Прејди на содржината

Мак Диздар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мехмедалија Мак Диздар
Роден/а17 октомври 1917
Столац, Босна и Херцеговина
Починат/а14 јули 1971
СФРЈ Сараево, Босна и Херцеговина
Занимањепоет
Биста, Сараево

Мехмедалија „Мак“ Диздар (17 октомври 1917 - 14 јули 1971 во Сараево) — босански поет, еден од најголемите југословенски поети од втората половина на дваесеттиот век.

Диздар завршил основно училиште во својот роден град Столац, а гимназија во Сараево. Во текот на Втората светска војна, тој бил приврзаник на комунистите и на партизаните.

По крајот на војната, Диздар се истакнал како највидна личност во културниот живот во Босна и Херцеговина, работејќи како главен уредник на дневниот весник Oslobođenje, како челник на неколку издавачки куќи и, на крајот, како професионален писател и претседател на Друштвото на писателите на Босна и Херцеговина, сè до неговата смрт во 1971 година.

Творештво

[уреди | уреди извор]

Мак Диздар се јавил во југословенската литература пред Втората светска војна, со збирката младешка социјално-бунтовна поезија „Видовополска ноќ“ од 1936 година. Од денешна перпсектива, може да се рече дека оваа збирка не донела стабилна поезија, туку во неа повеќе е присутно голо сакање отколку полн израз, иако таа се осликувала со свежина на нов глас, со што го навестила раѓањето на идниот поет. Токму оваа потрага по сопствениот поетски идентитет траела и во следните години, проследена со повремено оддалечување од поезијата и со интимни кризи.[1]

Во 1954 година, Диздар ја објавил поемата „Пливачка“ (Пливачица), со која се вратил во областа на поезијата, но таа наишла на млак прием кај критиката и останала полузаборавена. Во неа, авторот ја слави голотијата на женското тело и страста на жената, иако поемата претставува метафора на човековиот стремеж за слобода и среќа. Претходно, одвреме-навреме, Диздра се јавувал со фрагменти од недовршени песни и поети, како и со повремени статии. Во 1958 година следела поемата „Враќање“, а потоа се ределе збирките: „Суровостите на кругот“ (1960), „Колена за Мадона“ (1963) и „Минијатури“ (1965).[2]

Во збирката „Враќање“ Диздар посветува целосно внимание на формата на песната. Таа претставува албум на импресии и слики, а нејзиите основни одлики се нехармоничноста, загадочноста, имагинативноста и енигматичноста. Со „Суровостите на кругот“ (исто толку хетерогена и неусогласена како претходната) Диздар започнал нова етапа во творештвото. „Колена за Мадона“ претставува непосредно продолжение на претходната збирка и во неа за првпат Диздар постигнал полн впечаток, склад на структурата на песната и целовитост на збирката.[3]

Неговото шесто дело, „Минијатури“, Диздар може да се оцени како кратко здивнување и обид да се направи план за доаѓањето на неговото најдобро дело – збирката „Камениот спијач“. Во неа, преземајќи ги формите на старите балади и саги, афористични глоси и повремено на народната песна, Диздар ја опејува старата Босна – историјата на лишување, глад, страдања и пркос. Притоа, само во лексиката, по малку архаична и егзотична, се забележува локалниот колорит, додека сето друго е дадено со општочовечка свест.[4]

Мак Диздар бил еден од најсвоевидните поети во југословенската поезија по Втората светска војна, иако тој не уживал широка популарност кај публиката и кај критиката, што делумно се должело и на неговата творечка тромост, скромност, како и на неговиот непрактичен и непретприемчив карактер. Наспроти триесетгодишната поетска кариера, долго време, творештвото на Диздар било запоставено, а неговиот поетски подем во врвот на југословенската поезија започнал со седмата поетска збирка „Камениот спијач“.[5]

Како поет, Мак Диздар останува запаметен по своите две крунски книги: збирката песни „Камениот спијач“ (Kameni spavač (1966-1971)) и подолгата поема „Модра Река“ (Modra rijeka (1971)). И двете успеваат да достигнат еден величествен претоп на два навидум неспоредливи елементи: инспириран од средновековните надгробни споменици во Босна (stećci или mramorovi) и врежаните афористички записи во кои се зборува за минливоста на животот, тој создава една прекрасно структуирана збирка на блажени стихови натопени во неговата сопствена, интимна, а сепак универзална визија на животот и смртта, извлечена од христијанските и муслиманските гностички сочувствени сфаќања за животот како премин меѓу „гробот и ѕвездите“. Диздаровиот поглед на почетокот и крајот, парадоксално, ги обединува гностичкото ужасување од телесните страсти и чувството на блаженост и хармонија во исконоста на земјата и универзумот.

Со оглед на фактот што Диздар во текот на целиот живот бил посветен комунист и миленик на високите политички кругови, со право би требало да се очекува неговите литературни квалитети да бидат ограничени од страна на доктрината на социјалистичкиот реализам и социјалната поезија, која била фаворизирана во овој период. Сепак, Диздар успеал да создаде уникатен и моќен поетски опус и зад своето име да остави стихови кои и денес се сметаат за врвни дела во повоената југословенска литература. Дури и по распадот на Југославија и падот на комунизмот, Диздаровиот поетски magnum opus останува да биде од подеднаква важност - Модра река и Камениот спијач стануваат камен-темелник во процесот на изградување на модерната босанска литература.

Покрај со поезија, Диздар се занимавал и со новинарство, со проучување на босанското културно наследство (особено, богомилското книжевно наследство), се интересирал за севдалинката и за нејзините сурогати, се занимавал со литературна критика и есеистика и го уредувал и списанието „Живот“.[6]

Во 1969 година, Мак Диздар го добил Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  1. Ристо Трифковиќ, „Мак Диздар или Патот до Камениот спијач“, во: Мак Диздар, Горчин. Скопје: Македонска книга, 1968, стр. 132-133.
  2. Ристо Трифковиќ, „Мак Диздар или Патот до Камениот спијач“, во: Мак Диздар, Горчин. Скопје: Македонска книга, 1968, стр. 133-135.
  3. Ристо Трифковиќ, „Мак Диздар или Патот до Камениот спијач“, во: Мак Диздар, Горчин. Скопје: Македонска книга, 1968, стр. 136-141.
  4. Ристо Трифковиќ, „Мак Диздар или Патот до Камениот спијач“, во: Мак Диздар, Горчин. Скопје: Македонска книга, 1968, стр. 142-145.
  5. Ристо Трифковиќ, „Мак Диздар или Патот до Камениот спијач“, во: Мак Диздар, Горчин. Скопје: Македонска книга, 1968, стр. 131.
  6. Ристо Трифковиќ, „Мак Диздар или Патот до Камениот спијач“, во: Мак Диздар, Горчин. Скопје: Македонска книга, 1968, стр. 134.