Тополовиќ
Тополовиќ Топаловиќ | |
Воздушен поглед на Тополовиќ | |
Координати 42°05′02″N 22°04′57″E / 42.08389° СГШ; 22.08250° ИГД | |
Регион | Североисточен |
Општина | Кратово |
Население | 15 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1360 |
Повик. бр. | 031 |
Шифра на КО | 14026 |
Надм. вис. | 607 м |
Слава | Спасовден |
Тополовиќ на општинската карта Атарот на Тополовиќ во рамките на општината | |
Тополовиќ на Ризницата |
Тополовиќ (поретко именувано како Топаловиќ) — село во североисточниот дел на Македонија, во Општина Кратово, во околината на градот Кратово.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]За потеклото и значењето на името на селото Тополовиќ, постојат повеќе претпоставки од научните истражувачи. Една претпоставка смета дека неговото значење доаѓа од дрвото топола и означува „место обраснато со тополи“.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа речиси во средишниот дел на територијата на Општина Кратово, од левата страна на Крива Река.[3] Селото е раштркано, чии маала се издигаат на надморска височина од 460 до 580 метри. Од градот Кратово селото е оддалечено 11 километри.[3]
До селото се стигнува преку асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 29277 кај селото Туралево.
Куќите на ова мало село се наоѓаат на благите падини на брдата помеѓу соседните села: Кетеново во североисточна насока, Вакуф во југозападна насока и Филиповци во јужна насока. Во минатото, жителите користеле вода од извори и бунари.[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Големи Рид, Камбаница, Врлевица, Боровиќ, Борса, Островица 1, Островица 2, Липовиќ, Бигор, Голи Рид и други.[4]
Селото има многу разбиен тип, поделено на седум групи на куќи или маала, оддалечени едно од друго по 500 метри или повеќе. Групите куќи вообичаено припаѓаат на еден род и се нарекуваат по неговото име.[4]
Историја
[уреди | уреди извор]Во народната традиција се чуваат спомени на т.н. „римско село“, кое се наоѓало на висорамнина покрај денешното маало Чукуровци. Таму се наоѓа селското училиште. На споменатото селиште има уште гробишта со плочи. Во близина на селиштето е и брдото Камбаница, каде се наоѓала камбана на старото село.[4]
Според оскудното знаење на мештаните, денешните села Талашманце и Тополовиќ некогаш биле едно село. Тоа село се наоѓало на понизок терен, околу устието на Кратовска Река во Крива Река. Лево од Кратовска Река се наоѓал делот на селото Тополовиќ, додека десно од нејзе се наоѓал делот на селото Талашманце. Споменатото село подоцна се раштркало, бидејќи мештаните изградиле куќи по околните брда каде имале свои трла или сточарски колиби. Оттогаш постојат две посебни села. Некои мештани, пак, ја споменуваат чумата како причина што селото се растурило.[4]
Поделбата на старото село се случило на почетокот на XIX век. Ова време е зачувано во родословот на родот Камбановци каде основачот на родот Ангел се преселил во денешното маало Камбаница.[4]
Преку селото Тополовиќ во минатото била пренесена стока во насока Велес-Крива Паланка и обратно. Од Велес, патот водел преку овчеполското село Немањици, па продолжувал кон Строиманци-Секулица-Тополовиќ-Кетеново и завршувал во Крива Паланка. Околу 1920-тите, овој пат ја изгубил својата значајност.[4]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото зафаќа простор од 8,1 км2, при што преовладуваат пасиштата со површина од 342 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 257 хектари, а на шумите 118 хектари.[3]
Пред крајот на отоманскиот период, целата земја во атарот припаѓала на кратовските Турци, најмногу на некој Рушид-бег. По ослободувањето од Турците, селаните ја купиле земјата од беговите.[4]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Тополовиќ живееле 250 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Тополовиќ имало 200 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[7]
Селото не е многу големо и е населено со македонско население. Тоа, во 1961 година имало 308 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 68 жители.[3]
Поради лошите услови за живот, бројот на население во селото, постојано се намалува, а неговите жители се иселуваат.
Според пописот од 2002 година во Тополовиќ живееле 32 жители, сите Македонци.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 15 жители, од кои 8 Македонци и 7 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 250 | 200 | 308 | 345 | 308 | 247 | 146 | 76 | 68 | 32 | 15 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
[уреди | уреди извор]Тополовиќ е македонско село.[4]
Според истражувањата од 1975 година, родови во селото се:
- Стари родови: Качарци (9 к.), Ценовци (4 к.), Чукуровци (2 к.), Камбаничани (12 к.), Гајдорци (3 к.) и Боровичани (3 к.), предците на овие родови некогаш живееле во старото село, кое било крај Кратовска Река. Во родот Камбаничани се знае следното родословие: Ѓоре (жив на 55 г. во 1975 година) Алексо-Наце-Филип-Алексо-Анѓел, кој прешол од старото село.
- Доселеници: Филиповци (2 к.), доселени се од соседното село Филиповци.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Родовите Зензерци (7 к.) и Портарци заминале во соседното село Кетеново, додека родот Ценевци (3 к.) заминале во соседното село Вакуф. По 1950 година, Тополовиќ постојано опаѓа во бројот на жители. Најмногу иселеници има во градовите Куманово, Кратово и Скопје.[4]
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Кон крајот на XIX век, Тополовиќ било село во Кратовската каза на Отоманското Царство.
Селото се наоѓа во Општина Кратово, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кратово. Селото припаѓало на општината Кратово и во периодот 1955-1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната општина Шопско Рударе, во која се наоѓале селата Вакуф, Кетеново, Коњух, Секулица, Татамир, Топаловиќ и Шопско Рударе. Во периодот 1950-1952 година, селото се наоѓало во рамките на тогашната Општина Туралево, во која се наоѓале селата Живалево, Туралево, Тополовиќ и Филиповци.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0917 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватна куќа.[14]
На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 28 гласачи.[15]
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави[4]
- Спасовден — селска слава
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Поглед на селото
-
Куќа во селото
-
Килибарско Маало
-
Патоказ за селото
-
Куќи во селото
-
Поглед на селото
-
Поглед на селото
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 170.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 297. Посетено на 13 октомври 2022.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 Трифуноски, Јован (1973). Кривопаланачка област. Загреб: Хрватска академија на науките и уметностите. стр. 347–348.
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 222.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 14 октомври 2022.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2022-10-14. Посетено на 14 октомври 2022.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|