Прејди на содржината

Заштита на Старата скопска чаршија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Заштитата на Старата скопска чаршија ги опфаќа сите заштитни мерки и програми коишто се спроведуваат за одржување, заштита и ревитализација на нејзиниот простор и објектите коишто се наоѓаат или се наоѓале во нејзините историски граници. На територијата на чаршијата се сместени 25 објекти со статус на заштитено културно добро како споменици на културата, чијшто статус бил доделен во периодот од 1950 до 1967 година. Со донесувањето на Законот за Старата скопска чаршија од 2008 година и самата Стара скопска чаршија била прогласена за културно наследство од особено значење и оттогаш е под трајна заштита на државата.[1]

Мерки за заштита на занаетчиството во XIX век

[уреди | уреди извор]

На почетокот од 19. век, Отоманското Царство се наоѓала во тешка економска положба, којашто го поттикнала спроведувањето на низа мерки за надминување на тешкотиите. Ваквата положба најмногу се одразувала со намаленаиот интензитет на трговијата и занаетчиството во најзначајните градови во државата. Така, државата била принудена да донесе законски мерки со коишто би бил поттикнат развојот на занаетчиството во Скопје, а со тоа и на просторот на Старата скопска чаршија. Со мерките се предвидувала законска заштита на занаетчиите и правата со коишто тие располагале.[2]

Ефектите од спроведувањето на законските мерки дала позитивни резултати и придонела кон заживување на занаетчиството и трговскиот живот во чаршијата. Главна улога во развојот и ревитализацијата на чаршијата имале токму занаетчиите и трговците, кои ја помогнале изградбата на црквите „Св. Спас“ и „Св. Димитрија“. Еврејското населено успеало да ја обнови синагога Бет Јаков. Постигнатиот напредок придонел и кон изградбата на поголеми дуќани со елементи од барокната и неокласичната архитектура, со што започнал да се менува и архитектонскиот изглед со ориентални елементи во чаршијата.[2]

Доделување на статусот на заштитено културно добро

[уреди | уреди извор]

По штетите во чаршијата предизвикани во Втората светска војна дошло до нејзина ревитализација и обновување на објектите. Одредени активности биле започнати и од страна на Заводот за заштита на спомениците на културата, коишто имале за цел извршување на систематско проучување на чаршијата, со цел да се изнајдат најсоодветни решенија за нејзино зачувување.[3] Со тоа, во периодот од 1950 до 1967 година биле издадени решенија за доделување на статусот на заштитено културно добро на 25 објекти во чаршијата, наведени во списокот во продолжение:

Бр. Објект Слика Датум на прогласување Забелешка
1 Иса-бегова џамија
27 јули 1950
2 Исхак-бегова џамија
27 јули 1950
3 Мустафа-пашина џамија
27 јули 1950
4 Саат-кула
27 јули 1950
5 Црква „Св. Спас“
27 јули 1950
6 Даут-пашин амам
10 март 1952
7 Камен мост
10 март 1952
8 Куршумли ан
10 март 1952
9 Тврдина Кале
10 март 1952
10 Турбе на Исхак-бег 13 јануари 1953 Турбето е само делумно сочувано.
11 Турбе на Јигит-паша 13 јануари 1953 Турбето е срушено и повеќе не постои, а сочувани се само остатоци од гробот.
12 Султан-муратова џамија
10 февруари 1953
13 Ѓулчилер амам
2 јули 1954 Објектот е срушен и повеќе не постои, а сочувани се само остатоци од него.
14 Стара нова бања 2 јули 1954 Објектот е срушен и повеќе не постои, а сочувани се само остатоци од него.
15 Сули ан
10 август 1957
16 Чифте амам
10 август 1957
17 Црква „Св. Димитрија“
10 декември 1963
18 Џамија Дуќанџик
10 декември 1963
19 Капан ан
10 декември 1963
20 Мурат-пашина џамија
10 декември 1963
21 Џамија Худаверди 10 декември 1963
22 Безистен
10 август 1967
23 Вилаетски конак „Уќумат“
13 ноември 1967
24 Стара турска пошта
13 ноември 1967
25 Џамија Хаџи Балабан
18 ноември 1967

Закон за Старата скопска чаршија

[уреди | уреди извор]

На 13 октомври 2008 година, Собранието на Република Македонија донесе закон за Старата скопска чаршија, која беше прогласена за културно наследство од особено значење, со што е ставена под трајна заштита на државата.[1] Со усвојвуањето на овој закон се овозможува трајно зачувување на вредностите и автентичноста на чаршијата, создавање на поволни услови за опстанок и задржување на интегритетот на сите податоци, ширење на сознанијата за нејзините вредности, нејзино оспособување да им служи на културните, образовните, научните и други потреби на граѓаните, како и спречување на дејствија со кои може да настане оштетување или деграадирање. Во него, исто така, детално се опишани границите на чаршијата, а определени се и три контактни зони на нејзиниот простор. Се наведува и дека во Старата скопска чаршија не смее да се менува постојната урбана структура, да се градат или внесуваат индустриски капацитети шро придонесуваат за разни форми на загадување, да се подигаат меморијални споменици и спомен-обележја коишто не се поврзани со настанокот и развитокот на чаршијата и да се врши ископ на темели или подруми и да се изведува каков било друг вид на градежни работи без претходно спроведување на заштитни археолошки истражувања. Законот содржи и програма за ревитализација на чаршијата, која е пропишана со времетраење од 5 години.[4]

Во ноември 2010, беа најавувани измени на Законот поради фактот што чаршијата е сместена на границата меѓу општините Центар и Чаир. Во таа прилика, министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа Милевска, изјави дека сите аспекти поврзани со заштитата на чаршијата интегрално ќе бидат разработени во посебен Детален урбанистички план.[5]

Проект за собирање податоци

[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 2008 беше претставен проектот за собирање податоци за секој објект во чаршијата. Со него беа опфатени околу 600 објекти, а првата фаза се состеше во издавање на лична карта за секој поединечен објект. Крајна цел на проектот беше обезбедување документација со опсежни податоци и нејзино вклучување во Деталниот урбанистички план за Чаршијата, но и утврдување на мерки за обновување на објектите на нејзиниот простор.[6]

Програма за ревитализација

[уреди | уреди извор]

Програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија започна да се спроведува во февруари 2010 година и се очекува да заврши во 2015 година. Со неа се предвидува обновување на фасадите на старите куќи, поддршка на занаетите во чаршијата и постигнување економски развој, организирање на туристички прошетки, организирање на изложби, концерти и други културни настани и донесување на одредби за заштита на градбите и задржување на автентичноста.[7] За извршувањето на програмата одговорна е Владата на Република Македонија, која раководи со помош на шест надлежни министерства.[8]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 Скопската чаршија доби заслужена заштита Архивирано на 2 февруари 2014 г., Вечер, 15 октомври 2008.
  2. 2,0 2,1 Старата скопска чаршија во XIX век[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  3. Старата чаршија од ослободувањето до катастрофалниот земјотрес во 1963 година[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
  4. Закон за прогласувње на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење, Службен весник на РМ, бр. 130 од 15.10.2008 година.
  5. Посебен ДУП за Старата чаршија[мртва врска], Нова Македонија, 2 ноември 2010.
  6. Секој објект во Чаршијата со лична карта[мртва врска], Вечер, 20 декември 2008.
  7. Почнува ревитализацијата на скопската чаршија Архивирано на 4 март 2010 г., Дневник, 17 февруари 2010.
  8. Програма за ревитализација на Старата скопска чаршија - Институции Архивирано на 15 март 2012 г., официјално мрежно место на програмата.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]