Прејди на содржината

Андријана Јаневска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Андријана Јаневска
Родено имеАндријана Јаневска
Роден(а)6 декември 1981(1981-12-06)(42 г.)
Скопје, Република Македонија
ПотеклоРепублика Македонија
Жанровипоп, етно, класика
Занимањапејачка, виолинистка, текстописец, композиторка
Период на активност1998–сè до денес
Мреж. местоhttp://www.andrijana.com.mk

Андријана Јаневска (родена на 6 декември 1981 во Скопје) - позната македонска пејачка и музичарка.[1]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Андријана Јаневска е родена во Скопје, каде моментално живее и работи[2]. Таа е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Редовно е вработена во Македонската опера и балет, како прва виолина. Освен виолина, свири пијано, гитара и бас гитара, а првата композиција ја има напишано на 11 години[2]. Музичката наобразба ја започнува во нижото музичко училиште на 6 годишна возраст - отсек виолина. Завршува средно музичко училиште во Скопје, отсек виолина и во 2004 година дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје на Вокално-инструметалниот оддел, отсек виолина. Во 2011 година магистрира на одделот Музичка теорија и педагогија, отсек Методика на музичка настава[2]. Во 2023 година докторира на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје и се стекнува со звањето доктор на науки. Неколку пати била прогласувана за најдобра пејачка во Македонија, а во јули 2023 година беше прогласена за најдобра пејачка на светот на натпреварот во САД организиран од ЗАДА рекордс.  

За време на средното музичко образование посетува дополнителна настава по диригирање и композиција, и активно учествува на семинари по виолина кај виолинистите Марина Јашвили и Благоја Димчевски.

Дебитира на Скопје Фест 1998. Повторно настапува на Скопскиот фестивал 2000 година каде го лансира мега хитот „Твоето писмо, моја Библија“. За време на летото, 2000 година, настапува низ повеќе градови во Австралија[2]. Во март 2001 година на Скопскиот фестивал освојува гранд при награда со песната Носталгија[2]. Во јули 2001 го промовира првиот солистички албум „Моја Библија“ кој содржи 12 песни[2]. Во 2002 година, повторно се натпреварува на изборот за песна на Евровизија, каде со песната „О Шери, мон Шери“ го освојува второто место[2]. Во јуни 2006 година, го лансира реге хитот „Ден“, а во август истата година настапува на Охрид фест со песната „Сонце“[2]. За време на фестивалот го промовира вториот солистички албум „Ден“[2]. Десетгодишнината од нејзината кариера ја заокружува со песната „Зрно“, дело на Драган Гиновски - Гино[2]. Во март 2008 го издава најновото ЦД со 15 традиционални македонски песни, а како продуцент се јавува Димитар Димовски - Мите[2]. Веќе следната 2009 година излегува и продолженитето на цедето со традиционални македонски песни, овојпат насловено како „Приказна за едно моме“, повторно продуцирано од Мите Димовски[2]. Следната година во соработка со МЕД Македонија, го издава христијанското цеде со детски божиќни песни „Ѕвездичка мала“[2]. Во 2011 година, во соработка со Тања Веда го издава детското цеде „Кога си среќен“ кое содржи 15 песни од англиско говорно подрачје, препеани на македонски јазик[2]. Во 2012 настапува на Скопскиот фестивал, каде што ја исполнува композицијата „Можеби“ на која се потпишува како автор на музиката, текстот и аранжманот[2]. Во 2015, повторно во соработка со Тања Веда го издава цедето „Заспивалки “ кое содржи 10 приспивни песни и 10 приказни за деца, како и илустрирана книга. Во 2017 го издава цедето со традиционални детски песни „Слушни, пеј, играј“ кое содржи 15 песни, заедно со илустриран прирачник, во соработка со Тања Веда. Автор е на „Бог и јас“ - циклус соло песни за мецосопран, виолина, пијано и гитара чија премиера се одржа во Њујорк, во август 2017 година. Има напишано аранжмани за биг бенд, ревиски и симфониски оркестри. Автор е на музиката за австрискиот краткометражен филм „Hyro“, во соработка со Хрватскиот национален балет.

Во својата богата концертна кариера, настапувала во сите градови низ Македонија. Во странство концертирала во Хрватска, Словенија, Полска, Словачка, Грција, Бугарија, Црна Гора, Кипар, Србија, Португалија, Германија, Франција, Шпанија, Италија, Шведска, Швајцарија, Летонија, Австралија, Канада и САД. Повеќепати настапувала како солист во придружба на Македонската Филхармонија и оркестарот на МОБ. Има одржано голем солистички концерт во придружба на симфонискиот оркестар во МОБ на 12 јануари 2017 година, како и повеќе солистички концерти низ Македонија, во придружба на камерни оркестри и поголеми бендови, од кои позначајни се концертот на фестивалот Охридско Лето (Антички театар, Охрид) и отворање на Битолско културно лето (Хераклеа, Битола). Во 2014 година во МОБ ја игра главната улога (Пенелопе) во првиот мјузикл во Македонија „Пенелопе Х“.

Работела како наставник по музика на Факултетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк, наставник по музика во гимназијата Алгоритам, наставник по виолина во музичкото училиште во Куманово и како наставник по солфеж, теорија на музика, естрадно пеење и пијано во музичкото училиште „Ентерпрајз“. Неколку години е главен музички ментор на македонските претставници на детскиот Евросонг. Работи и како надворешен стручен музички соработник во списанијата за деца Росица и Смешко. Секоја година е редовен гостин-предавач во институции од јавен интерес, културно-информативни центри, градинки, основни и средни училишта. Од 1999 година членува во женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска. Од 2002 година работи во Македонската опера и балет како прва виолина. Сопственик е на музичкото студио „Гиновски“ каде работи како композитор, пејач, виолинист, аранжер, пијанист и продуцент на домашни и странски изданија (песни, реклами и видео игри). Сопственик е на приватното музичко училиште Andrijana Janevska School of Music каде во моментов се образуваат над 100 ученици по предметите солфеж, виолина, пијано и соло пеење - популарни жанрови.  

Била придружен вокал на многу уметници, меѓу кои и на Влатко Стефановски, Џибони и Бајага. Има напишано многу композиции и аранжмани за биг-бенд во доменот на популарната музика, а се јавува и како текстописец на многу популарни песни. Од 1988 до 1996 година членува во детскиот хор за духовна музика „Пиколо“. Повеќепати била член во жири комисии на државни и меѓународни натпревари по музика и уметност (член на национална жири-комисија за Евровизија, член на комисија за мјузиклот Тајно моја, член на комисија за избор на најталентиран ученик во Општина Карпош, член на меѓународна жири-комисија на арт фестивалите Езерски бисери и Дојрана и др.). Има издадено две детски книги од стручна област: „Заспивалки“, издавач Едука Мак 2015 и „Слушни, пеј, играј“, издавач Просветно Дело 2017. Многупати учествувала на научни конференции во Македонија а презентирала и во Рим - Италија и Москва - Русија.

Во 2007 година во МОБ настапува како виолинист (главна улога) во опера/мјузикл Dorothy.Sconcerto per Oz, а претставата се репризира и во Kampnagel Hamburg, Хамбург - Германија. Како виолинист настапувала и во Осијек - Хрватска, Атина - Грција, Ниш и Белград - Србија, Париз - Франција, Рим - Италија, Њујорк, Њу Џерси, Вашингтон и Лос Анџелес - САД, Мелбурн, Канбера и Сиднеј - Австралија како и во Торонто - Канада. Како концерт-мајстор на камерен состав во МОБ настапува на многу детски претстави низ Македонија.

Во 2020 година ја снима композицијата Together is beautiful на композиторот George Fenton како единствен виолинист од Македонија во светскиот оркестар The Earth Orchestra. Беше снимен и документарен филм во кој беше интервјуирана, а кој се прикажа на познатата телевизија BBC Earth. Истата година ја сними композицијата One Human како единствен интерпретатор од Македонија заедно со 123 уметници од цел свет, за влез во Гинисовата книга на рекорди како песна со најмногу изведувачи.

Најголемо хоби и е шахот, а како портпарол на Шаховската федерација на Македонија издејствува Европскиот шаховски куп да се одржи во Скопје. Освен шахот, вљубеник е во повеќе спортови: пливање, велосипедизам, риболов, планинарење и мотоциклизам. Водител е на серијалот „Посебни приказни со Андријана Јаневска“ каде патува и ја истражува Македонија со својот мотоцикл Honda CBF 600.

Од 2009 година е во брак со Драган Гиновски - Гино, познат македонски гитарист (Архангел). Двојката има два сина, Димитар (2011) и Кристијан (2015). Течно зборува англиски јазик.[2].

  • Моја библија- 2001
  • Ден - 2006
  • Македонски рози (МИТАН етно) - 2008
  • Приказна за едно моме (МИТАН етно) - 2009
  • Ѕвездичка мала (христијански детски песни) - 2010
  • Кога си среќен (детски песни) - 2011
  • Патување на полноќ (МИТАН етно) - 2013
  • Запивалки (детски приспивни песни и приказни) - 2015
  • Слушни, пеј, играј... (традиционални детски песни) - 2017
  • Бог и јас (циклус соло песни за мецо сопран, виолина, пијано и гитара) - 2017
  • ATISARGA (feat Bostjan Leben) - 2019

Синглови

[уреди | уреди извор]
  • Те сакам бескрајно (дует со Пеце Огненов) - 1998
  • Доволно силна - 1998
  • Еден ден - 1999
  • Се што барам ноќва - 1999
  • Не можам да заљубам по тебе - 1999
  • Да сум јузен ветар - 1999
  • Твоето писмо, моја библија - 2000
  • Љубовен ритам - 2000
  • Љубов ти е адреса (дует со Марјан Стојановски) - 2000
  • За тебе - 2000
  • Носталгија - 2001
  • Од овде до вечноста (дует со Благој Нацоски) - 2001
  • Ден по ден (дует со Врчак) - 2001
  • Своја на своето - 2001
  • О Шери, Мон Шери - 2002
  • Остани - 2004
  • За Крај - 2005
  • Дојди Бакни Ме - 2005
  • Ѕвезда Водилка - 2005
  • Ден - 2006
  • Сонце - 2006
  • Епизода - 2007
  • Тивка ноќ (дует со Тања Станковиќ Димовска) - 2007
  • Тивка Ноќ (дует со Ева) - 2007
  • Зрно - 2008
  • Заминувам - 2008
  • Во погрешно време - 2008
  • Дрво без корен - 2009
  • 20 лета Македонијо - 2011
  • Можеби - 2012
  • Животот е убав - 2013
  • Ако ме сакаш - 2013
  • Изгубена (дует со Мугер Фугер) - 2013
  • Што е тоа - 2013
  • Казна - 2014
  • Еден ден (дует со Мијата) - 2014
  • Без милост - 2016
  • Children of the Cosmos - 2017
  • Daj poljubi me - 2019
  • Заветна (дует со Игор Дурловски) - 2019
  • Летај - 2020
  • Take me feat JAWFRĒ - 2021
  • Сети се на Радуша - 2022
  • Kao ti - 2022
  • Ми заплакало селото Ваташа feat Игор Џамбазов - 2023
  • Broken hearted me (ZADA RECORDS) - 2023
  • И без тебе можам (Макфест) - 2023
Спот Година Режисер
Те сакам бескрајно 1998
Да сум јужен ветар 1999
Љубовен ритам 2000
Љубов ти е адреса 2000
Своја на своето 2001 Томато Продукција
Дали има некој што не љубел 2001 МТВ
За крај 2005 Андреј Додов
Сонце 2006 Славиша Киброски
Тивка Ноќ 2007 Томато Продукција
Зрно 2008
Можеби 2012 BMA
Животот е убав 2013 Христијан Тодоров
Казна 2014 Александар Ристовски - ПРИНЦ
Еден ден 2015 Томато Продукција
Песна за Пере Тошев 2015 МТВ
Без милост 2016 Александар Ристовски - ПРИНЦ
Daj poljubi me 2019 Hamar Media, Josip Šuker
Ми заплакало селото Ваташа 2023 Скендеровски Продукција

Награди - класична музика

[уреди | уреди извор]
Награда Категорија Датум
Специјална I награда (максимални 100 бода) солфеж, државен натпревар 05.04.2001
I награда во II категорија клавирско трио, државен натпревар 28.04.1999
II награда во I категорија виолина, државен натпревар 01.04.1993
II награда во III категорија виолина, државен натпревар 05.04.1995
III награда во I категорија виолина, државен натпревар 04.04.1992

Награди - популарна музика

[уреди | уреди извор]
Награда Фестивал/Манифестација Година
Втора награда од жири, награда за најдобра интерпретација и награда за најдобар текст Скопје фест 1999
Награда за најдобар дебитант Макфест 1999
Втора награда од жири Охрид фест 1999
Трета награда од публика и награда за најдобра интерпретација Еврофест 1999
Гран при Макфест 2000
Добитник на наградата „Откритие на годината“ Откритие на годината 2000
Втора награда од публика Еврофест 2000
Награда за најдобра пејачка на годината 12 величествени 2000
Хит на годината за песната „Твоето писмо моја Библија“ 12 величествени 2000
Најдобра пејачка на годината О каква ноќ 2000
Гран при (прва награда од публика и прва награда од жири) Скопје фест 2001
Втора награда од публика и награда за најдобар сценски настап Макфест 2001
Лице на годината Лице на годината 2001
Трета награда од жири Еврофест 2001
Второ место Избор за песна на Евровизија 2002
Втора награда од жири Охрид фест 2008
Прва награда од жири Охрид фест 2013
Најдобра пејачка на светот Зада рекордс, САД 2023
Пејачка на годината Златна бубамара 2024
  1. „Андријана Јаневска“. web.archive.org. 2012-05-11. Архивирано од изворникот на 2012-05-11. Посетено на 2020-10-05.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 Биографија на Андријана Јаневска

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]