Прејди на содржината

Гулинци (Леринско)

Координати: 40°39.46′N 21°37.53′E / 40.65767° СГШ; 21.62550° ИГД / 40.65767; 21.62550
Од Википедија — слободната енциклопедија
Гулинци
Ροδώνας
Гулинци is located in Грција
Гулинци
Гулинци
Местоположба во областа
Гулинци во рамките на Суровичево (општина)
Гулинци
Местоположба на Гулинци во општината Суровичево и областа Западна Македонија
Координати: 40°39.46′N 21°37.53′E / 40.65767° СГШ; 21.62550° ИГД / 40.65767; 21.62550
ЗемјаГрција
ОбластЗападна Македонија
ОкругЛерински
ОпштинаСуровичево
Општ. единицаСуровичево
Надм. вис.&10000000000000581000000581 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно93
Час. појасEET (UTC+2)
 • Лето (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Гулинци (грчки: Ροδώνας, Родонас; до 1926 г. Γκιούλεντς или Γκιουλέντζα, Гуленц, Гуленѕа[2]) — село во Леринско, Егејска Македонија, денес во општината Суровичево на Леринскиот округ во областа Западна Македонија, Грција.

Географија

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа на 28 км југоисточно од Лерин и на 6 км западно од Суровичево, по патот за Костур.

Историја

[уреди | уреди извор]

На местото на Гулинци има остатоци од средновековна населба, за која сведочат остатоците од градба од византиско време во месноста Тумба Ливада.

Во Отоманското Царство

[уреди | уреди извор]

Во османлиско време ова било големо село населено со Македонци. Во дефтерите за Леринскиот вилает од 1626-27 г. селото се води како Ѓуљунче со 82 даночно обврзани христијански домаќинства.[3]

Во XVIII век Али-паша Јанински во Гулинци населил Турци Јуруци кои постепено го истиснале домородното население, земајќи им ја плодната земја. Според Боривое Милоевиќ, последните Македонци пребегале од Гулинци во Горно Врбени некаде помеѓу 1840 и 1850 г.[4] На крајот од XIX век Гулинци било мешано турско-ромско муслиманско село. Во 1848 г. рускиот славист Виктор Григорович во „Очерк путешествия по Европейской Турции“ го опишал Гулинци како македонско село.[5][6]

Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ за 1873 г. Гулинци е спомнато двапати — еднаш како Гуленци (Goulentzi), село во Леринската каза со 27 домаќинства сочинети од 82 Роми и вторпат како Гулинци (Goulintzi), село во Џумалиската каза со 110 домаќинства сочинети од 55 муслимани и 350 Македонци.[7][8]

Според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во Гулинци во 1900 г. живееле 20 Турци и 150 Роми.[9]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Гуленци е мешано село со Македонци, Власи, Албанци и Турци во Леринската каза на Битолскиот санџак, вкупно 39 куќи.[10]

По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во селото живееле и 16 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија и 18 Албанци христијани.[11]

Боривое Милоевиќ („Јужна Македонија“) вели дека Ѓулинци (Гjулинци) пред Балканските војни се состоело од 15 куќи на Турци.[12] За време на неговата посета во 1917 или 1918 г. во селото останала само една македонска куќа, но сепак сè уште постоела црквата, христијанските гробишта, две свети води и темели од претходни македонски куќи.[4]

Во Грција

[уреди | уреди извор]

За време на Балканските војни селото е окупирано од грчка војска и во 1913 г. согласно Букурешкиот договор влегло во состав на Грција. Таа година населението броело 97 жители кои во 1920 г. се накачиле на 129.[13] Во 1924 г. по сила на Лозанскиот договор муслиманското население на Гулинци е иселено во Турција, а на негово место се доведени Грци од Кавказ. Во 1928 г. тоа станало чисто дојденско село со 28 семејства сочинети од 91 лице.[14] Во 1926 г. селото е преименувано во Родонас.[15]

Во селото се одгледува жито и овошје, а сточарството слабо развиено поради ограничените пасишта.[13]

Месности во Гулинци преименувани со службен указ на 28 септември 1968 г.
Име Грчки Ново име Грчки Опис
Брамос Μπράμος Лохагу Коскина Λοχαγού Κοσκινά[16]

Население

[уреди | уреди извор]

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011 2021
Население 283 220 240 180 172 252 107 93
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
  1. „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. „Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας“. Πανδέκτης: Name Changes of Settlements in Greece. Посетено на 12 април 2021.
  3. Турски извори за българската история, т. VII, София 1986, с. 333
  4. 4,0 4,1 Милојевић, Боривоје Ж (1921). Јужна Македонија (PDF). Насеља српских земаља. стр. 12.
  5. Нарекувајќи го „бугарско“ под влијание на бугарската пропаганда.
  6. Очеркъ путешествія по Европейской Турціи (съ картою окресностей охридскаго и преспанскаго озеръ) Виктора Григоровича (PDF) (Изданіе второе. изд.). Москва: Типографія М. Н. Лаврова и Ко. 1877. стр. 92.
  7. Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  8. Македония и Одринско : Статистика на населението от 1873 г. София: Македонски научен институт – София, Македонска библиотека № 33. 1995. стр. 84-85 и 96-97. ISBN 954-8187-21-3.
  9. Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 250. ISBN 954430424X.
  10. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 28.
  11. Brancoff, D. M (1905). La Macédoine et sa Population Chrétienne : Avec deux cartes etnographiques (PDF). Paris: Librarie Plon, Plon-Nourrit et Cie, Imprimeurs-Éditeurs. стр. 176–177.
  12. Милојевић, Боривоје Ж (1921). Јужна Македонија (PDF). Насеља српских земаља. стр. 22.
  13. 13,0 13,1 Симовски, Тодор Христов (1998). Населените места во Егеjска Македониjа (PDF). II дел. Скопjе: Здружение на децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија, Печатница „Гоце Делчев“. стр. 149. ISBN 9989-9819-6-5.
  14. Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928, Архивирано од изворникот на 30 јуни 2012, Посетено на 30 јуни 2012
  15. Δημήτρης Λιθοξόου. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 - 1971, Архивирано од изворникот на 30 јуни 2012, Посетено на 30 јуни 2012
  16. „Β. Διάταγμα ΥΠ' Αριθ. 648. Περὶ μετονομασίας συνοικισμὤν, κοινοτήτων καὶ θέσεων“ (PDF). Εφημερίς της Κυβερνήσεως του Βασιλείου της Ελλάδος. Εν Αθήναις: Ἐκ τοῦ Εθνικού Τυπογραφείου. Τεύχος Πρώτον (Αριθμός Φύλλου 208): 1781. 1968. Занемарен непознатиот параметар |month= (help)