Прејди на содржината

Корнилиј Стотникот

Од Википедија — слободната енциклопедија

Св. свештеномаченик Корнилиј — православен светец.

Корнилиј бил Римјанин и служел како офицер (стотник или центурион) од полкот наречен Италиски, во римскиот град Кесарија. Според Делата на светите апостоли, тој бил благочестив и богобојажлив маж кој често им давал милостиња на сиромашните и редовно му се молел на бога. Еден ден, околу девет часот, нему му се покажал ангел, кој му заповедал да испрати гласници во Јопија за да го повикаат Симон, наречен Петар, кој во тоа време престојувал кај Симон кожарот во една куќа крај морето. Тогаш, Корнилиј повикал двајца свои слуги и еден војник и ги испратил во Јопија. Другиот ден, додека тие патувале кон градот, во чест часот, Петар се искачил на покривот од куќата за да се помоли и тогаш ја имал следнава визија: Небото се отворило и кон него слегувал некаков сад, како големо платниште врзано за четирите краишта, а во него имало секакви животни, ѕверови, лазачи и птици. Од небото се чул глас кој му заповедал да јаде, но Петар одбил со оправдание дека никогаш не јадел нечиста храна. На тоа, гласот од небото одговорил: „Она што Бог го очистил, ти не го сметај за нечисто!“ Тоа се повторило трипати по што садот се вратил на небото. Тогаш, тројцата гласници дошле до портата на куќата, а на св. Петар му се јавил Светиот Дух, кој му кажал дека го бараат тројца луѓе и му заповедал да оди со нив. Утредента, св. Петар, придружуван од уште неколку луѓе, заминал кај Корнилиј, кој ги повикал и своите пријатели и роднини. Кога св. Петар влегол во неговиот дом, Корнилиј паднал на земи и му се поклонил, а св. Петар му рекол: „Стани, и јас сум човек.“ Тогаш, Корнилиј му раскажал за посетата на ангелот, а св. Петар сфатил дека Бог му праќа порака да ги крштева не само Јудејците, туку и луѓето од другите народи. Откако им раскажал за судбината на Исус Христос, Светиот Дух слегол над сите присутни и св. Петар ги покрстил сите присутни.[1]

Откако се покрстил, Корнилиј ја оставил службата и тргнал по апостолот Петар, кој подоцна го поставил за епископ во градот Скипсеосис. Таму, св. Корнилиј претрпел големи измачувања поради својата вера, но успеал да го урне храмот на Аполон и да го покрсти кнезот на Скипсеосис, Димитриј. Откако бил известен од Бога за денот на својата смрт, св. Корнилиј ги повикал сите христијани, ги посоветувал, се помолил за нив и умрел. Постепено, тој бил заборавен и неговиот гроб останал запуштен. Но, светецот му се појавил на троадскиот епископ Силуан и му заповедал да подигне црква на местото на неговиот гроб. Епископот Силуан го извршил делото со помош на богатиот граѓанин Евгениј.[2]

  1. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 146-148.
  2. „Верски календар“, Дневник, година XX, број 6174, понеделник, 26 септември 2016, стр. 30.