Медово
Медово Μηλιώνα | |
---|---|
Координати: 40°49.50′N 21°08.03′E / 40.82500° СГШ; 21.13383° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Западна Македонија |
Округ | Лерин |
Општина | Преспа |
Општ. единица | Преспа |
Надм. вис. | 880 м |
Население (2021)[1] | |
• Вкупно | 5 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Медово (грчки: Μηλιώνα, Милиона или Μηλεών, Милеон; до 1926 г. Μέδοβο, Медово[2]) — преспанско село во Леринско, Егејска Македонија, денес во општината Преспа на Леринскиот округ во Западна Македонија, Грција. Населението брои 5 жители (2021).
Географија
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа 40 км северозападно од Лерин, на подножјето на планината Бела Вода недалеку од Малото Преспанско Езеро, на надморска височина од 880 м.[3]
Топонимија
[уреди | уреди извор]Подолу погледајте го опширниот список на топонимите во Медово.
Историја
[уреди | уреди извор]Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Медово (Médovo) било село во Ресенската каза со 15 домаќинства и вкупно 40 жители Македонци.[4][5] Во истиот период, Милоевиќ го завел селото со 20 македонски куќи.
На почетокот на XX век Медово е заведено како чисто македонско село во Битолската каза. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. в селото живееле 100 Македонци христијани.[3][6] По Илинденското востание во 1904 г. целото село преминало под врховенството на Бугарската егзархија.[7] Податоците на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) вела дека во 1905 г. во Медово има 120 Македонци[4].[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Медово се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 18 куќи.[9]
Во првите денови на април 1908 г. властите извршиле претрес на селото, а испитувањата се спроведени со измачувања и насилство.[10]
Со Букурешкиот договор во 1913 г. селото е припоено кон грчката држава, кога имало 130 жители.[3] Во 1926 г. името му е сменето во Милионас.[11] Во 1928 г. државната статистика бележи 161 жител.[3]
Во 1949 г. целото население го напуштило селото поради борбите во Граѓанската војна. Дел од жителите се преселиле во Р Македонија, а други заминале во источноевропските земји. Така, од 209 жители во 1940, Медово се свело на село без жители во 1951 г.[3] Подоцна, малубројните преостанати семејства кои биле засолнети во внатрешноста на земјата добиле дозвола да се вратат во селото. Воедно дошле и две доселенички семејства.[3] Така, во пописот од 1961 г. се заведени 107 жители, но поради масовното отселување во прекуокеанските земји во 1971 г. нивниот број опаднал на 47 и продолжил да се намалува.[3]
Во 1925 г. во Медово е изградена црквата „Свети Никола“.[12]
Население
[уреди | уреди извор]Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 209 | 0 | 107 | 47 | 27 | 2 | 1 | 2 | 5 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Список на топоними
[уреди | уреди извор]Ова е список на позначајните топоними во Медово и неговата околина:[13]
Б — Блатото
В — Виројте, Вистрица, Водејнците
Г — Германската Корија, Глувите Слогои, Голема Бигла, Голема Орница, Големата Нива, Големо Поле, Горниот Мачковден, Горниот Мост, Горо Оревче, Граишта
Д — Дебела Смрека, Долниот Мачковден, Допчината, Дреник, Дупло
И — Иљкојците
Ј — Јанкојца
К — Кашаница, Колибјето, Копината, Коса, Куманката, Кутлишта
Л — Леската, Лесковскиот Слог, Ливадски Пат, Лонго
М — Мала Бигла, Малата Орница, Мало Поле, Мачковден, Медово, Мечкина Дупка, Млада Ливада, Мост
Н — Над Лозја, Несторото Место
О — Осоо
П — Первал, Пероо, Петров Чукар, Печкоец, Плоштина, Под Калдрма, Под Стара Ливада, Попленска Река, Прдла, Присоо
Р — Рамна Нива, Рингиниот Слог, Ропска Река, Ропски Лозја, Рудошница
С — Света Јана, Свети Никола, Свети Танас, Сива Вода, Слатина, Слогоите на Патот, Солиштата, Средната Орница, Средниот Мачковден, Старите Ливадје, Сува Гора
Т — Тополо Стефов, Тумбата
У — Улицата
Ф — Фортомите
Џ — Џамила, Џељоа Врба
Ш — Штрковска Река, Штрковска Стена
Родови
[уреди | уреди извор]Каде и да се отселени медовци се потомци на следните родови кои живееле во селото:
- Алабашовци
- Димовци
- Каранфиловци
- Лозановци
- Лазаровци
- Најдовци
- Петковци
- Поповци — доселени од с. Нивици
- Ралевци
- Стојановци
- Стефовци
- Трајковци
Некои од наведените родови водат потекло од некогашното село Опаја
Личности
[уреди | уреди извор]- Ристо Каранфилов — македонски револуционер од ВМОРО.[14]
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото припаѓа на општинската единица Преспа со седиште во Р’мби, која припаѓа на поголемата општина Преспа, во округот Лерин. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Р’мби, во кој спаѓа и селото Р’мби.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Попис на населението од 2021 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Μέδοβον - Μηλιώνας
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 162.
- ↑ 4,0 4,1 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 88-89.
- ↑ Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 242.
- ↑ Силянов, Христо. Освободителните борби на Македония, том II, София, 1993, стр. 125.
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 170-171.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 16.
- ↑ Одрински глас, брой 15, 20 април 1908, стр. 4.
- ↑ „Δημήτρης Λιθοξόου. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 - 1971“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
- ↑ „Πλατύ“. Δήμος Πρεσπών. Архивирано од изворникот на 2015-01-10. Посетено на 1 ноември 2015.
- ↑ 13,0 13,1 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа: местоположба, историски развој и минато (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 397–398. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Државен архив на Република Македонија.
|