Барска кокошка
Барска кокошка | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Класа: | Птици |
Ред: | Жеравовидни |
Семејство: | Блатни кокошки |
Род: | Блатни кокошки |
Вид: | Барска кокошка |
Научен назив | |
Rallus aquaticus Linnaeus, 1758 |
Барската кокошка (науч. Rallus aquaticus) е крајбрежна птица од семејството блатни кокошки (Rallidae), која се размножува во бујни, растителни, влажни предели низ Европа, Азија и северна Африка. Таа е птица преселница од северните области, но во појужните и умерени е постојан жител преку целата година. Ја има и во Македонија.
Таксономија и систематизација
[уреди | уреди извор]семејството на блатните кокошки се состои од речиси 150 видови. Иако потеклото на групата се изгубило во античко време, најголем број видови и најпримитивни форми се среќаваат во Стариот Свет, што укажува дека ова семејство потекнува таму. Сепак, родот Rallus (блатни кокошки), групата долгоклуни птици од трските, на кои припаѓа и оваа птица, се појавила и во Новиот Свет. Најверојатно, еволуирале од една инвазија преку Атлантикот.[2] Барската кокошка прв ја опишал Карл Лине во неговата Systema Naturae, 1758 под сегашното научно име Rallus aquaticus.[3]
Има три појасно дефинирани подвида на оваа птица.[4]
- R.a.aquaticus (Linnaeus, 1758), номинираниот подвид, кој е распространет во Европа, северна Африка, Турција, западна Азија до Касписко Море;[4]
- R.a.hibernans (Salomonsen, 1931), исландската раса, која има малку потопли кафеави горни делови, а линиите на слабините се темнокафеави, а не црни; клунот е малку пократок, а сивото во долните делови може да има кафеавкава нијанса;[4]
- R.a.korejewi (Zarudny, 1905) (вклучувајќи ги и несигурните форми deserticolor, tsaidamensis и arjanicus), распространет во јужна Средна Азија, од Иран до западна Кина и Индија. Малку е поголем од номинираниот вид и со посветло перје и одозгора и одоздола. Има слаба кафеава линија преку очите.[4][5]
Опис
[уреди | уреди извор]Барската кокошка е средно голема блатна птица, со должина од 23 до 28 см, со распон на крилјата од 38 до 45 см. Мажјаците обично тежат од 114 до 164 грама, а женките се малку помали со тежина од 92 до 107 грама.[6] Горните делови од главата до опашката се маслинавокафеави со црни линии, особено на рамењата. Од страните на главата и долните делови кај градите е сивкавосина, освен црнкавиот дел од клунот до очите и кафеавото од страните на градите. Слабините се во црно-бели линии, а под опашката е бела со потемни линии. Долгиот клун и очите се црвени, а нозете се светлокафеави. Половите се исти, со тоа што женките се малку помали имаат потенок клун.[7] Младенчињата имаат црнкава круна и бела брада и грло. Долните делови им се кремави или бели со потемни линии, а слабините се во линии кремаво-кафеави, а не црно-бели. По сезоната на парење, барската кокошка има интезивно митарење и е безлетна околу 3 недели.[1] Огласувањето на оваа птица е слично на гровтање и цвичење како прасе. Ваквите звуци ги испуштаат за означување на територијата, за тревожење и известување. Додворувачаката песна на двата пола е тик-тик-тик, мажјакот со малку понизок тон, а завршува со треперлив звук од женката. Мажјакот може да пее со саати. При лет, испуштаат остар свиреж, често пропратен со гласен повторлив крик од страна на мажјакот кога ѝ го покажува местото за гнездење на женката и гугукање кога се во гнездото со пилињата. Овие птици се најгласни кога го одбираат местото за гнездење и во раната фаза на додворување кога пеењето продолжува длабоко во ноќта.[4]
Живеалиште и поведение
[уреди | уреди извор]Барската кокошка живее на места со постојана влажност, со стоечки или бавно проточни води, висока и бујна растителност, со трски, ириси и слични водни растенија.[4] Живеат и во солените крајбрежни мочуришта. Кога се селат или во зима, користат поразнолики влажни живеалишта, вклучувајќи бари, градини и дупки со ѓубре,па дури и такви што замрзнуваат.[8]
Со своето перје кое се претопува во средината, оваа птица многу тешко може да се забележи. Нејзиното тенко тело ѝ овозможува да се провлекува низ трските, а ако се најде во опасност на отворено, таа се „скаменува“.[9] Оди исправено, но кога е во опасност потклекнува и трча. Плива, кога е неопходно, а кратки растојанија прелетува со нозете испружени надолу. Иако летот ѝ изгледа слаб, таа е способна да прелетува долги преселби, ноќе.[5] Барската кокошка ја брани својата територија, понекогаш заедно, двајцата од парот, напаѓајќи го натрапникот со испружен врат.[4]
Размножување
[уреди | уреди извор]Барската кокошка е моногамна и многу територијална кога се размножува. Паровите се создаваат веднаш штом пристигнат од преселба, па дури и за време на летот. Во поголеми пространства, со добри услови за исхрана, овие птици гнездат на оддалеченост од 20 до 50 м. Територијата варира во големина, но најтипична е од 300 метри. На почетокот парот се додворува и се спојува со повици. Мажјакот го избира местото за гнездење и ѝ го покажува на женката, со накострешен грб, кренати крилја, испрчена опашка и клун насочен вертикално надолу. Ова додворување е придружено со гласни повици. Пред спарувањето, мажјакот ги крева своите крилја и опашка, и со својот клун си ги допира градите. Мажјаците ги хранат женките за време на додворувањето, а за време на инкубацијата, женката може да се тргне од гнездото за да кружи околу мажјакот, нежно да го повикува, да го трие нејзиниот од неговиот клун и да трчка од и кон него.[4]
Гнездото е направено од растителноста која е достапна, обично од страна на мажјакот, за еден ден. Кренато е на 15 или малку повеќе сантиметри од нивото на мочуриштето, понекогаш конструирано на купче корења или слична поддршка. Може да се постави и повисоко ако водата знае да го крене своето ниво. Гнездото е околу 15 см во пречник и 7 см високо. Добро е скриено, со тесен приод.[4][9][10]
Обично несат 6-11 јајца.[4] Јајцата се од валкано бели до розовокремави, со црвенокафеави дамки од страните.[10] Обата родитела ги квачат, но женката малку повеќе. Инкубацијата трае 19-22 дена. Храната ја носи родителот кој не инкубира во моментот. Пилињата по два дена можат да го напуштаат гнездото, но родителите сè уште ги хранат. По пет дена тие и самите си наоѓаат храна.[4] Стануваат независни по 20-30 дена, а може да летаат по 7-9 недели.[4] Ако гнездото биде откриено, женката е во состојба да ги пренесува јајцата или пилињата едно по едно на друга локација. Јајцата ги пренесува во клунот, а пилињата под крило.[9] Овие птици стануваат сексуално зрели на 1 година, а обично имаат по 2 легла годишно. Најголема регистрирана возраст за оваа птица е 8 години и 10 месеци.
Исхрана
[уреди | уреди извор]Барските кокошки се сештојади, иако тие главно се хранат со животни, како на пример, со пијавици, црви, полжави, мали ракови, пајаци, како и широк спектар на копнени и водни инсекти и нивните ларви. Исто така, јаде мали ’рбетници, како што се водоземци, риби, птици и цицачи, кои ги убиваат или ги јадат како мрши. ’Рбетниците ги убива со удар на клунот кој го крши ’рбетниот мозок на пленот. Растителната храна, која ја конзумира повеќе во есен и зима, вклучува пупки, семиња, цвеќиња, плодови и овошје.[4]
Статус
[уреди | уреди извор]Бројот на барските кокошки опаѓа, но сепак има голема популација од 100.000 до 1.000.000 возрасни, како и голема распространетост на 15.600.000 км2. Затоа спаѓаат во категоријата на најмала загриженост. Луѓето со илјадници години ги јаделе барските кокошки,[11] ги јаделе Римјаните,[12][13] ги има на фреските во Помпеја,[14] каде консумацијата продолжила од средниот век до ден денешен.[15] Како и да е, заради животната средина и нејзината прикриеност, ловот е отежнат, и не претставува сериозна закана за овој вид.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 BirdLife International (2012). „Rallus aquaticus“. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
- ↑ Taylor & van Perlo (2000) p. 29
- ↑ Linnaeus, C (1758). Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata (латински). Holmiae:Laurentii Salvii. стр. 153.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 Taylor & van Perlo (2000) pp. 293–299
- ↑ 5,0 5,1 Ali, Salim; Ripley, S Dillon (1980). Handbook of the Birds of India and Pakistan: Volume 2: Megapodes to Crab Plover (2. изд.). New Delhi: OUP India. стр. 149–151. ISBN 0-19-565935-X.
- ↑ CRC Handbook of Avian Body Masses by John B. Dunning Jr. (Editor). CRC Press (1992), ISBN 978-0-8493-4258-5.
- ↑ Грешка во Lua: bad argument #1 to 'match' (string expected, got nil)
- ↑ Mullarney, Killian; Svensson, Lars; Zetterstrom, Dan; Grant, Peter (1999). Collins Bird Guide. London: Collins. стр. 124. ISBN 0-00-219728-6.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ 9,0 9,1 9,2 Coward (1930) pp. 319–321
- ↑ 10,0 10,1 Seebohm, Henry (1896). Coloured Figures of the Eggs of British Birds. Sheffield: Pawlson & Brailsford. стр. 86.
- ↑ Boev, Zlatovar (2006) "Gamefowl in Bulgaria over the last 8,000 years" pp. 398–389 in Botev, Nicola (ed) (1996). Proceedings of the 22nd Congress of the International Union of Game Biologists 1995: The game and the man. Sofia: Pensoft Publishers. ISBN 954-642-013-1.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
- ↑ Allason-Jones, Lindsay (2005). Women in Roman Britain. York: Council for British Archaeology. стр. 103. ISBN 1-902771-43-5.
- ↑ Grimm, Jessica M (2010) "A bird for all occasions. The use of birds at the Romano-British sanctuary of Springhead, Kent, UK" pp. 187–195 in Prummel, W; Zeiler, J T; Brinkhuizen, D C (2010). Birds in Archaeology: Proceedings of the 6th Meeting of the ICAZ Bird Working Group in Groningen 23.8-27.8.2008. Groningen Archaeological Studies, 12. Eelde: Barkhuis. ISBN 978-90-77922-77-4. Text " 2010 " ignored (help)CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Watson, George E (2002) "Birds: evidence from wall paintings sculpture, skeletal remains, and ancient authors" pp. 360,394 in Jashemski, Wilhelmina Mary Feemster; Meyer, Frederick Gustav (2002). The natural history of Pompeii. Cambridge: Cambridge University Press. ISBN 0-521-80054-4.
- ↑ Serjeantson, Dale 2006) "The consumption and supply of birds in Late Medieval England pp. 131–147 in Woolgar, C M; Serjeantson, Dale; Waldron, Tony (2006). Food in medieval England: diet and nutrition. Oxford: OUP. ISBN 0-19-927349-9.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
Литература
[уреди | уреди извор]- Coward, Thomas Alfred (1930). The Birds of the British Isles and their eggs (two volumes). London: Frederick Warne.
- Edwards, Christopher R W; Bouchier, Ian A D (editors) (1991). Davidson's Principles and Practice of Medicine (16 ed.). Edinburgh: Churchill Livingstone. ISBN 0-443-04092-3.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
- Taylor, Barry; van Perlo, Berl (2000). Rails. Robertsbridge, Sussex: Pica. ISBN 1-873403-59-3.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Барска кокошка“ на Ризницата ? |