Локвени
Локвени | |
Поглед на селото | |
Координати 41°23′55″N 21°18′26″E / 41.39861° СГШ; 21.30722° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Долнени |
Население | 144 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7524 |
Повик. бр. | 048 |
Шифра на КО | 16014 |
Надм. вис. | 625 м |
Слава | Духовден |
Локвени на општинската карта Атарот на Локвени во рамките на општината | |
Локвени на Ризницата |
Локвени — село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во нискиот дел на територијата на Општина Долнени.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 625 метри. Од градот Крушево е оддалечено 14 километри.[2]
Селото се наоѓа помеѓу селата Житоше (Горно и Долно) на север, Норово на северозапад и Подвис на југоисток. Куќите во најголемиот дел се на самото подножје на гребенот Корија. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари, кои ги имало во секој двор. Надвор од селото извираат изворите: Арамиска Чешма, Глава и други.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Арамиски Кладенец, Крушевски Пат, Манастир, Присој, Клепало, Иванова Чешма, Бегов Габер, Гладна, Врба, Леништа, Гарван, Блато, Влашко Дабче, Голица, Минојца, Ливади, Слатина, Ветров Даб, Доажда, Ложишта, ’Рвеница и Миов Даб.[3]
Селото има збиен тип, составено од групи на роднински куќи, кои се незначително издвоени.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]На месностите ’Рвеница и Миов Даб, оддалечени 500 метри од селото во насока на полето, мештаните наоѓале ќерамиди, скршени земјени ќупови, мермерни блокови и остатоци на ѕидови. Сепак, мештаните не пренесуваат легенди што имало таму.[3]
Денешното село не е многу старо. Според традицијата, тоа е основано во првата половина на XIX век од страна на родот Бурневци од соседното село Средорек (денес, овој род не постои).[3]
После нив се доселиле и други македонски родови. Кон крајот на турското ропство селото било чифчиско. Последни сопственици на чифлизи биле Селим бег од Прилеп и Јоан Бошњакот, Влав од Крушево. Во минатото во селото постоеле две кули.[3]
Селските гробишта во рамки на црквата „Св. Троица“ биле осквернавени во текот на март 2014 година.[4]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот е мал и зафаќа простор од 5,3 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 364 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 263 хектари, а на пасиштата отпаѓаат само 79 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[2]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Локвени имало 70 жители, сите Македонци христијани.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Локвени имало 48 жители.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Локвени се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 10 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[8]
Локвени е мало село, коешто во 1961 година броело 259 жители, а во 1994 година 191 жител, од кои 35 Македонци, а 156 се изјасниле како останати.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Локвени живееле 178 жители, од кои 28 Македонци, 6 Роми, 143 Бошњаци и 1 останат.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 144 жители, од кои 11 Македонци, 4 Албанци, 3 Турци, 115 Бошњаци и 11 лица без податоци.[10]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Локвени:
Година | Македонци | Албанци | Роми | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | 186 |
1953 | 207 | 0 | 0 | 0 | — | 2 | — | 209 |
1961 | 254 | 0 | — | 1 | — | 4 | — | 259 |
1971 | 223 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | — | 223 |
1981 | 73 | 0 | 0 | 1 | — | 156 | — | 230 |
1991 | 32 | 0 | 5 | 0 | — | 171 | — | 208 |
1994 | 35 | 0 | 0 | 0 | — | 156 | — | 191 |
2002 | 28 | 0 | 6 | 0 | 143 | 1 | — | 178 |
2002 | 11 | 4 | 3 | 0 | 115 | 0 | 11 | 144 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2002), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
[уреди | уреди извор]Локвени е чисто македонско православно село, сите родови во селото се доселенички.[3] По 1980-тите во селото се имаат доселено Бошњаци.
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1952 година родови во селото се: Бојовци (3 к.), доселени се средината на XIX век од соседното сега албанско село Долно Житоше, го знаат следното родословие: Боге (жив на 76 г. во 1951 година) Павле-Бошко кој се доселил, неговиот татко Јовче погребан е во Житоше, кога се иселиле Бојовци од Житоше таму имало околу 70 православни куќи; Ешпетковци (8 к.), доселени се од сега торбешкото село Лажани; Ичкобиловци (3 к.), доселени се од планинското село Бирино во 1911 година, каде биле староседелци; Илиовци (1 к.), доселени се од селото Вранче, таму биле староседелци; Думановци (1 к.), доселени се од селото Турско, и таму биле однекаде доселени; Мартиновци (2 к.), доселени се од Сарандиново, во Сарандиново биле доселени од некое село во Порече; Цуцуловци (1 к.), доселени се од селото Бело Поле, таму имаат роднини, доселени однекаде; Штерјовци (1 к.), доселени се од Крушево; Вељановци (1 к.), доселени се од селото Селце кај Крушево, таму припаѓале на родот Рајковци, кој е доселен од некое место на запад.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Основачите на селото, родот Бурневци денес живеат во соседното село Кореница, а во Локвени дошле од Средорек. Подалечното потекло им е од селото Велмевци, Железник.[3]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Основно училиште „Лирија“, подрачно петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Лирија“ - Житоше
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Локвени било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Долнени, на која ѝ била додадена поранешната Општина Житоше по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Житоше.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крушево.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Кривогаштани, во која покрај селото Локвени, се наоѓале и селата Врбоец, Годивје, Кореница, Кривогаштани, Крушеани, Милошево, Свето Митрани и Подвис. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната Општина Годивје, кога во нејзе се наоѓале селата Годивје, Кореница, Локвени и Подвис.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 1211 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[11]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 208 гласачи.[12] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 218 гласачи.[13]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Кале — кастел и збег од доцноантичкото време;
- ’Рвеница — неопределено наоѓалиште од непознат период; и
- Миов Даб — неопределено наоѓалиште од непознат период.
- Цркви[15]
- Црква „Св. Троица“ — главна селска црква; и
- Црква „Св. Атанасиј“ — главна манастирска црква на Житошкиот манастир.
- Манастири
- Житошки манастир — манастир на соседното Житоше, но сместен во рамки на атарот на Локвени
- Џамии[15]
- Хаџи-јакупова џамија — главна селска џамија.
-
Главната селска црква „Св. Троица“
-
Главната селска џамија
-
Манастирската црква „Св. Атанасиј“
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави[3]
- Духовден — стара селска слава
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 181. Посетено на 29 декември 2021.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ „Уништени крстови на гробиштата во Локвени“. Радио Слободна Европа. Посетено на 2021-12-30.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 245.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 148-149.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 22.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 декември 2021.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 30 декември 2021.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 202. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ 15,0 15,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.