Прејди на содржината

Куклица

Координати: 42°06′16″N 22°03′08″E / 42.10444° СГШ; 22.05222° ИГД / 42.10444; 22.05222
Проверена
Од Википедија — слободната енциклопедија
Куклица

Во село Куклица

Куклица во рамките на Македонија
Куклица
Местоположба на Куклица во Македонија
Куклица на карта

Карта

Координати 42°06′16″N 22°03′08″E / 42.10444° СГШ; 22.05222° ИГД / 42.10444; 22.05222
Регион Средорек
Општина Кратово
Население 55 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 14015
Надм. вис. 450 м
Куклица на општинската карта

Атарот на Куклица во рамките на општината
Куклица на Ризницата
Камените кукли

Куклица — село во Општина Кратово, во околината на градот Кратово.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Куклица е мало село од раштркан тип кое се наоѓа во областа Средорек, на 8 км северозападно од Кратово. Сместено е на десната долинска страна на Крива Река, во нејзиното средно сливно подрачје, на надморска височина од 430 до 700 метри. Атарот се протега на простор од 13,7 км2. На него обработливото земјиште зафаќа простор од 468 ха, пасиштата 757 ха, а шумите заземаат 81 ха. Селото има полјоделска функција.

Историја

[уреди | уреди извор]

Легендата вели дека многу одамна во селото Куклица се случила голема трагедија. Момчето, во кое една девојка била бескрајно вљубена, се оженило со друга, поради што разочараната девојка ги проколнала младенците. Кога дошол свадбениот ден, навидум се било во ред: се собрале сватовите, стасале и другите гости, веселбата почнала. Во моментот кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле. Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот и за болката на несреќната девојка. Селаните го викаат местото "Весела свадба" зашто сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка. Поради овие скаменети "кукли", и местото го добило своето име - Куклица.

Со малку фантазија, секој посетител може да си ги дополни празнините во приказната, бидејќи не се знае што се случило со девојката што ја фрлила клетвата. Мештаните раскажуваат дека нивните предци се обиделе да ја растурат клетвата на вљубената девојка, но не успеале.

Научниците, пак, велат дека камените фигури се создале пред 10 милиони години, кога сè уште немало луѓе на планетата. Вертикалната ерозија на вулканските карпи создала "кукли" повисоки од десет метри, кои и денес доминираат во питомата околина. Со тек на времето природата од нив извајала ретки ремек-дела. Како и да е, ваква "свадба" нема никаде на светот и ова место е заштитено од Агенцијата за природни реткости при Министерството за животна средина. Нешто слично има само во Србија, во местото Ѓавоља Варош.

Месното население кажува дека на секои 5 до 6 години, и во Горно и во Долно маало, двата локалитета што се поделени со еден рид, никнува по една нова фигура. "Највпечатливи се невестата и младоженецот, кои се придружени од деверот и деверицата. Тие се најголеми и се гледаат еден со друг в очи", кажуваат селаните.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948428—    
1953532+24.3%
1961540+1.5%
1971450−16.7%
1981245−45.6%
ГодинаНас.±%
1991149−39.2%
1994116−22.1%
200297−16.4%
202155−43.3%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Куклица живееле 480 жители, сите Македонци.[2] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Куклица имало 384 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[3]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[4]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 97 жители, сите Македонци.[5]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 55 жители, од кои 42 Македонци, 2 Срби и 11 лица без податоци.[6]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 480 384 428 532 540 450 245 149 116 97 55
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[7]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[8]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]


Селото Куклица е од раштркан тип со повеќе маала. Во последно време тоа е во процес на брзо отселување, така што од 532 жители во 1953 година, бројот на население опаѓа на само 116 жители во 1994 година.

Куклица е македонско село.

Според истражувањата од 1975 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Петриновци (9 к.), Грамадарци (8 к.), Реканци (5 к.), Ѓоргици (3 к.), Токманци (10 к.), Ковачевци (7 к.), Стевановци (6 к.) и Ќамилци (4 к.) потекнуваат од двајца браќа кои биле Роми, тие биле доселени од Бесарабија кај Романија околу 1800 година. Најпрво живееле во Стара Куклица, па се преместиле. Во родот Ковачевци се знае следното родословие: Трајко (жив на 80 г. во 1975 година) Стојан-Павле-Доде, кој се преместил од стара Куклица околу 1830 година. Во родот Петриновци се знае следното родословие: Славе (жив на 70 г. во 1975 година) Стојмен-Тренчо-Алексо, се доселил неговиот татко; Оџовци (6 к.) и Рајчевци (5 к.) од словенско потекло се. Доселени се од Шумен или Дупница во Бугарија. Доселени се во исто време кога и претходните родови, и они најпрво живееле во Стара Куклица.[11]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]

Куклица е позната по карактеристичните ерозивни форми наречени земјени пирамиди или камени кукли. Овие форми се наоѓаат на десната долинска страна на Крива Река, поточно на еродираниот дел од нејзината речна тераса, на надморска височина од 415-420 метри. Целата појава е распространета на површина од околу 0,3-0,4 км2. Има две групи на земјени пирамиди: оние во централниот дел на малата депресија во подножјето на ридот Дубица се поголеми (високи до 10 м), самостојни и во вид на земјени столбови; на исток (десно) од претходните, по страните на возвишението Забел се распоредени помали форми (високи до 5 м), блиску една до друга и често споени во подножјето. Поради интересниот изглед на големите земјени столбови кои наликуваат на човечки фигури наредени како „скаменети свадбари“, целата појава месното население ја нарекува „Весела свадба“.[12]

Личности

[уреди | уреди извор]

Личности родени во Куклица:

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Од Куклица иселеништво има во голема мера. Во Марино кај Скопје има иселено 20 семејства. Родот Шутинци се иселени во Шопско Рударе.[11]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Кѫнчовъ, Василъ. Македония. Етнография и статистика. София, Българското книжовно дружество, 1900. ISBN 954430424X. с. 221.
  3. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.130-131.
  4. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  5. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  6. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  7. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  8. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  9. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  10. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  11. 11,0 11,1 Трифуноски, Јован (1976). Кривопаланачка област. Загреб: ХАЗУ.
  12. „Земјани пирамиди во Куклица-Кратовско. Географски разгледи кн. 35“, Милевски И., Скопје, 2000

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]