Црква „Св. Атанасиј“ - Лешок (стара)
Свети Атанасиј
| |
Внатрешноста на црквата Св. Атанасиј, денес во руини | |
македонска православна црква | |
Епархија | Тетовско-гостиварска |
Архијерејско намесништво | Тетовско |
Парохија | Теаречка |
Местоположба | |
---|---|
Место | Лешок |
Општина | Теарце |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Свети Атанасиј Александриски |
Изградба | 6 век и 14 век |
Живопис | видлив е само тој од 14 век |
Изгорена | 1710 и 2001 |
Архитектонски опис |
Свети Атанасиј најчесто нарекуван Стар Свети Атанасиј или само Стар Манастир била поранешната главна манастирска црква на Лешочкиот Манастир во селото Лешок, тетовско. Денес од црквата се сотанати само урнатини. Некогаш овој манастир бил духовен, правен и културен центар во долно-полошкиот крај.[1] За оваа црква во полошко е расширен митот дека во нејзините темели се крие закопано богатство, со што таа е цел на вандалски акти.[2][3]
Местоположба
[уреди | уреди извор]Црквата се наоѓа на половина час одење од селото Лешок покрај патот што води кон селото Брезно. Таа се наоѓа на зарамнето место во дабова и габрова околина. Некогаш овој манастир бил духовен, правен и културен центар во долно-полошкиот крај.
Изградба
[уреди | уреди извор]Манастирската црква била изградена во 14 век, а ктитор бил јеромонахот Антониј, кој во времето на возобнување на црквата, на Скопскиот митрополитски сабор, бил назначен за прв епископ на Долно-полошката Епископија. Од ова произлегува дека митрополитот Антониј го променил свотето дотогашно монашко име во епископско, Јоаникиј. Според стилот и по начинот на градбата, како и по сочуваната орнаментика на каменот, вграден во храмот се смета дека црквата е градена во период кога во полошкот крај и официјално била формирана Полошката Епархија.[4]
Првобитната црква според еден сочуван камен столб-пиластер, била градена во стилот на најстарите цркви во Охрид и Преспа. Во отсуство на пишани документи овој столб укажува на фактот дека Полошката епархија административно и припаѓала на Охридската архиепископија. До 1970 година се сметало дека црквата Св. Атанасиј потекнува од втората половина на 14 век и дека ја подигнал првиот Полошки Епископ Јоаникиј, што се гледа и од записот на неговиот саркофаг, пронајден при ископувањето на црквата, кои биле извршени во споменатата година. Меѓутоа со проучувањето на основата и фасадата е утврдено дека црквата потеквнува од 6 век. Возобновената црква, од страна на Антониј, како епископ Јоаникиј, активно функционирала до 15 век. Претходно околу неа Јоаникиј изградил ќелии за монасите и за членовите на манастирското брадство, со што се формирал манастирски комплекс. Но со доаѓањето на Турците, престојот на монасите во неа бил несигурен, поради нејзината местоположба надвор од населеното место, па монасите го напуштиле манастирот и тој бил запоставен и незаштитен. Во 1689 година Турците се нафрлиле на христијанското население. Го ограбувале, а потоа се палеле, а ги палеле и црковните светилишта. Во тоа време била разурната црквата Св. Атанасиј, а со текот на годините урнатините биле покриени со земја.
Архитектонски опис
[уреди | уреди извор]При откопувањето, во 1927 година, биле откриени редица остатоци од разурнатата црква. Во јужната апсида бил пронајден споменатиот саркофаг на ктиторот. Покрај него биле пронајдени уште два други. Едниот бил во северната апсида, наспроти ктиторовиот. Покрај него биле пронајдени уште два други. Едниот бил во северната апсида, наспроти ктиторовиот, а третиот бил во нартексот. Во внатрешноста на црквата бил пронајден мермерен иконостас во целост, од пет столба со капители, од човечки и животински глави и хоризонтална греда. Бил висок 1.85,а широк 2.80 метри. Во јужната апсида,покрај западниот ѕид, се наоѓал архијерејски мермерен престол. Во олтарот бил најден дел од мермерната чесна трпеза и фрагменти од мермерни свеќници. Подот е од правоаголни мермерни плочи со ѕвезда под кубето Христос Седржител. Под мермерниот под во северната апсида покрај ѕидот, биле пронајдени гроб, голема костурница на северната половина во наосот, и една помала костурница покрај јужниот ѕид на нартексот. Црквата била изградена врз постаро култно место на кое постоела постара црква. На исток, олтарот на старата црква завршувал каде што завршува наосот и почнува нартексот. До каде се протегала црквата на запад, не е познато. Со евентуално раскопување на темелите би се дознало за големината и формата на основата на старохристијанската црква. Врз источниот дел од старата црква и во продолжение кон исток, Антониј изградил црква. Надворешните димензии биле 15.10 метри должина и 9 метри широчина, а внатршноста била 11 метри должина и 6,9 метри широчина. Носивна конструкција со ѕидови со дебелина 100-120 сантиметри мермер, во остатоци. Црквата е заштитно покриена со дрвена кровна конструкција. Обработката на фасадите е од рашки тип со употреба на тула и слепи арки. На црквата, по подолг период и била доградена канбанарија, па потоа и нартекс. Декоративната фасада била градена во византиски стил со хоризонтални и вертикални тули помеѓу кои се наоѓаат делкани бигорни блокови. Внатрешната страна била ѕидана со обични речни и кршени камења. Олтарната фасадна апсида била тристрано ѕидана и не се отцртувала проскомидијата и ѓаконикот. На западниот ѕид од доградениот нартекс над влезната врата имало полукружни ниши кои во горниот дел биле засводени. Над централниот дел на наосот имало кубе со осум или дванаесет страни, со по еден издолжен прозорец, целосно изѕидано со тули. На северната и јужната апсида од крстот имало двојни прозори. Нартексот бил со кубе за камбана. Била покриена со оловни плочи. Црквата имала една комбинирана градба македонско-византиско-приморска, со мали елементи на рашки стил. Со ваквите искомбинирани елементи, црквата е единствена од ваков тип во Македонија што го зголемува нејзиното значење.
Фрескоживопис
[уреди | уреди извор]Црквата поседува мали остатоци од фрескоживопис и тоа од два периода, обата од 14 век. Живописот е сочуван делумно во апсидата ,во конхата од северниот ѕид и на носечките столбови од централниот брод. Првиот слој на живописот е од трета деценија на 14 век, од времето на градењето на црквата. Вториот слој на живописот е од шестата деценија на 14 век.Од зачуваните фрагменти може да се констатира дека живописот од првата фаза припаѓа на високиот стил на палеологовското сликарство. Тоа особено може да се распознае на облеката на светителите која е полна со флорални мотиви, арабески и бои што со својот отворен колорит им даваат на ликовите посебна монументалност. Моделирањето е многу фино и се чувствува влијание од класична фаза, на преминот помеѓу 13 и 14 век. Вториот слој на живопис е производ на од локалната македонска школа на зографи и припаѓа на таканаречената фаза монашкото сликарство. Одлика на овој живопис е употреба на темни тонови коишто се употребуваат за да го повлечат аскетскиот живот на светителите што се претставени. Тука се работи за сликарство кое своите корени ги наоѓа во втората половина на 12 век. Остатоците од живописот се во многу лоша состојба. Живописот во црквата е речиси целосно уништен и не може речиси целосно да се каже за него. Во централниот дел на олтарот се наоѓа фреската Свети Василиј Велики и Свети Јован Златоуст, а лево и десно од нив двајца поклонети архијереји завртрни кон исток. Заедно сите ја формираат композицијата Поклонување на Агнецот. Во северната олтарна ниша на ѓаконикот бил архиѓаконот Стефан со кадилница, а наспроти од јужната страна бил Свети Роман со дарохранителка. На ѕидот од северниот пиластер, каде што се влегувало во олтарот ,имало остатоци на еден ѓакон прикажан како ангел. На јужниот пиластар има остатоци на орнаменти од растенија. Лево и десно од иконостасот, на источната страна, со поглед кон запад, имало еден монах-столник. Во продолжение на јужната апсида или десно од иконостасот, покрај монахот-столник има и три момчиња во запалена печка. Набљудувајќи ја црквата во целина, се забележува богата мермерна декорација во внатрешноста, декоративна фасада на тули и бигорни блокови, декоративниот фриз под покривот, мермерни прозори на северната и јужна апсида, мермерна розетка и др.
Што се однесува до живописот се гледа дека ктиторот имал добри познавања од технологијата и сугерирал на зографите кои фрески каде ќе бидат зографисани. Тоа се забележува по застапените испосници и нивната невобичаена местоположба во црквата. Со тоа ктиторот сакал преку ликовите на испосниците да создаде амбиент на испосништво и со тоа влијаел врз монасите-испосници во манастирот да го прифатат таквиот престој во него, живот исполнет со молитви секојдневно. Тоа добро се гледа од столпниците-испосници врз кое се потпирало кубето и местоположбата на испостникот Пахомиј. За ликовната вредност на живописот многу тешко е да се даде проценка, кои биле зографи поради целиосно уништениот живопис. Сочуваните мали фрагменти се слични на фреските од средината на 14 век.
Разрушувања од 2001
[уреди | уреди извор]И црквата Св. Атанасиј не била поштедена од албанските терористички банди за време на војната во 2001 година. Тие во дворот на манастирската црква ископале ровови-пушкарници и поставиле поголем број на вреќи со песок, за да пукаат на незаштитеното македонско население. Пред влезот на дрвената врата видно се гледаат ознаките на нивниот вандализам со испишани ознаки УЧК. Исто тоа е сторено во внатрешноста на црквата, а најмногу во олтарскиот дел каде со големи букви се напишани тие ознаки, со жолта и црвеникава боја. Саркофазите биле искршени и исто така не бил поштеден гробот на монахот Теодорит којшто се наоѓа јужно од црквата.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Велев, Илија (1990). Преглед на средновековсни цркви и манастири во Македонија. Скопје: Наша Книга.
- ↑ Тоевски, Свето (2007). „Митот за закопано богатство го докрајчува "Свети Атанасиј"“. Премин. Посетено на 2010-09-24.
- ↑ „Затворски казни за дивите копачи кај Лешочкиот манастир“. Утрински Весник. 20 јануари 2008. Посетено на 2010-09-24.
- ↑ „Црква од 6 век во тетовскиот „Стар манастир"“. Премин. Посетено на 2010-09-29.
„Црква „Св. Атанасиј“ - Лешок (стара)“ на Ризницата ? |