Витомир Митевски
Витомир Митевски | ||
Роден | 14 октомври 1951 Куманово, Македонија | |
---|---|---|
Националност | Македонец | |
Занимање | филозоф и драматург |
Витомир Митевски (роден на 14 октомври 1951 година во Куманово) — македонски филозоф и професор од областа на класичната антика, драматург и член на МАНУ.
Образование и работен век
[уреди | уреди извор]Во родниот град завршил основно образование и гимназија, а во 1975 година дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје, а во 1985 година на истиот факултет дипломирал на класични студии. Постдипломски студии завршил на Филозофкиот факултет во Белград (1983) на тема Ниче и грчка антика, а докторската дисертација на тема Поезијата на Прличев и Хомер ја одбранил во 1990 година на Филозофскиот факултет во Скопје. Неговиот прв работен ангажман бил професор по филозофија во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје (1976–1977), потоа работел како драматург во Драмскиот театар во Скопје (1977–1980). Од 1986 година работи на Филозофскиот факултет во Скопје – при Институтот за класични студии, прво како асистент држел вежби по старогрчки јазик (1986–1990), потоа како доцент (1990–1995), вонреден професор (1995–2000) и редовен професор држи предавања и вежби по античка литература (античка епика, филозофија и историографија) и по византиска литература. На општествен план бил ангажиран како секретар на Сојузот на друштвата за антички студии на Југославија (1986–1990) и бил и претседател на Друштвото за класични студии Жива Антика од 2002 година. Бил коорганизатор на повеќе домашни меѓународни научни собири: Научниот собир на Сојузот на друштвата за антички студии на Југославија (1989 година), Меѓународната конференција Antiquitas viva одржана во Охрид (2000 година), Меѓународниот научен собир Класика – Балканистика – Палеославистика (МАНУ, Скопје, 2005). Основачки уредник бил на списанието Театарски гласник (Скопје, 1977–1980), а одговорен уредник е на меѓународното научно списание за класични студии Жива Антика (Скопје) почнувајќи од 1991 година.
Научна дејност
[уреди | уреди извор]Академик Витомир Митевски е преведувач од класичните јазици (Хесиод, Хераклит, претсократовци, Платон, Аристотел, Епиктет) кој се залага за поголемо присуство на словенската филозофска терминологија во преводите на македонски јазик. Во авторските дела од областа на филозофијата, негов основен филозофски став е дека античката култура и филозофија имаат клучно значење за разбирањето на човекот и неговата состојба во светот. Посебно се посветил на темите: Хераклит, претсократовска филозофија, Платоновото учење за душата, духовниот живот во антиката и раното средновековие. Истражува и од областа на античката и јужнословенската (посебно македонската) епска поезија. Посебна тема на научен интерес му е македонската филозофска терминологија во контекстот на кирилометодиевската традиција. Остварил студиски патувања во Париз, Франција (1980 и 1986) и во Коломбо, Шри Ланка (1995). За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите на 27 мај 2009 година.
Библиографија
[уреди | уреди извор]- Хомер и Прличев (Ѓурѓа, 1995)
- Хераклит (Матица македонска, 1997)
- Нега на душата (Матица македонска, 2000)
- Античка епика: Хелада и Рим (Матица македонска, 2001)
- Платоновото учење за душата (Матица македонска, 2005)
- Почетоци на западната философија: претсократовци (Матица македонска, 2006)
- Платон: античка философија (Матица македонска, Филозофски факултет, 2007)
- Хеленизам и Рим: античка философија (Матица македонска, 2007)
- Аристотел: античка философија (Матица македонска, 2008)
- Сократ: античка философија (Матица македонска, 2008)
- Епски теми: античката и македонската епска поезија (Матица македонска, 2008)
- Доцна антика: античка философија (Матица македонска, 2010)
- Античка философија и Византија (Матица македонска, 2011)
- Душата и духовниот живот во антиката и раното средновековие (Матица македонска, 2012)
- Философијата и средновековието на Запад (Матица македонска, 2020)
- Античката философија и западното нововековие (Матица македонска, 2020)