Прејди на содржината

Смртта на Смаил-ага Ченгиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Смртта на Смаил-ага Ченгиќ“, Рад, Белград, 1960.

„Смртта на Смаил-ага Ченгиќ“ (хрватски: Smrt Smail-age Čengijića) — поема на Иван Мажураниќ, составена од пет епски песни: „Агување“ (Agovanje), „Ноќен патник“ (Noćnik), „Чета“ (Četa), „Арач“ (Harač) и „Прокоба“ (Kob). Раскажувањето е проткаено со лирски дигресии преку кои Мажураниќ искажал свои мисли и чувства.[1] Предмет на поемата е еден историски настан од животот на Црногорците – убиството на Смаил-ага Ченгиќ во 1840 година, настан за којшто многу пишувале тогашните српски и хрватски новини.[2] Мажураниќ ги прикажал злосторствата и насилствата што ги вршел турскиот поробувач врз рајата и борбата на Црногорците за уништување на тиранијата.[3][4][5]

Во својот илирски и словенски занос, Мажураниќ отстапил од историската вистина, затоа што имал за цел на настанот да му додаде широко значење и во главниот лик не толку да го прикаже вистинскиот Смаил-ага колку во него да претстави тип на тиранин во времето на турското ропство.[6]

Кратка содржина на поемата

[уреди | уреди извор]

Секоја од петте песни во поемата за себе претставува завршена содржинаска целина.

Агување е слика на турската средина во која господари Смаил-ага. Во Столац, тој ги повикува слугите и им наредува да му ги доведат заробените Црногорци во Битката кај реката Морача и старецот Дурак, што ги посоветувал да ги ослободи. Заробениците се доведени и агата ги дарува, им одредува на кој начин ќе умрат – едни со набивање на колец, други со бесење на јаже а трети со сечење на главата со пала (кратка сабја). Црногорците храбро ја поднесуваат маченичката смрт, никој не пушта глас. Младите Турци што го гледале мачењето и умирањето на Црногорците уживале, додека постарите биле преплашени затоа што истото ги чека и нив бидејќи Црногорците ќе им се одмаздат. Храбрата смрт на Црногорците го уплашила и агата и за да го прикрие својот страв почнал да држи беседа дека страшливците треба да бидат казнети наредувајќи да го обесат стариот Дурак, неговиот советник. Тогаш Дураковиот син Новица почнал да го моли Смаил-ага да не го прави тоа, но овој само дал знак и Дурак виснал на бесилката.[7] [8]

Во Ноќен патник Мажураниќ раскажува за Новица, кој решил да му се одмазди на својот свиреп господар. Тој преоблечен во црногорска национална носија се пробива низ Црна Гора со цел да дојде кај владиката, поглаварот на Црногорците. Дење се крие а само ноќе патувал. Загрижен е да не го убијат Црногорците, зошто тогаш нема да може да ја оствари својата цел. Стигнува на Цетиње каде стражата го запира бидејќи им е напознат. Но откако Новица ги кажува јадовите заради кои сака да го види владиката стражата му го зема оружјето и го пушта.[9] [10]

Чета е слика на христијанската црногорска средина. Во Црна Гора тајно се собира одмаздничка чета. Таа е малобројна, одмаздниците се млади луѓе кои не се одбрани ни по убавина ни по богатство туку по срце јуначко. Четата пладнува кај реката Морача. Кај неа доаѓа еден свештеник кој одржува беседа со која ги подига патриотскиот и слободарскиот дух на борците напомнувајќи им – орлите во карпи гнезда прават, слобода зар рамнината дава! И дека љубовта кон слободата ги натерала нивните предедовци да ги напуштат рамнините и да се населат во непристапните карпести предели каде живееле слободно како орли. Тие пак се должни, таа слобода да ја бранат. Во тој момент се појавува Новица, сите се фаќаат за оружјето. Тој им објаснува дека е дојден да им се придружи и како доказ дека навистина не е предавник предлага свештеникот да го покрсти. Овој му ја исполнува желбата и кога паѓа мрак четата се упатува кон својата цел – да го погуби Смаил-ага.[11] [12]

Во Арач е даден судирот меѓу двете средини, турската и христијанската. Смаил-ага дошол на Гацко поле со својата придружба да собира арач. Тој е пред својот шатор и чека да се вратат арачлиите но наместо да го донесат она што го барал тие ја воделе рајата како залог за тоа што не давала арач. Кога ги видел агата се разлутил и со џилитот (вид копје) фрлил да убие еден од селаните. Наместо да го погоди селанецот го погодил својот слуга Сафер и му го истерал окото. Ова уште повеќе го разлутило и наредил да почнат со измачувањето на селаните. Да ги врзат за опашките на коњите и да ги влечат по полето. Слугите ја исполнувале наредбата и кога селаните испопаѓале полумртви почнуваат да ги освестуваат со камшици. А на грозниот викот од агата дека уште ќе ги мачи ако не му дадат арач тие му одговараат – „лебец лебец господару, не сме виделе дамна лебец“! Во одговор на нивната молба агата наредува да продолжат со нови мачења, а тој гневен и огорчен се повелкува во својот шатор. Агата е замислен, во срцето му се зародува страв од неуспехот. За да се успокои му наредува на гусларот Баук да го воспее во песна, да го овековечи. Овој му пее песна за Ризван-ага кого песната го памети како нечовек – „Рѓа беше Ризван-ага силни!“ Смаил-ага се препознава сбеси во песната и уште погневен сака да нареди нови пострашни маки за рајата. Во тој момент напаѓа четата. Ноќта е темна и бурна. Агата сака да го искористи мракот и да побегне но во моментот кога се качува на коњот го убива Мирко. Новица, кој сакал лично да му се одмазди на агата, му ја пресекува главата, а пак еден Турчин го убива него. Почнува да истура дожд а четата се прибира во шаторите на агата на заслужен одмор.[13] [14]

Прокоба е најкусата песна во поемата и претставува една симболична слика. Во неа во вид на прашања и одговори Мажураниќ кажува дека под Ловќен се наоѓа една визба каде има една мало Турче облечено во сјајната облека на Смаил-ага и накитено со неговото позлатено оружје. Ако посетителот што дошол да го види тропне со ногата тоа ќе му се поклони зашто не останало ништо во него од страшниот и силен Смртта на Смаил-ага Ченгиќ. Преку оваа симболична слика, Мажураниќ ја искажал идејата за непостојаноста во животот – „Ништо не е вечно, ни ропство ни тиранијата!“[15] [16]

Критички осврт кон поемата

[уреди | уреди извор]

Ова дело се смета за најдоброто остварување на Мажураниќ, уметничка кулминација на хрватскиот романтизам и еден од врвниет дострели на хрватската книжевност, воопшто. Во него, Мажураниќ го изразил творечкиот потенцијал на мајчиниот јазик,а според Антун Барац, поемата претставува документ за творечката асимилаторска сила на хрватството. Навлегувајќи во најсуштинските прашања на своето време и конципирајќи го делото како синтеза на тогашните судбоносни настани, авторот успеал да ги искаже комплексните проблеми со најобичниз зборови. Значењето на поемата е повеќекратно и тоа не се исцрпува само со актуелноста на темата или само во ингениозното решение на проблемот на изразот и на суштествените карактеристики на еден индивидуален стил, или само во оригиналните воопштувања на главните ликови. Нејзиното значење ги преминува границите и на хрватството и на книжевноста, и токму во тоа е нејзината трајна вредност. Според Барац, значењето на поемата не е само во успешниот израз, туку и во тоа што авторот навлегува во сиет сфери на човековиот живот: во етиката, во умствениот живот, во социјалното и верското чувствување. Убавината на поемата е во тоа што националните и социјалните елементи се слеваат со религиозните симболи и со општочовечките хоризонти. На тој начин, Мажураниќ проговара за вистините на животот, за вчерашниот, за сегашниот и за утрешниот, но во најдлабокото нејзино дно, сепак, тој се изразува самиот себеси. Притоа, прелевањето меѓу личното и општото, меѓу лирското и епското, меѓу интелектуалното и емоционалното, меѓу тендециозното и спонтаното, е знак за препознавање на трајните вредности на ова дело.[17]

Во поемата Мажураниќ спротивставува два типа ликови: од една страна, Смаил-ага и Турците, кои крвнички го измачуваат христијанското население, а од друга страна, Црногорците како разумни луѓе, големи борци за честа, слободата и татковината. Неговиот Смаил-ага не е копија на историската личност, туку симбол на насилник, воопшто. Како таков, тој во душата е кукавица, а тоа го покрива со измачувањето на послабите.[18]

Во ова дело Мажураниќ кратко и едноставно ги слика луѓето и нивното значење. Тој ги прикажува ликовите во нивните примарни страсти и побуди, во нивниот начин на живот и во нивните сфаќања. Притоа, тој успеал преку надворешниот опис на ликовите да ги прикаже нивните внатрешни, психолошки немири. Исто така, тој успеал ефектно да ги опише идиличните природни појави. За таа цел, тој често го менува стихот, движејќи се од лирска мекост до мирно епско раскажување. Одделните фигури, апосиопези, контрасти и повторувања доаѓаат на вистинското место и ја прават целата поема да биде кратка, едноставна и потполна.[18]

Поемата се истакнува и со својот стил при што таа ја означува една од најголемите синтези во хрватската книжевност. Елементите на класичното образование на авторот се видливи во споредбите, синтаксата и употребата на елементи од старогрчката митологија, додека влијанието на старата дубровничка литература е присутно во стихот и во употребата на одредени зборови. Самата композиција на делото - низа од слики наместо целокупна фабула - потсетува на Бајрон, додека нагласениот индивидуализам на главниот лик ја поврзува со западноевропскиот романтизам. Сепак, најголемо влијание се чувствува од народната поезија и од народниот јазик, во прв ред преку употребата на музичките својства на некои народни зборови.[19]

Разлики со историскиот настан

[уреди | уреди извор]

Мажураниќ ја напишал поемата во 1845 година, во Карловац, поттикнат од Деметер и од неколку блиски семејни пријатели, кога ја прифатил обврската да напише едно дело за списанието на Деметер, „Искра“. Во дилемата околу изборот на темата, тој се определил да го обработи убиството на познатиот феудалец од Херцеговина, Смаил-ага Ченгиќ, кое се случило неколку години претходно, а кое предизвикало големо внимание во српските и во хрватските весници.[20]

Вистинскиот Смаил-ага бил познат херцеговски јунак од Липник, кој особено се истакнал во двете битки против Црногорците во Грахово, во 1836 и во 1840 година, во која загинале многу христијани, меѓу кои и деветмина видни членови на семејството на црногорскиот владика Петар Петровиќ-Његош. Оттука, владиката Његош го испратил Новица Церовиќ (кому Турците претходно со измама му го убиле таткото, попот Милутин) да го организира убиството на Смаил-ага. Новица Церовиќ се поврзал со Ѓоко Маловиќ, Шујо Караџиќ, Мирко Алексиќ, попот Головиќ и со уште неколкумина и со направил план за ликвидација на агата. Заверениците пуштиле глас дека Смаил-ага веќе четири години не дошол да собере данок во Дробњаци зашто се плашел да биде убиен. Ѓоко Маловиќ, кој му служел на агата како застапник за тој крај, му напишал писмо на Смаил-ага повикувајќи го да дојде во Дробњаци и така да ги негира гласовите. Агата наседнал на стапицата и дошол во Дробњаци со поголема чета, придружуван од повеќе угледни херцеговачки Турци, меѓу кои и Ахмед Баук. Откако бил предупреден дека му се подготвува убиство, тој им го соопштил тоа на Шујо Караџиќ и на останатите водачи за заверата, но тие го разубедиле. Кога пристигнал во Мљетичак, Смаил-ага ги поставил на стража токму луѓето кои учествувале во заверата против него. В зори, тие го нападнале логорот на Смаил-ага, а тој успеал да побегне, но потоа се вратил назад, сметајќи дека заверениците се малубројни и дека не треба да ги остави сами своите соработници. Тогаш, тој бил убиен, а Мирко Алексиќ му ја отсекол главата и му ја однесол на владиката Петар Петровиќ-Његош.[21]

Инаку, вистинското презиме на Смаил-ага било Ченгиќ, додека во поемата Мажураниќ користи две варијанти - Ченгиќ (Čengić) и Ченгијиќ (Čengijić), иако претежно ја користи втората варијанта. Всушност, првобитниот наслов на делото бил „Смртта на Ченгиќ-ага“ (хрватски: Smrt Čengić-age), но подоцна била застапена погрешната варијанта на презимето, Ченгијиќ, која е задржана и во насловот на последното, овластено издание на поемата од 1876 година.[2]

Постојат неколку отстапувања меѓу поемата на Мажураниќ и вистинскито историски настан:

  • Мажураниќ не се потрудил местото на настаните да биде вистинското, така што убиството го преместил од Дробњаци во Гацко Поле.
  • Погрешно го лоцира селото Тушина под планината Дурмитор, иако е далеку од таа планина.
  • Внесува измислена личност, Дурак.
  • Вистинскиот Новица Церовиќ кој бил христијанин, црногорски војвода, во делото е Турчин, син на Дурак.
  • Самиот Смaил-ага е претставен како тип на тиранин, а не онаков каков што бил во стварноста.

Иако не е познато дали овие отстапувања се направени свесно или поради непознавање на сите подробности од настанот, оддалечувањето од историската вистина е решавачко за крајниот ефект на поемата, зашто со оддалечувањето од конкретниот настан Мажураниќ проговорил за народниот стремеж за слобода. На тој начин, Мажуарниќ го искористил историскиот настан за да ги искаже страдањата на својто народ под туѓинската власт, за неговото херојство и за непоколебливата вера во слободата. Тоа што како пример ги зел Црногорците е разбирливо, зашто тој мал народ го восхитувал со својата непокорност и со постојаните борби со Турците. Покрај разликата меѓу историската вистина и уметничката обработка, треба да се истакне и прашањето на типизацијата на личностите в поемата. Познато е дека Мажураниќ немал намера да создава ликови, а во тој поглед, немал ни намера да го наслика историскиот лик на Смаил-ага. Низ неговиот лик, авторот сакал да го претстави типот на угнетувачот, не херцеговачкиот, туку воопшто, тиранинот кој може да се сретне каде и да било во светот. Проблемот на изразот е разрешен и со помош на една оригинална синтеза меѓу народната епска песна и јазикот на дубровничките писатели и стилот на античките автори.[22]

Сепак, со сите овие отстапувања од историскиот настан, поемата ни најмалку не губи од својата вредност, бидејќи овие отстапувања на некој начин се оправдани. Преместувањето на смртта на Самил-ага од Дробњаци во Гацко Поле ја зголемува уверливоста за побуната на населението, бидејќи рајата од Гацко Поле била повеќе покорувана од онаа во Дробњаци. Стариот Дурак е потребен во поемата, бидејќи тој како негација на тиранството му овозможува на Самил-ага да ни се прикаже во својата крајна нечовечност. За непријателот да биде тиранин, не е доволно само да ги убива покорените, кои патем речено и не можеле да се бранат, туку треба да биде суров и безмилосен и кон своите соработници. Претставувањето на Новица Церовиќ како син на Дурак е оправдано, бидејќи авторот со тоа потенцира дека над верата и националноста стои правдата и човечкото достоинство. Ликот на Смаил-ага, Мажураниќ сакал да го прикаже не само како Турчин тиранин над христијанската раја, туку воопшто како тип на угнетувач и силник каков што може да се сретне насекаде каде постои тиранија, што е чиста спротивност на историскиот Смаил-ага.

Изданија на македонски јазик

[уреди | уреди извор]
  • Издание на Култура од 1974 година: Во 1974 година, поемата била објавена од издавачката куќа Култура, во рамки на библиотеката „Светска и југословенска поезија“. Препевот од хрватски го направил Гане Тодоровски. Нацртот на корицата е дело на Димитар Кондовски. Книгата има 71 страница, а била испечатена во печатницата „Просвета“ во Куманово. Таа не е каталогизирана и ја нема меѓународната ознака ISBN.[23]
  1. dzs.ffzg.hr
  2. 2,0 2,1 Antun Barac, „O pjesniku Smrt Smail-age Čengijića“, во: Ivan Mažuranić, Smrt Smail-age Čengijića. Beograd: Rad, 1960, стр. 51-52.
  3. „camo.ch“. Архивирано од изворникот на 2010-11-21. Посетено на 2010-05-06.
  4. montenegrina.net
  5. Ivan Mažuranić, Smrt Smail-age Čengijića. Beograd: Rad, 1960.
  6. Antun Barac, „O pjesniku Smrt Smail-age Čengijića“, во: Ivan Mažuranić, Smrt Smail-age Čengijića. Beograd: Rad, 1960, стр. 52.
  7. Ivan Mažuranić, Smrt Smail-age Čengijića. Beograd: Rad, 1960, стр. 3-6.
  8. Иван Мажураниќ, Смртта на Смаил-ага Ченгиќ. Скопје: Култура, 1974, стр. 5-9.
  9. Ivan Mažuranić, Smrt Smail-age Čengijića. Beograd: Rad, 1960, стр. 7-9.
  10. Иван Мажураниќ, Смртта на Смаил-ага Ченгиќ. Скопје: Култура, 1974, стр. 11-13.
  11. Ivan Mažuranić, Smrt Smail-age Čengijića. Beograd: Rad, 1960, стр. 10-19.
  12. Иван Мажураниќ, Смртта на Смаил-ага Ченгиќ. Скопје: Култура, 1974, стр. 15-25.
  13. Ivan Mažuranić, Smrt Smail-age Čengijića. Beograd: Rad, 1960, стр. 20-41.
  14. Иван Мажураниќ, Смртта на Смаил-ага Ченгиќ. Скопје: Култура, 1974, стр. 27-49.
  15. Ivan Mažuranić, Smrt Smail-age Čengijića. Beograd: Rad, 1960, стр. 42-43.
  16. Иван Мажураниќ, Смртта на Смаил-ага Ченгиќ. Скопје: Култура, 1974, стр. 51-52.
  17. Гане Тодоровски, „Поговор: За епската поема Смртта на Смаил-ага Ченгиќ“, во: Иван Мажураниќ, Смртта на Смаил-ага Ченгиќ. Скопје: Култура, 1974, стр. 61-64.
  18. 18,0 18,1 Antun Barac, „O pjesniku Smrt Smail-age Čengijića“, во: Ivan Mažuranić, Smrt Smail-age Čengijića. Beograd: Rad, 1960, стр. 53.
  19. Antun Barac, „O pjesniku Smrt Smail-age Čengijića“, во: Ivan Mažuranić, Smrt Smail-age Čengijića. Beograd: Rad, 1960, стр. 54.
  20. Гане Тодоровски, „Поговор: За епската поема Смртта на Смаил-ага Ченгиќ“, во: Иван Мажураниќ, Смртта на Смаил-ага Ченгиќ. Скопје: Култура, 1974, стр. 64-65.
  21. Гане Тодоровски, „Поговор: За епската поема Смртта на Смаил-ага Ченгиќ“, во: Иван Мажураниќ, Смртта на Смаил-ага Ченгиќ. Скопје: Култура, 1974, стр. 65-66.
  22. Гане Тодоровски, „Поговор: За епската поема Смртта на Смаил-ага Ченгиќ“, во: Иван Мажураниќ, Смртта на Смаил-ага Ченгиќ. Скопје: Култура, 1974, стр. 66-67.
  23. Иван Мажураниќ, Смртта на Смаил-ага Ченгиќ. Скопје: Култура, 1974.

Поврзано

[уреди | уреди извор]