Петре М. Андреевски
Петре М. Андреевски | |
---|---|
Роден/а | 25 јуни 1934 Слоештица, Демирхисарско, Кралство Југославија (денес Македонија) |
Починат/а | 25 септември 2006 Скопје, Македонија | (возр. 72)
Занимање | поет, романописец, раскажувач и драмски автор, академик |
Националност | Македонец |
Период | Трета генерација повоени македонски писатели |
Значајни дела | Пиреј, Дениција |
Деца | Сергеј Андреевски |
Петре Мито Андреевски (Слоештица, Демирхисарско, 25 јуни 1934 — Скопје, 25 септември 2006), попознат како Петре М. Андреевски— македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор. Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања. Во мај 2000 година бил избран за редовен член на МАНУ.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Петре М. Андреевски е роден во демирхисарското село Слоештица, во 1934 година. Основно образование завршил во родното село, гимназија во Битола, а студирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата по југословенска книжевност.[2][3] Работел во Македонската телевизија, а бил и уредник на списанието „Разгледи“. Андреевски бил член на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонскиот ПЕН центари на Друштвото на писателите на Македонија (од 1964 година, a во 1983 година бил и негов претседател)[4]. Петре М. Андреевски почина на 25 септември 2006 година во Скопје. По неговата смрт, на 9 октомври 2007 година, Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, посмртно му доделил Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.
Во 2022 година, во родното село Слоештица, е отворена Спомен-соба во чест на Петре М. Андреевски.
Книжевно творештво
[уреди | уреди извор]Творештвото на Андреевски е разновидно и опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски итн. Во два наврати (1984 и 2002 година) биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома, соодветно.[2]
Стихозбирки:
- Јазли (1960)
- И на небо и на земја (1962)
- Дениција (1968)
- Дални наковални (1971)
- Пофалби и поплаки (1975)
- Вечна куќа (1987)
- Лакримариј (1999)
Збирки раскази:
- Седмиот ден (1964)
- Неверни години (1974)
- Сите лица на смртта (1994)
- Боеми (посмртно)
Романи:
- Пиреј (1980)
- Скакулци (1983)
- Небеска Тимјановна (1988)
- Последните селани (1997)
- Тунел (2003)
- Бежанци (посмртно)
Книга со драми (1984), во која влегуваат:
- Време за пеење
- Богунемили
Есеи:
- Сегашно минато време (2006)
Стихозбирки за деца:
- Шарам барам
- Касни - порасни (сликовница)
Интервјуа:
- Тогаш така реков (2006)
Награди
[уреди | уреди извор]Андреевски бил добитник на наградите: „11 Октомври“ (во 1968 година), „Браќа Миладиновци“ (двапати), „Рациново признание“ (двапати) и „Стале Попов“ (двапати).[2][3] Романот “Пиреј“ македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза, а збирката “Дениција“ ја има означено како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.
- 2007 - посмртно одликуван со Орденот за заслуги за Македонија.
Значење и влијание
[уреди | уреди извор]Песната „Дални наковални“ на македонскиот поет Васил Тоциновски е посветена на Петре М. Андреевски.[5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Македонска енциклопедија, том I. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 62. ISBN 978-608-203-023-4.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Петре М. Андреевски, Дениција, Три, Скопје, 2005, стр. 69.
- ↑ 3,0 3,1 „Белешка за авторот“, во: Петре М. Андреевски, Последните селани (второ издание), ЗУМПРЕС, Скопје, 1999, стр. 267.
- ↑ Петре м. Андреевски, Пиреј, Табернакул, Скопје, 2002, стр. 263.
- ↑ Никола Алтиев, „Поезија со докажани вредности“, Современост, број 3, 2023, стр. 113.
Поврзано
[уреди | уреди извор]
|
|
- Родени во 1934 година
- Починати во Скопје
- Починати во 2006 година
- Петре М. Андреевски
- Луѓе од Демир Хисар
- Добитници на наградата „11 Октомври“
- Добитници на наградата „Браќа Миладиновци“
- Носители на Орденот за заслуги за Македонија
- Македонски академици
- Академици на МАНУ
- Апсолвенти на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“