисија, преподобниот Кирил ја крунисал со следната забелешка:

„И кој радил и кој не радил, све Бог да ги простит, понеже должни смо да се молимо и за брати наша. Ама од тогај до сега едни дојдоха на покајание, едни се претставиха со чифотското сердце. Едни сат уште живи а непокајани.“

И на крајот, преподобниот подвижник ја оставил и следната порака до идните генерации:

„... чуајте ги обичаите, чуајте а верата и никоаш немојте да ми го забраете мојов манастир...“
Поглед на внатрешноста на црквата „Св. Атанасиј“
Кирил Пејчиновиќ, прв игумен на манастирот (1818-1845) од неговото возобновување
Отец Езекиил бил игумен на манастирот од 1878 до 1898
Гробот на Пејчиновиќ во манастирскиот комплекс

Од создавањето на манастирот во 1321 година, па сè до 1818 година нема писмена документација за евиденција на манастирските игумени. Освен првиот јеромонах Антониј, кој го изградил Стариот манастир и црквата Св. Атанасиј Александриски, постои петвековен јаз во овие податоци, најверојатно поради напуштањето на стариот, а и разурнувањето на двата манастири. Од неговото возобновување во 1818, до ден денес, познати се сите игумени.

име од до
Кирил Пејчиновиќ 1818 1845
Отец Сивлестер Никола 1845 1865
Отец Самоил 1865 1878
Отец Езекиил 1878 1898
Отец Еротеј 1898 1910 (?)
Мартириј Гостиварски 1910 1912
Владимир Атанацковиќ 1912 1913
Мартириј Гостиварски 1915 1918
Архимандрит Методиј 1918 1923
Отец Анатолиј 1923 1924
Отец Сава 1924 1925
Отец Серафим 1925 1927
Отец Хрисант 1927 1928
Отец Серафим 1928 1930
Отец Герман 1930 1934
Отец Ташко 1934 1936
Атанасие Николиќ 1936 1938
Сестра Михаила и Гаврила 1938 1944
Сестри Марина и Елисавета 1944 1964
Сестри Надежда и Меланија 1964 1968

Со возобновувањето на Охридската архиепископија во 1967 година, сестринството во Лешок (во најголем дел со српско етничко потекло) го напушта манастирот во 1968 година и заминува во Србија. Македонската православна црква назначила неколку парохиски свештеници за старешини на манастирот.

име од до
Отец Стојче Ристовски, свештеник 1968 1974
Отец Александар Ивановски, свештеник 1974 1978
Отец Благоја Ацески, свештеник 1978 1980
Отец Димитрие Крстевски, свештеник 1980 1986
Отец Велимир Поповски, протојереј 1986 1992
Отец Димитрие Крстевски, протојереј ставрофор 1992 2009
Отец Теодосиј 2009
Внатрешноста на црквата Св. Атанасиј т.н. Стар манастир

Во разни документи се споменува дека во Лешок со околината имало дури 44 цркви. Денес во Лешок има три активни цркви и една капела-параклис; Св. Атанасиј од 14 век, Св. Атанасиј од XX век, Св. Богородица од 19 век и капелата-параклис Св. Кирил и Методиј од XX век сместена во конакот, како и остатоци од пет цркви и параклиси од средниот век („Св. Никола“, „Св. Врача“, „Св. Петка“, „Св. Марена„ и „Св. Илија“). Посебно се истакнуваат културните и духовните вредности на црквата Св. Атанасиј од 14 век, која има древна старост и била седиште на првиот полошки епископ Јоаникије, и која со закон е прогласена за споменик на културата. Имено, црквата Свети Атанасиј има долги традиции, богата и славна, ама и полна со трагични настани историја, при што повеќепати е пален или уништуван и обновуван.

Главната манастирска црква „Св. Атанасиј“ навечер, спроти празникот Голема Богородица
Помалата, но постара манастирска црква „Св. Богородица“ на празникот Голема Богородица
Главниот конак денес
Рускиот крст

Оваа црква локално е позната под името Стар манастир. Се наоѓа на половина час одење од селото Лешок покрај патот што води кон селото Брезно. Црквата е во многу лоша состојба и е оштетена. Посветена е на Свети Атанасиј. Таа се наоѓа на зарамнето место во дабова и габрова околина. Некогаш оваа главна манастирска црква била духовен, правен и културен центар во долно-полошкиот крај. Црквата е изградена во 14 век, а ктитор на манастирот бил јеромонахот Антониј, кој во времето на возобнување на црквата, на Скопскиот митрополитски собор, бил назначен за прв епископ на Долнополошката епископија[2]. И оваа црква како и останатите две од Лешочкиот манастир не била поштедена од албанските терористи за време на војната во 2001 година. Тие во дворот на манастирската црква ископале ровови-пушкарници и поставиле поголем број на вреќи со песок, за да пукаат на незаштитеното македонско население. Пред влезот на дрвената врата видно се гледаат ознаките на нивниот вандализам со испишани ознаки на УЧК. Исто тоа е сторено во внатрешноста на црквата, а најмногу во олтарскиот дел каде со големи букви се напишани тие ознаки, со жолта и црвеникава боја. Саркофазите биле искршени, исто така не бил поштеден ни гробот на монахот Теодорит којшто се наоѓа јужно од црквата.

Црквата „Св. Атанасиј“ е главната манастирска црква. Неа ја возобновил игуменот Серафим во 1924 година. Била изградена во многу убав стил со три куполи, една централна и две на пронаосот. На десната купола вградена била камбанаријата. Оваа црква била изградена според планот изработен од архитектот Андрасов. Црквата со прекини се градела 10 години. За внатрешното уредување и во изработката на иконостасот и на архијерејскиот престол, биле ангажирани мајстори од Гостивар во 1936 година, од чии имиња познати се само иницијалите И.С.Т.Р.Ж. испишани на задниот дел од царските двери. Живописот во црквата е од {{икона|икони]] и фрески, сите биле изработени со донации на благочестиви христијани. Иконите што биле на царските двери биле на Пресвета Богородица и на свети Архангел Гаврил.[2] Црквата „Св. Атанасиј“ била урната во август 2001 година. Албански терористи поставиле експлозив во олтарниот простор во манастирската црква и целосно ја кренале во воздух. Бил уништен источниот дел од црквата, централното кубе, покривот и просторот зад олтарот. Останал само задниот дел од црквата, каде што порано се наоѓала влезната врата.

Старата манастирска црква посветена на Успението на Пресвета Богородица се наоѓа во југоисточниот дел на манастирскиот двор и е една од најстарите добро очувани цркви во Полог. Според историски извори црквата е подигната врз постаро култно место во византискиот период кога Лешок бил градска населба. Истата била приклучена кон Охридската архиепископија во 1019 година од страна на Василије, со градот Леаскумцосу, како што тогаш го нарекувале Лешок. Црквата се споменува и во 1326 година,а била возобновена во 1641 година и живописана во 1646 година. Постојат сведоштва за нејзино повторно и делумно обновување во 1879 година. За обновата на црквата се дознава од сочуваниот натпис во фрескотехника што се наоѓа над западната врата од внатрешната страна. Во него се вели дека во времето на игуменот архимандрит Силвестер, со помош на други свештеници кои се јавуваат како ктитори, црквата е обновена на 8 мај 1879 година од раката на зографот Михаил Ѓурчинов и Панајот од Галичник. Со изградбата на новата манастирска црква „Св. Атанасиј“ и нејзино осветување во 1936 година, оваа црква повеќе не се користела за богослужби и почнала постепено да се запушта. Во педесеттите години на XX век Заводот за заштита на културно-историските споменици извршил градежна интервенција за да не дојде до поголеми оштетувања, бидејќи црквата била во многу лоша состојба. По својата основа, црквата е решена триколонално, со должина на наосот 9,72 метри, широчина 3,46 метри. Во пределот на апсидата е широка 5,95 метри. Нартексот е долг 5,47 метри и широк 6,08 метри. Фасадните ѕидови биле ѕидани со бигорни блокови, рачен камен и тули.

Икона на Кирил и Методиј во истоимениот манастирски параклис
Дел од амбиентот во манастирскиот ресторан

Западниот ѕид е ѕидан со разновидни камења. Над влезната врата има мермерна овална розетка, релјефно украсена, на јужната страна има четири квадратни прозори и еден над влезната врата. На јужната страна од олтарот има врата. Црквата е 80 см во земја. Подот е со камени плочи,а плафонот е засводен. Покрај јужниот ѕид се наоѓаат столови. На западниот ѕид од јужната апсида се наоѓа и ариерејскиот престол кој е од 19 век. Во самата црква има големо богатство од фрески, мајсторски компонирани во просторот и не е оставен ниту еден дел од него да е празен. Насликани се многубројни ликови на светители, маченици и ангели. Црквата претставува една мала галерија.[2]

Во обновувањето на Лешочкиот манастир учествувале голем број на луѓе,свештеници и занаетчии од Лешок и околните села од Тетово. По смртта на јеремонах Кирил, во 1845 година негов наследник станал игуменот Серафим, од селото Варвара. Тој продолжил со изградбата на манастирот, па во 1850 и 1856 година изградил уште два големи конаци. Потоа дошол Самоељ, но тој не изградил никаков објект. Него пак го наследил аџи Езекил од селото Глоѓи. Притоа овој игумен бил со многу големи организаторски способности. Манастирот го збогатил со купување нови згради во Скопје и Тетово, а сакал да го купи и Калето. Во негово време бил изграден конакот кој постои и денес. Пред да го изгради новиот тој го разурнал стариот конак кој во минатото го изградил Кирил Пејчиновиќ. По убиството на аџи Езекил, за игумен бил назначен јеремонахот Еротеј од Тетово. Тој го изградил конакот во 1906 година северно од конакот на игуменот аџи Езекил. Истиот тој конак во 1946 година бил пренаменет во болница за белодробни заболувања, а во 1957 бил запален. Денес просторот е расчистен. По предлог на митрополитот Кирил во 2000 година е изградена угостителска сала и со бетон е направено плато пред конакот. Конакот располага со 45 легла за престој на домашни и странски посетители.

Параклис

[уреди | уреди извор]

Параклисот во манастирот посветен на светите Кирил и Методиј. Изграден е од страна на игуменот Езекил. Параклисот се наоѓа во самите манастирски конаци, во посебна просторија. За време на последното сквернавење на манастирот 2001 параклисот бил обиен и имал оштетувања од детонацијата на малтерот на плафонот. Полиелејот бил искршен и неупотреблив. Четири престолни икони биле оштетени, а украдени биле и Светите Садови од Светата Трпеза.[3]

Ресторан

[уреди | уреди извор]

Ресторанот „Лешок“ се наоѓа во склоп на Манастирскиот комплекс. Располага со капацитет од 450 места и во него се организираат секаков вид на прослави. Специјалитет на ресторанот е тавата Лешочки манастир, а секако и разните видови на скара и печења.

Руски крст

[уреди | уреди извор]

На 21 мај 2016 во манастирскиот двор бил поставен мермерен крст, подарок од Руската амбасада во Македонија во чест и спомен на руските монаси кои на почетокот на дваесеттиот век емигрирале од Русија во Македонија и живееле во манастирот. Крстот, по налог на амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Олег Шчербак бил изработен од висококвалитетен мермер со уникатна изработка, односно истиот е изрезбан од еден мермерен блок, наместо да се прави на делови па потоа да се склопува. Ваквиот начин на изработка е многу редок и ексклузивен, но долготраен и впечатлив.[4]

Монаштво

[уреди | уреди извор]

Кирил Пејчиновиќ се смета за возобновител на монашкиот живот на манастирот во својот трет период, кој во континуитет е присутен сè до денес. Тој освен тоа што го обновил оштетениот манастир и го возобновил монаштвото, тој собирал стари текстови со што ја збогатил и манастирската библиотека. Во манастирот монасите претежно биле Македонци, но за време на српската окупација имало и Срби. Освен нив, позната е и групата на 35 руски монаси - валаамци.

Руски монаси

[уреди | уреди извор]

Лешочкиот манастир бил и дом на 35 руски монаси. Валаамците биле руски монаси од манастирот Валаам во Финска, кои 1926 година дошле во Лешок.

Монахот Теодорит

По одбивањето да прејдат на новиот календар, прифатен неодамна пред тоа од автономната Финска црква и од Константинополската патријаршија, групата монаси-старостилци била осудена на прогонство во септември 1926 и по едномесечно патување пристигнала во Македонија. Тука биле прифатени од скопскиот митрополит Варнава, како протерани заради православието. Целото руско братство живеело киновиски во Лешочкиот манастир две години, за потоа било раситнето во помали групи од по 2-3 монаси и распоредено по останатите манастири во скопската епархија[5]. Најмногу од нив се истакнувал монахот Теодорит кој имал украинско потекло. Тој, слушајќи од мештаните дека над манастирот се наоѓа наоѓалиште со топоним Стар манастир и се гледале траги од црквата, се заинтересирал за ова наоѓалиште и во 1927 година започнал да го раскопува. При раскопувањето, Теодорит бил изненаден од богатите пронајдени остатоци од разурнатата црква на мермерен иконостас, чесната трпеза, архијерејскиот престол, крстилница, три саркофази од кои еден на ктиторот кој воедно бил и прв полошки епископ.

Вчудовиден од вредните богати археолошки пронајдоци, веднаш бил известен скопскиот митрополит Варнава и скопскиот универзитетски професор Радован Грујиќ. Двајцата дошле на лице место за да се уверат. Тогаш митрополитот Варнава му дал полна поддршка, а професорот Грујиќ ги проучил сите предмети и трудот го објавил во гласникот на скопското научно друштво број 13 во 1933 година под наслов „Полошко-тетовска епархија и манастирот Лешок”. Теодорит, потоа, старите ѕидови ги доградил и објектот го заштитил со покрив. Внатре, во црквата поставил икони, направил иконостас и црквата ја оспособил за богослужби. Покрај неа, направил мала куќичка во која тој живеел. Јужно од црквата, направил камбанарија. Секојдневните потреби ги добивал од послугата на манастирот, давајќи им сигнал со свирење во рог. Теодорит се упокоил во 1939 година, го погребале јужно од црквата. Месното население, секоја година спроти Атанасовден, на 30 јануари, традиционално го посетува ова свето место.[6]

Сестринство

[уреди | уреди извор]
Српскиот владика Јосиф со сестринското и братското монаштво на денот на осветувањето на новата црква Св. Атанасиј и Св. Лазар во 1938 година

Во 60-те години на 20 век во Лешочкиот манастир имало неколку калуѓерки. Тие имале свој женски хор. Матица-игуменка на калуѓерките била Миланија, Србинка која ја испратиле од Српската православна црква со посебна мисија и задача, а другите 6 биле Македонки и тоа:

  • Јелица, калуѓерско име Параскева од Лешок,
  • Љубица, замонашена како Вероника, калуѓерка,
  • Ратка како Ефросинија
  • Христина,
  • Надежда и
  • Евгенија

Во 1967 година кога се осамостоила Македонската православна црква, сестрата Меланија се покажала дека била со специјална српска задача и се вратила во Петровац на Млава и во Горњак и покрај многуте молења на народот. Со неа ги зела и калуѓерките Македонки.

Меланија починала во 2001 година и била погребана во Горњак. Во 1977 година во Горњак од Побожје се префрлила кон сестринството и Трпана Ристовска од Лешок и таму добила калуѓерско име Татијана. Трпана Давидова Ристовска, односно калуѓерката Татијана починала во 1983 година на Нова година и е закопана во манастирот Горњак, Србија.[7]

Сардисување

[уреди | уреди извор]
Лешочкиот манастир во почетокот на XX век
Црквата Св. Богородица на почетокот на 20 век

Манастирскиот комплекс бил на повеќепати разрушуван. Во македонската култура се користи терминот „Сардисување“ и тоа е опеано во песната „Сардисале Лешочкиот манастир“.

Прво сардисување

[уреди | уреди извор]

Во 1710 година, турски јаничари го нападнале манастирот. Тогаш монасите целосно се разбегале и манастирот останал напуштен. Манастирот останал празен сè додека не дошол Кирил Пејчиновиќ и го возобновил во периодот 1817/18 година. Тогаш бил доградуван и монашкиот живот повторно заживеал.[8]

Второ сардисување

[уреди | уреди извор]

Манастирот бил сардисан од жителите со албанско етничко потекло од соседното село Слатина и од другите долнополошки села во август 1905 година. Причина било убиството на двајца слатинчани во Слатинското Поле, ноќта пред празникот Св. Богородица, од група комити за кои се мислело дека се наоѓаат во Манастирот. Благодарение на големата присебност и на мудроста на тогашниот игумен јеремонах Еротеј во тие критични моменти, сардисувањето не завршило со трагични последици за Манастирот и за присутните илјадници гости.” Со забележаните биографски податоци и со сеќавањата на комитата Филип Трифунов-Лулков од село Вруток, учесник во четата што ги убила двајцата слатинчани, дефинитивно се расветлува случајот со сардисувањето на Манастирот за кој има неколку верзии, меѓутоа за најверодостојна се смета таа на војводата.

Комитата Филип Трифунов-Лулков бил учесник во Тетовско-гостиварската чета на војводата Никола Панов-Гостиварче. Оваа чета, од скопските села се упатила кон Полог, низ Дервенската Клисура и низ селото Радуша. Тие стигнале во селото Ротинце за да присуствуваат на големиот празник и на собирот во Лешочкиот манастир за потоа да ги посетат планинските села Јелошник, Брезно, Сетоле, Лавце, каде што имале свои јатаци.

Остотоци од црквата по разрушувањето во 2001
Податотека:Второ сардисување на Лешочкиот манастир со фреска.jpg
Остотоци од црквата и фреските, 2001

За да присуствуваат на прославата, тие тргнале од селото Ротинце кон Лешок, ноќта меѓу 27 и 28 (14 и 15) август, со курирот Тодор Томев, учител во селото Јелошник. Патем, поминале низ Слатинското Поле. На местото наречено Калиноо, вооружената група била забележана од бостанџијата Пајазит, па тој го известил својот брат Јакуп, кој се наоѓал во колибата, дека се приближува поголема група луѓе. Кога комитите го слушнале повикот и сфатиле дека се откриени се распрснале и легнале за да не бидат забележани. Откако Јакуп го слушнал повикот од својот брат, без размислување истрелал од колибата, а комитите возвратиле на ист начин. Престрелката траела два-три часа. Јакуп бил убиен; Пајазит бил тешко ранет; а меѓу комитите немало настрадани. Откако пукањето од страна на бостанџиите прекинало, распрснатата чета се прибрала и се вратила назад на планината Жеден без да биде забележана. Бидејќи немале контакт со никого, комитите не знаеле дека Манастирот е сардисан. По два-три дена, четата по друг пат се упатила кон селото Јелошник, а Манастирот сè уште бил сардисан. Откако бил растеран башибозукот од Манастирот, четата се упатила преку шумовитите падини на Шар Планина кон селата Сетоле и Лавце за да продолжи со своите акции. Пукотниците, но и раскажувањата на ранетиот полјак биле доволен знак за тревога и масовна потера по комитите од страна на башибозукот. Веста за престрелката на комитите и вооружените полјаци молскавично се пренела низ Полог и во Тетово.

Мошне отежнувачка околност било присуството во манастирот за време на големиот верски празник посветен на св. Богородица на околу 3.000 верници. Разулавената маса башибозук истото утро се организирала и за 3-4 часа се упатила кон манастирот. Него од сите страни го опколиле не само Албанци од Слатино туку и од другите блиски села. На башибозукот им се придружиле тетовските бегови со уште поголем број вооружени луѓе. Тие застанале на чело на оваа маса. Меѓу нив биле Мемет-паша, Алим-бег Дерала, Адем-ага Треси, Абдул Мецит-ага и други. Во оваа масовна еуфорија од тетовскиот затвор бил пуштен и Јонуз Јусуфов, познат разбојник од селото Првце, кој многу му напакостил на селото Јелошник и за кој селаните од ова село тврделе дека бил „ужасен крвопиец што се гаври и располага“ со нивните животи.

Уште при приближувањето на башибозукот за ова се дознало во манастирот и предизвикало паника меѓу православните верници, меѓу кои поголем број биле жени и деца. Најприсебен меѓу нив, се чини, бил игуменот Еротеј, кој ги организирал верниците во манастирот на тој начин што веднаш наредил да се затворат манастирските порти и тие да се забарикадираат во манастирскиот двор. Жените и децата се засолниле во конаците, а мажите се вооружиле со сè што можело да служи за одбрана. Високите ѕидини околу манастирот давале мала надеж.

Бројот на башибозукот достигнал бројка од повеќе илјади, а нивните водачи побарале од игуменот Еротеј да им ги предаде комитите, за кои тие сметале дека се засолниле во манастирските конаци. Доколку игуменот не го сторел тоа, тие се заканувале дека ќе го запалат манастирот сосе луѓето. Игуменот не потклекнал на овие закани, а покрај тоа, овој стар и искусен свештеник бил сигурен дека во манастирот нема комити. Тој ја зборувал вистината. Четата, всушност по судирот со полјаците се повлекла назад кон планината Жеден. Според изјавата на еден од комитите, Виктор Т. Лулковски од селото Вруток, по два до три дена четата продолжила во правец на селата Сетоле, Лавце, поминала покрај тетовското кале Балтепе, а оттаму заминала преку Полошката Котлина. Кај селото Блаце на падините на Сува Гора имала судир со разбојничката банда на Демир Лакавица од селото Чајле. По судирот, во кој немало жртви во четата, нејзините борци во близина на селото Волковија се поделиле на две групи, кои успеале да се извлечат од турската потера.

Во меѓувреме, уште од првиот ден на сардисувањето ситуацијата во манастирот се влошувала, но не само во него, туку и во целиот Полог. Муслиманското население се подготвувало за одмазда и пресметка со христијаните.

Во самиот манастир, луѓето со солзи се збогувале едни со други, мислејќи дека им нема спас. Улогата на игуменот Еротеј била решавачка и тој ја презел целосната одговорност и организацијата на одбраната, но и прехранувањето на 3.000 луѓе. Големите резерви од храна во манастирот и дисциплината на луѓето исто така придонеле да се сочува присебноста и да не дојде до панични реакции. Ситуацијата уште повеќе се влошила кога башибозукот го сопрел дотекот на вода во манастирот. Но, за среќа на сите, споменатите залихи од храна и пијалак пресудно влијаеле. Според еден автентичен документ, за време на опсадата манастирот потрошил 82 товари жито, 8000 оки вино, 3500 оки ракија, 60 оки масло, 150 оки сирење, 100 оки ориз, а биле заклани 14 вола, 2 бивола и 48 овци и кози.

Тетовскиот комитет на Организацијата презел низа мерки по мирен пат да се реши мошне тешката ситуација на немоќните граѓани за да не дојде до катастрофа. Уште од првите часови на опсадата, кметот на селото Лешок Јасре се договорил со неколку селани еден од нив веднаш да оди во Тетово и да го извести Сане Гуле. По пристигањето на веста, Тетовскиот комитет веднаш презел мерки. Прво се обидел по телеграфски пат да ги извести властите и дипломатите во Скопје, но овластениот телеграфист, и покрај службената обврска, не го сторил тоа. Но Комитетот испратил свои луѓе и во Скопје и во Призрен, каде што биле седиштата на вилаетот и санџакот, и пред сè европските конзулати. Локалните власти не презеле речиси никакви чекори и биле немоќни да ја решат оваа криза. Дури по интервенцијата и притисоците на конзулите врз валијата Хилми-паша, на четвртиот ден од опсадата тој наредил кон Лешочкиот манастир да се упати силна војска, и тоа суварии (коњица) од Призрен и 2000 авџитабури (пешадија) и уште 300 коњаници од Скопје на чело со Алај-бег Гали.

Кога пристигнала војската, бил извршен претрес во манастирот, а Алај-бег Гали добил уверение од игуменот Еротеј дека во манастирот не се кријат комитите. Потоа Алај-бег наредил башибозукот да се испрати дома и против нивната волја тие биле принудени да се оддалечат од манастирот и „понижени да се вратат во своите куќи“. За да се смират локалните Албанци и да стивне целокупната тензија, турските власти презеле истрага, а организирале и потера по убијците на падарот.

Преплашениот народ што се наоѓал во манастирот конечно можел да се врати во своите домови. При неговото враќање бил придружуван, односно заштитуван од војската. Таа формирала мошне голем кордон во два реда, меѓу кои се движела масата луѓе кон Тетово.

Но, со овој настан не завршило се. Откако истрагата во манастирот покажала дека игуменот Еротеј бил во право, т.е. дека во манастирот не се криела четата, биле преземени други чекори. Од некои претходни сознанија и обвинувања на Албанците од селото Слатина биле уапсени членовите на Организацијата од селата што гравитираат кон манастирот, но и од Тетово. Според извештајот на рускиот конзул во Скопје, на 28 август 1905 година биле уапсени 29 христијани, од кои 12 набргу биле пуштени на слобода. Апсењето на Македонците, конзулот го толкува исклучиво со потребата од задоволување на страстите на, како што вели тој, „калканделенските Арнаути“.

Сепак, за повеќето Македонци што биле задржани во затвор со сигурност знаеме дека биле членови на Организацијата, а некои и индиректни учесници во настанот, како курири на четата, но имало и комити од Брезјанската чета. Уапсените биле задржани неколку дена во тетовскиот затвор, а потоа во синџири биле спроведени во злогласниот Куршумли ан во Скопје, каде што останале цели 6 недели. Меѓу оние што биле во скопскиот затвор се: Спиро Симоновски од Лешок, Јасре Попоски од Лешок, Трпко Мојсиловски (Мојсовски) од Брезно, Симче Петроски - Кубур од Варвара, Ѓурчин Деспотовски од Лешок, Стојан Ивановски од Лешок, Трпо Коач од Варвара, Сане Гуле од Тетово и Атанас Поп Ончев од Лешок, потоа уште еден Столе од Лешок, Стојан од Вратница, Јосиф од Лешок, Мојсо од Непроштено, Трипун Симњаноски од Брезно, а можно е меѓу овие 17 уапсени да биле и Ѓорѓи Цветковски од Лешок, Божин Кочоски од Лешок и Коце Н. од Лавце. Од овие сознанија се гледа дека ниту еден од познатите комити во Тетовско-гостиварската чета не бил уапсен, што потврдува дека таа успешно се извлекла од Полог.

Уапсените членови на Организацијата немале некоја директна врска со четата и инцидентот, а властите не поседувале вистински докази за нивното учество, освен обвинувањата на Албанците од соседното село Слатино. Затоа, целиот процес изгледал монтиран пред јавноста, а тоа го знаеле и конзулите во Скопје. Тетовскиот комитет, заедно со Окружниот од Скопје, не седел со скрстени раце и презел низа мерки за заштита на нивните членови во затворот и на судењето. Имено, за цело време затворениците добивале храна и облека, а поткупените стражари во затворот дозволувале и кореспонденција и посети. Токму затоа затворениците во ниеден момент не се чувствувале осамени и напуштени, туку напротив, биле и охрабрени. Сето тоа се одразило и на самото судење. За нивна одбрана биле ангажирани српски, бугарски и австриски адвокат. На судењето присуствувале дипломати и многуброен народ.

Обвинувањата дека кај некои затвореници се добиени некакви хартии со недозволена содржина биле неосновани. Преживеаниот падар, Албанец, го обвинил Трпо Коач како еден од комитите од четата што го убила неговиот соселанец, но кога адвокатот побарал од него да го препознае меѓу обвинетите, падарот воопшто не го идентификувал Трпо, кој седел во вториот ред. Главниот сведок на обвинителите, падарот Нешо од Лешок, бил доведен во судницата и било побарано од него да сведочи против обвинетите. Но тогаш Нешо ја симнал капата од својата глава и на неа се виделе траги од удари што му ги нанеле турските полицајци, и тој изјавил: „Еве гледајте, затоа сум рекол“. Откако судијата увидел дека изјавата на сведокот била насилно изнудена и е лажна, тој веднаш ги ослободил обвинетите и така завршила лешочката криза. [6]

Трето сардисување

[уреди | уреди извор]

Манастирот по вторпат бил разрушен за време на воениот конфликт во тетовско на 21 август 2001 година. Уништувањето на манастирот предизвика широка реакција во Македонија и светот. Чинот на рушење бил споредуван со настаните од Авганистан, кога Талибанците ги уништувале будистичките храмови во земјата.[9] Со силна детонација во 3 часот утрото, црквата била разрушена до темел, со минирање. Останал само нартексот од западниот дел и скоро целиот западен ѕид од наосот. Двете куполи на нартексот исто така останале. На јужната купола биле видливи конструктивни пукнатини. Од експлозијата сè било уништено, освен неколку фрески на светители. Исто така, оштетени биле и манастирските конаци, изградени во XIX век од јеромонахот Езекил. Конаците претходно било неколкупати поправани и санирани, а целосна санација била извршена во периодот од 1993 до 1996 година. Како резултат на експлозијата, биле настанати значителни оштетувања на кровната конструкција и на фасадата. Поголеми оштетувања имало на прозорците: искршени биле стаклата и руинирани цели прозорци.

Просториите во приземјето и на катот од конаците биле значително оштетени, особено градежната столарија. Било извршено ограбување на сите вредни работи од конаците, меѓу кои и предмети од историска вредност. Капелата во чест на светите Кирил и Методиј, во манастирскиот конак, била обиена и имала оштетувања од детонацијата, на малтерот на плафонот. Полиелејот бил искршен и неупотреблив. Четири престолни икони биле оштетени, а украдени биле и Светите Садови од Светата Трпеза.

Во кругот на манастирскиот двор бил оштетен и гробот на архимадритот Силвестер и гробот на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ. Не била поштедена ниту новата летна трпезарија, која била обиена и покрадена.

Иако разурнат, манастирот сепак на 28 август 2001, бил посетен и во него прославен празникот на Успението на Пресвета Богородица, но не со зурли и тапани, туку со солзи. Некои од посетителите ги завиткувале парчињата скршени црковни камења во крпи и ги земале со себе деловите од она што некогаш било фасада или фреска од свет храм, другите ги бакнувале урнатините клекнати на колена, трети ги бришеле солзите од жал и јад.[3].

На 15 февруари 2002 година, манастирот бил посетен од членови на европската комисија каде било утврдено повторно да се возобнови и да воскресне ова светило. Манастирскиот комплекс бил реконструиран и завршен во јуни 2006 година. Црквата „Св. Атанасиј“ била реконструирана со истиот камен што бил користен во нејзината првична изградба. Камењата биле сочувани и нумерирани со помош на Институт за заштита на културното наследство, кој направил детална студија за проектот. ЕУ обезбедила околу 410.000 евра за обнова на ѕидот и фасадата, преку Европската агенција за реконструкција во Македонија.[10]

Возобнова 2007

[уреди | уреди извор]

Неговото преосветување било на 14 октомври 2007 година, кога Македонската православна црква прославувала 40 години од својата автокефалност. На празникот на Покров на Пресвета Богородица било извршено осветување на црквата „Св. Атанасиј“. Осветувањето на црквата го извршил архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, а на чинот на осветувањето присуствувале и поголем број од архијереите на Синодот на МПЦ.[11]

Колку малку требаше нечија омраза, па овој храм да се претвори во урнатини, и колку многу љубов требаше потоа па од купот камења повторно да се изгради ова велелепно дело, изјави по осветувањето поглаварот на македонската православна црква - архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан[12]

Зографисувањето завршило по 10 месеци активно работење на седуммина зографи од Националниот конзерваторски центар предводени од конзерваторот Момчило Трајковски. Исцртувањето на фреските и уметничкото уредување на внатрешноста почнало во октомври 2006 година.

Тетовскиот фолк фест на 27 август 2008 г.

Тетовски фолк фест

[уреди | уреди извор]

Познатиот Тетовски фолк фест се одржува секоја година во дворот на манастирот. На Летната сцена во кругот на манастирот во предвечерието на големиот христијански празник „Успение на Пресвета Богородица“ секоја година гостуваат најпознатите македонски фолк пејачи. Овој фестивал е најголемиот во Македонија поради фактот што е следен од неколку десетици илјади публика.[13]

Меѓународна средба на книжевните преведувачи

[уреди | уреди извор]

Лешочкиот манастир е домаќин на традиционалната меѓународна средба на книжевните преведувачи, која се одржува секоја година во комплексот. Првата средба се одржала во 1972 година.[14] Ова место е избрано поради тоа што тука живеел и творел монахот Кирил Пејчиновиќ, кој бил преродбеник, писател и преведувач на македонски народен јазик. Средбата во 2010 година која била 39 по ред имала јубилеен карактер за македонската и севкупната преведувачка книжевност бидејќи се одбележувала 100 годишнината од раѓањето на писателот Ѓорѓи Абаџиев, а 90 години на Славко Јаневски, како и 80 години од раѓањето на повеќемина истакнати македонски преведувачи и писатели како Бистрица Миркуловска, Ката Мисиркова Руменова, Цане Андреевски, Георги Сталев и други. Меѓународната средба се одржува секоја година на крајот од Август и претставува еден вид на вовед за прославата на Меѓународниот ден на преводот кој се прославува на 30 септември.[15]

Митот за закопаното богатство

[уреди | уреди извор]

Во последно време раширен е митот дека во старата манастирска црква Св. Атанасиј се наоѓа закопано богатство[16]. Кога околу црквата Јоаникие изградил ќелии за монасите, тогаш се формирал манастирскиот комплекс. Во него се пронајдени три епископски саркофази, еден осамен гроб и уште две други гробници што укажуваат дека во овој комплекс се водел богат, активен монашки живот. Стариот манастир „Свети Атанасиј“ опстојувал, без голем пречки, до средината или до крајот на 17 век. По овој период, престојот на монасите станал несигурен поради многуте арамиски зулуми. Затоа тие и го напуштале манастирот. Во годините што следувале месното население секогаш доаѓало за црковно-народниот празник Атанасовден да запали свеќи и да се помоли за здравје на урнатините од храмот. Во 1927 година рускиот монах Теодорит, ги раскопал остатоците на стариот манастир - „Свети Атанасиј“ од земјените наслојки. Но надворешните sидови се оставени до ден-денешен, на еден метар во земјата. Според Груиќ „Побожното поклоништво кон светоста, но и разните сказни за закопано богатство во урнатините, бил мотивот што го навел Теодорит да ги извади остатоците од храмот од пазувите на земјата“, и за тоа тој направил обемен извештај за тоа што се било пронајдено при тогашните раскопувања на наоѓалиштето[17]. Во внатрешноста на црквата бил пронајден мермерен иконостас во целост, од пет столба, со капители со извајани човечки и животински глави и хоризонтална греда. Биле откриени и архијерејскиот престол и чесната трпеза, направени од мермер или од оникс. Подот бил од правоаголни плочи, изделкани од тој материјал, со ѕвезда под кубето на Христос Седржителот.

Приказните за наводно богатство околу овој манастир продолжиле да се шират и во денешни дни, поради што тој не еднаш бил цел на вандалски копања и на доуништувања од диви копачи на археолошките наоѓалишта. Дивите копачи барале злато, накит, вредни предмети, и не обрнувале внимание на фактот дека нема ништо од тоа во ваквите манастирски светилишта, каде што живеело монашко братство. Единственото богатство на монасите од овој стар манастир била нивната духовност. Според експертите од Музејот на Македонија, дивите копачи во повеќе наврати го имале уништувано овој верски објект, кој е уникатен по тоа што е прв сакрален објект во Македонија, во кој се применети елементите на романичката пластика. Богатството што се наоѓа во црквата всушност е само неговата архитектонска конструкција со приморско-дубровнички и византиско-старомакедонски елементи при градбата. Во Македонија има само неколку манастири како овој со розета: старомакедонскиот симбол - 16-кракото сонце, вградено во него. Но, археолошката мафија во изминативе години успеала да ги искорне и плочите со изгравираното 16-крако сонце, кои се наоѓаа на подот, точно во средината на манастирот. На тоа место сега зјае само земја. Пред неколку години претставници на Обвинителството предупредувале на сериозните индикации дека, можеби, и во тетовскиот регион постои разработена грчка врска, која ги препродава украдените археолошки богатства на Македонија преку границата. Но, таквите сомневања останале без евентуална потврда низ една истражна постапка. Неколкупати во таквите обиде на лице место биле фатени криминални групи.[16][18] Во 2007 фатена е група од 5 диви копачи на лице место и наредната 2008 биле осудени на затворски и парични казни.[19]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. Свечен собир посветен на 130-годишнината од смртта на Кирил Пејчиновиќ: Одржан на 24 март 1975 година, Ѓорѓи Филиповски, Харалампие Поненаковиќ, Македонска академија на науките и уметностите, 1975
  2. 2,0 2,1 2,2 Велев, Илија (1990). Преглед на средновековсни цркви и манастири во Македонија. Скопје: Наша Книга.
  3. 3,0 3,1 „Оштетувања на манастирскиот комплекс – Лешок“. Тетовско архијерејско намесништво. Посетено на 2010-09-13.
  4. Руската Амбасада во Македонија ќе поставува мермерен крст во Лешочкиот манастир!. Архивирано од изворникот на 2016-05-22. Посетено на 2016-05-22.
  5. Јанчовски, Тихомир (2010). Монаштвото во Македонија. Скопје.
  6. 6,0 6,1 Петрушевски, Илија (2004). Селото Лешок - Тетовско, 1019-2003. Тетово.
  7. Митко Поп Спироски - „Поповската фамилија и Род Спироски (Онуфриевски-Лалошои-Главинои- Византијци) од Лешок, Македонија“, -Тетово
  8. Ḱornakov, Dimitar (1995). Macedonian monasteries (англиски). Matica makedonska.
  9. Ѓорѓески, Бранко. „Лешочкиот манастир настрада од балкански Талибанци“. Дневник. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2010-09-13.
  10. Николовски, Зоран (28 јуни 2005). „Завршена реконструкцијата на Лешочкиот манастир во Македонија“. Southeast European Times. Посетено на 2010-09-14.
  11. „Осветување на црквата во Лешочкиот манастир“. Повардарска епархија. 2007. Посетено на 2010-09-14.
  12. Слово на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан одржано на осветувањето на возобновената манастирска црква во Лешок (14 октомври 2007)
  13. "Тетовски фолк фест" финансиски ја спасува Македонската телевизија!?“. Вечер. 5 септември 2006. Посетено на 2010-09-13.[мртва врска]
  14. „Лешок по 39. пат домаќин на книжевните преведувачи“. Утрински Весник. 23 август 2010. Посетено на 2010-09-22.
  15. д-р Ирина Тупицина и м-р Александер Цемахман (2010). „Меѓународен ден на преводот“. Клопче. Посетено на 2010-09-22.[мртва врска]
  16. 16,0 16,1 Тоевски, Свето (2007). „Митот за закопано богатство го докрајчува "Свети Атанасиј". Премин. Посетено на 2010-09-24.
  17. Гласникот на Скопското научно друштво, 1932
  18. Блажевска, Маја (27 февруари 2007). „Дивите копачи роварат по тетовско“. А1. Посетено на 2010-09-24.
  19. „Затворски казни за дивите копачи кај Лешочкиот манастир“. Утрински Весник. 20 јануари 2008. Архивирано од изворникот на 2023-01-23. Посетено на 2010-09-24.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Илија Н. Петрушевски и Борис П. Момироски Лешанин (2010). Лешочкиот манастирски поменик. Тетово: Иљо Антески – Смок и Кирил Пејчиновиќ, 220 стр.
  • Група забележувачи, Лешок и соседните села (материјална и духовна култура), Leshok and neighbouring villages (spiritual and material culture), Здружение „Лешок“, Скопје,2005;

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Статијата „Лешочки манастир“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).